Интервју Delia Chiocca – Италијанскиот шмек на рачно изработениот накит на брендот „Delià“

Интервју со •
14 јануари 2014

Италија на модната карта е обележана како една од најатрактивните земји која ги диктира модните правила на глобално ниво. Богата улична мода, вродено чувство за стил, големи модни брендови, но и млади талентирани креативци кои ја градат понатамошната визија на модната индустрија. Една од плеадата млади талентирани дизајнери е Delia Chiоcca,  која неколку години е посветена на рачната изработка на уникатен накит. Fashionel имаше екслузивна можност да направи интервју со оваа исклучителна креативка од Неапол, која како хоби ја започнала изработката на аксесоари, но страста за кратко време преминала во професионална преокупација.

 

„Целата приказна започна без претходен план и пресметки, едноставно поради тој мој креативен набој за изработка на модни додатоци. Најпрвин почнав да правам обетки за себе и тоа ми беше пред се забавно. Но, мојата изработка  очигледно беше приметлива за моите пријатели и локалните продавници кои работат во оваа бранша и почнаа да бараат да им изработувам по нарачка. Така работите почнаа да добиваат една поинаква, посериозна насока. Мојата страст, премина во секојдневие и професија, па во 2012 година ја лансирав мојата брендирана етикета „Delià“, и паралелно со тоа ја проширив работата на изработка на чанти, нараквици и гердани, покрај обетките“, раскажува за своите почетоци Delia.

 

Го креирам само она што јас би го носела

Многу брзо нејзиниот бренд станува звучно име, не само во Италија туку и во околните земји. Позитивната реакција на клиентите, Delia ја препишува на тоа што создава само онакви аксесоари какви што лично самата би носела.

„Сметам дека луѓето ја почитуваат мојата искреност во она што јас го креирам. Во принцип, мојот израз не се смени воопшто, го дизајнирам истото со кое почнав – она што јас лично би го носела. Како пример би посочила дека внимавам покрај на дизајнот и на практичноста на накитот. Затоа обетките се секогаш лесни, односно не се со таква тежина која би била непрактична за секојдневието. Не сакам тешки обетки или пак чанти, бидејќи според мене тие немаат суштинска примена. Исто така, бидејќи лично јас сум малку несмасна личност, во секоја чанта со мојот потпис задолжително има мал џеб наменет за чување на клучеви“,  открива младата дизајнерка.

Во изработката на аксесоарите таа користи високо квалитетни материјали произведени во Италија и никогаш не оди подолу од нејзините високи стандарди, што уште еднаш го зголемува кругот и лојалноста на нејзините клиенти.

„Посветувам огромно внимание на ситните детали бидеќи токму тие мали моменти ме издвојуваат од другите и оставаат мој авторски печат. Понекогаш користам необични материјали како на пример свила, пластика и глина, некарактеристични за одредена изработка и тоа ме прави уникатна“, објаснува Delia  и додава дека секогаш сака нејзините видици и размислувања да бидат надвор од границите.

Следејќи ги актуелните трендови, во својата нова пролетна колекција на чанти,  Delia користи транспарентни материјали.

 

Како техники во изработката на накитот и чантите, дизајнерката го користи и својот талент за платење и шиење, па не ретко тоа ја издвојува од конкуренцијата.

 

Таргетот бара уникатност

„Мојата клиентела ја сочинуваат девојќи и жени кои се зависни од мода, но кои бараат уникатност и издвојување од толпата. Моите аксесоари се целосно рачно изработени и ниту едно парче не наликува на било кое друго, а во денешно време кога се е сведено на сериско производство, уникатното се почитува и се вреднува“, изјави за Fashionel Delia, чии дизајни често може да ги видиме низ светските модни блогови, но и модни магазини како Cosmopolitan или Donne de mia.

„Ме радуваат позитивните реакции на купувачите, но и на медиумите и блогерите и тоа дополнително ја стимулира мојата креативност. Откако го формирав мојот бренд во 2012 година, чувствувам движење само во нагорна линија и се надевам така и ќе продолжи штотуку стартуваната 2014“, завршува дизајнерката.

Погледнете ги нејзините уникатни дизајни на www. deliagioie.it или посетете ја нејзината страница на фејсбук www.facebook.com/deliagioie.

 

 

 

Објавено:
14 јануари 2014