Интервју Ребека: Денес не ми е толку важен изгледот како порано!

Интервју со •
19 јули 2013

Во интервју за Fashionel, околу бременоста ни кажа дека се чувствува малку поразлично отколку првиот пат кога била во блажена состојба и тоа само поради летниот период. Таа вели дека годините кај една жена си бараат дополнителна нега, додека бременоста е фаза на која треба да се посвети уште поголемо внимание што се однесува на изгледот.

- Не сум многу ригорозна во однос на третман врз моето тело и лице во однос на годините. Меѓутоа тие  си бараат поголема грижа, вежбање, но во последно време не го правам тоа многу, порано повеќе вежбав, по три пати неделно, по два часа во теретана, возев ролерки и  не покажав многу килограми за време на првата бременост, што е многу важно за една девојка или жена, зашто тие килограми тешко се враќаат, изјави Ребека.

Таа  беше меѓу првите естрадни имиња што кон крајот на 90-те преку изгледот  почна да руши табуа а притоа и да создава хитови. Искрено и  смело ќе ви каже дека е горда на тоа што беше првата  македонка која на завабната сцена почна да покажува повеќе кожа на себе , преку разголени нозе, длабоки деколтеа, интересни фризури и провокативни стајлинзи. Но, сепак  и во тоа време таа пристапуваше со многу вкус кон визуелната естетика. Свесна дека освен гласот и песните, продава и изгледот, Ребека и денес можете да ја видите во некоја оригинална комбинација и совршен негуван изглед.

Кое е твоето мислење за  изгледот на уметниците од македонската забавна сцена, би издвоила ни некој посебно кој заслужува пофални зборови од овој аспект?

Јас не сум таа што треба да суди, но искрено воопшто кога ја гледам генерално македонската забавна сцена, е на едно ниско ниво  кое е далеку од она што беше пред  пет години. Според мене денес во Македонија воопшто не е интересно да си пејач. Нема некој за кој би кажала дека е специфичен или интересен, би ја издвоила еве Тамара.

Твојата витка линија е момент на генетика или конкретни принципи за одржување на здраво и обликувано тело?

И генетика и принципи на одржавање, се во едно. Јас постам, половина година го правам тоа. Ако не се јаде леб, навистина се слабее, кај мене веднаш се забележуваат 3 килограми помалку.

Колку сега ви е важна надворешната убавина за разлика од порано?

Сега не ми е толку важна таа надворешна убавина, поважно ми е она што ќе го кажам да е на место, сите се менуваме, порано ми беше многу важен изгледот, беше на прво место а сега не е. За убавина најважно е да имаш негувана кожа, да не се појават предвреме брчки. Досега направив многу трансформации на изгледот, менував фризури, боја на коса,вадев веѓи и буквално многу работи кои соодвествуваа со мојот карактер и мојата филозофија на живеење.

 Се огледувате ли една со друга со Хелена?

Па не. Многу сме различни,порано имавме некои заеднички нешта во облекувањето, сега сме сосема различни, меѓутоа високите потпетици ни се заедничка слабост. Фала му на бога нема што да сокријам на моето тело, сразмерно сум градена, гледам да ги истакнам нозете, да облечам нешто комфорно за преку ден, за навечер може да биде и нешто постегнато, па да трпам за убавината.

Трошите ли многу пари за скапа и брендирана гардероба?

Не ми е важно да купувам брендирана облека, зашто имам семејство и пред се ми е важно да заштедам некој денар за дома. Кога си сам е поинаку, порано давав повеќе пари за себе, за гардероба, сега сакам да имам  добра чанта, да имам добри чевли и за тоа знам да дадам многу пари, меѓутоа не патам од тоа, ако видам некое парче а не е многу скапо и не е брендирано, сигурно ќе го купам.

Дали сте роб на модата?

Роб на модата не сум. Мислам дека секогаш сум имала свој специфичен стил. Дури во одредени моменти во животот и кариерата, можам да кажам дека сум ја диктирала модата  и пред време сум ги носела многу работи, но тоа не е благодарение само на она што сум јас, туку и на тимот кој што работел со мене, креатори, стилисти кои ми помагале и ми давале совети.

Соработуваш со модната куќа „Елена Лука“, зошто токму со нив?

Елена е одличен професионалец, таа е една од ретките што за кратко време, застана на стабилни нозе на македонската модна сцена. Мое мислење е дека доколку има амбиција може многу добро и надвор да се промовира. Има прекрасни креации особено свечени тоалети и веќе е препознатлива, многу жени би сакале да носат и да си дозволат такви креации. Јас лично ја ставам меѓу првите во Македонија, а за секоја свечена пригода верувам  дека секоја жана или девојка би сакала да сврати таму и да си купи и носи нешто потпишано од  „Елена Лука“.

Објавено:
19 јули 2013