Ивана Рабреновиќ: Даниел Кајмакоски е мојот манекен за сѐ!

Интервју со •
12 септември 2014

Иако не можеме да ја видиме многу често на ТВ екраните или пак како говори за себе и за својата кариера во некој пишан магазин, Ивана Рабреновиќ е неверојатно топла и харизматична личност со фасцинантен талент каков што секој може да посака! Македонската публика ја запозна како стилист на победникот на Икс Фактор, Даниел Кајмакоски кој за своите настапи изгледаше неверојатно светски и секогаш со особена уникатност во комбинациите, а денеска за него ќе каже дека го обожава и дека тој е нејзиниот манекен за сѐ! Таа се погрижи и за стајлингот на нашиот евровизиски тим претставуван од Тијана Дапчевиќ, кои во Копенхаген беа прогласени за најдобро облечени претставници од сите земји учеснички. Веќе седум години, Ивана работи како моден уредник во српскиот магазин Story, а одлично ѝ оди и работата во нејзиното студио едноставно наречено „Студио Простор“. Таа е една од најпознатите стилистки во Србија, а досега има соработувано со ѕвезди како Здравко Чолиќ, Наташа Беквалац, Емина Јаховиќ, тенисерот Новак Ѓоковиќ, Александра Радовиќ и многу други. Во продолжение, за кратко нурнете се во ултра позитивниот свет на Ивана и дознајте ги сите тајни за тоа како да бидете стилска девојка оваа сезона!

-Во кој момент од животот Ивана одлучи дека сака да биде стилистка? Која беше твојата најголема инспирација за да почнеш да се занимаваш со оваа професија?

Мислам дека отсекогаш го сакав баш тоа... да се занимавам со нешто што е поврзано со облеката и мечтаев да бидам костимограф на некои филмови сместени во разни епохи, каде би изработувала костими за 300 луѓе, но ете, на крај станав стилист. Тоа е една многу убава професија, најмногу заради луѓето со кои сум работела досега и со оние со кои работам во моментов. И денеска, сѐ уште мечтаам да изработувам костими за филмови, претстави и различни други настани. Инспирацијата за оваа работа кај мене дефинитивно доаѓа од различни магазини (кои ги собирам целиот живот) и секако од филмови... кои отсекогаш најмногу ме привлекувале.

-Наброј ни некои од познатите личности со кои досега си работела...Кој од нив бил најтежок за соработка, а со кој работата „ти одела како песна“?

Сум работела скоро со сите познати од нашата јавна сцена, ќе набројам само неколку – Здравко Чолиќ, Марија Шерифовиќ, Јелена Карлеуша, Тијана Дапчевиќ, Александра Радовиќ, Сергеј Четковиќ, Наташа Беквалац, Жељко Самарџич, Емина Јаховиќ, Каролина Гочева... и можам да кажам дека со сите супер соработував, бидејќи сите тие се големи луѓе, односно вистински ѕвезди кои знаат кои се и што сакаат... а со таквите е супер да се работи. Најтешки се секогаш оние кои не се исполнети!

Едиторијал на српската пејачка Јелена Карлеуша - стајлинг Ивана Рабреновиќ Едиторијал на српската пејачка Јелена Карлеуша - стајлинг Ивана Рабреновиќ

-Раскажи ни некоја анегдота од твоите досегашни соработки со познатите личности, онаа која прва ти доаѓа на памет кога ќе се спомене зборот анегдота?

Најсмешните анегдоти се секако со Наташа Беквалац, бидејќи таа не ми е само соработник, туку и една од моите најдобри пријателки. Со неа секогаш беше вистинско лудило, а едно од тие лудила дури е и снимено, така што не морам многу да објаснувам за што станува збор. Наташа Беквалац VS. Сергеј Трифуновиќ на &feature=youtu.be" target="_blank">MTV во 2010...

Наташа Беквалац и Новак Ѓоковиќ - едиторијал за магазинот Story со стајлинг на Ивана Наташа Беквалац и Новак Ѓоковиќ - едиторијал за магазинот Story со стајлинг на Ивана

-Ако можеш да издвоиш, која јавна личност од Балканот според тебе има најдобар стил?

Најдобар стил на Балканот, а и пошироко, имаат дефинитивно Јелена Карлеуша и Александар Цветковиќ од Тропико бенд. Можеби е малку лошо што токму нив ги одбрав, бидејќи соработувам со нив, но што да правам... никој не изгледа подобро од нив, навистина!

-Кои се твоите омилени српски и странски дизајнери? Дали Ивана ја следи можеби македонската мода и работата на нашите дизајнери?

Од странските дизајнери најмногу ми се допаѓаат Шанел и Карл Лагерфелд, а од нашите, Верица Ракочевиќ...кога станува збор за неа, не можам да бидам објективна, бидејќи таа е мојата „тетка Верица“, мајка на мојата најдобра другарка која ја познавам цел живот и поради која всушност најмногу се заинтересирав за оваа работа. За жал, многу слабо ја познавам македонската модна сцена, така што не знам кого би издвоила.

-Колку победникот на Икс Фактор Даниел Кајмакоски беше отворен за соработка за време на шоуто? Се случи ли некогаш да не прифати некоја од твоите комбинации?

Јас самата го избрав Даниел, бидејќи сакав да се грижам за неговиот изглед. Ниту работев на Икс Фактор, ниту пак го следев, но штом го слушнав Даниел, бев обземена и од неговата појава, и од неговиот талент. Сакав да му помогнам на тоа момче, бидејќи реално, тој беше прекрасен. Остана таков и до ден денеска, и со него ништо не ми претставува проблем, бидејќи секогаш ме слуша и се надевам дека ме почитува (како што и јас него го почитувам). Тој изгледа навистина супер и сѐ му стои добро, тој едноставно е мој манекен за сѐ!

-На основа на што одлучуваш кој е вистинскиот стајлинг за некоја личност? Колку карактерот на таа личност ти помага при изборот на облека?

Карактерот на личноста, според моето мислење, е најважниот фактор во изборот на стајлингот. Залудни се сите оние модерни и скапи парчиња облека, ако некој не може или не умее да ги „износи“ истите. Многу е важно личноста која што ја стилизирам, да се чувствува удобно во мојот избор, бидејќи само така знам дека тоа е нешто добро и тогаш немам никаква дилема, ниту пак грижа.

-Постои ли некоја светска ѕвезда (музичар, актерка), чиј стилист би сакала да бидеш?

Секако! Многу би сакала да и бидам стилистка на Кејт Бланшет...таа според мене е најубавата актерка со неверојатен карактер. Мислам дека може да износи ама баш сѐ! Таа е едноставно прекрасна и јас ја обожавам!

-Знаеме дека секогаш правиш одлични комбинации за познатите личности, но која е онаа комбинација во која ти се чувствуваш најудобно и која сакаш да ја носиш секој ден?

Секој кој ме познава, знае дека јас речиси секогаш ги носам истите работи...мојата омилена, но и најудобна комбинација подразбира бела маичка и црни тренерки, Адидас суперстар патики или длабоки старки Конверс. Јас така изгледам секогаш, без разлика дали одам да си го прошетам кучето или пак одам на некој свечен настан.

-Кои се најчестите парчиња што може да се најдат во твојот плакар? Колку си зависна од модни додатоци, можеби шапки, чевли, чанти....?

Во мојот плакар може да се најде ама баш сѐ. Јас најмногу сакам да носам бели маички со долги и кратки ракави... и тоа е она од што имам најмногу резерви. Веднаш по нив, на ред доаѓаат Адидас патиките од кои имам неколку модели и бои, но и по неколку исти чифта.

-Кои се клучните парчиња што една стилска жена задолжително мора да ги има во својот плакар?

Жената со вистински стил, првично, во својот плакар мора да ги има парчињата што добро и стојат... а би било супер кога секоја жена би можела да ја поседува познатата Chanel N®5 торбичка, бидејќи сепак, тоа е Шанел, и тоа е стил!

-На што работи Ивана во моментов? Што е она што следно можеме да го очекуваме од тебе?

Во моментов и веќе седум години наназад, работам како моден уредник во магазинот Story, моите колеги таму веќе ми се како семејство. Таму отсекогаш имав слобода и среќа да го работам сето она што го сакам и што ми се допаѓа. Би сакала тоа да потрае уште долго време. Имам и многу други планови, но кога би можела барем некои од тие да ги реализирам, веднаш ќе се пофалам (се смее). Засега, уживам во мојата Приказна (Story) и во моето модно ателје „Студио Простор“.

-За крај, би сакале да споделите некој ваш совет со нашите читателки за што е можно постилско секојдневие!

Мој совет...секој човек треба да го носи она во што се чувствува добро, а да не е важно дали е тоа најмодерниот „крик“ на сезоната или нешто винтиџ што сме го земале од нашите баби и дедовци. Најважно е нам да ни е добро и да се чувствуваме добро во тоа!

Објавено:
12 септември 2014