Интервју – Егзотичната Рене донесе нова енергија на македонската модна писта

Интервју со •
10 јануари 2015

Со скромни, но сигурни чекори Рене Рајт за кратко време ги освои симпатиите на модната публика и доби голем број ангажмани од модните куќи во Македонија. Таа е пример за девојка која мотивирана од љубовта, ја напушта родната Јамајка, за да се пресели во кај нас и да започне сосема ново подглавје во својот живот. За прв пат на модна писта зачекори за ревијата на Елена Лука за колекцијата „Golden Reins“, ја обожава македонската кујна, сака да експериментира во однос на изгледот, има прекрасна насмевка и најважно и пресудно за градењето на манекенска кариера, има феноменална телесна конституција благодарение на која изгради статус за еден од најангажираните модели во Македонија.

Одблиску се запознаваме со една од најегзотичните манекенки во Македонија.

Колку манекенството го промени Вашиот живот?

Па, не многу. Освен фактот што сега морам малку подобро да си го организирам времето, останатото е сѐ исто. Сѐ уште сум фокусирана на студиите и на тоа да станам инженер. Можеби сега повеќе луѓе ме препознаваат за разлика од порано, но ништо друго се нема променето.

 

Пред колку време почнавте професионално да се занимавате со манекенство?

Започнав пред девет месеци, во април минатата година, непосредно пред Модниот викенд во Скопје, благодарение на Анита Гај од Лотус Дизајн. Таа ме запозна со менаџерката на модната агенција „Подиум“, и воедно главен организатор на FWSK, Светлана Богова-Јовановска. Таа го препозна мојот талент и ми даде шанса да започнам да се занимавам со манекенство. Ирина Илиевска, одговорна за кастингот на Модниот викенд, доста работеше со мене на моето држење како манекенка, бидејќи претходно немав  никакво искуство.

 

Какво беше чувството за прв пат да се зачекори на модна писта?

Мојата прва модна ревија беше онаа на Елена Лука за колекцијата Golden Reins. Имавме проби во текот на целиот ден, а јас, за чудо, бев целосно смирена и опуштена. Отсекогаш сум била срамежлива, па мислев дека ќе имам многу трема дури и на пробата. Кога дојде моментот ревијата да започне и кога се кренаа завесите, можев да почувствувам дека сите очи се вперени во мене. Дури тогаш малку се стресов, но по 5-6 чекори сфатив дека е прилично забавно. На таа ревија се појавив три пати, во три различни комбинации, а по првото појавување, секое следно се чувствував поопуштено на пистата.

 

Дали Вашиот партнер Ве подржува во градењето на кариера?

Повеќе од кој било друг. Баш е прекрасен. Ме носи на сите кастинзи, проби и настапи и никогаш не се жали. Се шегуваме дека треба да зема процент од мојата заработка, затоа што секогаш одговара на повиците (бидејќи јас не зборувам течно македонски), па делува како да ми е менаџер. Не можев да побарам подобра личност покрај мене.

 

Што се промени во Вашиот живот по доаѓањето во Македонија?

Морав да се прилагодам на тоа дека не можам да сум со моето семејство секогаш штом ќе посакам. Исто така, многу ми е чудно тоа што луѓето постојано ме гледаат на улица. Во Јамајка или САД јас сум само обична девојка која си оди по улица, но не и овде. Сум имала разни случки. Еднаш, едно мало девојче кое поминуваше покрај мене почна да ми праќа бакнежи во воздух без престан. Преслатка беше. Потоа, имаше случај кога еден дечко за малку ќе паднеше од мотор, затоа што се изврте да ме види. Интересно е, иако не секогаш пријатно, но забавно е.

 

Колку е едукацијата важна во градењето манекенска кариера?

Многу е важна, како и за сѐ друго во животот што треба едуцирање и пракса. Вака делува лесно, но има многу работи што треба да се научат, ситници кои никогаш инаку не би ги забележале. На пример, јас мислев дека имам супер држење, додека Ирина на првите часови не ми посочи дека треба да поработиме на тоа.

 

Според Вас,по што е препознатлив македонскиот дизајн?

Многу ми се допаѓа тоа што има навистина носливи парчиња кои одговараат на жени од различна возраст, величина и вкус. Токму такви парчиња носев на секоја од ревиите минатата година.

 

Дали повеќе сакате да снимате фотосесии или да настапувате на модна ревија?

Моментално претпочитам модни ревии. Се чувствувам поудобно кога чекорам по писта и ја сакам возбудата и енергијата што ревиите ја носат. Никогаш не сум сакала да се сликам и сѐ уште треба многу да учам за фацијалната експресија за време на фотосесиите и за тоа од кој агол изгледам најубаво.

 

Како би го дефинирале сопствениот стил?

Мојот стил... Па, не би го сместила во една категорија. Порано можеби да, но сега сакам да експериментирам. Зависи од моменталното расположение. Но, што и да носам, тоа мора да биде нешто удобно. Никогаш не би се откажала од удобноста на сметка на стилот.

 

Омилени парчиња од Вашиот гардеробер?

Сите парчиња со висок струк, оние со искинати делови и макси здолништата и фустаните. Станувам сѐ поопседната со здолништа, со секаква должина.

 

Најскапо парче кое го поседувате?

Не практикувам да купувам скапи парчиња. Го купувам она што мене лично ми се допаѓа. Најскапото парче облека во мојот плакар чини околу 150 долари.

 

Како ја одржувате телесната форма?

Немам навика да вежбам и јадам што сакам. Пијам премногу вода – веројатно тоа е мојата најздрава навика.

 

Дали Ви се допаѓа македонската кујна?

Ја обожавам македонската храна. Откако дојдов овде, сирењето е нешто што никогаш не ни трае долго во фрижидер. Имаше еден период кога нон-стоп јадев сирење, дење и ноќе. Зависна бев. Пред скоро време открив нешто ново – селско месо. И тоа премногу ми се допаѓа.

 

Дали често патувате на релација Јамајка - Македонија?

Нажалост, не сум се вратила во Јамајка откако сум дојдена овде, но се надевам дека наскоро тоа ќе се смени. Многу ми недостасува домот.

 

Ви недостасуваат ли песочните плажи и топлата клима во однос на студот во Скопје?

Овде сакав да почнам да носам капут уште во септември. Многу ми беше ладно! Децата на соседите ми се смеат затоа што носам илјада слоеви облека. Беа многу изненадени кога им кажав дека во Јамајка нема зима. Има една поговорка која вели „не ти недостасува водата сѐ додека бунарот не пресуши“. Кога живеев во Јамајка не одев на плажа, но затоа сега само на тоа мислам.

 

Приватно, како сакате да го поминувате слободното време?

Речиси и да немам слободно време периодов. Но, кога имам, најчесто готвам дома, го уредувам дворот (обожавам цвеќиња) или поминувам време со Виктор и нашите две кучиња. Често одиме во парк или едноставно гледаме филмови по цел ден. Се трудам и редовно да разговарам со мајка ми во Јамајка преку „Скајп“.

 

Најзначајните нешта што ја одбележаа 2014 година?

Тоа дефинитивно би бил мојот почеток на ова ново патување. Манекенството отвори ново поглавје во мојот живот и ми помогна да надминам неколку стравови, како на пример тоа дека не сакав да добивам премногу внимание. Многу сум возбудена да видам во која насока ќе се движам.

 

Што според Вас е in и out оваа сезона во однос на трендовите?

Не сум експерт за мода, но мислам дека смелите бои и принтови се во тренд оваа сезона. Речиси сите колекции што ги носев имаа разновидни и интересни принтови: природа, животински принтови и урбани пејсажи, меѓу другото. Некои од парчињата што ги носев буквално беа уметнички дела. Исто така, би сакала да додадам дека бев импресионирана од тоа колку многу парчиња за мажи имаше минатата сезона. Не знаев дека имало толку дизајнери што креираат машка облека.

 

Вашата празнична порака до нашите читатели...

Нека овие празници бидат причина да ја паметите оваа година. Забавувајте се и грижете се за вас и вашето здравје. Ви посакувам сѐ најубаво во оваа година!

 

Објавено:
10 јануари 2015