Интервју Бисера Чадловска- Не барам модни совети зашто знам што сакам да носам!

Интервју со •
29 јули 2013

Концертен настап

Што беше пресудно да го одберете диригентскиот пулт за свој професионален сопатник?

Тоа беше моја одлука уште при запишувањето во средното музичко училиште. Ме фасцинираше целата комплексност на диригентската професија, самото тоа што е најкомплицираното нешто во музичката уметност ме предизвика. Сакав да почувствувам како е да се има толку голем ансамбл под контрола, што е тоа што треба да го поседува еден човек за да може да ги раководи сите компоненти во исто време. Често знам да одберам комплицирани работи во животот, но мислам дека уште пред да застанам прв пат на диригентскиот пулт знаев дека ке можам да ја работам оваа работа.

Вие сте музички предводник на оркестарот во Македонската Опера и Балет. Што значи да се раководи цел уметнички ансамбл?

Јас работам со сите ансамбли во МОБ, тоа се покрај оркестарот и хорот и солистите на операта и диригирам и балети. За мене е тоа огромна одговорност која премногу сериозно ја сфаќам. Треба да сум секогаш подготвена да се соочам со сите предизвици што доаѓаат во текот на подготовките на една претстава или концерт и да знам како да ги решам. Најважно од се е да се стекне искуство за да се работи со толку голем ансамбл. Работата не е лесна воопшто, но е премногу убава.

Колку сцената, ритмиката на тактот и динамичното темпо влијаеше во обликувањето на сопствениот стилскиот израз?

Секако дека сцената има влијание врз стилскиот израз на уметникот. Таа бара одреден начин на однесување и се одразува врз карактерот и изгледот на уметникот. Иако во денешно време многумина мислат дека на сцена може да се изгледа како било и одбиваат да дозволат таа да влијае врз нивниот стил, јас воопшто не го делам тоа мислење. Едноставно мислам дека убавиот изглед и држење на сцената е почитување кон публиката и кон самата сцена.

Дали перфекцијата во професијата нужно ја практикувате и во приватниот живот?

Не, воопшто не сум перфекционист. Напротив, мислам дека недостатоците внесуваат многу шарм и карактер во животот. Нормално зборувам за симпатични недостатоци во мали и одмерени количини.

На театарските претстави воодушевувате со својот грациозен шарм од вечерни тоалети. Дали се работи за ваш креативен избор или можеби се поткрепувате со модни совети?

Се што носам на претставите е мој личен избор. Сама ги одбирам и замислувам тоалетите што ги носам, потоа тие се изработуваат по нарачка. Ретко се случува да можам да купам бидејќи има проблем со наоѓање мали броеви на такви вечерни тоалети. Не барам модни совети бидејќи знам што сакам да носам и што е најдобро да облечам за одредена претстава.

Постои одредено дизајнерско име чии креации посебно ве привлекуваат и одбележуваат како личност?

Не би се органичила на едно име. Важен ми е изгледот на одредена креација, не името. Дури воопшто не мора да се скапи креации, често се случува да носам нешто што не ме чинело повеќе од 1000 денари а изгледа прекрасно.

Дали се сметате себеси за креативен класичар или експериментирате со модата на новото време?

Ретко експериментирам, само ако нешто навистина многу ми се допадне. Не сум тип кој слепо ги следи модните трендови, не мислам дека треба да носам нешто што лошо ми стои и не знам да го носам само заради тоа што е "ин" во моментот. Најчесто купувам работи кои можат да се носат долго време и потоа со нив експериментирам за да ги прилагодам на оние сезонски трендови кои ми се допаѓаат.

Дали дозволувате игра со бои и форми во модните парчиња на вашиот гардеробер?

Да, сакам да си играм со боите и формите но сепак умерено. Ако е едното од нив пренагласено, го смирувам другото. Не сакам ништо претерано што боде очи, сакам се на мене да е складно.

Колку постојаниот динамичен репертоар на театарот ви дозволува слободно време за мали задоволства?

 Мојата работа не дозволува многу слободно време, но од време на време се случува да имам и по некоја слободна недела кога некој гостин диригент подготвува претстава во театарот. Тоа е тоа време за мали задоволства, едноставно да се посветам на домот, на семејството и на себе без да размилсувам на утрешната проба или претстава. Ако зборуваме за мое лично задоволство, тогаш би искористила барем еден ден да отидам на скијање, нешто што оваа година го пропуштив и многу ми недостасува.

Како успевате да балансирате меѓу професионалната грациозна магија на сцената и секојдневната реалност?

 Јас ја сакам мојата секојдневна реалност исто толку колку и магијата на театарот. За разлика од изгледот на сцена, преку ден тешко би ме препознале. Никогаш немам шминка, не носам високи потпетици и уживам да си ја носам мојата природно виткана бушава коса. Се облекувам многу лежерно и воопшто не се оптеретувам како изгледам. Секако дека е уживам во трансформацијата за на сцена, имам среќа да имам повод и место за кое можам да се трансформирам на тој начин, нешто што многу жени го посакуваат но едноставно немаат каде да го направат. Но сепак ја претпочитам лежерноста на секојдневието.

Имате прекрасна линија, став, држење. Како го одржувате имиџот на исклучителна стилска икона?

 Со ризик дека ќе звучи како клише, морам да ви кажам дека не се трудам премногу за тоа така да изгледа. Секако, ова не важи за моите настапи, тогаш одвојувам доволно време за сценскиот изглед. Линијата е природна, ништо друго не правам за да ја одржам, но мислам дека тука има влијание и професијата бидејќи е навистина динамична и физички напорна. Едноставно од секогаш сум изгледала вака, но ќе ви повторам дека "стилска икона" не се зборовите кои би ги употребиле кога би ме виделе надвор од сцената, никогаш не сум се доживувала така, сега прв пат некој ми го спомнал ова.

 

 

Објавено:
29 јули 2013