Геновева Кристоф: Македонска дизајнерка што цврсто чекори на американската модна сцена

Интервју со •
25 февруари 2014

69829_123750554479194_208226669_n

Македонската публика ја запозна преку натпреварот „Адријана Падел“, каде победничката креација и дизајнерот имаа чест да се појават на црвениот килим на Оскарите, заедно со ѕвездата што ќе ја носи креацијата. Иако победата за малку ѝ избега и го освои второто место, Геновева Кристоф успешно го гради својот пат во модниот свет во САД. Доказ за тоа е и учеството на модната недела во Њујорк, а токму за тоа искуство и што значи да се биде дел од оваа модна престижна манифестација, за дел од нејзините досегашни проекти, за креациите што ги изработува и каков став има за македонската модна сцена, гордата ресенчанка ни открива во продолжение.

Мошне дозирано и успешно ја градите Вашата модна кариера. Изгледа дека добро ги следите своите инстинкти и замисли. Од каде интересот и љубовта кон модата?

-Отсекогаш бев заинтересирана за модата, постојано купував модни списанија и се воодушевував на убавата, уникатна облека и висока мода. Уживав кога одев на шопинг и бев пресреќна кога ќе најдев нешто уникатно и убаво. Излез и релаксација од секојдневните проблеми ми беше одењето во продавници за облека, аксесоари и чевли. Подготвувањето за излегување, комбинирањето облека, шминка и коса ми беше најубавиот дел од денот. Исто така, бев талентирана и за цртање, па хоби ми беше цртањето модели од списанија. Дома имавме машина за шиење и мајка ми, која знае да шие, ми беше ментор и ми дозволи да експериментирам и да ја развивам мојата визија како дизајнер и љубовта кон модата. Моден дизајн дипломирав кога се преселив во Колумбос, Охајо (мај 2009). Во Македонија завршив Социјална работа и политика. Инаку, сакав да се запишам на факултет за моден дизајн, но поради немањето можности на тоа поле во Македонија во тој период, се одлучив за друг факултет.

Genoveva kolaz

Родена сте во Ресен, потоа патот Ве носи во Лондон, а веќе неколку години наназад сте во САД, поточно Охајо. За сето ова време, не ја напуштивте работата со мода. Токму оттаму, можете ли да направите споредба со модната сцена (и модата генерално) во Британија и Америка?

-Британската и американската мода се различни. Британските девојки и момчиња имаат свој, сопствен стил, комбинираат различни принтови, кроеви и стилови. Американскиот стил пак, е лежерен, практичен и комфорен. Најчесто се едноставни парчиња комбинирани со интересни додатоци.

Бевте дел од Fashion Week Columbus, каде бевте одлично прифатена, а потоа следеше соработката со Пепси, и ангажманот на Модната недела во Њујорк. Како дојде до таа соработка?

По прикажувањето на мојата прва колекција на Fashion week Columbus, добив имејл од „ловецот на таленти“ од Харисон и Шрифтман (Harrison and Shriftman). Тоа е ПР компанија и од таму ми пишаа дека сум одбрана како една од четирите локални дизајнери од сите САД. Ме прашаа дали сакам да учествувам на Мерцедес Бенз Модната недела - Mercedes Benz Fashion Week - Diet Pepsi Style Studio Show, кое се одржа во Линколн Центарот.

Геновева во Линколн центарот

Можете ли одблиску да ни прикажете како изгледа да се биде учесник на модна недела во Њујорк? Со што се соочивте? Каква е организацијата? Што се случува зад сцената, односно пистата?

-Сè се случи премногу брзо и сè ми изгледаше нереално. Доаѓајќи од толку мал град како Ресен, во еден момент се најдов на највисоката модна сцена. Не можев да поверувам. Цел престој беше многу убаво организиран и возбудлив. Кога стасавме имавме фитинг со модели обезбедени од агенцијата, а во исто време Симон Донан (creative ambassador of Barneys) дојде да се запознае со нас и да ја разгледа нашата работа.

Процесот на модното шоу и зад сцената беше ист како и на секое друго. Посебно доживување беше да се видат познати личности во публиката како Мери Кејт Олсен, Дебра Месинг и други. Исто така, имавме можност да се запознаеме со талентираниот Џонатен Адлер, кој исто така беше дизајнер на внатрешноста на просторот каде се одржуваше модното шоу, инспирирано од Diet Pepsi.

Геновева со Симон Донан Геновева со Симон Донан

Следниот ден бевме поканети во Линколн Центарот каде Diet Pepsi имаа свој простор каде што ги изложија нашите дизајни. Имавме и неколку интервјуа и се запознавме и разговаравме со успешниот дизајнер Кристијан Кота. Последниот ден отидовме да го гледаме неговото модно шоу, од кое бев воодушевена.

Посебно доживување е само да се прошета пред Линколн Центарот за време на модната недела. Толку убаво облечени луѓе не сум видела на едно место. Секако, не е невообичаено да се видат некои од модните икони и познати модели, фотографи од различни магазини.

Каква облека креирате, со што се карактеризира? Која е Вашата целна група и што сакате да порачате со тоа што го изработувате?

-Моите дизајни се софистицирани, женствени и шик со одредена доза на „строгост“ (edge). Дизајнирам за софистицирана жена која е социјално активна, која следи мода и секогаш бара нови, возбудливи дизајни. Препознатлива сум по користење на убави, префинети материјали и комбинирање на различни материјали како кожа со нежни свили.

1470026_206473989540183_1704066153_n

 Освен облека, се занимавате и со создавање аксесоари...За какви аксесоари се работи, кажете ни нешто повеќе за тоа.

-Оваа година креирав колекција на додатоци во соработка со Conus Laser Group. Дизајните беа изработени со ласерска технологија, како дел од мојата последна колекција, инспирирана од долна облека. Аксесоарите се изработени од кожа во црна боја и метални нијанси, а некои од нив се украсени со Сваровски кристали.

Од каде ја црпите инспирацијата и како изгледа еден Ваш дизајнерски процес?

Како што споменав, мојата последна колекција беше инспирирана од долна облека. Една година работев како дизајнер freelancer во La Senza, компанија за долна облека и тоа ме инспирираше за таа колекција. Инаку, инспирација црпам од секаде. Првин се инспирирам, наоѓам материјали, правам скици и почнувам со кроевите и изработката на дизајните. Често истражувам материјали. За мене материјалите се многу важни. Ако најдам нешто што многу ми се допаѓа, се случува  и самиот материјал да ме инспирира и добивам визија како сакам колекцијата да ми изгледа. Потоа ги правам скиците и почнувам со изработка на дизајните.

ilustracii kolaz

Сте соработувале со познати модни брендови, како Victoria's Secret, Ралф Лорен, Армани, Лореал, Ланком... Што научивте од овие искуства? За каков вид соработка се работи?

-Работев во локална компанија каде што креирав подароци, односно „ Gift with purchаse and accessories“ за различни компании. Производот требаше да биде многу евтино направен, но да изгледа скапо, затоа што тие производи ги даваа како подарок или по намалена цена доколку некој потроши одредена сума на пари. Беше предизвикувачки да се направи убав производ за ниска цена, што во исто време беше и многу убаво искуство. Забавно е да се креира за секоја компанија, бидејќи сите се различни.

Кога истражував за Вашата работа, Вашето име се поврзуваше и со проектот IAmLaMode. Можете ли да ни кажете за што се работи?

-IAmLaMode е првиот интернационален „crowdfunding платформа“(платформа за колектитвно собирање средства за иновативни проекти), специјализирана за модни проекти, со седиште во Франција. Бев исконтактирана да бидам дел од овој проект меѓу првите дизајнери. Сметам дека ова е интересен концепт. Секој може да инвестира од 5 долари па нагоре, а ако се постигне финансиската цел, ќе се направи производство и ќе се продаваат дизајните на нивната веб страна. Тие што инвестираа на модната линија, имаа можност да купуваат со попуст и 33 проценти од профитот ќе беше поделен меѓу инвеститорите. Доколку не се постигне целта, инвестираните пари се враќаат назад.

Креирате облека за жени... Каков е Вашиот стил приватно? Колку се разликува од она што го правите?

-Мојот стил е сличен на моите дизајни. Кога дизајнирам давам дел од себе и мојот вкус.

За Вас модата претставува...?

-Модата за мене претставува забавниот дел од животот каде можам да ја изразам мојата индивидуа и креативност. Исто така е форма на уметност на која ѝ се восхитувам, посебно на Високата мода и couture.

Геновева Кристоф Геновева Кристоф

Да имате моден времеплов, во кое модно доба би се вратиле?

-Најверојатно тоа би биле 1930-тите и 1940-тите.

 Имате ли моден порок?

-Шопингот е мој порок.

На која личност од модниот свет и се восхитувате?

-Во последно време им се восхитувам на модните икони Мира Дума, Ана Дел Русо, Зана Робертс Роси.

Се врзувате ли емотивно за облеката?

-Да, се врзувам емотивно доколку нешто премногу ми се допаѓа. Сè уште ги чувам најубавите мои парчиња од пред неколку години, инаку знам дека никогаш нема да можам да ја употребам повторно.

Кое е првото парче што сте го направиле за себе?

-Првото нешто што го имам направено за себе беа панталони и кратко маиче од ист материјал. Всушност, тогаш одлучив дека сакам да бидам моден дизајнер.

Fashion-Week_8-27-11-8638

Мажена сте и имате син. Колку влијаете врз стилот на домашните? Даваат ли тие можеби сугестии за Вашиот изглед?

-До пред година-две можев да влијаам на стилот на мојот син. Доминик сега наполни седум години и не сака да му кажувам што да облече. Тоа што мене ми се допаѓа тој смета дека не е cool. Секако, смета и дека мојот стил не е кул (се смее). И за сопругот знам понекогаш да дадам сугестија, а тој најчесто не дава сугестии за мојот стил. Имам едномесечна ќерка и многу сум возбудена. Уште од сега можам да кажам дека ќе биде многу забавно да ја облекувам, барем додека таа ми дозволува.

Што сакате да правите во слободно време?

-Помеѓу работата, домашните обврски и децата и немам многу слободно време. Најчесто слободното време повторно го поминувам со дечињата, моите пријатели, гледам добар филм или читам книга.

Какви реакции добивате на тоа кога ќе кажете дека сте од Македонија? Доаѓате ли тука? Ви недостасува ли родната земја?

-Во САД има луѓе од целиот свет, па сите се навикнати на тоа и нема никакви реакции. Секако дека ми недостасува Македонија. Таа секогаш ќе биде моја татковитна во душата. Доаѓам, но не толку често колку што би сакала. Секогаш излегуваат некои работни ангажмани или семејни работи што ми го оневозможуваа тоа. Оваа година имаме новороденче, па најверојатно дел од моето семејство од Македонија ќе дојде тука.

Со оглед на тоа дека долго време сте надвор од Македонија, успевате ли воопшто да ја следите македонската модна сцена? Во последен период кај нас се забележува одреден напредок на ова поле. Би сакале ли да бидете дел од некое модно шоу тука?

-Во последните година-две, ја следам македонската модна сцена повеќе. Изненадена сум од напредокот на тоа поле. Во времето кога јас бев во Македонија, само неколку дизајнери доаѓаа до израз како Ношпал, Никола Ефтимов... Денес има многу добри дизајнери. Меѓу другите посебно ми се допаѓаат Маја Кикириткова, Вибрациони на Александра Митковска, Елена Лука. Не само што се восхитувам на дизајните, туку ѝ се восхитувам и на тоа што води успешен бизнис. Секако дека би сакала да бидам дел од модно шоу во Македонија, само ако времето и ситуацијата ми дозволува.

Што е Вашата препорака кога е во прашање изгледот за есен-зима и пролет-лето 2014?

-Мојата препорака за секоја сезона би била да се експериментира, да се комбинира облеката и да се остане доследен на својот стил. Трендовите можат да се следат и служат како насока, но оригинални стилови имаат оние кои не се плашат да експериментираат, па внесуваат дел од својот вкус и се трудат секој изглед да го направат свој.

Трендови за оваа есен-зима се големи палта и палта во пастелни бои. Потоа крзнените палта, но најчесто во интензивни бои, силуети од 1940-тите, машки материјали, креации инспирирани од панкот, темносината боја...

Што се однесува до сезона пролет-лето тогаш ќе ги издвојат спортски детали на неочекувани материјали, метални бои кои можат да се носат и во дневни и во вечерни комбинации. Исто така, класичните кошули оваа година се дизајнирани во посекси верзи, кои се голем тренд. А во однос на боите, доминираат белата, жолтата, розовата, пастелните бои секако, сината.

kolaz 2

На што работите во моментов? Што е следното што може да го очекуваме од Вас?  

-Моментално сум фокусирана на мојата ќерка. Наскоро ќе почнам да работам на мојата следна колекција.

Што Ве води низ животот? Вашето мото е...?

Моето мото е биди тоа што си, искористи го својот потенцијал максимално и следи го патот на животот во кој ти веруваш а не другите.

Објавено:
25 февруари 2014