сликарка

Културата не е елитистичка

Интервју со
Гордана Винчиќ
25 април 2016

Во  2016 година, покрај другите интересни содржини, интервјуа и приказни, Fashionel ќе презентира и еден циклус разговори со успешни и креативни Македонци низ светот.

Имињата на некои од нив можеби не се толку звучни во нашата земја, но трудот и успехот што го оствариле надвор од овие граници, е доволна причина да поразговараме со нив и да ги запознаеме и со домашната публика.

Пред неколку дена се упативме во галеријата „Остен“, за да се запознаеме со сликарката Гордана Винчиќ, каде во моментов може да се погледне нејзината самостојна изложба „Интуитивна исповед“,каде можете да видите дел од 30-те цртежи, женски актови, во комбинирана техника (јаглен, пастел и туш) на хартија.

Гордана Винчиќ

Гордана повеќе од 20 години живее и работи во Шведска. Родена е во Скопје, на кое секогаш со голема љубов му се враќа. Во 1998 година завршува студии за Социјална работа и политика при реномираниот универзитет Лунд. По дипломирањето почнува да се занимава со психологија, а исто така се здобива и со 15-годишно лидерско искуство во повеќе области. 

Со оглед на тоа дека не е многу позната на нашата јавност, ја замоливме на почетокот да ни каже -  која е Гордана Винчиќ:

-Една женска со позитивен поглед на живот. Се сметам дека сум уметник во душа, поради тоа што 15 години се занимавав со нешто друго. Бев социјален работник и работев како лидер во Шведска многу години. Имав добра позиција, плата, навистина важев за успешна жена, но сето тоа го напуштив за да можам да се посветам на сликарството. Во последните пет години го правам тоа и од тоа живеам. Имам и своја компанија која работи со терапија, каде уметноста е дел од алатките за постигнување хармонија.

Опкружени со нејзините дела, кои на прв поглед ќе ги перцепирате како мошне експлицитни и отворени, не можевме а да не ја прашаме, дали Македонците на вистински начин ја разбраа  нејзината „Интуитивна исповед“.

-Убави критики добив. Отворена сум многу за критики, затоа што само така можеш да се надоградуваш. Провоцирам нешто негативно да ми кажат (се смее). Но, се изненадив позитивно. Делата се отворени, има делови на еротика, претставени преку допири на полови органи, што се нагласени. Сепак, фокусот не е на тоа. Имав можност да добијам критички осврт од еден психолог, за тоа како тој ја доживеал изложбата, што се совпаѓа со она што јас сакам да го прикажам – мојот интуитивен клик, како работам така и произлегува и се огледува во секоја слика. Сите цртежи содржат една емотивна состојба, која се ослободува и прави место за интуиција. На тој начин потсвесно „се допирам“ до набљудувачот, не директно. Интересно беше, дојдоа неколку телевизии да снимаат, но водителките посочија да не се снимаат тие „експлицитните“ слики, да не ги избркаат од работа - како на шега, но сепак има тука и вистина. Сепак, кога ги видоа одблиску, после ги снимаа само тие. Се почувствува тоа некое мое претчувство, но уште поглавно, доаѓа до ослободување од срамот – објаснува Винчиќ.

Но, вели не се срамат само Македонците.

-Кога ќе се ослободиш од срамот, всушност ќе доживееш ослободување. Кога ќе можеш да се покажеш како девојка пред еден маж како на сликиве, тој ќе се исплаши, ќе каже -  што и е на оваа? Мажите се навикнати жената да биде срамежлива, а не знаат дека тоа нив не ги прави многу поголеми мачо типови, какви што они си мислат дека треба да бидат покрај срамежлива жена. Каков мачо ќе се почувствува, ако таа жена е слободна како кралица? Тие посакуваат слободна жена, но тие од дома понесени „правила“ нив ги ограничуваат. Во суштина, еден маж може да се ослободи, ако ја остави жената да се ослободи. Кога ја ослободува неа, автоматски работи на себе и обратно. Значи, реагираме на нешто дека е „срамно“, а истовремено сме привлечени од истото. И тоа е така не само тука, туку и во светот. Еве и во Шведска. И таму ова е табу, означено како интима на жена. Мислам дека маж не може да нацрта жена, како што таа може да се нацрта самата. Онака, до крај. Во таа интима не може да се „пикне“ маж и да ја искаже. Ќе ги земам Густав Климт или Пикасо, тие сликале жени, но би се натпреварувала со нив. Знам, сега сум малку дрска, баш онака како на сликите, но сметам дека моите дела имаат повеќе чувства, затоа што се интегрирани со мене самата. Тоа на сликите – тоа сум јас – открива Гордана.

На прашањето како Шведска се грижи за уметниците, сликарката ќе каже:

-Ни таму не е лесно, но полесно е од тука. Државата овозможува ресурси, а народот има поголема навика да оди по галерии и уметноста се цени повеќе. Пред некој ден имав можност да се возам со еден таксист, при што го повикав на изложба, а тој ми рече дека не може, бидејќи за тоа му се потребни пари. Јас му посочив дека не чини ништо. Луѓето не се ни запознаени дека за да влезеш во галерија и да погледнеш изложба не ти требаат пари, а добиваш инспирација и убави чувства. Овде постои мислење дека културата е само за оние што имаат многу пари. Дека е елитистичка. Штета. Во дијалогот со таксистот потоа, тој рече: „Моите никогаш не ме носеле на изложби, ја немам таа навика“. И тоа е еден од клучните проблеми. Да почне обичниот народ да оди повеќе во галерии, ќе се создаде еден синџир на реакции. Ако народот не оди, зошто државата да инвестира во тоа? Сум правела изложби и во други земји – Англија, Франција, Русија, не е само Шведска земја на која релатирам за компарација. Уметноста е присутна во сечие секојдневие. Има поп-ап галерии, уметноста оди кај луѓето. Слушнав  дека и овде има обиди за тоа, но овде народот сè уште се плаши од уметноста. Пак ќе кажам, не чини многу пари, не мора ни да се купи, доволно е да види.

Интуицијата за неа е света. Се потпира врз неа, ја следи. Често ја споменува и низ разговорот. А дали интуицијата ја излажала некогаш, вели:

-Уште од детството интуицијата одлично ме служела. Не сум ни размислувала за тоа дека е интуиција, туку едно внатрешно чувство што ти зборува како и што да правиш. Во периодот после пубертетот тоа малку се губи, бидејќи се добиваат „наслаги“, тука преовладува она што од дома го носиш, одредени норми, домашни, општествени. И кога ќе се појави, ја потиснуваш, бидејќи си велиш: „А не, родителите имаат право, да се држам јас до работата, да не ја менувам за нешто што не ми е сигурно“. Не би кажала дека некогаш интуицијата ме изневерила, попрво би рекла дека јас неа сум ја изневерила. Колку повеќе ја изневеруваш, толку помалку ќе зборува и на крај ја снемува. Стануваш незадоволен, несреќен човек, а не сфаќаш што е. Тој внатрешен глас исчезнува и како да не си тоа ти. Зборувам од лично искуство, иако тоа важи и на пошироко ниво, со оглед на тоа дека имам познавања и од психолошкиот развој на човекот.

За уметниците често знаат да кажат дека се несфатени. Признава дека и таа понекогаш се почувствувала така.

фото: приватна архива

-Тоа е таа вечна дилема. Јас како успешна бизнис жена, супер прифатена од фамилијата, имам и семејство, деца, но кога се одлучив пред пет години да се впуштам во ова и да ги оставам сигурните столбови, што ретко кој би го направил, се чувствувам несфатена од сите. Особено од најстарите генерации. Зборувам конкретно за оваа одлука. Тие цел живот не го менуваат работното место, на крај се пензионираат, добиваат златен часовник и тоа е тоа – категорична е Гордана.

Во Скопје до сега не доаѓала премногу често, но вели тоа наскоро ќе се смени, поради поволните авионски летови. На релација север – југ, ја прашавме како изгледа еден нејзин ден во Шведска, а како кога е во Скопје.

-Без разлика каде се наоѓам, многу време одвојувам за дружење, интензивно и квалитетно дружење. Во комуникација се случуваат многу работи – слушаш за разни нешта и се инспирираш. Карактерите на луѓето ме инспирираат многу. Деноноќно цртам, буквално. Не можам да престанам. Не поминува ден без да нацртам нешто. Се водам по „црвен конец“, му дозволувам да ме води до некоја наредна средба, откритие. Споена сум и со митологијата во секојдневнието, приказните, симболиката на синкроницитетот на она што ни се случува. На пример, ми се случило во текот на денот, да излезам во парк и да најдам Библија. Ја отворив да видам на која страна случајно ќе ми се отвори и што сака тој текст да ми каже. Тој ден се погоди да имам задача да декорирам столче за еден натпревар. И Библијата се отвора на страна каде пишува: „столчето на Мојсеј.“ Само на тоа место во цела книга се спомнува столчето на Мојсеј. Тој синхроницитет за мене не е случајност. Денот ми е исполнет со барање на некакви спојки од кои јас потоа ќе создадам некоја слика и порака. Сите слики што ги правам се со порака која треба да стаса до твојата потсвест. Исто така, обожавам да одам во природа. Да остварам контакт со вода, воздух, оган. Ги сакам, инспиративни се за мене. Во Скопје поврзаноста со четирите елементи за мене е многу силна и тоа е едно од нештата што посебно ми се допаѓаат. Кога ќе дојдам овде знам да се поврзам на начин на кој од тие елементи јас влечам порака, се инспирирам. На тој начин порано се создавале истории...Со изложбата што ја направив овде, всушност направив нешто за Македонија без таа да знае – потенцира уметницата.

Она што нас најмногу нè изненади од средбата со Гордана, беше тоа што таа ни откри дека во Шведска нејзиниот дом е всушност стара македонска црква.  

-Да, тоа е многу интересно и специфично за мене. Немав во план да купувам куќа, да влегувам во долгови, но едноставно беше судена за мене. Не верувам во случајност, а и религијата зазема голем дел од мојот живот. Ми има оставено еден силен впечаток, но моето толкување се менува во текот на животот. аа црква е симбол дека не е ништо догматично. Сум го читала и Куранот каде се вели дека: „Патот до Господ е колку песокот што го има во пустината“. Тоа што живеам и творам во црква ми покажува дека Господ, како што ги мести работите, е отворен за сè. Самата куќа го има тој дух, спокој карактеристичен за црквата. Кога ќе дојдат Швеѓани во студиото и сакаат да купат нешто, се воодушевуваат од просторот и атмосферата. Надвор сè уште стои православниот крст, а внатре е реновирано. Останати се лустерите. Просторот си е ист, има плафон висок пет и пол метри и задржано е речиси сè, во однос на физиономијата. Неколку моменти околу олтарот се исто така сочувани, а приспособено е на живот и творење – открива уметницата.

Гордана пред својот дом - извор:loza.mk

Како ретко кој, таа вели дека има сè што сака. А тоа сè всушност е слободата да твори:

-Таа слобода, по законот за атракција привлекува многу други работи околу мене  – и љубов, инспирација и патувања, разни личности... како времеплов... Не ми е потребно ништо друго специјално. Порано посакував убав автомобил, фризура, не знам што... Да, јас и сега го сакам тоа, но не е приоритет. Не е она што најмногу го сакам. Слободата да творам е најважна. Да не морам да го молам никого за ништо, за да си обезбедам работи, туку тоа си го правам сама, со моите дела.

Тука некаде заврши нашиот разговор. Гордана ни кажа дека „Интимната исповед“ ќе патува во почетокот на мај за Кавадарци. Во текот на годината ја очекуваат и изложби во Украина, поточно во Одеса. Во јули и август таа ќе твори во градот, а потоа делата ќе бидат изложени во националниот музеј на Одеса. Изложбата ја финансира Руската федерација. Во октомври пак, ја очекува изложба во Стокхолм, во дворот на кралот.

Изложбата во Скопје ќе биде отворена до 26-ти април, за оние што не стасаа до сега да ја посетат.

-Почестена сум што најстарата галерија во Скопје, „Остен“ и Музејот на град Скопје ме вклучија меѓу 70-те автори што ќе се најдат на Уметничката мапа како дел од одбележувањето на 70-годишното постоење, како национална оставштина и богатство – сподели за крај Гордана.

Објавено:
25 април 2016
Прочитано:
735 пати