Интервју Исмет Ајрула: Можете да носите лоша гардероба, но чевлите секогаш треба да се впечатливи!

Интервју со •
27 мај 2014

Педесет и петгодишниот Исмет Ајрула е еден од најдобрите и најпознатите чевлари во Старата скопска чаршија. Со искуство од повеќе од три децении, од први јуни тој својот уникатен и магичен дуќан сместен во срцето на Капан Ан, ќе го префрли во населбата Ново Лисиче, поради – како што вели тој, непристапната локација и економските неповолности кои што го следат секој занает денеска. Додека го правевме интервјуто со чичко Исмет кој зрачеше со сета позитивна енергија собрана во еден човек, неколку млади луѓе од околните дуќани, неколкупати го повикаа да го испие утринското кафе со нив, за што тој ќе каже дека им е традиција. Пред да замине од чаршијата, ние имавме можност да поразговараме со него за тоа како денеска живеат занаетчиите, за тоа колку е тешко да се направи еден чифт квалитетни чевли и колку денеска луѓето знаат да го препознаат квалитетот. За потоа да ни открие  неколку значајни и корисни совети за кои веруваме дека многу ќе ви се најдат во животот!

Уживајте!

Занаетчиската приказна на Исмет Ајрула започнува пред повеќе од три децениии. Чевларството тој најпрво го изучувал кај мајстор, а потоа и семејно почнале да се занимаваат со овој занает.

„Долго време работев како чевлар кој нуди различни услуги како поправка на чевли, но потоа и како моделар, а морам да споменам и дека долго време соработувавме и со Македонска опера и балет, со различни театри за каде изработувавме специјални чевли по нарачка. Денеска, можам да кажам дека повеќе од 35 години се занимавам со чевларството, броено и со деновите кога работев како чирак“, вели господинот Исмет.

Не можевме, а да не го прашаме од каде кај еден млад човек се родила љубовта кон чевларството и зошто се одлучил токму за овој занает.

„Јас прво занаетот го изучував кај мајстор, а после почнавме семејно да се занимаваме со ова. Во однос на пренесувањето на љубовта за што ме прашавте, мислам дека тоа се случи со долги години пракса, некако незабележително. Човекот или ќе ја сака својата работа, или нема потреба да ја работи воопшто, ќе бара нешто друго што ќе го исполнува. Она што морам да го кажам за денешницава, е дека не е многу економски исплатливо да се работи ова, но сепак, јас сѐ уште го работам со љубов“, посочува тој.

За кратко, го замоливме чичко Исмет да се врати во „златните времиња“ на занаетот и да направи една споредба со тоа и денешното време на продажба и изработка на чевли.

„Мислам дека тоа беа 80 – тите и 90 – тите години. Тоа беше супер период за работа некаде до кај 95 – тата и 96 - тата година. Тогаш почна опаѓањето на работата со увозот на оние чевли што и самите ги гледате и сега на Бит пазар и по другите делови од градот. Со самото масовно производство и продажбата и со сите оние неквалитетни материјали од кои останатите ги изработуваа чевлите...Мислам дека тоа беа годините кога се случи најголемиот пресврт во нашиов занает“, се сеќава Исмет.

Додека разговаравме со него, забележавме еден чифт прекрасни, штотуку направени чевли. Господинот Исмет ни појасни дека истите се за некој австриски инжинер, кој посакал да му се изработат специјални, црни кожени „оксвордки“. Го прашавме, колку време му е потребно денеска за изработка на еден чифт чевли.

„Секогаш зависи од видот на чевлите што ги изработуваме. Сите различни видови на обувки, имаат различно време за изработка. Моделите  што јас ги изработувам, а тоа се прошиени чевли од природни материјали, со дизајнирање и со подготовка на мерки од клиентот, кај мене трае околу 36 часа. Можам да кажам дека таквите  се сметаат за врв на занаетот поради нивната изработка и одличниот квалитет. Она што е најважно е тоа дека чевлите треба да имаат декларација, односно треба да се знае од кои материјали се направени. Ако се направени од природни материјали и ако се удобни, значи дека се квалитетни. Но, тоа треба да го покаже декларацијата бидејќи не сите луѓе се експерти  и ги познаваат материјалите. Порано во Југославија се знаеше, си имаше стандарди според кои луѓето сами можеа да проценат дали чевлите се квалитетни или не. Она што е најважно е да бидат изработени од природни материјали“, посочува Исмет.

Може ли да се спореди денешната продажба на чевли со онаа од златната доба на занаетот?

„Кај мене не станува збор за продажба, затоа што јас повеќе работам со услуги и нарачки. Јас гледам дека има интерес за подигање на стандардите во оваа област, имаат луѓето желба, но веројатно не можат да си дозволат да носат рачно изработени чевли. Тие знаат да препознаат квалитет, луѓето кај нас се паметни и веднаш забележуваат што е добро. Но, пак ќе кажам, не можат многу да си дозволат“, објаснува тој.

За тоа колку младите денеска се заинтересирани да го изучуваат овој занает и дали тој има некој што ќе го наследи, господинот Исмет вели:

„Јас сум сестран мајстор, а тоа значи дека ги познавам сите три дела на занаетот – од почнување на моделот, потоа самата изработка, па сѐ до кроењето, шиењето, завршницата итн. Токму поради тоа,  што овој занает е доста тежок, јас немам доволно време да му посветам некому, за добро да го научам на овој занает. Доколку ангажирате некого, тој треба да е спремен и да ги знае сите професионални делови на занаетот. Во ова време, тоа би требало да се прави со соодветни курсеви. Еднаш имав понуда да држам одредени курсеви со Занаетчиската комора, но дефинитивно, сам човек не може да постигне такво нешто, бидејќи ќе трпи работата. Во однос на наследникот, јас имам син и две ќерки, сите тие се возрасни. Син ми работи по нешто со мене, ми помага во делот на шиењето на долните делови, односно на ѓоновите, па сега времето ќе покаже колку ќе се ангажира понатаму“, додава  Исмет.

Што за вас значат чевлите?

„Многу луѓе велат дека можеш да имаш излитени фармерки или лоша гардероба, но чевлите секогаш треба да се квалитетни и впечатливи бидејќи тие се најважниот дел од нашата облека. Чевлите се еден вид на заштитен знак на човекот. Велат, чизмата главата ја чува – колку е таа поговорка вистина, докторите можат да кажат (се смее)“.

Од први јуни, неговиот дуќан ќе го премести во скопската населба Ново Лисиче, а како причини за тоа ги наведува не многу пристапната локација и секако, економските неповолности.

„ Во овој дуќан сум три години, а низ чаршијава повеќе од 30 години – скоро пола мој живот. Го затворам дуќанот тука поради тоа што населбите се покажале како места каде што повеќе луѓе бараат услуги од чевларите бидејќи им се во близина на местата на живеење. Тука им е проблем да доаѓаат, бидејќи како прво, нема паркинг, потоа, денеска обврските се такви што не секогаш луѓето можат да дојдат до тука после работа, бидејќи им треба повеќе време за тоа. Во населбите, каде што тие живеа, можат да излезат кога и да посакаат и да си нарачаат или поправат некој чифт чевли“, вели Исмет.

За крај на пријатниот разговор, го замоливме господинот Исмет со нашите читатели и младите генерации да сподели некој совет или некое искуство на кое што го научило животот.

„Кога станува збор за совет, јас не можам сега да измислувам нешто ново... Можам да кажам дека секоја работа што ја работите бара многу труд, посветеност...да не се изгуби вниманието од работите што треба да се направат, работите што ви значат. Треба да си поставите една цел што сакате да ја постигнете и да ја следите истата, без да се губите во лавиринтите на животот. Човекот има многу желби и тие можат многу лесно да му го одвлечат вниманието од вистинските и значајни цели“, вели за крај господинот Исмет.

Објавено:
27 мај 2014