блогерка

Француската плетенка и стробинг техниката задолжителни во 2016!

Интервју со
Азизе Демиши
14 јануари 2016

Азизе Демиши е млада и талентирана блогерка од Струга на чиј блог секојдневно можеме да видиме нејзини предлози за стилски комбинации, но и супер туторијали за шминка и секогаш свежи трендови. Туторијалите можете да ги најдете и на нејзиниот Youtube канал, каде ќе сретнете предлози за гламурозна, секојдневна, матурска и различни други видови на шминка. Во интервјуто за Fashionel, таа говори за позицијата на блогерите во Македонија, за нејзините почетоци со блогот, за тоа како да имате што повеќе посетители, но говори и за најголемите трендови што ќе преовладуваат во 2016, а на кои ние многу се радуваме.

Уживајте! 

-Од кога почна да функционира Fashion and Beauty Blog by Azize?

Блогот го започнав пред три години, од кои што последнава година е најактивен.

-Се остварија ли твоите очекувања во однос на работата на блогот?

Можам да кажам дека да, блогот достигна прегледност од 317.000+ прегледи, што значи имам  читатели што ја следат мојата работа и остварив соработки со многу козметички брендови.

-Каква е ситуацијата со блогерството во Македонија? Можеме ли да очекуваме дека некогаш македонските блогери ќе ги уживаат предностите на нивните светски колеги?

Апсолутно ДА, затоа што сметам дека во Македонија има одлични блогери и голем дел од нив можат да бидат рамо до рамо со светски познати блогерки, ама мора почесто да постираат за да го задржат вниманието на читателите.

-Знаат ли дизајнерите и компаниите да го ценат блогерството тука? Ти се случила ли досега некоја поголема понуда за соработка?

И да и не, некои компании се отворени за соработки, а некои не ни знаат што е тоа блог и што всушност блогерите прават.

-Фотограф, блогер или мејк – ап артист? Што те исполнува најмногу?

Дефинитнивно мејк – ап артист е она што најмногу ме исполнува и затоа и блогот го носам во таа насока.

-Зошто твојот стил е поинаков од стилот на останатите? По што се разликува твојата приказна?

Пред сѐ, јас сакам да се чувствувам удобно во тоа што го носам, сакам да мешам различни стилови во една комбинација, или да облечам фустан со патики. Не сакам да се ограничувам ако тоа ме прави среќна и ми се допаѓа како ми стои. Исто е и со шминката. Ретко следам трендови, ако сакам да носам сина шминка или smokеy eyes во дневна варијанта, јас така и се шминкам.

-Му даваш ли совети на твоето момче во однос на стилот?

Кај мене тоа е обратно (се смее). Скоро секогаш одам на шопинг со него, ми значи неговото мислење, а често знам да позајмам нешто и од неговиот плакар.

-Која е твојата омилена блогерка?

Од македонските тоа е дефинитивно Јована Зука, девојката изгледа светски и фотографиите на нејзиниот блог оставаат без здив! Од странските Linda Hallberg (бјути блогерка) и Aylin König.

-Ти се допаѓа ли работата на македонските дизајнери?

Да ги следам и ми се допаѓаат, секоја година изненадуваат со подобри и подобри колекции. Би ги издвоила Ирина Тошева и Тања Кокев како омилени.

- Кои ќе бидат трендовите за шминка и фризура за 2016 – та година според тебе?

Како и секоја година и годинава ќе има микс од неколку трендови, блескава кожа или „стробинг“ техника која што беше прифатена од многу мејкап артисти, smokey eyes, истакнати усни, „голи” очи итн.  А за косата француска плетенка и кратка бушава боб фризура.

-Што е она што прави една девојка да се чувствува и да изгледа убаво?

Самодовербата!

-Сосема за крај, што според тебе треба да се направи за работите да тргнат во вистински правец и да се прифати дека и блогерството може да биде професија?

Посветеноста, треба да се издвои време за блогот и да се постираат чести и квалитетни постови.

Објавено:
14 јануари 2016
Прочитано:
10.273 пати