Интервју Маја Ристевска: Нов телевизиски предизвик за една од најактуелните македонски манекенки

Интервју со •
13 февруари 2014

Таа е моментално една од најбараните македонски манекенки. Благодарение на својот лесно трансформативен лик, во еден момент на писта ја гледаме како романтична и елегантна девојка, а веднаш потоа ја препознаваме во улога на заводлива дама. Покрај нејзината природна убавина и професионалниот однос кон работата,  можеби тоа е една од причините поради кои таа е омилен лик на македонската модна сцена. Прогресот во нејзината карира деновиве доби нова насока. Од сега почесто ќе имаме можност да ја гледаме на телевизиските екрани во проект на Државната Лотарија на Македонија, а како тим кој застана зад неа и ќе се грижи за нејзиниот изглед е модниот бренд Елена Лука.

За новиот телевизиски проект, Маја ја стилизира модниот бренд Елена Лука

Маја ти си една од најангажираните домашни манекенки во моментов. Речиси не поминува модна ревија без твое присуство, една си од омилените манекенки на македонските дизајнери, имавме можност да те видиме и во музички видео записи и повеќе маркетинг кампањи. Следен голем проект на кој ќе работиш е поврзан со телевизиската продукција, за што конкретно станува збор?

За вклопување во следниот голем проект поврзан со телевизиска продукција кој е делумно нов за мене и негово реализирање,од голема помош ми е веќе 5 годишното искуство пред камерите и воопшто јавното појавување. Веројатно тоа и беше пресудно оваа задача да ми припадне токму мене. Станува збор за игра на среќа на Државната Лотарија на Македонија,во склоп на Бинго Бум,позната како ТОП5 која секој понеделник се емитува во живо во 20:30 на МТВ1.Со овој проект за прв пат во Македонија ,во една емисија се сместени две игри на среќа,со цел поголема можност за добивки на играчите.Покрај добро познатиот водителски тим со Маријана Станојковска и Виктор Петров Викса, почнувајќи токму од следниот понеделник ќе бидам задолжена за ТОП5 извлекувањата.

 

Веќе имавме можност да ја видиме најавата за твојот нов предизвик и не се очекуваше ништо помалку од тоа да изгледаш пред се професионално, и неминовно совршено. Кој ќе биде задолжен за твојот изглед  во новата водителска улога?

Планираното кратко преставување како би ме запознале гледачите помина во најдобар ред, а јас имав можност подобро да ја почуствувам енергијата и пријатната атмосфера таму во студиото. Големо олеснување за мене беше кога дознав дека за мојот изглед пред екраните ќе се погрижи тимот на Елена Лука,како и за вечерта на претставувањето,  од причина што нашата соработка и доверба  е веќе изградена и на високо ниво.

Колку телевизијата е медиумски простор во  кој можеш лесно да се прилагодиш и сигурно да „пливаш“?

Телевизијата е медиумски простор во кој за некој најпрво да се прилагоди треба да поседува барем малку искуство и потенцијал. А сигурноста и заслуженото место во овој простор зависи од квалитетот и добрата работа. Сметам дека и покрај искуството кое го имам стекнато, овој проект си носи со себе голема одговорност со самото тоа што се емитува во живо па така ризикот е многу поголем. Подготовките се веќе во тек, а особено ми е драго што за пример покрај мене имам големи професионалци како Маријана и Викса.

 

На кои други проекти работиш периодов?

Како и претходно, покрај обврските со припремите за најновиот проект, соработката со мојата матична агенција МакМоделс продолжува со исто темпо. Истата нуди голем број можности и најразлични понуди за нови проекти,па никогаш не се знае што следно не очекува.

Во својата досегашна кариера си имала можност да работиш и надвор од Македонија. За кои интернационални ангажмани сметаш дека особено ти помогнале да направиш радикален напредок во твојата кариера?

Кога се почнува од нула и се поставува некоја цел,пресуден момент посебно во овој бизнис е изборот на квалитетна агенција.Истата ти нуди можност  за работа надвор од Македонија во некоја исто така квалитетна и сигурна агенција,што се случи во мојот пример.Тоа беше можност за надоградување во секој поглед. Но, не сметам дека токму тоа беше еден вид отскочна даска од причина што и пред а и после тоа, максимално работејки на себе си, напредокот на мојата кариера одеше во вистинска насока и тоа токму тука,во границите на нашата држава.

Една од твоите најголеми преиспозиции како модел е твојата лесна трансформација. Во еден момент на писта те гледаме како романтична девојка, а во друг момент во моден едиторијал те препознаваме како неодолива заводничка. Но, каков е стилот на Маја во приватниот живот?

Секогаш сум се трудела и сакам да бидам иновативна како во професионалниот така и во приватниот живот. Следам во моментот што е трендовски, но не мора да значи дека по секоја цена мора да е во мојот плакар. Зависно од пригодата и ако ми е удобно во некоја комбинација, таа може да кулминира од обична до необична. Фармерки и интересна кошула, со не секогаш превисоки потпетици,како задолжителна и омилена комбинација,до по класичен фустан или комбинезон. Едноставно се обидувам секогаш да оставам правилен впечаток и свој личен белег носејки одредено парче гардероба.

 

Кое е твоето лично видување на македонската модна сцена во мометов од аспект на професионалниот третман на модните агенции и професионалниот однос на лицата кои тие ги продуцираат?

Верувам дека многумина би се согласиле со мене дека имаме многу квалитетни лица способни да се занимаваат со оваа работа, но професионалноста и селекцијата е се помала.Најголемиот дел од вината ја префрлам на оние коишто намерно или ненамерно диктираат погрешни вредности и пласираат неквалитети и се гордеат со тоа,наместо сите заедно да работитеме на угледот на модната сцена во Македонија. Искрено се надевам дека оние квалитетните коишто ги споменав, ќе си го пронајдат вистинското место и ќе учат од вистински професионалци па во иднина ќе можеме да се пофалиме со модна сцена за коишто повеќето посакуваме.

 

 

 

Објавено:
13 февруари 2014