Интервју Дунавка Трифуновска: Секогаш работам со луѓе што се подобри од мене

Интервју со •
23 април 2014

Таа е комплетна индивудуалка што секоја своја активност како приватна така и професионална, сака да ја изведе на уникатен начин преку кој ќе се разликува од сите останати. Темпераментната и харизматична манекенка Дунавка Труфуновска чија примарна професија е фармацијата, многумина ја познаваат и поврзуваат со бројни модни ангажмани како во Македонија така и надвор. Водена по желбата да се биде амбициозен и професионален кон своите аспирации, таа успеа да основа своја модна агенција насловена по иницијали од своето име и името на нејзиниот брат близнак („D+D Fashion Woman“), Дунавка се закити со низа модни признанија, беше меѓу првите професионални манекенки што зачекорија на домашната модна недела, а и сега често ја гледаме на скопските и белградските модни  писти во креации што најчесто се „шлагот“  на колекциите. Секогаш отворена за нови предизвици, Трифуновска наскоро најавува Тв проект во кој има улога на автор и водител на емисија која третира тематика поврзана со убавината, здравјето, фармацијата и модата. Освен што ни ги откри сите нејзини ставови и планови поврзани со професијата и страстите кон модата, таа специјално ги отвори вратите од нејзиниот гардеробер, кој едноставно беше ризница на брендирана облека и аксесоари, но и бројни креации со потпис на познати македонски модни дизајнери.

Долг период си на релација Скопје – Белград, сега живееш во Скопје,  каде повеќе се гледаш и пронаоѓаш од овие два града?

Кога би одговорила љубовно, тогаш би звучело едноставно вака - Јас сум заљубена во Белград, во Скопје сум родена, во неговата срж, мојата зграда лежи на кејот на Вардар, прозорот од мојата соба го прегрнува Вардар. Но тогаш бев дете и како дете размислував. Само што се запишав на факултет се случи војната и веќе ништо не беше исто.  Во Скопје имам голем капитал од моите родители, моите две фирми кои што вршат и хумана и спонзорска дејност додека целиот креативен потенцијал и идеја ми се во Белград и луѓето со кои што работам се вистински професионалци во модата.

Покрај фармацијата, модата и моделството се твоја пасија, те знаеме и паметиме како манекенка од српските и скопските модни писти, какви се твоите досегашни искуства и како би ги компарирала од професионална гледна точка?

Македонија полека го враќа својот живот, Скопје имаше една од најдобрите модни недели на Балканот ,на Скопскиот Саем,  каде што јас се родив како манекенка. Јас сум првата генерација на „Elitte Model Look“  во Македонија и на своите четиринаесет години добив светски признаена диплома од Марко Николич, тоа беше Скопје 95. И тогаш такви професионалци доаѓаа тука. Првата ревија ми беше за госпоѓата Лиле Корубин, а кога ме видоа веднаш ме побараа за ревијата на Илија Костадинов кој што таа година гостуваше во Скопје. И така почна сè.

Колку во Македонија во моментов имаме солидна модна сцена и колку располагаме со квалитетни дизајнери и модели?

Македонија има невиден креативен потенцијал на кој му недостасува добар PR сите овие петнаесет години. Сите дизајнери што работат надвор сами го истрасираа својот пат со исклучок на неколкумина. Добро е што македонските дизајнери увидоа дека сами треба да инвестираат во својот креативен пат и тие што први тоа го согледаа стигнаа најдалеку. Така и треба да остане. На македонската модна сцена владеат жените за разлика од другите балкански модни сцени каде што владеат мажите. Машкиот креативен дизајнерски израз недостасува во мозаикот и тоа не може ништо да го надополни. Младите генерации се супериорни во идеите и поставките. Следниот  чекор е да најдат луѓе кои што ќе инвестираат во тие идеи.

 

На последниот моден викенд во Скопје, а и на неколку претходни изданија настапивте на ревиите на модната куќа Елена Лука, а потоа и кај дизајнерот Никола Петровски, зошто токму на тие?

Со Елена Лука имам соработувано на две модни недели во Скопје и среќна сум што Македонија ја доби својата најдобра модна куќа. Ревијата на Елена Лука  што и се случи на домашната модна сцена оваа сезона,  не може да го повтори никој во нареден долг период.  Се случи најдобриот моден проект на Балканот, јас Елена ја молам да излезе надвор подолго време, сакам кога шетам на Кнез Михајлова да ја видам Елена Лука до Мона, сакам кога седам во Виена на плоштад да видам продажно место на Елена Лука до Шанел.

Дунавка се појави во раскошен црвен фустан од најновата колекција на Елена Лука „Златни узди“ Дунавка се појави во раскошен црвен фустан од најновата колекција на Елена Лука „Златни узди“

Со Никола Петровски сум соработувала на две изданија на Битолската модна недела и на две скопски изданија. Ние се разбираме без зборови, не се појавувам ниту на генерална проба ниту на фитинг, ние имаме бескрајна доверба еден во друг. Еднаш, на мојот Фејсбук профил напишав – некои релации се безвременски, имаат неограничен рок на траење поради тоа што немаат интерес – поради тоа со него соработувам и на Љубљанската модна недела.

Добив покана од македонскиот моден викенд да соработувам и како модел и како менаџер, но јас решив да инвестирам само во сопствени проекти и да настапувам за луѓе што ги чувствувам како свои тука во Македонија.  Јас имам едно правило во мојот живот, дека секогаш работам со луѓе кои што се подобри од мене.

 

Најавувате Тв проект од кој се потпишуваш како автор и водител на емисија која фокусира на темите за здравиот живот. Може да ни откриете повеќе детали за овој нов ангажман?

Проектот зборува за мене и за мојот живот, сето она што јас го живеам ќе биде прикажано како и професионалците со кои соработувам и кои досега ги немате видено во прво лице во македонскиот етер. На проектот работам три години и сето она на кое сум  посветена  меѓу две модни сезони.

Колку телевизијата е медиумски простор во кој можеш лесно да се прилагодиш?

Ја обожувам телевизијата поради нејзината моќ. Решив дека најубавите години ќе ги поминам на телевизија.

Како би го дефинирала сопствениот стил на облекување?

Сакам авангарден, елегантен и секси стил што овде е ненослив.

На што трошиш најмногу пари кога станува збор за облека?

На чевли и модни додатоци.

Кој е твојот омилен светски бренд и дизајнер кому  се восхитуваш?

Ги сакам италијанците и точка.

Што се има во плакарот на Дунавка, кои се твоите омилени парчиња од кои не се откажуваш?

Модни парчиња кои не се облечени ниту еднаш и кои го чекаат својот момент да оживеат и креации од македонски модни дизјанери Елена Лука, Секирарски, Радончиќ, Толески, Костадинов, Петровски, Кадриу, модните парчиња на Мона, а најново и најомилено ми се костимите за капење на Wolfort и чевлите на United Nude.

Бидејќи си специјализиран експерт по козметологија колку си селективна при изборот на козметиката и кои се твоите секојдневни ритуали?

Магистер сум по фармација и специјалист по козметологија, а моите ритуали ќе ги гледате во мојата емисија. Нека остане тајна.

Што би ги посоветувала девојките и жените во однос на козметичките правила и грешки од секојдневието?

Да не бегаат од природното и да бидат токму такви, природни, бидејќи ние и припаѓаме целосно нејзе.

Објавено:
23 април 2014