Интервју Елена Лука: Смејте се во Новата година – тоа е секогаш ИН!

Интервју со •
30 декември 2014

Еден од најплодните модни брендови на домашната сцена годината што изминува беше модната куќа Елена Лука. Одличната фотосесија која овој бренд неодамна ја направи со Тијана Дапчевиќ, вонсериската костимографија за театарската претстава „Лисистрата“, двете ревијални годишни колекции, како и актуелната Бизнис колекција, признанието за Супербренд... се повеќе од доволна причина да поразговараме со генералниот менаџер на брендот, Елена Пандева која низ овој разговор ни открива како таа професионално ја доживеа 2014 година.

По што беше поразлична 2014 година за Елена Лука?

-Природно е секоја наредна година да растеме како бренд. Прогресот се должи на новите искуства и перманентните професионални надоградувања, а сето тоа со себе си донесе и нови предизвици во годината која ја оставаме зад нас. 2014 година порасна семејството на Елена Лука, но пораснаа и обврските. Продуциравме повеќе колекции кои донесоа една свежа енергија во креативниот израз на брендот, пролетната Golden Reins, зимската ELigion, а во меѓувреме на мое големо задоволство  ги создадовме и Summer colors и актуелната Бизнис колекција. Последниве месец дена исто така работевме на еден многу значаен проект, што реално беше предизвик бидејќи се работи за тетарска костимографија за претставата „Лисистрата“ на Театар Комедија. Тука имавме можност да го „истуриме“ целиот акумулиран уметнички порив бидејќи и самата сцена како простор го овозможува тоа. Еден прилично обемен ангажман оставаме зад нас, што секако во иднина не задолжува уште повеќе.

Влеговте во престижното друштво на Супербрендови. Ви значат ли признанијата?

-Искрено ми е многу драго, што според интернационалната организација која ги доделува признанијата за Супербрендс сме ги задоволиле највисоките критериуми и сме ја заслужиле привилегијата пред името на Елена Лука да стои предзнак-Супербренд. Можеби освен што е дополнителна мотивација, истовремено е и дополнителен предизвик не само да го одржуваме нивото кое сме го постигнале, туку постојано да се надоградуваме и усовршуваме, зашто сепак да си Супербренд не е само убав епитет, туку и голема одговорност. Секој задоволен клиент е признание за нашиот успех и секоја насмевка на луѓето со кои работиме, независно дали се наши клиенти или соработници, е главен мотиватор и стимуланс на нашиот прогрес. Меѓутоа, секако и формалните признанија се значаен показател до каде сме стигнале или со други зборови репер за нашата професионална динамика.

Годинава со ELigion покажавте една поинаква димензија на модниот израз на Елена Лука. Во кој правец ќе се дефинира вашата уметничка експресија во иднина?

-Секогаш мотивот во создавањето на колекциите го наоѓам во жените, во нивната елеганција, префинетост, интелегенција, моќ, визионерство... И тоа е таа нишка што го поврзува целокупниот ангажман на Елена Лука. ELigion создаде една нова димензија во однос на тоа како Елена Лука ја визуелизира жената и на мое големо задоволство се покажа како навистина успешна колекција. Би кажала дека во секоја креација поединечно се чувствува моќен дизајнерски приказ, благодарение покрај другото и на материјалите што ги користевме како еко кожа, еко крзно и свила концепирани во автентични конструкции истовремено и аванардни и носливи. Секоја колекција на Елена Лука носи некој специфичен дизајнерски момент по кој останува запаметена. Овој пат тоа беше тој „глам рок“ стил преку една влијателна женска приказна. Такви ќе бидат и идните приказни кои ќе ги раскажува брендот: оригинални, посебни, препознатливи и секогаш посветени на жените.

Во моментов сте актуелни со Бизнис колекцијата, а во летниот период продуциравте уште една комерцијална колекција Summer colors. Ќе стане ли за Вас пракса производство на облека во повеќе конфекциски броеви?

-Бизнис колекцијата е еден логичен чекор во континуираната работа на Елена Лука. Покрај двете ревијални колекции кои ги креираме секоја година, во тој меѓупериод продуцираме или капсулни колекции кои обработуваат некоја конкретна тема , а во случајот на Бизнис колекцијата, за прв пат создадовме колекција достапна во повеќе конфекциски броеви. Оваа деловна линија содржи богат избор на различни парчиња облека кои можат да го комплетираат целосно стајлингот на една деловна дама. Навистина еден фантастичен избор на капути со различни должини и убава палета на бои, панталони и здолништа изработени од брокат, туники и сакоа, кошули со интересни механизми на закопчување... На овој начин мислам дека најдовме едно убаво решение на прашањето кое жените од  деловниот свет секојдневно си го поставуваат: Што да облечам денеска, да не биде монотоно, а сепак да го почитувана дрес кодот? Бизнис колекцијата е една одлична варијанта и решение на овие дилеми, што секако отвора простор и понатака да размислуваме за таков тип на дизајнерски линии.

За Елена Лука стана традиција секоја колекција да се заокружи со уникатни чанти и чевли кои го носат Вашиот дизајнерски потпис. Како Вашите клиенти реагираат на тоа?

-Мислам дека секој сериозен пристап во креирањето на едно авторско дело треба да биде автентично во секој поглед. Токму затоа една дизајнерска приказна е целосна и може да се заокружи како таква, кога секој детаљ е со потпис на дизајнерот или модната куќа. Токму затоа, почнавме со Golden Reins, а продолживме и со ELigion како колекции во кои целата дизајнерска идеја е финиширана со уникатни дизајнерски модни додатоци. Се работи за чанти во различни форми и со повеќе намени, како и чевли и чизми кои го носат автентичниот потпис на Елена Лука. Публиката која знае да препознае квалитет и искрена посветеност на креативецот, безусловно го почитува овој потег. Нашите пријатели и клиенти ни го докажуваат тоа.

Неодамна имавте соработка со Нина Бадриќ, а деновиве јавноста можеше да ја види ексклузивната  фотосесија со Тијана и Елена Лука во Белград, во меѓувреме подготвувате проект и со помладата сестра Тодевска, Тамара. Го најдовте ли вашето место на Балканската дизајнерска платформа?

-Уште со самите почетоци во периодот кога се позициониравме на пазарот, Елена Лука излезе надвор од границите на Македонија благодарение на соработката со пријателите на брендот кои на некој начин се и наши амбасадори на Балканот, па и пошироко во Европа. Секогаш тоа се многу пријатни и ликови, но пред се професионалци во својот домен,  па токму поради тоа и публиката ги сака и почитува. Морам да ја нагласам и мојата лична сатисфакција од неодамнешната соработка со две исклучително талентирани жени, со сериозно изграден и препознатлив стил, Нина Бадриќ и Тијана Дапчевиќ.  Нивниот сензибилитет и стилска естетика се блиски до она што Елена Лука како бренд го дефинира во својот дизајнерски израз, па затоа беше многу едноставно да се најдеме на еднаква бранова должина.

 

Како се најде Игор Џамбазов во приказната на Елена Лука и тешко ли беше да се облече „голиот човек“?

-Многу го почитувам Игор Џамбазов. Сметам дека неговите дела се фасцинантни, ретко кој би се разголил толку за својот живот, би ги распослал сите искуства на отворени страници…, „Облечен човек“ сметав дека е добра прилика да го направиме ова другарување во салонот на Елена Лука во Сити Мол, особено инспирирајќи се од насловот. Исто така, се инспириравме и од реалниот живот, од тоа дека Елена Лука секогаш цели да се доближи кон својата публика,  како што тоа го прави и Џамбазов со своите дела… Разговаравме на теми поврзани со неговата работа и работата на Елена Лука . И заклучивме дека е убаво да направиме заедничка соработка. Елена Лука како бренд од неодамна стои зад него и се грижи за неговиот изглед. Веќе имаме договорена соработка, а се надеваме дека во иднина нè очекуваат уште поголеми проекти, и со модата и со неговата работа.

Најавувате  отворање продажен салон и во Вашиот роден град Струмица. Подготвени ли сте да се соочите со најкритичната, домашната публика?

-Се согласувам дека токму  домашната критика е најстрога, но истовермено и најискрено и најмногу може да ве награди токму домашната публика, доколку и ги задоволите апетитите.  Јас не можам да предвидувам, но ветувам дека достојно ќе се „вратиме дома“. Елена Лука ќе има едно посебно, свое место во срцето на мојот роден град Струмица и конечно на овој начин ќе имаме можност да бидеме поблиску до моите струмичани.

Модерни и хумани е вашиот водечки мотив од самите почетоци. Ја чувствувате ли среќата на луѓето на кои сте им помогнале?

-Да се биде хуман е една од најголемите човечки доблести. Јас верувам во добрината на луѓето и цврсто стојам зад водечкото мото на Елена Лука, „Модерни и хумани“. Убаво би било во текот на сите 365 дена во годината да се чувствува таа емпатија во луѓето како што се чувствува сега за време на празниците. Нема поубаво чувство и посуштинска духовна исполнетост кога знаете дека сте предизвикале нечија насмевка.

Која е на врвот од списокот со Вашите новогодишни желби?

-Да се потрудиме да најдеме среќа и задоволство и во најобичните нешта, секој ден ни носи нешто убаво ако сакаме да го препознаеме тоа. Јас сум свесна дека времето во кое живееме е сурово и честопати немилосрдно, но на крајот од денот најважно е да останеме луѓе. Да го задржиме сочувството за другиот и да дозволиме таа позитивна енергија да циркулира помеѓу сите нас. Колку и да звучи клише, знам дека секое добро се враќа со добро и тоа е таа едноставна формула да бидеме спокојни и исполнети со самите себе. На читателите на Fashionel, а воедно и на сите пријатели на Елена Лука им посакувам година исполнета со радости и бесценети насмевки. Смејте се во Новата година – тоа е секогаш ИН!

Објавено:
30 декември 2014