Интервју TK Wonder: Не плашете се да пробувате нови работи

Интервју со •
4 ноември 2014

Доколку сте имале можност да присуствувате на нејзин настап, истиот сигурно Ви останал цврсто во меморијата. Текенја или попозната како TK Wonder, своите силни впечатоци ќе ги каже за Македонија и публиката пред која настапила. Поширокиот аудиториум, на наши простори  ја запозна  преку енергичните настапи со реномираниот музичар Кирил Џајковски, додека пак светскиот, ја познава по изведбите на врвни музички фестивали, на чии сцени настапиле имиња како: Ерика Баду, Дафи, Продиџи, Африка Бомбата и многу други. Текенја е 29-годишна девојка која потекнува и живее во Бруклин-Њујорк, чија главна животна преокупација се електронската хип-хоп музика, компонирањето и пишувањето текстови. Музичките ангажмани со Џајковски, уште еднаш го насочија нејзиниот правец кон Скопје, а ние ја искористивме приликата непосредно да поразговараме со неа и да Ви овозможиме  да се запознаете со нејзината неповторлива харизма. Безрезервно прифати да биде наша соговорничка и притоа откри повеќе карактеристики и ставови поврзани со музиката, како и модата која е нејзина втора пасија. Како за музиката,  така и за модата  разговара со истиот жар, бидејќи како што вели,  постојано е со својата сестра близначка, која пак' има свој портал каде пишува и ја следи њујоршката мода.

 

Преку настапите со Кирил Џајковски имавте можост неколкупати да посетите неколку градови во Македонија.  Настапивте  уште на неколку познати Балкански музички фестивали. Како ја доживувате  нашата земја и што мислите како публиката Ве доживува?

-Веќе некое време работам со Кирил и ја обожавам Македонија. Првото нешто што ми остави впечаток е храната. Јас сум голем гурман и сакам да пробувам различни традиционални јадења. Овде за прв пат пробав бурек и ајвар. Храната ви е одлична. Каде и да одам, секогаш храната е она што ми остава впечаток. Потоа, би ги спомнала луѓето. Македонците се толку широкогради и пријателски настроени, што никогаш не сум се почувствувала како странец. Тоа е втората добра работа од Македонија – гостопримливоста на луѓето. Турнеите со Кирил се одлични. Во последниве три години настапивме на многу добри фестивали. Едвај ја чекам следната турнеја.

 Како се создава миксот меѓу различните модни дефиниции и музиката, кој е стилскиот приватен и сценски печат на ТК Wonder?

-Музиката дефинитивно влијае на мојот изглед и стил. Музиката на Кирил е многу моќна, па и јас сакам така да изгледам на сцена: моќно, дури малку и агресивно. Сакам да скокам и да играм. Што се однесува до сексапилот, не е дека намерно се трудам да бидам секси, навистина. Порано бев и машкуданеста. Дури откако наполнив 18 години почнав да обрнувам внимание на модата. Сега ја обожавам и е дел од моето секојдневие. Сакам да се облекувам убаво. Не сум опседната со тоа, но сметам дека кога жената е добро облечена, таа е посамоуверена. Во врска со мојот изглед на сцена и приватно, можам да кажам дека се разликуваат. Надвор од сцената преферирам многу поопуштен, кежуал стил.

 

Во една изјава велите  дека жените самодовербата ја наоѓаат во облеката што ја носат. Кои се прчињата облека што ви  даваат самодоверба?

-Мислам дека немам одредени парчиња облека кои ме прават самоуверена, туку самодовербата доаѓа од мојата личност, а облеката само го отсликува тоа. Сметам дека мора пред сѐ треба да поседувате самодоверба одвнатре, а облеката може само дополнително да го истакне тоа. Имав среќа да растам со прекрасни родители кои ми пружија многу љубов, секогаш ме поддржуваа во сѐ што правам и ме научија дека ништо не е невозможно. Благодарна сум им за тоа, бидејќи многу позитивно влијаеше на градењето на мојата личност и создавањето самодоверба.

Неодамна заедно со вашата сестра близначка имавте соработка со шведската етикета Other Stories  за која снимивте рекламна кампања. Дали и понатаму може да очекуваме модни ангажмани?

 - Неодамна снимивме видео за новата кампања на модната линија GAP и сме многу возбудени за тоа. Видеото треба да излезе наскоро. Верувам дека ќе има и други соработки во иднина.

Бруклин каде живеете е познат по винтиџ продавниците. Какво е искуството во овие специјализирани места со оглед на тоа дека практикувате  приватно да носите  токму парчиња од 70-тите и 80-тите?

-Да, дефинитивно. Ги обожавам винтиџ парчињата, ги носам во секакви комбинации. Винтиџ чевлите ми се омилени, особено оние од брендот „Џефри Кемпбел“. Освен во продавниците, купувам доста и преку интернет. Постои и уште  еден бренд , „Насти Гал“, чии парчиња многу ми се допаѓаат, а можат да се купат онлајн, на нивната официјална веб-страна. Најчесто ги комбинирам парчињата од овие два бренда со други винтиџ парчиња купени од најразлични места. Инаку, сѐ што ми треба можам да си најдам во Бруклин, но и на други локации низ Њујорк. Њујорчаните имаат доста развиено чувство за мода и стил, па може да се најде буквално сѐ за сечиј стил, но и за сечиј џеб, а тука спаѓа и дизајнерската облека.

Од кој моден агол го перцепирате Њујок како метропола за време на модните недели и по нивното завршување, ги посетуваш ли истите?

- Лани за првпат почнав да одам на Њујоршката модна недела. Сестра ми има веб-страна на која пишува за модната недела, за буквално сите модни ревии, па таа е редовен гостин таму, а од лани и јас ја придружувам. Она што многу ми се допаѓа во врска со модната недела е тоа што на луѓето таму не им е важно кој сте. Не е важно дали сте пејач, глумец, дали сте славен или не. Важно е само дека сте љубител на модата, без разлика на вашиот статус во општеството, возраст, раса, боја на кожа... Тоа е навистина супер.

Би можеле ли да издвоите  дизајнер или бренд на чија работа се воодушевувате исто како и на музиката?

- Ако мора да издвојам, би рекла дека тоа е брендот за чевли „Џефри Кембпел“, кој претходно го спомнав. Апсолутно обожавам чевли. Кога треба да смислам што ќе носам за која било прилика, секогаш започнувам од чевлите. Важно ми е тие да се необични, а токму такви се чевлите од „Џефри Кемпбел“.

 Вашите настапи се проследени со брзо и енергично темпо. Колку активноста на сцена и играњето ви  помагаат во одржување на линијата?

-Тоа што сум активна на сцена има огромна улога во одржувањето на мојот физички изглед. Јас исто така и вежбам, бидејќи постојаното играње и скокање на концертите бара да имате добра физичка кондиција, но можам слободно да кажам дека во обликувањето на телото многу ми помага и постојаната активност на сцена.

Косата е Ваш заштитен знак. Која е приказната зад ова богатство од коса и кои се ритуалите за секојдневно одржување?

- Ја растам косата веќе 11 години. Тешко ми е да се справам со неа кога одам на турнеи, бидејќи мора постојано да ја мијам и чешлам, а тоа не е лесно со мојата коса. Што се однесува до нејзиниот изглед, мојата тајна е тоа што никогаш не ја чепкам. Не си играм со неа,  прстите не ми се постојано пикнати во косата, туку само ја оставам таква каква што е и ја пуштам да расте.

Што би ги советувале  припадничките на понежниот пол  да  направат барем еднаш во животот!?

- Она што им го препорачувам на сите е: не плашете се да пробувате нови работи. Честопати имаме желба да направиме нешто, но се плашиме бидејќи ни е непознато. Едноставно, пуштете го стравот да си оди и преземете го првиот чекор.

 

Објавено:
4 ноември 2014