Младата креативка е една од ретките наши школувани фотографи, прво се едуцираше на Италијанскиот институт за фотографија во Милано, а од пред неполни две година специјализира модна фотографија на Лондонскиот колеџ за мода (London College of Fashion), со што на одреден начин ќе го да го заокружи eдукативниот процес и истовремено ќе започне да добива ангажмани во модниот свет. Заинтересирана за фотографијата во сите свои уметнички изрази, Лепа Георгиевска вели дека сака да работи модна фотографија, сака да запознава нови интересни луѓе и преку слики да ги раскажува нивните лични приказни. Во портфолиото на оваа фотографка среќаваме авторски дела од нејзината „Урбани хероини“, неколку лукбукови сработени за македонскиот дизајнер со светско реноме Ристо Бимбилоски, соработка со домашното списание 1Е, фотографии за колекциите на Ludus Loves Fashion и на Јован Петровски, соработки со италијански дизајнери и модни агенции... Лепа ја контактиравме во Лондон помеѓу неколку свои ангажмани, фотографирања и снимања. Таа ни откри дека изминатиов период била доста зафатена со работа, а меѓу другото сними видео материјали за две жени кои се големи играчи во модниот свет - Сара Дукас, модната агентка што ја откри Кејт Мос и Шарлот Тилбери, една од најзначајните светски шминкерки.
Лепа Георгиевска
Скоро две години си во Лондон и на London College of Fashion студираш модна фотографија. Па како е Лепа? Опиши го искуството од досегашниот твој студентски престој?
Студирањето во Лондон на Универзитетот за уметности (University of Arts) не е класично студирање. Имаме проекти кои ги реализираме со помош на тутори и целиот процес се сведува на тоа човек сам да прави сѐ и да наоѓа инспирации и начини на реализација на проекти на кои тој самиот е свој продуцент. Предавања има еднаш неделно, сѐ друго е процес на работа и реализирање на индивидуални проекти.
Фотографката беше ангажирана во проекти на последната модна недела во Лондон
Како те заинтересира модната фотографија?
Мој интерес не е само модната фотографија, туку фотографија и видеото воопшто. Модната фотографија нуди доволно креативна слобода и ме инспирира постојано. Исто така ме стимулира тоа дека постојано контактираат со интересни луѓе кои ми се допаѓаат.
„Мој интерес се луѓето и тоа што тие го прават, навиките, но исто така и мелодрамите на животот“
Што кај модната фотографија треба да биде во прв план – моделот и нејзиниот персоналитет или модата и стајлингот?
Најмногу зависи од контекстот и за што точно е наменето снимањето. Ако станува збор за едиторијал за магазин, битно е кој е тој магазин и како функционира. Во некои случаи фотографот има апсолутна слобода да ги реализира своите идеи.
Четири сезони по ред ги фотографира колекциите на Ристо Бимбилоски
Забележувам дека на некои блогови и портали може да се најдат твои фотографии... Што досега имаш сработено, каде биле објавувани твоите фотографии и со кого сѐ си соработувала?
Оваа година бев ангажирана на Лондонската модна недела како „filmmaker“. Реализирав два видео материјали кои во центар имаат карактери од модната индустрија. Едната личност е Сара Дукас, модната агентка на Кејт Мос, Андреј Пејиќ и Кара Делевињ, а другата личност е Шарлот Тилбери, ѕвезда меѓу успешните шминкери во Лондон и Њујорк. Исто така, работам и за online магазинот Point01, кој функционира како како многу млад магазин кој се занимава со откривање и презентирање на нови надежни таленти во модната индустрија.
Минатата година им асистираше на фотографите Марк Лебон и Паоло Зербини
Кога би имала можност да бидеш асистент на некој познат фотограф, кој би бил тој и зошто?
Минатата година асистирав на познати фотографи како Марк Лебон и Паоло Зербини. Сепак, оваа година и во иднина сакам да се фокусирам на тоа што јас сакам да го работам.
Каков фотографски израз негуваш? Што е твоја специјалност и во која насока планираш да го развиваш твојот стил?
Мој интерес се луѓето и тоа што тие го прават, навиките, но исто така и мелодрамите на животот. Со фотографијата само наоѓам почит кон животот. За мене тоа што го правам има лично значење. Сакам постојано да запознавам нови луѓе и да работам со нив, тоа ми го задоволува љубопитството и ме прави среќна. Ако можам тоа би го правела засекогаш.
На што си најмногу горда? На кампањите за Ристо Бимбилоски, на своите изложби, на искуството по македонските медиуми или воопшто на одлуката да се едуцираш токму во ова поле?
Со Ристо работам во последниве четири сезони и сериозно ми се допаѓа да соработувам со него. Секојпат наоѓаме различен визуелен израз, што е многу инспиративно. Ристо секогаш има силен концепт и знае точно што сака да добие со секое снимање. Горда сум што ме одбира мене како фотограф на неговите колекции.
Сигурно постојат автори фотографи кои те инспирираат и чија работа дополнително ти вдахнува креативна енергија...
Во секој период имам различни инспирации... Во моментов се фокусирам на Лукино Висконти и италијанскиот филм од 50-тите години, на егзистенционализмот. Луѓе на чија работа се восхитувам се Рајан Мекгинли, Вивиен Сасен, Томас Руф и Андреас Гурски.