спортистка и уметница

Хероината која ги допрела и врвот и дното

Интервју со
Илина Арсова
10 април 2020

„Мисијата „7 врвови“ е завршена! Македонското знаме е на врвот Винсон на Антарктик со ладни раце, но топло срце. Со ова искачување, станав прва жена од нашата земја и една од 60 во светот кои ги искачиле највисоките врвови на сите континенти, според Меснерова листа, што е врвен успех во планинарските спортови. Нека ова биде поттик за сите вас да верувате во невозможното", беше објавата на нашата Илина Арсова, кон крајот на минатата година. 

Покрај Винсон, предизвикот ги вклучува и  Монт Еверест (Азија, 8.848 метри), Аконкагва (Јужна Америка, 6.961 метар), Денали (Северна Америка, 6.194 метри), Килиманџаро (Африка, 5.895 метри), Елбрус (Европа, 5,642 метри) и Пунчак Џаја (Австралоазија, 4.884 метри). Статистиките велат дека повеќе од 400 луѓе биле на сите овие врвови, а Илина е една од нив.

Креатор е на проектот „This is HERstory", документарен серијал за инспиративни жени кои го менуваат светот низ спортот.

И ништо друго во животот да не направила (а направила), сето ова ја прави уште попосебна.

Покрај планинарството, таа е страствен активист за здрава животна средина, креативец, уметница. Но, пред сè, човек, жена која сепак во суштинските работи не се разликува од другите.

Нишката на слободата ги спојува сите нејзини љубови... И токму за тоа што е слобода, за тоа што би можело да ја плаши жената што ги освои највисоките врвови, за вистинските порази, чувството кога си „горе“, но и кога си на „најдолу“, за тоа каква жена таа гледа во својот одраз, а каква другите, се дел од темите на кои разговаравме, а разговорот следи во продолжение:

Како и кога воопшто почнавте да ја развивате страста кон планинарството како спорт?

- Благодарение на моите родители кои ни ја всадиле љубовта кон природата, уште од мала падините на Водно беа мојата комфор зона. Потоа следеше извидништвото каде истото се потврди и секако екстремните спортови кои доста рано станаа неразделен дел од моето постоење. (На 14 години посетував обука за падобранство, на 16 почнав да летам со параглајдер а некаде од 20-тата почнав со качување карпи и повисоки планини).

Како изгледаат подготовките за овој спорт, а воедно и за ваков подвиг каков што направивте Вие?

- Ова е комбинација од повеќе спортови и вештини. Во фаза на подготовки тренирам разни спортови за подобрување на општата физичка состојба, додека низ креативна работа и останатите предизвици со кои секојдневно се соочувам, ја тренирам и зајакнувам психата која е исто така многу важна при искачувањето на големи височини.

Планинарењето е борба со природата, борба со самиот себе или двете?

- Не би рекла дека е борба против природата, тоа би била невозможна и најмалку посакувана битка. Борба со себеси - ДА, бидејќи постојано ги тестираме и поместуваме нашите психо - физички граници, далеку надвор од комфор зоната.

Во борбата што ја водите со себе, кој е победникот? Или подобро, што е победа?

- Вистинската победа е да се вратиме дома живи и здрави. Во одредени моменти потребно е да се остане истраен, да се надминат кризите и со тоа  извојуваме победа над самите себе.

Како го доживувате стравот? Kога некој ќе се качи на највисоките врвови, какви стравови доживува “доле„?

- Стравот е секојпат мој сопатник, и „доле“ и „горе“. Убаво е да се анализира стравот и со него сојузнички да се делува. Од емотивни стравови на осаменост, страв од заљубување или впуштање во нова врска, до реално физички стравови каде сме биле во опасност од многуте ризици на кои сме изложени во планина како што се бури, лавини, опасен терен, падови и сл.

За да бидете едно со природата, треба да се воспостави смиреност и баланс со самиот себе. Но, од друга страна, планинарењето е воедно и адреналин. Приватно, што повеќе доминира, темпераментноста, тој адреналин или смиреноста?

- Веројатно некоја рамнотежа меѓу двете. Сфаќам дека моменталната состојба многу зависи и од местоположбата каде се наоѓам. На пример, езерото и рамниот хоризонт ме смирува, додека планината ме прави повеќе темпераментна.

Креатор сте на проектот „This is HЕRstory", документарен серијал за инспиративни жени кои го менуваат светот низ спортот. Со која идеја и цел го започнувате, односно реализирате проектот?

-Идејата доаѓа од соработката со мојата менторка Дона Карпентер и Бартон сноубордс, за време на глобалната спортска менторска програма во САД 2012-та година. Таа честопати велеше: „Доволно учиме историја, треба да почнеме со пишување Фем- историја, (History/ HERstory). Така во мисијата кон 7-те врвови и оваа идеја созреваше и растеше со мене за да во 2018-та година, штотуку симната од Чимборацо, највисокиот врв во Еквадор, седнати во еден парк со мојот пријател и соработник Игор, му го раскажав целиот концепт, во кој тој сосема ме поддржа. Веќе направив лого за нашата мала продукција, обезбедив скромни средства и го спроведував истражувањето за наши домашни атлети кои со своите приказни ги кршат стереотипите на балканска жена.

HER STORY TRAILER from Her Story on Vimeo.

 

По кој критериум ги биравте жените што ќе ја раскажат својата приказна?

-Изборот на атлети прикажани во првиот серијал се базира врз неколку годишни истражувања на тема жените и спортот. Ута Ибралими, е водечка балканска фигура во качувањето големи височини, со мисијата да ги искачи сите 14 осумилјадарници на Хималаите. Аргиро од Грција, е интересен спој на уметност и спорт која ги поместува границите на спортско качување во Грција. Слично и малата талентирана Алекс од Бугарија која на 14 годишна возраст точно ги знае своите животни цели и стремежи. Серијалот обработува и мој краток портрет кој разоткрива доста интимни чувства кон природата и поривот од соништата. По точно една година овој проект беше презентиран во Кино Култура пред бројна скопска публика и претставници на амбасадите и спортските институции. Денес може да се пофалиме со селекција на десетина интернационални и светски фестивали и со неколку меѓународни награди за најдобар авантуристики и планински филм. Екипата која стои зад овој краток филм и вкупно 4 портрети е: Игор Христов - режија, сценарио, Горан Кузмановски -Кузето и Рашко Раков - директори на фотографија, Дејан Смилески - монтажа и звук, Илина Арсова, креативен продуцент, идеа, сценарио, нарација, // благодарност до музика: „Фолтин“, Кин Дред и сите пријатели на „This is HERstory“.

За каква жена се сметате Вие?

- Секој си има свои бубачки. :) Мислам дека сум искрена, праведна, доста емотивна. Во љубовта комплицирана и по потреба  рационална. Во голема мера едноставна, практична, со искрени намери за заштита на природата и промовирање на еден поубав свет на родова рамноправност и вистински вредности.

Често може да се прочита дека Ве нарекуваат „хероина“. Се сметате ли за таква? Воедно, дали сте третирана на тој начин или дали би сакале да бидете?

- Во рамките на нашата земја имам направено многу работи како прва и единствена дама. Сепак свесна сум дека во светот има многу како мене и уште многу појаки од мене.  Би сакала херојството да биде пример и поттик за другите дека „секој може“! Не очекувам ниту пак имам посебен третман заради тоа, но можеби имам поголемо алиби кога барам поддршка за нови предизвици. Во 2013  бев доста актуелна како прва Македонка која се искачила на врвот на светот, Монт Еверест, медиумите ме нарекуваа хероина, но никој не се заинтересира за мојата реална состојба. По враќањето од врвот, јас бев на работ на егзистенцијата бидејќи за конкретната експедиција ја жртвував работата и продадов се' што имав. Значи нашата хероина беше духовно на врвот, но финансиски на дното и автостоп си одеше од Скопје за Охрид во потрага по нов егзистенцијален почеток.

Низ годините, како што и сама ќе речете, не секогаш сте ја имале поддршката од државата. Каква е ситуацијата сега?

- Во 2018 година со целосна поддршка од Федерацијата за планинарство и Агенцијата за млади и спорт кои го препознаа трудот и значењето на подвигот 7 врвови, конечно обезбедивме и финансиски средтсва за преостанатите два врвови. Ова беше клучен момент за мене, да останам истрајна до крајот во оваа мисија која треше цели 9 години.

Во едно интервју ќе речете, „на високите планини особено ми се допаѓа чувството на отсустгво на кислород“. Какво е тоа чувство, што е тоа што прави да Ви се допаѓа, бидејќи веројатно, повеќето би се исплашиле да го доживеат?

- Да, тоа е чувство на блага зашеметеност, истовремено изоштреност на сите рецептори и интуицијата. Токму фактот дека тоа не е природна средина за многумина, а за мене доста пријатно, ме прави да се чувствувам посебно. Како да сум била создадена за живот во тие услови. Комбинацијата со моќниот пејзаж за мене претставува средина во која се чувствувам најсреќна. 

Имало ли ситуации кога престојот на „земја“ ви изгледал поопасен и тежок, отколку оној на врв на планина?

- Да, честопати кога сум обиколена од несовесни луѓе кои ја загадуваат природата, шофери кои го загрозуваат животот на другите и други ситуации како што е и оваа во време на пандемија, престојот на земја го доживувам исклучително тежок и опасен.

Интересно е што од една страна сте сплотени со природата, со тоа веројатно и немате проблем да функционирате без технологија, но од друга страна, отворени сте кон користење на социјалните мрежи. Како ги доживувате?

- Мислам дека корисно ги користам социјалните медиуми, во наока на поттикнување позитивни промени во општеството преку лични примери, доза на критички осврт и споделување интересни новости. Некојпат преголемата себе промоција ми изгледа малку невкусно, па се повлекувам, но од друга страна го гледам големиот број на реакции кои  искрено се радуваат и ги споделуваат содржините што ги објавувам, па заклучувам дека на светот  му се потребни вакви вести.  

Кога сте биле најсреќна?

- Секогаш кога сум на планина и тоа што повисоко :)

Која е најголемата љубов во вашиот живот?

- Тоа би била љубовта кон најблиските, пријателите, планините, спортот и уметноста.

Што претставува времето за една планинарка и уметница?

- Некојпат живеам „300 на саат“, со агенди и планови по минимум година дена однапред. Но, знам и да се повлечам на места каде што се чини дека времето запрело и да живеам во тој миг со денови.

Неодамна имавте и изложба, White, вашите доживувања на планината ги пренесовте на платно. Каква слобода нуди уметноста? Колку е различна со онаа што ја нуди планината?

- Самиот чин на искачување го доживувам како дел од уметноста. Таа емоција неодамна почнав да ја претставувам преку перформанс, видео и фотографија, како за мене различен медиум на изразување. Платната доловуваат дел од пејзажното опкружување и емоции доживеани непосредно за време на искачувањето. Тоа е еден вид визуелен дневник од моите височини.

Што Ве дефинираше најмногу како човек? Воедно, колку низ годините се сменивте како личност и како тоа се рефлектираше и врз Вашето творештво?

- Творештвото би рекла ги издава дури и најскриените емоции и состојби на авторот. Така денес ако погледнам наназад одредени слики ме потсетуваат на тешка емотивна состојба која ме мачела во моментот, иако денес веќе далеку сум ја надминала и за истата не се сеќавам.  Растењето на личноста е пат исполнет со нагорнини и надолнини. Секој човек греши, но во процесот на учење убаво е кога грешките стануваат лекции за понатаму. Мислам дека севкупната активност (уметноста, планините, природата, активизмот за здрава средина...), ме дефинира мене како личност, не само планините туку и сè останато кое поврзано го работам и надградувам низ годините.

Познати се вашите заложби за зачувување на Охридското езеро. Сметате ли дека свеста на човекот, која се чини во денешно време е многу ниска, може да еволуира и ќе успееме ли да си ги спасиме и зачуваме природните богатства?

- Во дадени моменти страшно ме нервира екстремно ниската еколошка свест кај нашиот народ, која можам да кажам дека е најниска во споредба од она што сум го видела низ многу земји и на сите 7 континенти. Во одредени моменти кога емотивно сум изморена од ваквите мисли знам да размислувам и оптимистички имајќи предвид дека езерото било таму преку 2,000 000 години и ќе биде таму и после нас луѓето. Тоа само знае да се чува и тоа можам да го потврдам низ конкретни примери како што беше еден случај пред две години кога езерто толку се разбранува и ги искрши сите нелегално изградени бетонски платформи кои го го нагрдуваа.  Оваа убавина од Господ дадена е извор на здравје, среќа и љубов. Чувајте ја и таа ќе ве благослови!

Кога сте се почувствувале немоќно или разочарано?

- Во секоја ситуација на неправда. Мразам неправди без разлика дали кон мене или кон  некој друг.  Јас сум човек што долго време работи на себе, така што ги надминувам овие ситуации со концептот „Заборави и продолжи понатаму“ наместо омраза и освета што апсолутно не поддржувам.

 

Сакате ли да носите високи потпетици?

- Понекогаш навистина уживам да носам високи потпетици, и дури комотно се чувствувам во нив. Ми се допаѓа  звукот на тропкањето на потпетиците по жежок асфалт или калдрмата низ охридските сокачиња.

Кога жена ќе освои седум врвови, какви следни цели си поставува, што посакува?

- Постојано има нови врвови, дали во друг спорт,  во приватниот живот или пак освојување на врвовите длабоко во себе.

 

Објавено:
10 април 2020
Прочитано:
1.838 пати