Интервју The Frajle: Костимот значи почит кон публиката

Интервју со •
6 октомври 2013

Користејќи ги своите четири гласа, маркантната појава и различниот сензибилитет, членките на новосадскиот бенд  „Фрајле“ убедливо ја освојуваат публиката низ Балканот. Пред македонската јавност за прв пат се претставија на манифестацијата „Златна Бубамара“ каде ја земаа наградата за најдобар балкански бенд на годината, а пред неполн месец  настапуваа и на Тиквешкиот Гроздобер во Кавадарци.

 

Марија Мирковиќ, Наташа Михајловиќ, Јелена и Невена Буча  во интервју за Fashionel ни открија нешто повеќе за секоја од нив, ставајќи го акцентот на највпечатливиот момент од нивните настапи-костимите, како и нивниот стил приватно. Свесни за впечатокот што го оставаат, четирите госпоѓици или „fraulin“ во германски превод, знаат дека визуелниот момент на сцена е исто толку важен како и квалитетот на вокалната и инструментална интерпретација и затоа посветуваат големо внимание на сценските костими по кои се и најмногу препознатливи. Нивниот настап не е само музички,  туку е некој вид на претстава или „мало кабаре“ со многу специфични фустани, чевли, фракови, цилиндар шешири и пеперутка вратоврски,  кои со еден збор создаваат театарски перформанс зачинет со нивните искуства кои тие како наратори ги  раскажуваат на интересен начин во интеракција со публиката.

 

Невена, Марија,Јелена и Наташа велат дека се многу изненадени од тоа колку Македонците ги препознаваат, ја слушаат нивната музика и ги повикуваат на концерт. Затоа, многу набрзо како дел од нивната турнеја која започна низ Србија и се промовираше првиот албум „ Наш први албум са путовања“, најавуваат и концерт во Скопје.

-Поминавме одлично на многуте настапи низ Србија, затоа продолжението на нашата турнеја го планираме низ Хрватска, Црна Гора, Босна а се разбира и во Македонија. Сакаме концертот да биде во Скопје, со оглед  дека на нашата фан страна на Фејсбук постојано не повикуваат да настапиме во главниот град, а ние секако со задоволство тоа би го извеле, вели Марија.

Бајките како тема секогаш се во преден план на нивните костими. Ги имаат многу, во различни бои и кроеви, но секој  специфичен  на начин што го опишува сопствениот стилски сензибилитет на секоја од нив. Различениот  стил и вкус за облека  се забележува и на сцена, а иако не се сомневаат во своите креативни способност кога се работи за имиџот, соработуваат со тим од професионалци  кои  се грижат за нивната шминка, фризура како и дизајнер со кој  неколку години соработуваат за изработка на сценските костими.

-Уште на почетокот костимите ги присвоивме како дел од нашиот идентитет. Секој наш настап има театарски призвук, а тоа бара костим.  Кога се споивме како бенд уште на почеток сакавме да бидеме различни на сцена. Секоја од нас ја  донесе својата креативност и верувајте дека посветуваме големо внимание на изгледот ама и трошиме доста пари на тоа, мислам дека се забележува, низ смеа објаснува Наташа.

Српскиот дизајнер Предраг Џукниќ  за Фрајле има изработено доста костими. Со помош на Наташа и Јелена заедно ги смислуваат моделите, тие знаат да дадат сугестија, но секогаш главниот збор му го оставаат на креаторот.

-Соработуваме со млад тим од професионалци меѓу кои е и српскиот дизајнер Џукниќ, кој ги замислува и шие костимите. Секако и ние вмешуваме прсти , но тој на крајот умее тоа да го спакува на уникатен начин што нас ни придава дополнителна енергија кога сме на сцена, сепак костимот ја прикажува почитта што ја имате кон публиката, раскажува  Јелена Буча.

Untitled-50

Сестрата на Јелена, Невена, вели дека таа е единствената Фрајла што не носи високи потпетици и фустани. Многу се разликува од сестра си, но затоа знае да се потпре на одлуките на останатите девојки кога се работи за изработка на нов костим.

-Некако се поделивме во бендот, секој има нешто да работи и конкретно е задолжен за одредени нешта. Наташа и Јелена се задолжени за костимите,пишување текстови и музички аранжмани, Марија и Невена покрај музичкиот дел се задолжени и за преговори и организација, добро си го познаваме стилот така што не ми е воопшто проблем тие да одлучат и за мене. Јас никогаш не носам фустани и високи потпетици и сум препознатлива по тоа. Тие се во постојана комуникација со Предраг и знам дека она што го смислиле сигурно ќе ми се допадне, изјавува Невена.

Кога ги прашавме каков е нивниот стил приватно, имаа многу да поприкажат. Секоја ни опиша што обожува да носи и се чувствува пријатно, без кои парчиња  не би  можеле да се замислат и што има во нивните гардеробери. На дел од нив заедничка им е комфорната облека, машките кроеви и рок стилот.

-Јас сакам најмногу  да носам искинати фармерки и парчиња што не се толку женствени, но комбинирани на специфичен начин. Сакам да носам и високи потпетици, но на сцена, надвор од неа сум сосем поинаква,  но со момент кој сепак ме отсликува мене. На пример, на сцена носам шешири цилиндар, фрак што и приватно би ги носела. Сакам брендирана облека, но проблемот е што на нашите простори она што е трендовско го има насекаде низ продавниците, па потешко можеш да најдеш нешто што не би го носел и некој друг. Ги следам трендовите, но не слепо, вели Марија.

Наташа Михајловиќ својот стил приватно го опишува како лежерен со рамни линии и машки кроеви. Она што е најинтересно за неа е дека има стотици чифта високи потпетици, но најмногу сака да ги поседува и гледа,  а поретко да ги носи.

-Многу сакам удобност и комфор. Сакам облека во машки кроеви, рок стил,  кој можеби и најмногу е препознатлив за мене. Сакам да носам рамни чевли и патики за разлика од потпетиците на сцена, имам многу и не ми е жал да потрошам пари за нешто квалитетно. Високите потпетици сакам да ги имам и набљудувам а помалку да ги носам. Знам да купам скапа јакна, чизми и чанта а притоа да не жалам за потрошеното. Ќе дополнам дека често знам да направам драстична трансформација, затоа немојте да се изненадите ако ме видите црвенокоса во некој раскошен фустан, објаснува Наташа.

Секоја е специфична на свој начин, но Невена е сосем поинаква. И приватно и на сцена таа ја сака машката облека и воениот стил. Не поседува високи потпетици и фустани а од неодамна позната српска компанија за чевли, специјално за неа изработува уникатни модели на оксфордки.

-Сакам машка облека, сакоа,панталони, вратоврски пеперутки, елеци како и обувки. За среќа можам да најдам такви, што порано и не ми беше толку лесно. Сега некако подобро се снаоѓам и уживам во она што го носам. Од неодамна склучивме договор со позната компанија за изработка на обувки кои ќе ги дизајнираат за само за мене, вели Невена.

Јелена пак иако и е сестра на Невена сака сосема поинаков стил. Омилени и се ретро парчињата без кои никогаш не излегува од дома.

-Јас сум тотално во 30-те, 40-те, 50-те, кринолини и корсети би носела и по дома. Кога бев мала си замислувам дека ќе изгледам така, а сега желбата ми се исполни на сцена. Меѓутоа јас и приватно така се облекувам и за мене не е важно што е во мода. Сепак ја следам модата за да можам да комбинирам ретро и модерни парчиња на себе. Најчесто носам фустани, тие се дел од мене затоа што мислам дека се најженствени. Лепези , ракавици и шешири се мој фетиш, или подобро кажано  парчиња што можеби останатите луѓе ги подзаборавиле, изјавува Јелена.

Четирите госпоѓици на тема мода имаа многу да раскажат, а за крај посочија дека им е навистина драго што ги раскажаа своите модни допаѓања и доживувања, токму со македонската публика.

Во продолжение прогледнете интересна фото галерија од музичките екскурзии на The Frajle, а притоа узивајте во популарната композиција „Фина“ и спотот за истата.

Објавено:
6 октомври 2013