артист

Им се погодив на „Фчерашни“

Интервју со
Павле Димковски - Паки
2 мај 2019

Ако кажеме Павле Димковски, можеби веднаш нема да се сетите на кого мислиме, но ако кажеме Паки од „Зад аголот“, односно Паки од „Фчерашни“, тогаш веќе сосема ви е јасно кој е нашиот нов соговорник.

Со Паки се дружевме неодамна, а од нашата средба се реализираше и како што ни откри, неговото прво самостојно интервју за некој медиум. Вели, Скопје си го сака и постојано е низ скопските улици, но повеќе од една деценија не седнал на кејот на Вардар. Ние му ја исполнивме желбата и таму го водевме разговорот, во кој зборувавме за она што го исполнува неговиот живот, за секојдневието, желбите, за тоа колку се смееме искрено...

Во продолжение следи разговорот:

„Зад аголот“ неодамна беа предгрупа на SMUT на концертот во МКЦ. Малку од дистанца, какви впечатоци носиш од вечерта?

- Првпат настапувавме кај некој „на гости“, на концерт. Сме имале фестивалски настапи, но не и настапи од овој тип и очекував дека публиката многу поразлично ќе нè прими. Во смисла, не очекувавме толку голем „фид бек“, но излезе дека не сме во право и дека беше „страшно добро“. Истото го кажа и Џоле од SMUT. После 20 години се собира „хард кор“ екипата што се дружеле на Плоштад, на Крукче, металци, рапери, се сплоти андерграунд сцената на едно место и беше топ.

Во денешно време да се биде „андреграунд“ некако стана „мејнстрим“...

-Мене отсекогаш ми било кул да сум андерграун, не поради фактот дека не сум сакал да бидам познат, туку поради тоа што така најдобро сум можел да ја донесам пораката што сум сакал да ја споделам. Мејнстрим или комерцијалната музика може да те ограничи. Пример, ќе стекнеш некоја публика која не смееш да ја навредиш. Публиката што вистински го почитува андерграунд звукот навистина постои, а доказ за тоа беше токму и концертот на SMUT, кој беше комплетно распродаден. Има луѓе што го сакаат тоа, но сè почесто гледаме циркузанти и „Цицибан артисти“.

„Зад аголот“ има и соработка со ЛД Пистолеро. Се работи за песна за „фиљанот“...

-Со „Пистолеро“ се знаеме преку рапот и долго време зборувавме да почнеме да работиме нешто заедно. Го подготвуваше албумот и нè повика, воопшто не размислував. Тој е влаевчанец, јас сум од Маџари, но многу време „киснам“ во Влае и Хром. Оние што ќе ја слушнат песната ќе го знаат и нашиот став по однос на легализирање на „фиљанот“. Ќе сфатат дека на народот му е преку глава од „темни туфки“, дека не е сè во темнициве тука. Јас сум за легализирање за да можеме да видиме бел ден. Сега не знам како ќе влијае тоа општествено, но јас мислам дека треба, си сакам :).

„Црнила ремикс“ минатата година го затворија МОТ, па имаше и неколку повторни изведби. Што научи од поблиската средба со театарот?

-Ме научи да играм тимски со луѓе со кои првпат се сретнувам. Ми помогна да учам за глумата. На тој проект соработував со млади актери, но и со искусни, од кои можеш навистина да учиш. Ми отвори нови погледи. Сега сакам да направам нешто уште поголемо. Од наредна година, „Црнила ремикс“ ќе влезе во учебник по музичко за деветто одделение. Децата ќе имаат можност да учат за хип-хоп и да ја анализираат претставата. Се наежив и сега додека зборувам :) Сепак, летото ќе е активно, одиме на турнеја од 5 јули. Oдиме во Белград, па Нови Сад, ќе настапиме на „Егзит“, потоа во Суботица, Ниш, Дојран, Охрид…

Имаш ли време за креативно творење? Што посебно те инспирира периодов?

-Да, но овие месеци послабо. Кога ја спремавме „Црнила“, имав период кога се посветив само на тоа и бев во грч – да не не излезе добро и сл. Тоа на некој начин малку ме угуши, сега имам „фрка“, во смисла, не можам да си најдам мир за да искреирам нешто ново. Но, ако се споредам со други артисти што ништо не прават, сепак творам, но само малку помалку од порано. На некој начин, рапот се исплати. Инаку, ме инспирираат луѓето и нивните постапки. Посебно ме фасцинира човековата глупавост, а и злото знае некогаш да ме фасцинира и од тоа да извлечам работи, кои ги препознавам кај некои луѓе, и да ги прераскажам. Тоа не значи дека луѓето околу мене се такви, можеме да зборуваме и за некоја политичка ситуација, општествени случувања...

Како изгледа еден твој обичен ден?

-Во суштина не седам дома. Периодов сум постојано со луѓе. Често одам со Дуци од “Фчерашни“ по улициве скопски, зборуваме за разни теми, се дружам, знам да отидам до театар да видам што се случува... Ниту еден ден не ми е ист, стандарден, но сакам да се дружам и ретко кога сум дома.

Ги спомена скопските улици, кој е твојот омилен дел од Скопје, за кој те врзуваат убави приказни?

-Хром. Како што реков, јас сум од Маџари, но многу „висев“ во Хром и многу влијание имала таа населба врз мене. Таму сум почнал да создавам, тие „вајбови ме возат“ и тоа навистина ми е омилен дел од градот.

А крофните од Хром?

-И нив сум ги сакал многу, ама порано беа подобри :).

Како се најде во приказната со „Фчерашни“?

-Па, платив 15.000 :). Не е тајна дека отсекогаш сакав да глумам и пред „Фчерашни“ имав некои, не би рекол обиди, но за потребите за ПР на „Зад аголот“, знаев да изглумам некој скеч за најава на настап, концерт или албум. Правевме видеа со другар ми Бранко Блажоски. Јас не ни гледав многу „Фчерашни“ пред тоа, ми беа познати, но не бев фан. Другар ми Горан ми рече дека има повик за нови членови и се пријавив. Отидов на кастинг, ко што е редот, ме „пробаа“ една епизода, изгледа им се погодив, штом уште сум таму :) Искуството со „Фчерашни“ ми го смени животот сосема. Си ја најдов професијата. Знам дека сакам да работам “забава“, ентертејмент, „Фчерашни“ ми го дадоа правецот, а колку ќе успеам ќе видиме.

А тоа што стана препознатлив, познат? Тоа некако се коси со тоа што го правиш со „Зад аголот“...

-Па не ми е ок кога поминувам низ „Боемска“ и со полна уста викаат „Еј, Фчерашни“ и компири летаат од уста :)  Но, шала на страна, ми годи. Популарноста знае да се исплати понекогаш... А контра е, се согласувам, но оваа популарност ја поткрепува екипата, сè си носи бенефит. Ако од едното ја искористам за другото, ќе се крене и другото. Така што, со сè одиме напред.

Мачно ти е да бидеш дежурен засмејувач?

-Не, бидејќи и кога не снимам и кога дремеме вака, пробувам да направам нешто смешно. Тоа сум јас, не затоа што сакам да сум главен во друштво или на маса, туку бидејќи едноставно тоа го правам цел живот -  „јадење бурек“.

Кои се најчестите предрасуди или заблуди кои луѓето ги имаат за тебе?

-Дека сум тежок човек. Мислам јас сум буквално, во килажа (се смее), но на друго се мисли. Од многу луѓе, што сега ми се блиски, сум слушнал дека мислеле дека со мене не може да се работи и комуницира, „мани го“. Но, она што можам да го кажам, а може да се надоврзе и на претходното, е дека многу ги “сакам“ моментите кога ќе ми кажат: „Еј, дај да ти кажам еден виц, да му го кажеш на Бранко, да го ставите таму во емисија“ и кога ќе ти го каже вицот, не знаеш дал да се смееш или не... Како дете многу ме тераа, ај кажи некоја смешка, дека таков малечок, дебело, ај Цацко изглуми го сега, но сега веќе не ми е интересно тоа.

Дали луѓето овде се „Фчерашни“?

-Бајати се да. Не да се фчерашни, завчерашни се. Има и тука квалитетна раја, но сепак, многу се бајати.

И хип-хопот и ангажираноста во „Фчерашни“ нудат можност за критички осврт на времето во кое живееме. Што најмногу ти пречи во денешницата?

-Глумење лудило, поточно, бегање од реалноста за да се направи некој профит, тоа многу ме нервира. Лажење ме нервира, „фејкеризам“... во глобала, сè што не е природно... тоа знае да ме напне во денешницава.

Со која цел пристапуваш кон работите што ги работиш?

-Зависи од период. Генерално, сакам да допрам до некој што не ме ни познава, а ќе се најдеме на иста фреквенција со емоциите. Мило ми е кога некој ќе ми пријде и ќе ми каже дека сум му сменил перцепција за одредени нешта. Сакам да научат нешто од тоа што го кажувам – дали од моја грешка, или нешто сосема друго, да се извлече некаква поука од тоа.

Кој ја сменил твојата перцепција, кој ти влијаел?

-Различно е времето сега од тоа кога јас почнав да снимам. Но, дефинитивно мојата екипа од „Зад аголот“, постарите членови. Тие ми даваа пример за тоа како треба да пристапиш кон правење музика, за тоа да може некој да го осети.

Кога последен пат си се насмеал од срце и за што?

-Прееска, сега. Секој ден се смеам од срце. „Влага атеист во црква и не му се верува“. Вчера „вриштев“ на вицов, сега веќе и не ми е толку интересен, бидејќи го утепав од кажување :).

Што сметаш за свој најголем успех?

-Успех ми е сè што сум постигнал до сега, горд сум. Но, ова со „Црнила ремикс“ и влегувањето во образовна програма би го издвоил сепак, бидејќи може моето дете утре да стаса да ме учи мене. Сосема нов концепт што го создававме вроди со плод. Материјално тоа не е бог знае што, но оставаш некој дел од себе позади, да можеш да научиш некое дете да го прави истото, а тоа не се споредува со ниту едни пари.

Кон што целиш во иднина?

-Сè повеќе размислувам за свое шоу. Не толку шоу, колку некој таков „ентертејнинг“ карактер да создадам, кој ќе можам да го вметнам на било кое поле. Јас и сега сум препознатлив, но сакам да создадам бренд од себе, за да можам било каде да се појавам. Во поглед на музика, таму немам некоја цел зацртана, тоа си тече. Сега спремаме и нов албум, концерти... Не кријам дека би сакал да водам убав живот...

За крај, како си помина на твоето прво самостојно интервју?

-Евентуално се осеќам :) Малку чудно, но не беше ништо страшно и топ си поминав :).

 

Објавено:
2 мај 2019
Прочитано:
1.799 пати