ИНТЕРВЈУ Калиопи: Епитетот Дива го ставив на лицитација!

Интервју со •
11 јуни 2013

Секогаш сте препознатлива и оригинална на својот имиџ, како модно созревавте низ годините?

Неоптоварено и повеќе посветено на она што попатно сум го собирала како животно искуство и она што од мали нозе застанав на сцена е нормално прва главна грижа  како јас визуелно ќе изгледам во очите на публиката но, никогаш не сум била оптоварена со модните трендови туку од своето чувство.

Колку облеката го отсликува вашиот карактер? Ја негувате класиката и екстравагандноста, колку се тие пандан на она што сте вие?

Веројатно тоа е врежано некаде внатре во мене , врзано со самото раѓање, каде е човек роден, каде го вдишал првиот воздух, во какво семејство и луѓето од кои  можеш да видиш што е животен стил, како што била баба ми, моите тетки, мајка ми,татко ми, мојата сестра која е постара од мене и секогаш ми била идол во однос на тоа каков изграден стил имала таа. Значи ние сето тоа го впиваме и се врежува во нашите мисли и око, дури  на моменти се фаќаш себеси како имитираш некого, препознаваш дека е дел од она што ти го правиш и со тек на времето растеш и доаѓаш до моментот, ова ми одговара, ова не и така според мене оди целиот тој процес.

Медиумите знаат да напишат дека сте  жена која не може да се имитира во никаква смисла, па така и во стилот, велат дека не  импровизирате околу изгледот и храбро ја носите облеката без многу изненадувања. Што е она што може да ве мотивира на трансформација и колку ја сакате?

Секогаш уметноста. Таа е она што ја сочинува главната провокација во она што го творам низ визуелизација на нештата. Долго време ми треба да живеам со она што го творам, тоа често не е пред очите на јавноста, тогаш можам да бидам и во патики, тренерки, пижами и си дозволувам такви моменти кога нема кој да ме види. Потребно ми е да дознаам што луѓето гледаат во мене кога не им го пружам максималното исполнување на целата слика која што ја доживуваат додека сум на сцена. Сметам, дека многу е важно човек да биде свој во секој сегмент, а она што уметноста ќе ми го наметне како потреба и инспирација се одразува на тоа како јас ќе изгледам на сцена. Иако, морам да признаам дека сум најсреќна кога не морам да позирам, работев на тоа години и години, зашто се случуваше кога ќе се вклучат камерите јас да се преобразам во друга личност.

Стилистот пак Александрар Дадар во една своја изјава вели: Калиопи ја познавам како подраматично средена дива, иако морам да признаам дека класично –бизнис стилот преубаво и стои, посебно со фактот дека е ослабена. Колку и дали ги прифаќате советите од професионаци и дали би можеле без нив?

Секако дека ги прифаќам и ми се значајни. Не е секој роден за се, па така често некои мои концерти беа чист егзибиционизам, до екстраваганција и драма. Сето тоа го наметнува дадениот приод во животот, музиката што ја пеам итн. Кога работам на некој албум, знам точно каква слика треба да имам или како комплетно се да визуелизирам. Ако чувствувам дека треба да носам фармерки и кошула , така и ќе ме видите. По настапот на  Евровизија преферирам една рок авангарда која во моментот соодветствува на моето внатрешно чувство и бегам од моментот дива, драма и се она што ме прави недостижна за луѓето, зашто завршив со тоа, едноставно се заситив и сметам дека тоа повеќе не сум јас. Дури кога се гледам на некои постари фотографии често сама си велам колку не се совпаѓа со она што сум сега. Епитетот дива одамна веќе го давам на лицитација.

Снимавте  реклама за козметички третмани и препарати за слабеење на едно козметичко студио, дали тие ви помогнаа во намалување на килограмите?

Вие можете да имате најлуксузно козметичко студио а јас да не го посетам, зашто ако човечкиот фактор не координира со моето внатрешно чувство не можам да превземам ништо за себе. Јас од секогаш сум била не приврзаник на козметички салони, прво не сум имала ни време, второ сум сметала дека ми се непотребни во моментот како сум живеела. Но, кога се сретнав со Сузана и стручниот тим во Афродита С сватив дека ми е многу пријатно таму и ги следев нивните инструкции околу слабеењето и лично се дисциплинирав и водев сметка за килограмите. Направивме феноменален успех, покрај третманите, јас пешачам и по 10 километри дневно, почнав на 43 години да играм тенис, зашто никогаш не е касно за ништо во животот. Разбрав дека во мене се раѓа некоја нова Калиопи за која сметам дека е најголем накит кој што сега го имам за себе.

Долг период соработувавте со македонската дизајнерка Розе Трајческа, зошто токму таа и што мислите за работата на македонските дизајнери?

Розе знам да ја наречам мојот женски Армани, таа чиста линија и потреба да биде се совршено и до детаљ сработено ми дозволува да и го дадам тој епитет. Таа е и жена која многу добро ме познава како човек и тоа е многу важно или дизајнерот кој работи со вас да ви ја знае душата. Сум соработувала и со Александар Ношпал кој ми е драг пријател, но, мислам дека она што ме врзува со Розе е нејзината суптилност и моќ на израз низ нејзините креации добиени од уметноста. Секогаш со многу радост работам со неа бидејќи е личност што внесува многу мирна енергија во тие процеси каде што јас знам да бидам хаотична, темпераментна и нескротлива.

Што правите со својата стара облека?

Со тек на времето ги пронаоѓам луѓето на кои знам дека му припаѓа некое мое парче облека. Има една смешна ситуација уште кога имав повеќе килограми од сега, имав купено едни панталони во Загреб, кои не можев да ги навлечам дури ни до колено ама многу ми се допаѓаа. Па така ги подарив на мојата сестра која тогаш беше  послаба од мене. Јас  бев лута на себе што не можев да ги гледам панталоните и кога ослабев таа не ги облекла воопшто и ме израдува кога дојде и ми ги донесе како подарок. Кога ги облеков бев многу благодарна затоа што со тоа ми врати едно парче што многу ми значеше а ми ја врати и  вербата дека освен мене верувала во тоа што сум јас

Секогаш на себе имате интересно искомбинирани и впечатливи аксесоари, кое од нив мора задолжително да го имате на сабе?

Не можам да излезам од дома без моето среќно сребрено прстенче кое што го носам на малиот прст. Сакам убави ремени, и овој што го носам денес е еден од моите среќни талисмани со кои некогаш можеби претерувам  и не можам да ги исфрлам од себе. Не сум жена која обожува накит во вид на дијаманти и скапоцени работи затоа што сметам дека убавината на жената може да се закити со многу едноставен но оригинален аксесоар кој што може да биде и обична бижутерија ама кога ќе ја носите толку самоуверено и точно може да изгледа прескапо па дури и поскапо од еден дијамант.

Вашето  лице воопшто не ја покажува  возраста, за вас како времето да застанало, кој е посебниот  еликсир што ве подмладува?

Тоа е благодарение на гените што ги носам, затоа што навистина во моето семејство сите се младолики и имаат убава кожа, особено татко ми од кого го  имам наследено типот на мојата кожа. Но останатите нешта си ги должам себе си, поради тоа што немав време да размислувам за годините и не дозволив детето во мене да замре. Не ми е важно дали со некој грч или насмевка ќе си предизвикам брчка, сметам дека тие треба да говорат за болката или радоста на животот. Многумина се прашуваат дали правам некои козметички третмани, најчесто во Белград тоа е тема на разговор во кругот на шоу бизнисот, каде велат дека сигурно сум корегирала нешто на лицето. Моите 47 години се ближат и искрено велам дека не размислувам да правам на себе било каква корекција.

 И за крај, што никогаш не излегува од мода?

Душата, насмевката и секако она што е главна одлика на нас, навиката да бидеме секогаш средени и чисти.

 

Објавено:
11 јуни 2013