Интервју:Стефани Павловска - „Арт Лаб“ креира подобри услови за сите уметници и таленти

Интервју со •
3 јуни 2014

„Лабораторија за уметност“ е таков тип на организација чија цел е промоција и едукација на млади креативци во областа на уметноста, модата, музиката и филмовите, а воедно нуди работилници за едукација и пракса. Модниот портал Fashionel.mk како промотор на културата и уметноста, одблиску ќе ве запознае со работата на Art Lab.

Како дојдовте до идеја за создавање на Art Lab?
Првичната идеја дојде од еден обичен разговор за фотосесија. Сите предлози ги запишувавме и   решивме да ја изведеме попрофесионално самата идеја, па за таа цел во проектот вклучивме костимограф и мејкап артист. Откако го изградивме проект планот јас (Стефани Павловска) и Зоран Настески, одлучивме да регрутираме уште неколку млади професионалци да ни помогнат. Фотосесијата помина одлично и тука започна нашата нова креативна приказна.

Што претставува Лабораторијата за Уметност и која  е целта на организацијата?
„Арт Лаб” всушност представува платформа за откривање, унапредување и поврзување на таленти од различни профили, каде што се работи на градење на нивната кариера. Преку проектите што ги креираме, членовите на нашата организација имаат можност да соработуваат во тимови, да креираат аудиовизуелни дела и да придонесат за развивањето на одредени култури и уметности.

Кои проекти се досега сработени и колку постои интерес за промоција на креативци во македонскиот етер и пошироко?

Досега се сработени околу 10 проекти. Интерес постои, доста често не контактираат млади креативци од најразлични уметнички бранши, кои имаат многу потенцијал и енергија, но сеуште не знаат како да ја насочат и преточат таа инспирација во дело. Затоа сме тука ние да им помогнеме да се надоградат и реализираат на професионален план.

Кој се е дел од тимот на Art Lab?
Претседател на организацијата е Зоран Настески кој заедно со мене  ја основаше организацијата, јас како извршен директор и уште неколку личности кои многу ни помагаат од позадина. Тука е и нашиот менаџерски тим без кој не можеме да функционираме, а тоа се: Ерика Пешиќ (Односи со Јавност), Филип Чаушевски (Маркетинг), Трајче Сачкарски (Проект Менаџер и  Евнент планер), Мице Карајов (Графички Дизајн), Андреј Аговски (Веб и Фотографија) и многу надворешни соработници кои редовно се вклучуваат во нашите проекти.

Бидејќи станува збор за организација која е пред се промотор на поинакви култури, колку е тешко да се излезе од анонимноста и кој е фидбекот од сработените проекти?
Искрено пријатно сум изненадена од реакциите, одзивот е се поголем, тоа особено го увидовме по завршувањето на проектот „Бради и Тетоважи“. Верувам дека фидбекот доправа ќе го почувствуваме, бидејќи секој нов проект завзема се посериозни размери од претходниот.

Дали е досега остварена некоја меѓународна соработка?
Да, на тоа поле одлично ни оди, соработките се претежно на другите континенти како на пример: САД, Канада и Австралија, но исто така градиме и партнерски односи со европски организации и компании. Во иднина повеќе ќе откриеме за ова, сега за сега имаме уште многу мостови да изградиме.

Како течат подготовките за реализација на одреден проект?
Би сакала да напоменам дека проектите што ги генерира организацијата се отворени за сите членови, а исто така и градиме проекти од идеите на нашите членови. Кога станува збор за подготовка, секогаш започнуваме со кафе и креативни муабети, каде што всушност започнува „бреин стормингот”, постепено преминуваме во истражување, планирање, реализирање , постпродукција и на крај промоција или дистрибуција, во зависност од тоа за каков проект станува збор.

Една од мисиите на „Арт Лаб” е подобрувањето на условите на студентите, но колку се тие заинтересирани за стекнување на знаење и колку се подготвени за тимска работа?

Интерес секогаш има. Голем дел од студентите имаат многу прашалници во врска со својата кариера, како и каде да ја започнат. Тука сме ние, како дел од едно социјално претпријатие да им понудиме едукација, пракса, а во иднина и работа. Преку соработката студентите ги остваруваат контактите кои сметаме дека се битни за една личност која сака да се изгради на одредено поле.

Дали мислите дека кај нас трпи аптернативната уметност за сметка на секојдневната комерцијализација?
За жал сметам дека кај нас алтернативната уметност сеуште е недоволно сфатена и прифатена, но ние работиме на тоа да се промени ситуацијата.

Колку медиумите ја препознаа вашата креативна цел и дали постои интерес за промоција или соработка за остварување на вашата мисија?
Ние сме прилично млада организација и сме многу горди на она што го реализиравме за кратко време. Нашата платформа за колаборативна соработка и здружение кое работи на полето на градење на културата и уметноста е всушност многу покомплексна од тоа како изгледаат работите, па затоа секогаш сме отворени за соработка и вмрежување. Не сме биле многу присутни по медиумите, но во иднина се надеваме дека ќе ни излезат во пресрет при реализација и промоција на нашите проекти кои не само што ќе им помогнат на нашите членови да го покажат својот талент, туку и ќе помогнат при градење и промовирање на недоволно неразвиени култури и уметности.

Која порака би сакале да им ја испратите на младите уметници?
Како тим  на млади ентузијасти нашата мисија е да креираме подобри услови за сите уметници, таленти и кариеристи, а воедно и да бидеме организација од јавен интерес, па затоа би сакала да напоменам дека креативните идеи преку колаборативна работа секогаш носат големи промени, споделете ги вашите идеи и градете ги заедно.

Во последната година заживеа уметноста кај нас и луѓето се почесто посетуваат настани, изложби, претстави и модни евенти. Колку вие го пратите овој тренд и кои се бенефициите од истиот?
Постојано се трудам да ги пратам и да бидам дел од случувањата во светот на уметноста. Како бенефиции би ги навела остварувањето на контакти, поддршката на и од колегите креативци и се разбира инспирацијата која никогаш не знаете од каде може да ја исцрпите.

Колку ги пратите модните трендови и работата на македонските дизајнери?
Ги пратам светските и домашните модните трендови, но не можам да кажам дека сум жртва на модата, имам изградено свој стил кој го негувам и знам што одговара на мојата фигура. Се разбира како и секоја млада девојка уживам во шопинг и во мојот плакар можат да се најдат дизајнерски парчиња. Некои од моите најдобри пријатели се модни дизајнери.

Каков стил преферирате професионално, а каков приватно?
Кога сум во канцеларија или на деловен состанок најчесто сум во кошула и панталони или молив здолниште со високи потпетици, а кога фотографирам или работам на сет преферирам лежерен стил, облека во која се чувствувам пријатно и која нема да ми пречи во работата. Приватно одам на некои похрабри комбинации, ја сакам авангардата и често експериментирам со фризурата.

Кои се идните планови на Art Lab?
„Арт Лаб” е дел од едно социјално претпријатие и во иднина планираме да работиме на проекти на интернационално ниво. Ваквите проекти ќе им донесат можност на многу млади уметници да работат на професионални и платени проекти, да ги реализираат своите идеи и да патуваат околу светот. Планот е да направиме  мрежа на таленти, кои ќе креираат голема слика за уметноста и културите во Македонија и регионот.

Објавено:
3 јуни 2014