Интервју Благица Секулоска: Сметам дека секој е доволно гласен за да не остане без глас

Интервју со •
14 октомври 2014

Благица Секулоска е личност која постојано ги вкусува животните убавини преточени во секојдневното функционирање како стил на живеење, но и начин за издигнување од стереотипите кои се присутни во општеството. Дипломиран драматург за чие име јавноста допрва ќе слуша и инструкторка по јога, која несебично го пренесува знаењето на своите ученици. Вљубеник во убавиот збор, личност која се соочила со својот страв и чија утопија ја издигнува како вистински човек во секоја смисла на зборот.

Може ли да ни откриете дел од вашата биографија?

Родена сум 1979 година во Скопје, растена со многу љубов и топлина на мајкa, баби, тетки, стрини, комшии, братучеди, брат, татко... Качена на дрво берам цреши, играм џамија, народна, ластик, криенка, возам ролшуи и уживам – тоа е моето детство. Основно завршив во „Коле Неделковски“ средното – т.е. гимназијата „Зеф Љуш Марку“ и двете училишта ми донесоа и знаење пријатели за цел живот. Во 1998 година се запишав на Факултетот за Драмски Уметности во класата на Русомир Богдановски и Дејан Дуковски, каде и дипломирав на отсекот драматургија и филмско и ТВ сценарио. Моите студентски денови се фантастичен период од мојот живот во кој како професори имав шанса да ги имам најзначајните имиња од македонската театарска и филмска уметност, не како чалам, туку како можност да учиш од вистински мајстори на својот занает. Сум работела на повеќе театарски проекти како ментор и асистент на драматургија, како драматург се појавувам во „Homo Erectus"  во режија на Сашо Миленковски, а во продукција на Драмски театар, „Дракула " во режија на Срѓан Јаниќиевиќ и продукција  на МНТ, ,,Маркс во Сохо“ – режија Александра Кардалевска, независна продукција. Автор сум на детскиот  драмски текст Љубов или пријателство" кој е изведен во продукција на Детскиот Театарски Центар. Коавтор на „Провокација" кој е изведен во независна продукција. Во 2011-та на отворениот конкурс  за драмски текст во Македонскиот Народен Театар добивам награда за мојот драмскиот текст ,,Безљубни״ кој заедно со другите два наградени текста беше испечатен на македонски и англиски јазик. Поставувањето на мојата драма ,,Безљубни,“ ја чека својата премиера оваа сезона во продукција на Драмски Театар од Скопје, за што сум неизмерно среќна. Инаку во 2011 година, решив да заминам за Индија каде завршив школа за јога – така што покрај писател себе си се сметам и за јогин. Сакам да пишувам и поезија и раскази, сакам да одам боса, сакам сонце, сакам музика, сакам едноставност и лесност, го сакам животот, луѓето, книгите, растенијата и животните, а најмногу од се ја сакам љубовта.

Како дипломиран драматург, колку Македонија нуди можност за созревање на професионален план?

Можеби не е толку до можноста колку до континуитетот, овде шансите се инцидентни за жал. Овде секој знае се сам. Наместо театарот да биде совршен механизам од незаменливи делови, овде секој е заменлив и секој е најбитен. Така не се гради тим, така нема место за нови видици, така трудот нема вредност, така не смее и не треба. Овој тип уметност е практична и тимска, а тоа значи максимално ангажирање на сиот потенцијал како би можеле да се развиваме и да се усовршуваме, а секое делче да стане подеднакво важно и незаменливо. И ова треба да важи за секој област и секој аспект од нашето живеење, зошто кога секој би имал шанса да го прави она што најдобро го знае, би добиле сите - и тетарот сит и драматурзите на број.

Која ви е водечка инспирација при пишување на драмите?

Поривот не прашува за смисол – ќе рече Конески, а јас ќе го цитирам. Нема правила. Има само неизмерна потреба да се олесни душата, да се каже гласно, да се изговори, наместо да се молчи, да се сподели, да ги пуштиш зборовите да ја пополнат белината – тоа е повик на кој не можеш да не одговориш. Понекогаш е тоа копнеж, некогаш страв, некогаш нежност, некогаш среќа, некогаш монотонија – се додека дишам во секоја воздишка ќе слушам нова приказна.

Ја освоивте третата награда на конкурсот ,,Коле Чашуле,, во Македонскиот Народен Театар за драмата „Безљубни“ која беше промовирана во рамките на фестивалот „Војдан Чернодрински“. Колку наградата ви е стимул за понатамошно творење на овој план?

Наградата ми е потврда  дека не само јас, туку и  други (релевантно жири) согледало вредност во истата, што секако е сатисфакција за секој автор/уметник, но и без неа задоволството на самото творење е она што мене ме тера да создавам. А шлагот се знае- секогаш е посладок кога на врвот има и јаготка.

Покрај драмите, напишавте и неколку колумни во еден наш весник? Што ве натера на тоа?

Јас сметам дека секој  е доволно гласен, за да не остане без глас. Не може да чекаме работите да се променат сами од себе, не може да чекаме некој друг наместо нас да го заврши тоа, не може прогласувајќи се за мали и немоќни да се амнестираме од одговорност – јас едноставно не верувам во таа филозофија, туку сосем спротивното – јас знам дека  некогаш и само една капка е сосем доволна за да претече браната.

Покрај професионалните преференции, вие сте и инструкторка по јога. Како дојдовте до идеја за учење на оваа дисциплина?

Кога патот ќе ти го пресретне нешто што од тебе ќе извлече на површина милион аспекти кои не си ни знаел дека ги имаш, кога ќе те научи дека можеш и повеќе и подобро, тогаш знаеш дека треба да застанеш, да му подариш внимание, за да може подобро да се запознаете. И затоа и заминав во Индија, каде е срцето на јогата, за да го осетам и пулсот и да пијам на изворот. И кога таа љубов ја делам, таа само се умножува.

Колку јогата придонесе за духовно издигнување и себеспознавање?

Желбата секој ден сама од себе да бидам изненадена не престанува, јогата во таа игра ми е најверна другарка .

Некако во последно време се добива впечаток дека голем дел особено од помладата генерација практикува часови по јога и медитација. Дали тоа значи дека младите полека се будат од долгиот сон или е само уште еден тренд кој би сакале да го искусат?

Помладата генерација  денес ја има можноста да се информира многу полесно, таа повеќе не меша  секта и јога  и за разлика од постарата, секојдневно чита за бенефитите од истата, многу точно знае дека станува збор за дисциплина стара 4000 години, што е доволен мотив да се разбуди љубопитноста и желбата  да се практикува истата. Помладата, но и постарата генерација не ни беше заспана, само беше отсечена, а сега кога ја има можноста, ќеиф ми е, дека се повеќе   се практикува. И ич не му ја мислам за трендови, па тие не ни биле измислени, а јога и тогаш имало.

Што беше пресвртница во вашиот живот?

Храброста да се соочам со стравот . Се предадов и  престанав да му се плашам.

Која ви е водечка инспирација за секојдневно функционирање?

Сакам да сакам.

Дали се сметате себе си за хедонист и ако е да зошто е тоа така?

Сакам убави куќи, сакам богата трпеза, сакам пријатели и дружба, сакам  добра книга, сакам да сонувам, сакам да патувам... Многу сакам, ама не само за себе, за сите подеднакво да тече и мед и млеко, да има сосем доволно за никому да не недостига – тоа е мојата утопија – само тогаш хедонизмот би бил она што вистински треба да го означува.

Кое патување надвор од нашата земја придонело да се промени вашето размислување во позитивна насока?

Секое оддалечување е можност сликата да се погледне од друга перспектива, да се научи нешто ново, да се пробаат нови вкусови, да се мириснат нови мириси, да се искуси делче од оваа преубава планета која изобилува со толку многу шаренилост која со секое патување душата ја збогатува и облагородува.

Дали ја сметате модата како начин за изразување на креативноста, тргање од анонимноста или пак униформираност која се наметнува од моќници?

Бојата, текстурата, начинот на шиење, кројот, од замисла во глава до изреализирано парче облека – креацијата, тоа е она што ме воодушевува. Создавањето на убавина која плени исто како добар филм или музика, таа вредност е трајна, но претенциозноста да биде тоа достапно само на мал круг луѓе, и да е преценета во секој смисол,  е тоа е она што не ми се допаѓа и  што и ја нагрдува убавината.

Како би го опишале сопствениот стил?

Стил – комотен во сопствената кожа.

Кои ви се омилени автори на книги и која порака би сакале да ја пренесете на нашите читатели?

Елфриеде Јелинек, Достоевски, Хармс, Сара Кејн, Халед Хосеини, Маркес, Виктор Пелевин, Умберто Еко, Орвел, Ерланд Лу и многу други...

Пораката... Вчера помина, утре можеби ќе дојде, сега и овде со цело срце и душа – само тоа се важи.

Фотографиите се дело на Ивана Батев

Објавено:
14 октомври 2014