ИНТЕРВЈУ Жарко Димоски: Изрази се без да проговориш

Интервју со •
27 јуни 2013

Мултиталентиран, неодоливо шармантен и харизматичен со неверојатен набој на позитивна енергија. Млад, енергичен и перспективен, неговото време допрва доаѓа. Екипата на Fashionel ја имаше честа и задоволството да биде гостин во домот на актерот Жарко Димоски - „Стилски“.

 

 

За уметноста вели дека е нераскинлив дел од неговиот живот, храна за неговата душа и компонента број еден во изградувањето на неговата личност и карактер. Да се биде актер не е воопшто лесно како што изгледа. Го прашавме како го одржува балансот на физичка и ментална подготвеност.

-          Покрај напорните проби, во денот одвојувам час до час и половина време да вежбам во теретана , фитнес и кардио вежби, а интелектуалниот индекс го збогатувам со читање книги и пеење. Најмногу пејам на сцена, вели Димоски

 

 

Позборувавме и за процесот на творење и градење на ликови. Вели дека ништо и никогаш не е доволно во градењето на една улога.

-          Всушност, ние даваме живот некому, го земаме неговиот лик и дело, му го позајмуваме нашето тело, животно искуство, инспирација и фантазија и го оживуваме, изјави Жарко.

Член е на театарскиот ансамбл при ново отворениот Театар Комедија, под раководство на Јелена Жугиќ. Последната претстава во која го гледавме е „За секого има по една“ во режија на Владлен Александров, но исто така настапува и на сцената при Драмски Театар. Неговиот репертоар на улоги во рамки на проекти од еминентни имиња од македонската и странската сцена е доста богат.

 

 

Во  модниот свет на „Стилски“ театарот и музиката се главни двигатели. Тие се моторот на инспирација.  Симболичниот „прекар“ му го измислиле колегите заради фактот што е секогаш дотеран и скоцкан од глава до пети, а еве која е неговата дефиниција за модата:

-          Oблеката е начин да се каже она што не можеме да го пренесеме со зборови, да се изразиш без да проговориш ,вели младиот актер.

 

 

Да бидеш модерен за Жаре значи да се има талент и  чувство за мода. Генерално треба да се поседува нешто апстрактно, моќно, единствено. Треба да се поседува инспирација. Пораката што тој ја праќа со својот стил е индивидуална за секој човек, ама важно му е да биде свој. Кога сака да привлече внимание не мора да облекува јамболии и кожи, како вели туку целата таа композиција сака да е проткаена со сенс за материјал, боја и приказна.

-          Секој има право на свој стил, каков и да е негов е. Работата со стиловите знае да биде деликатна, се создава двоење на човекот, затоа што, тоа што за некои е модерно и тренди за други не е и обратно. Луѓето се комплицирани кога станува збор за модата, кажа „Стилски“.

Во неговиот моден свет не постои модна икона, за него инспиративен период и мотиватор, создавач на неговата мода и стил се филмовите на прохибицијата.

Стајлингот во филмовите за мафијата, поточно,  „Кум“, кој е еден од моите омилени,  ми е неприкосновен, како и „Scarface“. Станува збор за класика, авангарда. Тоа мене ми буди чувство на убавина, двоење од другите. Оделото, класиката, тоа за мене е едноставност, а едноставноста перфекција.“

 

 

Не ја следи нашата модна сцена, ама со задоволство би носел едно од оделата на армани за кои нагласува дека се на раб на совршенство. Ги почитува и дизајните од реномираните брендови на Бицијани, Бершка и Молекулар, а на овој последниов со задововолство би му дал и да му го преуреди плакарот.  Неговиот орман е вистински микс на парчиња облека, има од сè и тоа по многу. Поседува и скапи и брендирани парчиња но и евтини, не пати од тоа да носи облека која е брендирана, го купува тоа што му се допаѓа.

 

 

За него најмоден и најмодерен град е Скопје, можеби не е во топ 5, но е на добар пат да биде.  Од кога знае за себе, не може без часовник, очила за сонце, паричник, добри обувки и шапки.

-          Ако сакате да бидете дел од модата, модните додатоци се неизбежен елемент. Сметам дека чевлите се еден од најголемите фетиши на секој маж, изјави актерот.

 

 

Не се чувствува како метросексуалец.

-         Ми се случувало да ги издепилирам градите за некоја претстава, но сметам дека тоа е нормално и не навлегувам во такви крајности, констатира Жаре.

Креативно и духовно надополнување во неговиот свет е неговата девојка Билјана Стојкоска, која штотуку дипломираше на Музичката Академија во Скопје. Жаре вели дека таа не му се меша во градењето на стилот и купувањето облека. Но кога е во недоумица Биби го има решението.

 

 

Освен модните предизвици, „Стилски“ во наредниот период го очекуваат и професионални. Го прашавме што ново да очекуваме.

-          Се крчка „Хамлет во Пикантен сос“, по текст на Алдо Николај, а во режија на младата Александра Кардалеска. Се работи за претстава перформанс, една не класична постановка, затоа што има многу ритам, музика, машинерија која се движи и не го остава гледачот да земе здив, рече Димоски.

 

Објавено:
27 јуни 2013