Глобално движење

Fashion Revolution Macedonia: Водете со добар пример!

Интервју со
Fashion Revolution Macedonia
18 мај 2020

Актуелната ситуација креираше едно генерално толкување кое вели дека сега е шанса за рестартирање. Тоа подразбира и поинаков светоглед на човештвото и можност за промена во пристапот кон различни животни ситуации. Односот и разбирањето на модата е еднa од многуте важни теми која со оглед на своето големо влијание, заслужува и големо внимание. Со оваа тема години наназад се занимава глобалната иницијатива и движење Fashion Revolution, кое има свој огранок и во Македонија. Од 20 до 26 април тие ја одбележаа Неделата на Модната револуција, што беше само еден од низата поводи да ги поканиме на разговор Виктор Стојковски, Александра Спасеска и Ирина Тошева, како членови на македонскиот огранок на Fashion Revolution, инаку глобално движење распространето во над 100 земји ширум светот чиј примарен фокус е одржливоста.

Од 20 до 26 април ја одбележавте Неделата на Модната револуција. Која е симболиката и како нашиот огранок на Fashion Revolution се приклучи кон глобалната иницијатива?

-Се приклучивме на глобалната Недела на модната револуција низ бројни активности. Со оглед на ситуацијата дружењето беше со помош на социјалните мрежи. Најпрво ги повикавме граѓаните да споделат фотографии со етикети од нивните омилени брендови за да ги прашаат „Кој ја направи мојата облека?" (#WhoMadeMyClothes)

Оваа година Fashion Revoluiton насочува особено внимание на материјалите од кои се изработува облеката и модните додатоци, за подобро да ја запознаеме јавноста со сировите материјали и негативните еколошки влијанија кои ги имаат за време на нивното производство, употреба и отстранување. Затоа од оваа Недела на модната револуција, започнавме и со поставување на прашањето Од што е направена мојата облека? (#WhatsInMyClothes)

Како и секоја година, во текот на оваа недела Fashion Revoluiton го објавува и Индексот на транспарентност на модните брендови и резултатите може да ги најдете на нашиот инстаграм профил, како и сите други активности кои ги превзедовме.

Се наведуваат многу лекции што човештвото ги учи од актуелната ситуација, а меѓу нив и освестувачката во односот кон модата. Каков е вашиот впечаток?

-Многумина посочуваат дека ова е одлично време за радикална и системска промена во модната индустрија, исто како и во сите други области од човековото живеење и дејствување.

Глобално движење Fashion Revoluiton е распространето низ повеќе од 100 земји низ светот. Од 2014 година организацијата има остварено повеќе од 500 партнерства со над три стотини невладини организации, активистички групи и организации од областа на уметноста и културата и над две стотини образовни институции. На социјалните мрежи движењето во 2019 имаше повеќе од 750 илјади следбеници.

Само низ заеднички труд можеме да ја зголемиме свесноста за проблемите во модната индустрија и да ги повикаме одговорните бизниси и владините организации да превземат акции за значајна промена.

Вашиот став е дека промената е возможна. Но, колку/што чини?

-За промените да се случат потребно е време и одлични стратегии кои ќе овозможат не само да се следи развојот, туку и да понудат алатки за многу поефективно спроведување. Fashion Revoluiton се залага за зголемување на нивото на транспарентност, повикувајќи ги модните брендови да споделуваат повеќе информации како прв, но не и единствен чекор кој води кон позитивни промени во модната индустрија.

Каков е локалниот одзив на глобалната кампања #WhoMadeMyClothes?

-Пред сѐ, би сакале да се заблагодариме на сите кои се вклучија во годинашната Недела на Модната револуција и побараа одговор од нивните омилени брендови под хаштагот #WhoMadeMyClothes преку објави на социјалните мрежи. Ние како транспарентна и одговорна организација ги споделивме бројките за вклученост на јавноста во кампањата. Нашиот тим покани/номинира вкупно 80 луѓе. Од нив 28 одговорија на поканата и се вклучија во движењето на Fashion Revolution; од сите кои се вклучија само 6 самоиницијативно го направија тоа. Можеме да заклучиме дека повеќе од очигледно е дека имаме потреба од многу поголема свесност за облеката која ја носиме и за тоа кој, каде, како и од што ја изработува. Токму затоа потсетуваме дека револуцијата не завршува тука и ги охрабруваме луѓето да продолжат да прашуваат #WhoMadeMyClothes и #WhatsInMyClothes.

Вие се залагате за концептот на бавна мода. Што всушност значи?

-Во изминативе години сведоци сме на еден голем бран на промени во модната индустрија поврзани првенствено со нејзините последици врз животната средина, но и луѓето вклучени во целиот синџир – од производство до купувачи. Slow Fashion или „бавна мода" е свесност и цел еден пристап кон модата кој ги зема предвид ресурсите и процесот на производство на облеката, со фокус на одржливоста и етичноста на облеката која ја поседуваме. Тоа значи совесно купување нова, квалитетна облека, нега и реупотреба на облеката која веќе ја имаме, размена и купување на облека од втора рака и поддржување брендови и производители кои работат со фер третман на луѓето и животната средина.

Секој консумент е активен чинител во модниот циклус. Како таков, како може да го редуцира негативното влијание врз еко-системот? Што секој од нас може да придонесе?

-Водејќи се по начелата спомнати погоре, секој од нас може да ги примени во различна мера, согласно своите лични убедувања, потреби и интереси. Веруваме дека секој може да изврши влијание со воведување макар и најмали промени во начинот на кој се однесува кон облеката што ја има и начинот на кој снабдува нови парчиња облека. „Пирамидата" по која може да се водиме, гледана од долу нагоре е: да го користиме она што го поседуваме (квалитетната и негувана облека трае подолго) и да го пренамениме кога веќе нема да го носиме (upcycle), да позајмиме, да размениме, да купиме од втора рака или винтиџ, да го направиме (сами или со помош) и на крај дури да купиме ново парче кое ќе биде етички и еколошки произведено и одржливо.

Возможна ли е одржлива иднина на модата, ако се земат во предвид и бизнис интересите? Како може да се постигне нивото кое бара исклучително висока колективна свест?

-Промените веќе се случуваат и тоа сѐ поинтензивно и потранспарентно. Ние како консументи мора да ја сфатиме нашата потрошувачка моќ - односно да одлучиме на кои брендови ќе им ја дадеме нашата поддршка – како и моќта на нашиот глас, односно да бараме транспарентност од брендовите. Бизнис интересот секогаш ќе постои, но веќе живееме во време каде не важи она „лошата репутација е добра репутација". Брендовите едноставно ќе мора да станат одржливи, тоа ќе биде новиот императив. Со издигнување прво на личната свест, помагаме да се изгради колективната. Секоја промена што ја правиме како индивидуи е важна, а веруваме дека тоа има „ефект на пеперутка" во средината.

Менталитетот и општествените навики – каква е нивната функција и може ли да се прилагодува нивната улога во остварувањето на идејата за одржлива иднина?

-Токму она што го кажавме претходно – промената почнува од нас. Модно освестените луѓе најчесто веќе имаат еколошки освестен начин на живеење во повеќето сфери. Тоа е филозофија на размислување и на живеење, сознание дека едноставно мора да ги почитуваме законите на природата и дека ниту еден ресурс не е вечен. Веруваме дека добрите навики лесно се стекнуваат и дека и најмалата промена предизвикува огромно чувство на задоволност од себе што „заразно" се шири на околината. Најверојатно нашиот совет би бил – водете со добар пример.

Кои се неопходните системски трансформации за да се овозможи реална основа за практично имплементирање на мисијата? На што укажува вашето досегашно искуство, имаме ли амбиција?

-Охрабрува фактот дека етичката, бавна мода премина од маргините во мејнстрим. Амбицијата кај нас сметаме дека постои, но реализацијата е таму каде што процесот „закочува". Кај нас имаме капацитети за масовно производство што работат за странски компании, а тоа значи дека условите и стандардите за работа најчесто се диктирани од таму.

Индивидуалното, дизајнерско производство сметаме дека може да даде позитивен пример за тоа како може и треба да се работи, но само со помош и поддршка од релевантните институции и корективи. Факт е дека брендовите за брза мода нудат „мал милион" колекции годишно и наметнуваат временски органичени распродажби, што создава хаос, но потрошувачите ја имаат моќта да поттикнат и да бараат промена.

Осум приоритети за систематска трансформација во модната индустрија според Глобалната Модна Агенда се: следење на синџирот на набавка, ефикасна употреба на водата, енергија и хемикалиите, овозможување на безбедни и пристојни работни средини и подобри дневници за работниците, имплементација на принципите на кружната економија во модната индустрија, создавање избор од одржливи материјали и зголемување на придобивките од новите технологии.

Реупотреба и рециклирање. Знаејќи го нивното клучно значење во редуцирањето на штетното влијание од модната индустрија, сè уште не се доволно и масовно популаризирани, барем во регионот. Зошто е тоа така?

Реупотребата и давањето „нов живот" на облеката со нејзина доработка или пренамена е една од иницијативите на кои посветено работиме. Затоа и во фокусот на нашиот прв настан минатиот октомври беше размената на гардероба.

Но, тука најпрвин треба да се помине психолошкиот момент. Низ годините сите сме „наследиле" односно реупотребиле некое парче облека од нашите браќа, сестри, братучеди. Сепак, голем дел од луѓето се срамат и оптеретуваат со „што ќе мислат другите", „којзнае кој го носел пред тоа", дали тоа ќе значи дека не се доволно економско моќни да си го доволат и купат на ново, не размислувајќи на големата слика- освојување на философија што ќе ги претвори во совесни граѓани.

Кој е најголемиот неискористен потенцијал на нашата земја, во контекст на одржливата мода?

-Околу три проценти од отпадот во нашата земја е текстилен и најчесто завршува на депониите или се спалува. Но, тој може да се процесира во различни конструкциски материјали за енергетски ефикасни градби, галантерии за коли, покривни материјали, душеци. По нашите сознанија една компанија засега работи на ова, иако во времето на Југославија на нашата територија биле неколку.

На пример, употребата на евтини суровини од обновливи извори кои би имале мултифункционална улога во градбата, а во исто време имаат исти или подобри карактеристики во споредба со конвенционалните материјали, како што се топлинска и акустична изолација, отпорност на пожар, издржливост и намалување на ефектот на стаклена градина. Повеќето природни изолациски материјали, генерално, им даваат чувство на благосостојба и чуваат здравјето на жителите, заштитувајќи ги од мувла, црви, алергии или канцерогени и токсични супстанции.

Во меѓувреме, мал чекор кој секоја текстилна фабрика може да го направи е да го „отстапи" текстилниот отпад на студентите и дизајнерите.

 

Објавено:
18 мај 2020
Прочитано:
420 пати