Интервју Јована Тозија: Велосипедот не го лимитира стилот на облекување

Интервју со •
18 јуни 2014

Велосипедите првично се појавиле во XIX век во Европа. Денес има над милијарда велосипеди низ целиот свет, а во некои делови од светот се и основно превозно средство. За некои луѓе велосипедот е стил на живот.

Никој не можеше да претпостави дека неформалниот велосипедски настан „Критична маса“, кој се организира во над 300 градови во светот ќе доживее особена популарност и во нашиот главен град Скопје. Веќе две години оваа велосипедска приказна раскажува урбани приказни низ градските улици. За идејата да се создаде една ваква иницијатива позборувавме со Јована Тозија која приватно е страствен обожавател на велоспиедизмот, а професионално е дипломиран електро-инженер и работи како проект менаџер во англиска IT компанија.

„Критична маса се роди пред две години, идејата „никна“ на твитер. Сосема спонтано некој имаше споделено линк од документарен филм како еден вид мала ретроспектива на критични маси во светот,  проектиран минатата година на Engage конференцијата. Потоа, една девојка пиша дека ова е навистина убаво, па друг праша зошто вакво нешто нема кај нас, и буквално од еден два твита на твитер месец дена после тоа, 500 луѓе ја возеа првата критична маса во Скопје“, ни откри Тозија.

Фотографија на Никола Спасеноски Фотографија на Никола Спасеноски

Она што особено ја фасцинира Јована, во поглед на проектот „Критична маса“ е широката и масовна прифатеност од различни профили на луѓе.

„Критична маса ја возат луѓе од секакви возрасти. Почнувајќи од оние најмладите, па возрасните мајки и татковци кои возат со мали деца, доаѓаат баби и дедовци, но и такви кои специјално научиле да возат велосипед за да можат да бидат дел од Критична маса, што е за почит и за поздрав“, вели Јована.

Првиот нејзин велосипед бил од популарната етикета BMX во розова боја и токму од нејзиното рано детство кога го возела овој велосипед сè уште има лузни на колената. Дома сега Јована има три велосипеди:  еден градски со корпа, еден кој е комбинација на полуградски и полуспортски и еден најнов  Mountain bike, а сонува еден ден да вози фикси велосипед модел строго наменет за рамни терени. Според неа урбаниот велосипедизам е начин на живот.

„Во светот во поразвиени градови каде што урбаниот велосипедизам е масовно поддржан од градски власти и каде што веќе има инфраструктура се негува како еден вид на знак на препознавање, моден детаљ или урбан детаљ. Како еден вид начин на живот - lifestyle.  Велосипедот влијаеше и врз трансформацијата на стилот, луѓето возат велосипеди облечени во фустани, здолништа, сакоа, костуми, но и во велосипедски униформи.  Како превозно средство велосипедот не го лимитира начинот на облекување, напротив, може само да биде дополнителна инспирација“, ни кажа шармантната велосипедистка.

Таа својот Твитер профил го користи главно за забава како еден вид издувен вентил каде може да сподели интересен статус и да прочита нешто интересно. Твори под псевдонимот Шукар Чавела, кој случајно или намерно се поклопува со модната визија на нејзиниот стил.

„Мој заштитен знак во поглед на стилот се здолништата и тоа сакам да бидат лелеави и широки. Од модни додатоци најмногу носам обетки и марами, а фетиш немам . Чевли со потпетици не носам многу често, зависи од пригодите, ама не се редовен дел од моето модно секојдневие. Мојот стил би го дефинирала како еден вид на модерна, тренди и урбана џипси приказна“, ни раскажа Тозија.

За Јована мода е...

„.... урбан начин на облекување, значи не нешто премногу фенси, без пречесто носење на чевли со високи потпетици и мини здолништа, меѓутоа сепак да постои нешто кое ќе прави да се разликуваш од другите. Доколку го вметнеш и велосипедот во модното пулсирање на секојдневието како моден детаљ, дефинитивно добиваш статус на модна икона“, задоволно одговара Јована.

Во иднина оваа млада и неверојатно позитивна девојка се надева дека Критична маса ќе стане уште помасовен настан кој ќе влијае врз сфаќањата на луѓето.

„Јас лично гледам на Критична маса како нешто што ќе продолжи да опстојува во оваа форма и ќе апсорбира се повеќе и повеќе луѓе да се вклучат и кои не само што ќе возат Критична маса еднаш месечно туку и ќе почнат да го користат велосипедот се повеќе. Знам примери на луѓе кои што почнале или научиле да возат велосипед и почнале да возат велосипед низ град само заради тоа што Критична маса ги мотивирала, а од друга страна на Критична маса гледам и како на еден вид на поттик кај градските власти да видат дека има многу луѓе кои што возат велосипед низ град и дека е редно да се преземе нешто во врска со велосипедската инфраструктура во градов, бидејќи за се друго се вложи пари, па мислам редно е и велосипедските патеки да добијат дел од тој колач и да почнеме да ги користиме, постојат ги има само не се употребливи“, завршува велосипедистката.

Објавено:
18 јуни 2014
bool(false)