ИНТЕРВЈУ Саша Евтимова: Убавината пред се е пeрцепција а не шминка!

Интервју со •
25 јуни 2013

Колку танцот и музиката придонесоа за оформувањето и стилизацијата на  сопствената личност и вредности?

Животот е како една  голема сцена во која сите танцуваме , танцот и музиката е она што не води во животот. Музиката оживува, има експлозивна експресија на хуманост, која сите не допира, таа го допира секој дел кој што не може да се искаже. Танцот е пулс на срцето кое бие, кое дише, тоа е ритамот на животот, експресија на време и движење.

Сцената сама по себе е прилично исцрпувачка и напорна. Како го одржувате континуитетот на физичка и психичка подготвеност?

 Да танцуваш значи да излезеш од својата комфортна зона, да се чувствуваш возвишено, прекрасно, моќно...нема поубаво чувство од тоа кога ќе излезеш на сцена, кога ќе ја видиш публиката во салонот, кога ќе го добиеш првиот аплауз...Во тие моменти забораваш на се...на сите моменти кога си сакал да се откажеш, на сите солзи пролиени, на ноќите неспиенин на сите повреди стекнати..Во тие моменти те води срцети и мислата, јас сум створена да танцувам. Да танцуваш до нозете е едно, но да танцуваш со срцето е нешто сосема друго, друга димензија.

Без разлика на сите откажувања во секојдневниот живот, јас сум целосно исполнета кога сум по цели денови на работа, тоа е она што ме одржува во живот. Го сакам психо-физичкиот напор, го сакам лудилото кога си во сала 12 часа, кога срцето го прави ритамот, крвта танцува, го сакам моментот кога танцувам со отворени очи, кога ќе одлетам во далечината и видам проекција на движење...тоа се тие моменти кога си најкреативен и инспиративен, чувство кое не сака никогаш да замине. 

Секое ново балетско остварување е сосема различно искуство од претходното. Колку време, работа и посветеност е потребно за совршена танцова изведба?

За се во животот треба време, работа, посветеност и пред се многу љубов, за да се стигне до некоја си илузија на совршенство. Но и кога ќе стигнеш до таа цел, секогаш се стремиш кон подобро. За вистинскиот уметник не постои совршенство. Танцот има димензија надвор од физиката. Телото како несовршено е само дел од сликата. Енергијата, квалитетот на движењето, духот на танцот – тоа е она што го гледаме под светлата. Вистинскиот уметник не е голем поради неговата техника туку поради неговата пасија и љубовта кон тоа што го работи.

Вие важите за страсна балерина на сцената. Колку пасијата и емоциите кон вашиот танц имаат улога во модниот склоп на секојдневието?

Секогаш правам комбинации според тоа како што се чувствувам. Сакам да се чувствувам удобно во тоа што го носам, тоа е работната облека и шпиц патиките зашто поголем дел од денот сум во сала, но за жал тие работи не можам да ги користам во секојдневието. Модниот склоп нема никаква улога во секојдневието затоа што не се работи за мода туку за тоа колку се чувствуваш удобно во својата кожа и како на кој начин се презентираш себеси и тоа што го носиш. Убавината пред се е перцепција, не е шминка.

Покрај  активниот танц, вие сте и извонреден кореограф на модерни авторски перформанси. Што е инспирацијата за вашата инвентивност и креативност во играта?

 Да се биде креативен значи да си загубен во животот, да ги негуваш и добрите и лошите спомени, среќета и тагата, љубовта и болката, кога ќе ги прифатиш сите страни во животот и си искрен со своите чувства пред се кон себеси, тогаш гледаш на работите со поголема чувствителност, благодарност и разбирање на животот. Најважните моменти од животот се најтешки за искажување, затоа тука е кореографијата, која ја гледам како писател кој го фаќа перото(играчите) и ги пополнува празните страници на книгата (сцената), секое движење е ден збор, комуникација меѓу душата и телото. Танцот е најосновната релевантна форма на експресија. Поезијата и музиката постојат во времето, сликарството и архитектурата се дел од просторот, а танцот живее во просторот и времето.

Како се роди љубовта кон кореографијата? Дали постоеше пресуден момент на одлука?

Верувам во тоа дека секој од нас, пред себе има некоја зацртана патека низ која чекориме, за која сме створени. Кореографијата и танцот се моите патеки за кои јас сум створена. Тие се мојот пулс, откучување на срцето, ритамот на животот.

 Дали постои модна икона во вашиот свет која била поттик за начинот на вашата модна афирмација?

Не верувам дека постои некоја модна икона која била поттик за мојата модна афирмација. Модата е секаде околу нас, на небото, на улиците, модата доаѓа од идеите, таа е одраз на кој ние живееме.

Дали активно ги следите светските модни трендови или едноставно креирате сопствена модна практика?

Како кореограф или уметник, секогаш сакам да креирам. Модата треба да ти даде слобода на изразување, а не чувство на затвореност само затоа што е нов светски тренд.  

Колку класичните модни парчиња се присутни во вашиот гардеробер или можеби уживате во смелоста на ексентричниот шик ?

Немам класични модни парчиња, повеќе го сакам ексцентричниот шик. Самата идеја на склоп на различни парчиња, кои можеби во нечии очи не одат заедно, за мене е интересна и стилска комбинација.

Дали постои некој моден аксесоар кој е ваш препознатлив момент (шапка, марама, накит)?

Марама и голема торби, која собира доволно место за целата балетска опрема, лаптоп, тетратка и по некоја книга.

Која дестинација што сте ја посетиле би ја препорачале како неизбежно модно прибежиште?

Њујорк е дефинитивно местото кое што би го препорачала, склоп на сите култури. Град кој живее 24 часа. Убавината таму е што никој не обрнува внимание на тоа кој сте и како сте облечени.

Создавањето на авторското дело бара зреење на кореографскиот ум и усовршување на балетската азбука. Колку вашето време дозволува да растете во таа насока и дали работите на некој конкретен проект во моментов?

Со секој нов проект созреваш и  откриваш една нова страна. Моментално работам на неколку проекти одеднаш, но нема поголемо задоволство од моментот кога ќе влезеш во сала и ќе почнеш да креираш. Во подготовка сум на два проекта за Националната компанија во Тбилиси, Грузија каде што работам како резидент кореограф.

И како за крај би ве прашала која е тајната на уметничката визија со која несебично не наградувате и оплеменувате?

 Нема никаква тајна, биди искрен на себеси. Верувај во себе и во своите креации. Бидете трпеливи. Не дозволувајте славата да ви удри во глава, а неуспехот да ви го скрши срцето. Никогаш не се откажувајте од своите соништа, иако почетоците се најтешки. Понекогаш треба да излеземе од својата кутија и да се потсетиме кои сме, каде сме и што сакаме да бидеме. Светот е канвас на нашата имагинација.

 

 

Објавено:
25 јуни 2013