Хероите од нашето секојдневие:Уникатниот животен стил на Мина Павловиќ

Интервју со •
19 јули 2014

Мина Павловиќ, фото: Ања Ивановиќ Мина Павловиќ, фото: Ања Ивановиќ

Мина Павловиќ е еден од оние ликови кои дури и само еднаш да ги сретнете во животот, никогаш нема да ги заборавите. Толку е силен нивниот визуелен печат, што често ги инспирираат и другите луѓе длабоко да се погледнат во огледало, да се пронајдат себе си и да се одвојат од претопеното мнозинство. Тие нaјчесто не се јавни личности, не ги гледаме на сензационални коктел вечери и не се мејнстрим. Тоа се луѓе кои сами ги пишуваат правилата според кои се водат во животот, не зависат од туѓото мислење, нивниот животен стил се базира на квалитетна музика, суштинска литература, безвременска уметност.... Така се градел и веќе препознатливиот имиџ на 23-годишната Мина Павловиќ од Србија, која пет години живее во Белград каде ги завршила студиите по психологија на Филозофскиот факултет, а сега е и на постдипломски студии.

Она што на прв поглед воодушевува кај оваа девојка, е генијалниот спој на различни стилови во нејзиниот единствен, уникатен имиџ. Таа е истовремено и доминантна и романтична и детинеста и моќна.

Она што и’ го трасира патот во секојдневието е вербата во себе и јасната мисла која е, и што сака во животот.

„Не постои некоја вербализирана мисла по која се водам себе си во животот, ниту посакувам да имам такво нешто. Тоа што ме води, е да го постигнам сама се' она што го посакувам, со својата работа и труд. Исто така, треба да ги сакаме сите наши лузни и не треба да ги одвојуваме нашето тело и мисли, бидејќи мислите не можат да оживеат без телото и обратно. И добро е да се удира со главата во ѕид, но не за да си ја разбиеме главата туку да го разбиеме ѕидот“, го започнавме разговорот  за Fashionel со Мина, веднаш алудирајќи на нејзините идеолошки водилки во животот.

Конкретна дефиниција за нејзиниот стил не постои, но сепак се чувствува влијанието на панкот во неговиот најтврдокорен и најсуштински стадиум.

„Не се сметам себе си за припадник на некоја посебна супкултура, но во одредена мера сум ориентирана во рамките на некои постари супкултури како панк, „teddy boy“…  Според мене, најфантастичните супкултури биле оние пред неколку децении во Британија, па времето и местото не се на моја страна да утврдам една единствена ориентација во супкултурна смисла, затоа не можам да зборувам за припадништво, но за инспирација секако“, вели Мина.

Прилично широк е временскиот распон кога се работи за нејзините омилени уметнички правци од ликовната, книжевната и филмската уметност. Можеби тоа објаснува зошто е толку богат и нејзиниот визуелен израз во кој насетуваме комуникација со различни временски периоди, без никакви ограничувања и предрасуди.

„Кога се работи за ликовната уметност, ме интересира се’ што настанало од периодот на ренесансата па до 1920-те, 1930-те години на минатиот век. Секој период нуди нешто поинакво, различни перспективи и впечатоци, затоа не се трудам да се врзам само за една идеја, еден период... Таа неограниченост исто така, се однесува и на другите уметнички форми, како книжевноста, фотографијата, филмот, музиката... Но, секако постои нешто што на некој начин се издвојува. Еден од моите најомилени уметници Хиеронимус Бош, а писатели кои ги сакам се Рилке, Бодлер, Црњански,Сартр, Ман, Кундера, Остер…Во однос на кинематографијата, особено ги почитувам режисерите како Бергман, Кешловски, Вендерс, Лоуч.., а исто така драги ми се и неколку источноазиски режисери. Морам да кажам дека моја слаба точка се и старите холивудски филмови“, не' воведе во својот интимен уметнички свет Мина.

Во суштина нејзиниот стил секојдневно претрпува трансформации и варира во широк дијапазон. Понекогаш во неа го препознаваме Оливер Твист, а веќе следниот момент таа е „скинхед“, а потоа е романтична девојка во фустан со јака од тантела.

Бидејќи го обожува слоевитото облекување кое вклучува џемпери, јакни, мантили и капути, летниот стил не е нејзиниот омилен.

„Најомилен ми е момчешкиот изглед- бермуди, трегери, кошули закопчани до грло, чизми Др.Мартинс. Сепак, мојата гардероба е разновидна. Кога би го отвориле мојот плакар , би виделе буквално се’, од сакоа со чисти линии, преку дождовни мантили, рокерски кожени јакни до бунди со леопардов принт. Она што единствено константно останува е црвениот кармин. Го сакам тој пин-ап стил на шминкање, креон, добро обликувани веѓи и црвен кармин и ми се допаѓа како тоа изгледа со момчешкиот стил, иако на некој начин е контрадикторно, сепак има смисла, барем за мене“, вели Мина која инвентивно ги споила спротивностите во единствената Таа.

И покрај тоа што перманентно не ја следи модната сцена, сепак постојат одредени парчиња на светски дизајнери кои и' оставиле впечаток.

„Немам омилени дизајнери, ниту во континуитет ги следам тенденциите. Сепак, пред некое време наидов на две ревии. Едната од Долче и Габана, зимската колекција за 2011 година, каде поединечни модели беа фантастични-градници, сакоа, вратоврски, шешири, најфантастични чевли. Другата е на Москино, есен-зима 2013 и бев апсолутно воодушевена.. Овие колекции во добар дел содржат парчиња и изгледи какви мене ме привлекуваат, момчешки, карирано и такви кои се инспирирани од униформи“, ги пренесува Мина своите впечатоци од светската модна сцена.

 

Она што е таа денеска, го отсликува нејзиниот животен стил кој го негува со години. Во своите тинејџерски денови храбро експериментирала со имиџот па така, често ја менувала бојата и формата на косата, а веќе во својата 20-та година ја ставила својата прва тетоважа по која потоа го украсила своето тело со уште неколку кои раскажуваат нејзини лични приказни.

„Додека бев во средно училиште многу креирав свои парчиња кои ми ги шиеше мојата баба. Минатата година ја добив и првата машина за шиење и иако сум се' уште на почеток, успеав да дизајнирам и сошијам неколку парчиња за себе, во моментов и моето омилено црно фустанче со бела јака од тантела. Би сакала еден ден да имам и некоја своја мини алтернативна модна линија, но кој знае…Исто така, додека бев средношколка, ги имав сите можни фризури, сите можни бои на косата, често го менував стилот и мислам дека поминав низ сите тие бурни тинејџерски фази и дека сега немам толкава потреба за експериментирање. Сметам дека причина за тоа е што мојот стил не е едноличен и како што кажав претходно, имам големи варијации во облекувањето поради што немам потреба за накоја радикална промена “, додава шармантната девојка чии омилени парчиња се маслинесто зелените бермуди со кожените, кафени трегери, поло маица Fred Perry, црвените карирани панталони, белата кошула, црно фустанче со бела јакна од тантела.

Во нејзината појава она што можеби првично одзема внимание се нејзините фантастични тетоважи, кои до сега се „само“ шест, но планира во иднина да го помножи нивниот број…

„Да, голем љубител сум на тетоважите и планирам да си направам уште многу. Првата тетоважа ја ставив кога имав 20 години, дури тогаш успеав да се договорам со родителите дека можам да го преземам тој чекор, а да не биде преголем шок за нив. До сега имам само шест, но постепено тој број ќе се зголемува, не брзам никаде, а никако не би тетовирала било што, туку мора да има значење. Најзначајна тетоважа ми е Моби Дик која е посветена на татко ми. И сите останати кои ги имам секако се со лична приказна, па дури и  Unknown Pleasures пулсар тетоважата која независно што претставува нешто конкретно, сепак за мене има дополнително лично значење. Во моментов во главата ги имам дизајните на следните неколку тетоважи кои едвај чекам да ги насликам на моето тело. Кој знае, можеби некоја ќе си направам и сама, доколку имам среќа да почнам во блиска иднина да го изучувам тетовирањето“,  вели Мина.

Покрај тоа што таа е единствена во своите сфаќања, имиџ и животна филозофија, Мина е сепак обична девојка која го обожава утринскиот ритуал на пиење кафе, а кога нема обврски, останува дома да црта, чита и ги гледа филмовите на омилените режисери. Како што вели и самата, таа воопшто не е „самотник“, но признава дека најчесто одбира да го помине своето време сама или со семејството.

Ги препознавте ли вие хероите од вашето секојдневие?

Објавено:
19 јули 2014