Филип Поповски: Лош човек не може добро да готви!

Интервју со •
14 март 2015

Сигурни сме дека меѓу нашите читатели се оние што уживаат во готвењето, но и оние што уживаат само во јадењето. Без разлика на која група припаѓате, веруваме дека добро зготвеното и вкусно јадење секогаш ви предизвикува задоволство.

Некои сметаат дека готвењето и „измислувањето“ рецепти во последно време стана помодарство, додека други би рекле дека тоа е субјективно чувство и интерес. Како и да е, ние одлучивме денеска да ви разрешиме неколку основни готвачки дилеми, а во тоа ни помогна секогаш позитивниот, Филип Поповски. Сигурно на социјалните мрежи ви излегол некој рецепт што тој го подготвува во неговата емисија „Готвиме со Фичо“, на јутјуб каналот на DelimanoMK, односно веб страната MoiRecepti.mk. Филип го прашавме кои се подобри готвачи – мажите или жените, зошто секогаш првата палачинка е неуспешна, како здравата храна да ви биде и вкусна, а за вас што постите, го имаме највкусниот и брз посен рецепт. Исто така, ќе дознаете и зошто Делимано апаратите и приборите се неговиот прв избор!

Инаку, додека разговаравме, во кујната на Филип се подготвуваше интересен рецепт со Лосос, кој наскоро ќе го гледате на споменатиот јутјуб канал, како и на страната на Делимано. Одвојте неколку минути и во еден здив прочитајте го разговорот со Фичо.

 

Еден добар готвач се познава по...?

-Добар готвач, се познава по брзината, прецизноста и осетот за добар вкус и доволно зачин!

Во нашите кујни најчесто се користи еден нож за сè... Од што се состои основниот прибор за готвење?

-Зависи, во нашите кујни се лупи компир и со лажица (се смее)!  Еден спремен готвач минимум треба да има Chef нож и тој нож го користи само тој и никој друг! Потоа, добро би било да има специјален нож за декорација (краток/мал нож), како и ребрест нож. Сè понатаму зависи од типот на кујна во која работи (кинеска, француска итн.), секоја кујна има одредени типови на алатки за работа.

Време на пости е. Можете ли да ни го кажете најбрзиот/најевтиниот, а вкусен посен рецепт?

-Мојот гуру вика: „Ако сакаш вкусно јадење, научи се да чекаш“. Посен рецепт што се спрема брзо се Посните полнети пиперки – можете да ги најдете на МоиРецепти.

Која е најчестата кулинарска грешка што ја правиме?

-Голема грешка е кога готвите да не го пробувате јадењето. На пример, сол се додава, ама не се одзема! Е сега... кога јадењето е топло не можете добро да осетите дали е добро зачинето или не. Тоа чувство се развива со тек на време, искуството си го прави своето!

Од кого научивте да месите?

-Основите за месење сум ги научил дома, од мајка ми, а искуството си го стори останатото. Го усовршив на обука за пекарство.

Велат, патот до срцето на мажот е преку стомакот. Важи ли тоа и за жените?

-Дефинитивно! Патот до секое срце е преку стомакот! Дури и по филмовите можеме да забележиме дека најголема чест е кога некој лично ќе зготви нешто па макар тоа било катастрофа! Добро не може да готви лош човек! Секогаш и на секој рецепт му се приоѓа со позитивна мисла, ако се исплашите од рецептот нема да излезе како што треба! Пред сè, готвењето се темели на самодоверба, што повлекува и пронаоѓање на патот до нечие срце!

Што најдобро знае да зготви Вашата сопруга?

-Мојата сопруга готви доста добро и често ме изненадува со некој рецепт! Добро и оди кинеската кујна! И СЕКОГАШ знае сè!!! (се смее)

Сè почест проблем кај децата во Македонија е вишокот килограми. Сметате ли дека треба да се вратат ужинките во училиштата?

-Дефинитивно! Не знам точно како изгледа мени во градинка, но претпоставувам дека менито е врзано со цена... што тешко се поврзува со квалитет! Ефтино и квалитетно се две различни улици! Предлог за совршена детска ужинка е некое интересно, вкусно смути. Интересно со смути е што можете воедно и да го анимирате детето, односно да го вклучите во процесот на припрема и сето тоа да го изведете во вид на игра!

Велат дека сè што не е здраво, ни е вкусно... Како здравата и неомилена храна меѓу популацијата да биде и вкусна?

-Да не се разбереме погрешно, брзата храна е вкусна, меѓутоа само затоа што е полна со емулгатори и засилувачи на вкусови. Тоа не е целта, нели? Здравата храна е вкусна, меѓутоа многу е тешко да ги промените старите навики кај конзументите.  Јас ги избегнувам сите додатоци кои содржат хемија. Храната е вкусна само ако се прави со љубов, за сè друго се користи засилувач на вкус!

Фичо со фичо Фичо со фичо

Мажи готвачи v.s жени готвачи?

-Уфффф тешко прашање... (се смее) Многу малку места заземаат жените готвачи во оваа фела. Веројатно тоа е така од причина што оваа работа е многу напорна и исцрпувачка, а жените не се предодредени за таква професија (со исклучоци, секако). Јас често кујната ја поврзувам со војска! Во кујна мора да има хиерархија, дисциплина и хигиена! Ако секој би правел што сака, не би функционирало! И најчесто успехот во кујна се постигнува со 12 часа физичка работа (готвење, експериментирање, пробување), 6 часа спиење и уште 6 часа истражување.  Кој ќе рече за шеф (готвач): „Абе ајде готвач“, опасно се лаже!

Како совршено да се сварат јајца?

-Готвењето на јајца е деликатна работа. Постои историски факт дека свивките на готвачките капи значат колку видови на јајца е спремен да зготви шефот. А често во сериозните странски кујни условот да почнете да работите е да знаете да направите добар омлет! Се смета дека за тоа треба дарба, а сè друго ќе си дојде со напорната работа! Варено јајце? Јас го сакам меко варено. За тоа се потребни околу 4 минути во зовриена вода.

Предлог за сос за пролетна салата?

-Дефинитивно комбинација на сенф, ладно цедено маслиново, мајонез (домашен), малку Ворчестер сос и павлака.

 Зошто првата палачинка е секогаш неуспешна? Како да не биде?

-Хахахахаха! Од кај знаете бе?!? Тоа се случува од причина што не го познавате добро тавчето и секогаш смесата различно се однесува, односно влијание има температурата на смесата – зависи од температурата во просторијата. Јас дома користам тавче од Делимано и првата палачинка ми е успешна! Де бе, до таа една палачинка ли ви дојде (се смее).  А знам како да биде успешна и првата! Секој ден ќе правите многу палачинки и после тоа ќе ви биде како менување брзини во кола... не размислуваш кога менуваш... (се смее). Сè е тренинг!

И за крај, читателките на Fashionel.mk прашуваат, каде да се најдат мажи готвачи?

-Чудно прашање! На Фејсбук и Инстаграм! (се смее).

тимот на емисијата тимот на емисијата

Објавено:
14 март 2015