ИНТЕРВЈУ Милка Ефтимова: Секогаш настојувам да бидам дама

Интервју со •
15 јуни 2013

Милка Ефтимова, оперски и концертен уметник, алт и мецосопран певица, доајен на Македонската Опера и амбасадор на Македонската уметност во светот. Прекрасен глас што останува наше културно и духовно наследство и безвременска вредност и радост на нашето поднебје.

Вие сте една од првите дами, пионери на Македонската Опера. Како се носевте со таа тежина ?

Тежината станува благослов кога нешто се прави со многу љубов и посветеност. Нема тежина кога нешто го работите со целото свое битие. Живеете и творите на сцената. Таа љубов поткрепена со деноноќна работа и труд на изведбата на улогите, гласовна, стилска и актерска вежба , голема самопожртвуваност и откажување од удобствата на светот. Голема дисциплина што ќе те направи професионалец од светски рамки.

Повеќе од десетина години бевте солист на Операта во Љубљана. Колку тоа влијаеше на вашиот сценски и личен стилски раст?

Повеќе фактори придонесоа за тој стилски израз, посебно на почетокот на кариерата, морав да бидам послушна, желна за учење од искусните профили, да бидам флексибилна во своите ставови, да ги учам потребите и барањата на сцената, а подоцна во текот на кариерата тој раст повторно продолжи, но веќе како заедница на стекнати искуства, како стил на однесување самиот се  инкорпорираше во улогата која требаше да ја остварам, како природна појава.

 Колку оперската уметност придонесе за сензитивноста и сензуалноста на вашите постапки?

Тие префинети особини пред се човек ги има како дар од Бога, а потоа кога стануваш свесен за тие вредности треба да ги искористиш максимално. Кај мене лично многу помогна соработката со врвни интернационални оперски и воопшто уметнички имиња, каде желбата да бидеш подеднакво успешен те тера да развиеш грациозен импулс зашто пред се појавата на сцената е моментот каде треба да воодушевите.

Имавте низа прекрасни оперски остварувања, но најмногу ве паметат по улогата на Кармен. Дали таа страствена улога вистински ве освои?

Да, секако. Насекаде во светот бев барана токму поради изведбата на таа улога. Севкупната моја лична појава и онаа на Кармен критиката своевремено ја оцени како идеална идентификација во убавината, ставата, гласот, глумата, темпераментот. За да се случи таква совршена претстава мора да се има комплетен стилски и севкупен склоп и мислам дека сепак за мојата перфекција во таа улога на Кармен многу голем удел има човекот со кој ја работев и подготвував, а тоа е Ловро Матичи.

Своевремено бевте модна икона. Што беше тајната за вашата идеална комбинација?

Немаше тајна, едноставно секогаш настојував да бидам дама и на сцената и надвор од неа. Никогаш не си дозволив да изгледам или да направам нешто што не одговараше на мојот позив и работа. Така бев воспитана уште во својот родителски дом каде многу се негуваа културните вредности.

 Дали модната креација беше исклучиво приватна работа или секогаш се придржувавте на модните совети?

Креациите најчесто беа моја приватна работа, но нормално понекогаш добивав и модни совети и секако ги применував. Никогаш не сум одбивала стручно мислење. Во однос на фактот дека целата моја палета на фустани, тоалети беа правени по нарачка,  секогаш беа правени по  мој избор и замисла зашто знаев што ми прилега и што ќе одговара за конкретниот настан. Секогаш го имав визуелизирано моделот.

Вие бевте активен професор на Музичката Академија. Колку инсистиравте да научат студентите за важноста на сценската елеганција и модниот шарм во животот на оперски уметник?

Едноставно ги учевме основните гласовни и стилски техники, сценско однесување што подразбира адекватно држење на сцената, познавање на јазикот на кој се остварува улогата, континуирана соработка со режисерот, сценографот, костимографот, корепетиторот и колегите. Мора да се инсистира на таа елегантна појава која ќе шармира  со изгледот, изведбата и со глумата за да има ефект.

До ден денешен изгледате како вистинска оперска примадона. Како успевате да се одржите во одлична форма?

Постојана самоконтрола и грижа за своето здравје. Јас тоа го постигнав со самосвест за правилна исхрана, кондициска подготвеност, физички вежби како и неделни третмани на лицето и телото за подобар изглед. Пред секој настап одбегнував дружење од типот на комуникација зашто ги штедев гласилките, како и соодветен одмор за да може да се издржи темпото од три и повеќе часа на сцена.

Цел свој век гостувавте низ светот. Дали при тие посети успевавте да ги посетите модните куќи?

Тоа е точно, навистина многу патував. Но, за жал немав многу време за шетање и обиколување на модните продавници. Многу почесто ми поклонуваа, но сепак некогаш се случуваше нешто да си нарачам да ми се сошие ако останувам неколку денови повеќе за да можам да настапам со различни костими. Никогаш не ми се случило да бидам облечена двапати во ист костим на една сцена. Многу внимавав  на тој момент.

Организиравте модна ревија во Скопје и Радовиш со вашите модни парчиња, вечерни тоалети од настапите. За колкава бројка на модни комбинации станува збор?

Па станува збор некаде за бројка од околу педесетина парчиња концертни тоалети кои беа специјално подготвувани за секој оперски настап поединечно, буквално една цела дизајнерска колекција поседувам, а сигурно уште толку ако не и повеќе приватни парчиња костими и фустани.

Дали експериментиравте со боите и модните варијации? Дали вашата мода доживуваше промени низ годините?

Неможев многу да експериментирам и да го следам модниот тренд зашто сепак бев врвна оперска певица која изведува низа класични и историски оперски дела на кои морав да им останам доследна и во приватноста. Не смеев да бидам Кармен на сцената, а моден ексцентрик надвор од неа. Едноставно не смеев тоа да си го дозволам. Си држев до класичната и елегантна варијанта која  прилегаше на мојот стил.

Од 2006 година Вие добивате спомен поставка во вашиот роден град Радовиш. Изложбен салон со ваши костими, награди, признанија, гостувања. Што беше идејата на ваквиот долговечен проект?

Првенствено идејата беше да оставам нешто на моите сограѓани и на моето родно место Радовиш, да им се оддолжам за љубовта и подршката што ми ја даваа додека настапував по светот. За нивната верна посветеност на моето дело. Едноставно да оставам историски и биографски податоци за мојот живот, моите костими од настапите, моите гостувања, награди и признанија.

Сега после толку години динамична и живописна работа што би им препорачале на љубителите на сцената и на оние кој сега се подготвуваат да го пробиваат патот на уметникот?

Едноставно да ја љубат уметноста со целата своја душа, да ги следат светските уметнички трендови, да бидат послушни и да го следат примерот на своите успешни претходници и да разберат дека славата и успехот не доаѓаат без многу напорна работа, дисциплинираност, жртва и посветеност.

Објавено:
15 јуни 2013