дизајнерка

Италијанците поставуваат високи модни стандарди кои тешко се следат

Интервју со
Искра Младеновска
6 август 2020

Домашната публика ја запозна како модна блогерка (блог: Aesthetics Illustrated), но нејзината амбиција не застана тука. Дипломираше моден дизајн на „Универзитетот ФОН“, а потоа го продолжи образованието во Милано, поточно на „Политехничкиот универзитет“ (Politecnico di Milano) каде и магистрира. Модата е буквално нејзино секојдневие и пат на кој секојдневно отвора нови врати.

Како асистент на факултетот за „Арт и дизајн“ при Европскиот факултет, имала шанса да се најде од другата страна со студентите и да им помогне во нивното самооткривање кога е модата во прашање.

Денес, интензивно е посветена на создавање свој бренд за одржлива мода и работи како арт-консултант во странска компанија.

Нејзиното име е Искра Младеновска, а во разговорот со нас сподели како изгледал животот во италијанската лулка на модата, каков е предизвикот сега кога е дома, но и како се јавуваат нејзините први искри за дизајнот, приказна што можеби ќе ги инспирира оние што допрва треба да се запишат некаде или се двоумат:

„Уште од дете ме влечеше уметноста и знаев дека мора да се занимавам со нешто креативно. На почетокот не бев определена конкретно за мода. Најбитно ми беше да можам да ја пренесам мојата креативност, а тоа најчесто беше преку цртање. Како што растев почнав сè повеќе да размислувам за модата како кариера. Финалната одлука ја донесов кога дојде време да изберам каде ќе го продолжам образованието после средно школо. Сите околу мене се определуваа за општествените науки, но јас знаев дека не припаѓам таму. Финалната одлука ја донесов кога ја добив стипендијата од Универзитетот ФОН и без двоумење ја прифатив. Оттогаш наваму, модата е она на што сум фокусирана“, ја започнува приказната Искра.

Со оглед дека можела одблиску да ги искуси и македонскиот и италијанскиот образовен систем, позборувавме и за тоа колку се разликуваат и каде се разминуваат најмногу.

„Разликите во студиите во Скопје и Милано се огромни. Но, не би рекла дека едното е повеќе позитивно од другото бидејки двете беа посебни на свој начин. Во Скопје односот професор-студент беше многу полесен. Со професорите бевме многу блиски и секојдневно беа покрај нас да го следат процесот на работа и да одговорат на нашите прашања. Во Италија не е така. Бројот на студенти е значително поголем од тука и многу е потешко за професорите да имаат контакт со секој студент посебно. Поради тоа, таму најчесто се преферира работа во групи наместо индивидуално. Но, во однос на капацитетот и условите кои факултетот ги нуди, тие се далеку понапредни од нас. Се изучуваат техники на работа кои сè уште не се развиени тука“, вели младата дизајнерка.

Посветеноста и љубовта кон професијата резултираат со тоа да се стекне со титулата „магистер“, но и одблиску да се запознае со еден од најразвиените модни центри.

„Насоката на која магистрирав се вика - Design for the Fashion system. Всушност тоа е смер кој не се фокусира само на процесот на дизајн, кроење и шиење, туку ги учи студентите како да ја гледаат модата и од бизнис аспект и како да ја спојат истата со модерната технологија и да размислуваат за функционален дизајн прилагоден за иднината. Милано е динамичен град со големи контрасти. Исполнет е со могу убавини и богата култура, а сепак тој е главниот бизнис центар на Италија. Тоа остава голем печат на модната индустрија. Всушност, таа е и духот на градот. Италијанците знаат како да ја ценат модата и со тоа поставуваат и високи стандарди кои тешко е да се следат.  Кога станува збор за животот во Милано како студент, тој е ист како и во секоја друга метропола – брз и хаотичен, исполнет со многу забава, могу непреспиени вечери поминати во учење и многу, многу мода“, објаснува Искра.

Токму тој живот надвор од дома го смета за свој најголем животен предизвик.

„Напуштањето на Скопје и селењето во Милано е еден од најголемите предизвици со кои се имам соочено. Новиот живот потполно сама, во речиси непознат град беше нешто што го направив првпат во животот и не знам дали би имала храброст да го направам повторно. Но сега, две години подоцна, како магистриран дизајнер се соочувам со нови исто толку возбудливи предизвици. Градењето кариера, пронаоѓањето на соодветна работа и изразувањето на себеси преку дизајнот се само дел од предизвиците со кои се сретнувам на секојдневно ниво“.

Ангажманот како асистент на факултетот за „Арт и дизајн' при Европскиот универзитет, ја доведува во директна комуникација со студенти, а на прашањето, според нејзиното искуство, зошто младите се одлучуваат за оваа професија, ќе рече:

„Да, имав прилика да запознаам многу млади и талентирани студенти кои имаат потенцијал да станат одлични дизајнери. Сите тие се желни да се изразат себеси преку своите креации и да го покажат својот талент во јавноста. Тие сакаат да остават печат на модната сцена кај нас и да придонесат во нејзиното понатамошно развивање. Токму поради тоа сметам дека тие ја бираат оваа креативна професија. Студентите се интересираат за модната индустрија и за тоа како таа се развива надвор од нашите граници. Ги интересираат новите техики и тенденции кои ќе бидат основа за добриот дизајн во иднина“.

Чекорењето во различни области кои сепак ги имаат естетиката, дизајнот и креативноста како заеднички нишки е нејзин начин да ја задоволи љубопитноста, стремежот и да го најде својот моден израз. И додека чекори низ животот и се потпира на советите на најблиските, бидејќи верува во нивното мислење, но на крај одлуките ги носи потпирајќи се на сопствената интуиција. Надвор од она што ја окупира професионално, ќе рече е упорна, нетрпелива, зависна од работа, по малку срамежлива и тивка, но секогаш на време. Љубител на патувања и добра храна и желна за учење нови работи и проширување на своите видици.

 

“Желба за истражување и испробување нови работи лежи во моето „разгранување“. Никогаш не сум се гледала себеси врзана за една работа. Да, ја сакам модата, но тоа не значи дека сакам да се фокусирам само на дизајнот. По природа сум личност која не сака да седи долго во место. Сакам да правам повеќе работи во исто време, тоа ме исполнува. Блогот ми беше првиот медиум преку кој успеав да стекнам многу познанства кои подоцна ми помогнаа да ги проширам своите видици и да се пробам на различни работни позиции. Една година бев асистент на стилист во списанието „Unique“, работев како Backstage coordinator за Модниот Викенд во Скопје, во Милано работев како модел, а моментално се обидувам да изградам сопствен бренд за одржлива мода. Не знам каде ќе ме однесе иднината, но љубопитна сум за нови искуства и предизвици“, посочува Младеновска.

На прашањето пак, што била нејзината најголема заблуда за модата и светот на дизајнот, ќе рече:

„Дека работите секогаш течат лесно и по план. Имајќи го искуството кое го стекнав изминативе неколку години студирајќи и работејќи во оваа индустрија сега знам дека не е ни приближно така. Почнувајќи од самата инспирација за дизајнирање која не секогаш доаѓа така лесно, па сè процесот на шиење, многуте грешки кои настауваат, организацијата на поголема група на луѓе, најразлични фотосесии итн. За сè е потребно многу трпение и многу повеќе труд од тоа што можев да замислам. Но, на крај секогаш се исплати“, а тоа планира да го докаже со сè што прави, а што еден ден ќе ја доведе до реализирањето на амбицијата да има бренд со свој попис, а во корист на животната средина.

Ѝ посакуваме многу успех.

Објавено:
6 август 2020
Прочитано:
1.800 пати