дизајнерка

Хрватска дизајнерка со светски успех

Интервју со
Александра Дојчиновиќ
31 јули 2015

Таа е една од најпознатите балкански дизајнерки чии парчиња ги носат Северина, Нина Бадриќ, Антонија Блаќе и уште многу други познати хрватски трендсетерки. Ние имавме ексклузивна можност да направиме супер интервју со Александра Дојчиновиќ која со посебен шарм говори за нејзиниот бренд Lei Lou. Последно од нејзината фантастична работилница беше cruise колекцијата за 2015 чие заштитно лице беше прекрасната Северина. Со Александра разговаравме за почетоците на брендот, за пречките со кои се соочила, за успесите и за парчињата што секоја жена треба да ги има во плакарот.

Уживајте! 

-Раскажете нѝ за Вашите почетоци... Се сеќавате ли на првото парче што го создадовте?

Иако тоа денес не изгледа така, кога ќе погледнам наназад, морам да кажам дека мојот пат до успехот навистина беше, покрај сите убави работи што ми се случија, исполнет и со трње. Почетоците беа тешки, бараа од мене многу откажувања и години напорна работа, бидејќи навистина почнав од ништо. Не се срамам да го признаам тоа, бидејќи денеска сум уште погорда што зад себе имам голем тим луѓе кои работат за мене, а мојот бренд моментално се продава во 15 светски земји. Ако на времето ми беше луксуз да дадам 450 евра за подобра машина за шиење, денеска на тоа гледам со смеа, бидејќи знам како тогаш се снаоѓавме, и дека понекогаш работевме и над нашите можности и никогаш не ни беше лесно. Но, затоа денеска ги гледам плодовите од таа работа и во тоа вистински уживам. Знам дека не постои пречка до успехот, но нема ни лесен начин, нема ниту инстант слава и таа порака треба јасно да им се укаже на децата кои сонуваат за тоа еден ден да работат нешто свое. „Нема леб без мотика“, па дури и талентот колкав и да е, не значи ништо без напорна работа. На пример, мене ми требаат три до четири дена да осмислам цела нова колекција, повторно ќе кажам дека тоа е голем подарок и талент, но и покрај тоа, работам по 12 часа дневно. Иако сега го намалив тој интензитет, се научив на поголема одговорност и сметам дека тоа е нешто на што секој мора да се научи во својата работа.

-Се сеќавате ли на првата колекција што ја направивте?

Мислам дека тоа никогаш нема да го заборавам. Имав 15 години кога ја сошив првата кожена кошула и истиот ден ја продадов. Тогаш бев сѐ уште дете, но уште тогаш си велев: Алекс, ти знаеш да продадеш, едноставно знаеш! Излезе дека сум имала право.

-Од каде името LEI LOU?

Името настана сосема случајно, спонтано, еден ден на пат кон аеродромот. Ја подготвував својата ревија во Америка и една соработничка ми се јави да ме праша како Американците ќе го изговорат моето презиме и во тој момент извикав: Lei Lou! И така остана сѐ до денес, слатко, женствено, звучно, а лесно се памти и изговара.

-Знаат ли жените на Балканот да одберат добри парчиња?

О, да, секако. Поради работата многу патувам и без оглед на гламурот со кој можеби нема да се сретнете многу често на овие наши простори, жените кај нас и тоа како ја сакаат модата и знаат да се облечат.

-Вашите креации се обожувани од многу девојки во Хрватска, на што се должи вашиот успех?

Нема тајни ако имаш добра колекција. А ако притоа се држиш и до одреден стандард и квалитет, сѐ е можно. Мислам дека ако колекцијата е добра, тогаш нема никаков проблем.

-Како ви се допаѓа работата на македонските дизајнери, сте имале ли можност да се сретнете со некој од нив?

Имав дури и можност да се запознаам со некои дизајнери, да поразговарам и да ги посоветувам. Вистински уживам кога разговарам со колегите, без оглед на земјата од која доаѓаат и секогаш се радувам на нивниот успех. Драго ми е што и македонската модна сцена се буди и тоа што да си дизајнер на Балканот, веќе станува важна работа, што досега не беше случај.

-Планирате ли можеби проширување на Вашата линија и надвор од Хрватска?

Веќе некое време, ние добро работиме и надвор од Хрватска. Покрај двете продавници кај нас, имаме и една во Штутгард, а парчињата на брендот се продаваат во 15 светски земји. Но, сметам дека ова е само почеток. Мојот тим на соработници е многу амбициозен, моментално сме во фаза на подигање на брендот на уште поголемо ниво и верувам дека многу наскоро нѐ очекуваат нови успеси.

-Покрај со Северина, со кои други познати личности сте имале можност да соработувате? Колку се тие „диви“?

Сакам да работам со сите жени кои се силни и имаат свој став што не се плашат јасно да го кажат. Поголемиот дел жени со кои работам се токму такви. Не сакам да одам во празно, ниту пак да сум неодлучна, а не сакам такви да бидат ниту луѓето околу мене. Можеби токму тие жени кои знаат што сакаат, изгледаат како „диви“ што бараат многу, но мене тие ми е одлични партнери во работата, бидејќи на крајот, и јас сум таква.

-И самата важите за една од најдобро облечени Хрватки, што значи стилот за Вас?

Стилот или го имаш или го немаш. Тоа е некоја енергија, односно начин на кој една жена прави сѐ, од начинот на кој разговара, гестикулира, па до тоа како носи одреден фустан или парче облека. Внатрешната енергија и харизмата се пола пат до силот и сметам дека и стилот, како и убавината, доаѓаат одвнатре.

-Кои се според Вас клучните парчиња што секоја дама треба да ги има во плакарот?

Плакарот треба да биде полн со среќна облека, односно, со оние парчиња во кои вие се чувствувате добро, убаво и привлечно. Треба да се решите од сите оние парчиња кои, или долго не сте ги облекле, или не се чувствувате добро во нив. Неколку добри фустани за секој ден во месецот се сосема доволни за почеток.

-Што по Cruise 2015 колекцијата?

Активен одмор, па подготовка на новата колекција, саеми и состаноци, накратко, враќање во секојдневието. Сѐ што работам, е испланирано една година однапред, така што програмата на движење и целите на брендот ги знам уште од сега.

Објавено:
31 јули 2015
Прочитано:
2.067 пати