Ема Николова: Македонците се вљубуваат во неконвенционалниот мебел!

Интервју со •
2 декември 2014

Откако ќе го одберете совршеното место за живеење со еден збор наречено дом, време е целосно да се посветите на малите детали што ќе го направат уште поубав. Токму такви уникатни и сосема неконвенционални парчиња мебел, изработува креативната дизајнерка Ема Николова, сопственичка на одличното „Сино студио“ каде можете да ги најдете нејзините богатства. Неодамна, се случи и одличната изложба во Концепт 37 каде таа заедно со нејзините три пријателки, ни претстави навистина уникатни парчиња мебел изработени од боен метал, полно дрво и фурнир. Како нејзини омилени од досегашните колекции ќе ги издвои фамозната жолта закачалка за облека, белите масички и ламбите кои раскажуваат една поинаква светлосна приказна. Во продолжение, за Fashionel, таа говори за нејзините почетоци, за предизвиците, за младите таленти, но и за тоа колку ние како нација имаме „око“ за неконвенционален, дизајнерски мебел.

Која е Ема Николова?

-Отсекогаш ме интересирала уметноста, сликарството и модата. По завршувањето на студиите на Архитектонскиот Факултет во Скопје, професионално почнав да се занимавам со дизајн на мебел, изведба на ентериери и архитектура.

За почетоците...

- Професионалното искуство го градев низ неколку наши реномирани архитектонски студија и фирми специјализирани за мебел. Мојата прва самостојна изложба беше во рамки на Skopje Design Week, а втората на Модниот викенд во Скопје. Низ двете колекции претставив вкупно осум нови дизајнирани парчиња мебел.

За соработката со Моден викенд и твоите впечатливи ламби како ентериер...

- Соработката започна на Skopje Design Week каде веќе имав изложено парчиња мебел. На организаторите на Модниот Викенд, со кои имав соработка и порано, им се допадна мојата работа и сакаа некако да се спои сето тоа и да се презентира еден убав амбиент на самиот настан. Новите скици им се допаднаа, направивме нова колекција и на крајот излезе супер.

Најголем професионален предизвик...

- Некако сакам да одам чекор по чекор, како ме води животот. Голем предизвик ми е да работам на поголеми проекти. Сакам од блиску да видам како работат и како функционираат успешните тимови во областа на дизајнот и архитектурата во светот. Исто така предизвик ми е да ја претставам мојата работа и во странство.

За младите таленти во Македонија...

- Млади таленти има и се надевам дека ќе бидат доволно храбри и ќе најдат начини да ги реализираат своите идеи. Секако дека архитектурата и дизајнот бараат многу работа и посветеност како и секоја друга професија или пасија.

За процесот од идеја до реализација на парчињата мебел...

- Обично започнувам со рачни скици, кои подоцна ги доработувам на компјутер. Во меѓувреме избирам бои и материјали кои сметам дека се најсоодветни на дизајнот. Потоа подготвувам технички цртежи за изведба. Финалниот производ се склопува во работилница, и тука има простор за проверка и можна корекција на детали. Секој дел од процесот на изработка е подеднакво важен.

На кое изработено парче мебел досега си најмногу горда?

- Во моментов на ум имам три – жолтата закачалка, белата ламба и белата масичка која беше представена на Модниот викенд. Тие три дефинитивно ми се омилени парчиња, меѓутоа и секое парче ми е омилено на свој начин.

Колку е тешко да се остварат желбите на клиентите?

- Процесот оди лесно кога клиентите јасно знаат што сакаат или ќе дадат генерални насоки. Работиме заеднички во однос на предлозите и брзо доаѓаме до решението. На мене е да ја решам функцијата на просторот и да се погрижам за целокупниот дизајн. Во случај да не е сосема јасно, го нудам најсоодветното решение за просторот. Досега лесно сме се разбирале со клиентите.

Колку Македонците знаат да одберат добро парче мебел? 

- Во последно време пазарот на мебел почна да расте, со што кај нас за прв пат станаа достапни дизајнирани парчиња мебел од светски дизајнери. Со самото ова, постои поголем избор и можност за експериментирање, па самите клиенти се запознаваат со трендовите и полесно избираат и неконвенционален мебел.

Објавено:
2 декември 2014