педијатар

Излегувајте надвор без влажни марамчиња!

Интервју со
Доктор Драгана Емел Маркоска
23 мај 2019

Доктор Драгана Емел Маркоска кај родителите и децата е позната како исклучително позитивна личност која има одговор и на најтешките прашања и секогаш знае што точно да ве посоветува, па дури и да ве насмее кога треба. Ние имавме чест да поминеме едно претпладне со неа и да се увериме дека сето ова е вистина и дека таа е исклучителен педијатар и неверојатно забавна личност. Во пресрет на топлата сезона, со неа поразговаравме за алергиите, за тоа што младите родители треба да понесат со себе на одмор, како да ги избегнеме антибиотиците, ја прашавме дали и кога децата престануваат да кашлаат и како со детето правилно да го изградиме неговиот имунитет како основа за понатамошниот живот. Покрај нејзината харизма, она што нѝ остави најголем впечаток беше леснотијата и спремноста со која таа разговара на сите теми што ги отворивме, а тоа е секако резултат на исклучителното образование и долгогодишната работа како педијатар во ординацијата Ложанковски. За овие и за уште многу други прашања за кои разговаравме со доктор Маркоска, читате во продолжение.

-Во екот на пролетта, како да се „избориме“ со алергиите кај малите деца?

Алергиите се еден проблем што сè повеќе и повеќе го имаме во овој временски период и сè повеќе ќе го имаме. Тоа е така затоа што сè се буди, растенијата имаат многу полен и тоа нѝ прави многу проблеми, алергии, но и зимското загадување што последниве години го имаме, дополнително прави проблем. Децата се чувствителни затоа што во текот на цела зима ние имаме проблем со тие работи што го напаѓаат респираторниот систем и заштитата што треба да ја имаме во текот на зимата, полека ја губиме и на така оштетениот систем имаме уште поголем проблем за поленот да ни се „залепи“ на дишните патишта и да се создадат алергиски реакции. Секогаш имаме проблем како да се заштитиме во овој период, сите велат да не излегуваме надвор, но тоа не е решение. Со чистење на носето, со постепено запознавање на детето со природата, колку порано го запознаеме со тој свет, полека ќе го запознаеме и со сè она што го има во природата и тоа создава некаков одреден имунитет. Фармацевските индустрии создаваат сè повеќе средства како би им го олесниле на дечињата овој проблем, бидејќи престојот надвор е од исклучително значење. Додека децата се надвор ние мора да го оставиме да си игра, ќе го миеме кога ќе си одиме дома. Ако постојано го бришете со влажни марамчиња, сè што ќе исчистите е поле за нова бактерија и нови нешта. Доколку станува збор за мали деца, престојот надвор постепено ќе го зголемувате, но секако, има и група деца кои не можат баш така да поминат, но и за нив има средства со кои ќе им се олесни престојот.

-Топлото време носи и многу инсекти... Што прво треба родителите да направат при убод од некој од тие инсекти, особено кога се на одмор?

Да го измијат местото со ладна вода и без паника. Секако, во сетот за прошетка секогаш треба да имате некое спрејче против инсекти за да го разладиме местото. Сите инсекти не се отровни, не значи дека сите инсекти ќе ни направат нешто...Прво да видиме што е, да го измиеме со ладна вода и ако треба, да го мачкаме со соодветниот производ. Ако нема реакција, нема никаков проблем. Не се сите комарци „тигрести“, не се сите алергични на оси и секако, без паника. Ако отокот се шири, тогаш треба да видиме за што се работи, инаку не се оди веднаш на доктор. Сите дома имаме сирупче за алергии, па во консултација со матичниот лекар на телефон, можеме да дадеме одредена доза. Секоја посета на лекар, отвора еден друг проблем, таму одат и болни деца, па оттука произлегуваат други проблеми.

-Значи ли топлото време крај на кашлиците и насобраниот секрет кај децата?

Напротив. Значи дека кашлицата ќе се зголеми. Сега ќе излезете надвор, ќе си играте со други деца кои имаат различен секрет од оној на вашето дете, но секако, сето тоа треба да се помине. Очекуваме дека ќе се намали, бидејќи децата повеќе време ќе бидат надвор. Бактериите и вирусите секако не можат да виреат надвор толку колку што можат внатре, тие имаат начин на живеење, начин на пренесување. И да има кашлица, децата треба да одат надвор да се истрчаат и да се исчистат дишните патишта од дома. Ние дома не можеме да го стерилизираме просторот целосно – имаме домашна прашина што стои, имаме играчки, алишта со прашина... Надвор сè е поубаво. Децата се повесели, подобро ќе спијат кога ќе си дојдат дома, а кога спијат повеќе, имуниот систем е помоќен и сето тоа е добро. Не секоја кашлица е заразна. Многу родители кога ќе слушнат дете да кашла веднаш паничат дека ќе му ја пренесе кашлицата на неговото дете, но не е така. Секој родител знае дали треба да го носи детето надвор или не.

-Постои ли некој период од годината кога вирусите и бактериите по градинките стивнуваат, или тоа никогаш не зависи од годишното време?

Да, кога има снег. Тогаш, воздухот е чист и е многу ладно, а тие не сакаат ладно. Тие виреат на мрачно, топло и влажно време. Но, тогаш најголем дел од децата одат во градинка и се во затворен простор подолго време. Во зима би требало да има најмалку вируси, иако денеска сè се измеша и вирусите и бактериите станаа многу моќни. Секако, сето тоа е резултат на она што ние ѝ го правиме на природата, на тоа што сами се правиме доктори, малку повеќе го слушаме „Гугл“ и за некое време ќе се соочиме со сериозен проблем за кој нема да има начин да го решиме. Резистенцијата на бактериите е нешто што тивко доаѓа и е сериозен проблем за кој не се зборува. Тоа е така затоа што секој си зема антибиотик кога мисли дека е потребно, без консултација со лекар. Бактериите се многу паметни суштества, ако малку им дадеш антибиотик ќе запомнат што ги уништило па следниот пат ќе се заштитат. Ние сакаме детето да нема температура, а тоа не е можно, секое здраво дете има температура. И тоа треба да се случува. Морам да ги пофалам младите мајки, мислам дека се на добар пат, па сето ова ќе биде подобро. Едно време беше страшно, „Гугл“ ни беше најголем непријател, но сега веќе не е така. И денеска има мајки што се лечат „строго“ на Фејсбук, но тие самите си одговараат за себе и децата. Веќе се намалува тоа влијание, кое едно време беше екстремно. Значи ќе дојде на лекар, па ќе објави на Фејсбук дали терапијата е добра, да се консултира со другите мајки за второ мислење. Второто мислење е супер работа, но двајца доктори подобро мислат од еден. Доктори што завршиле факултет. Исто како што јас не можам да ѝ кажам на учителката како да го воспитува моето дете додека е таму, така е и случај со ова. Но, мислам дека и ова помалку поминува. Групите за поддршка се супер, но само за поддршка.

-Што кога антибиотиците повеќе не делуваат на бактерии што постојано се враќаат?

Тоа е она што го зборувам, страшно е колку се станати резистентни. Старите доктори се многу паметни луѓе, сигурно поминале многу. Тие викаат дека не се лекува бактеријата, не треба да се лекуваат лабораториските резултати, туку треба да се лекува детето. Во градинките има деца кои имаат „стрептокока пневмонија“ која е условно патоген микроорганизам. Што значи тоа? Таа си живее кај нас, но во одредени услови на паднат имунитет, може да стане „лоша“. Кога родителите ќе ја видат оваа бактерија, веднаш паничат. Треба да се појде на лекар, да се види општата состојба на детето, да се следи, па потоа да видиме што ќе се прави. Може некое дете да живее со години со оваа бактерија и таа да не направи никаков проблем, но од друга страна може да има и компликации. Но, тоа не значи дека секоја стрептокока мора да се „убие“. Ние можеме постојано да даваме антибиотици, сè друго да се уништи, а стрептококата да остане. Сега имаме вакцина која нѝ помага во подигањето на имунитетот против стрептокока. Сега митот е дали ако го вакцинираме детето никогаш нема да се разболи, не, ќе биде болно, но ќе има само секрет и воспаление на горните дишни патишта, но не и воспаление на уво и слично. Последните информации говорат дека компликациите од стрептокока се намалуваат за 56 проценти, доколку детето е вакцинирано. Тоа не е 100 проценти, но е голема бројка. На тој начин можеме да му помогнеме. Стрептококата е екстремно паметна бактерија, таа има 36 видови. Сите тие не можеме да ги уништиме. Сите се чувствителни на различни антибиотици. Сега вакцинираме со 10 – то валентна вакцина, а ги земавме само статистички најчестите видови од бактеријата. Повторно, она што е од исклучителна важност е следењето на состојбата на детето, па после сè останато.

-Пролетта е време кога има многу свежо овошје и зеленчук. Како е најдобро да им се послужи истото на најмалите, како да сме сигурни дека е доволно чисто за да го консумираат или дека вистински купуваме органско?

Оние што имаат сертификати и викаат дека производите им се органски, вистински се органски. Кога ќе одиме на пазар, ако го купиме „најгрдото“ знаеме дека е органско. Се гледа. Или кога на една тезга ќе има идентични јаболка, знаете дека нешто не е во ред. Ниту една јаболкница не дава идентични јаболка. Луѓето сфатија дека денеска не е срамота да имаш фарма и да одгледуваш овошје и зеленчук. Тоа е многу важно. Најважно е што родителите престанаа да штедат на храна. Здравата храна секако е подобра од хемијата што ќе ја земеме. Мултивитаминските производи се само додадоци во исхраната, но не и нешто што ни ја заменува храната. Исто така, се случуваат и модерни работи, па јадеме некои работи што не се типични за нашето поднебје. Јадете она што го имаме тука, а не овошје што никаде го нема или не знаеме како правилно се изговара. Јадете тиква и ќе бидете супер. Јадете јаболка и ќе биде уште поубаво. Добро е што сега јадеме и житарки од секаков тип. Ние имаме еден куп житарки, просото особено. Тоа порано беше храна за папагали, но излезе дека птиците јадат најздрава житарка. Просото има толку железо во себе и Б комплекс, што одлично може да се храниме со него. Во однос на овошјето и зеленчукот, доволно е да постои малку во оцет или сода за да му се смени окружувањето, па веројатно е добро да се консумира. Секоја храна треба внимателно да се исчисти, но не и да не ја јадеме. Ако детето е многу мало, само на почетокот даваме термички обработена храна, додека се навикне организмот. Првите два до три месеци ова е начинот на консумирање, но потоа слободно можете да понудите свежа храна. Секако, внимаваме каде и што купуваме. На пазар сега веќе се знае каде има органско и кој што продава. Кога сите ние ќе го поддржуваме тоа и ќе купиме од органското, ќе биде добро. Не можат сите да имаат пари за цигари, а да немаат за органски јаболка, а на крај пак ќе купат витамини за децата. Немаме пари за адаптирано млеко, ама имаме за да одиме на одмор. Ќе одиме и другата година на одмор, сега бебето треба да го направиме човек. Првите пет години се основата за детето, после тоа сè е поинаку. Истото се однесува и за градинките. Таму плаќаме 1.500 денари, а сакаме да се хранат органски. За она што го плаќаме, децата јадат супер храна и таму навистина се трудат истата да е здрава.

-Почнува сезоната на јагодите...Тие се вбројуваат во едни од најалергените производи, па која е процедурата за истите да им се понудат на малите дечиња за прв пат?

Ако децата имаат историја на алергии и зависно од тоа како се развива бебето, сè се внесува многу внимателно. Кај децата што имаат семејни алергии, треба внимателно да се внесуваат алергените производи, но не и сите останати. Ако мајката додека цицало бебето консумирала млечни производи и тоа не покажало алергии, тогаш не треба да се грижат многу. Сè треба да се дава внимателно, но не и да се изземе од исхраната. Смешно е да не му давате белка, или да кажете дека не пробало, а тоа јадело кифли со јајце. Постепеното внесување трае одреден период, но мора да го има. Има некои деца со екстремни алергии, па така ако мајката јадела кикирики и го бакне детето, тоа може да добие алергија. Тоа е веќе сериозен проблем, но не е многу чест. Ако на почетокот им посветиме внимание на овие работи, подоцна нема да имаме проблеми и детето ќе може да јаде сè.

-Во последно време, има сè повеќе препораки дека е потребно ваквите алергени производи да им се дадат на децата што порано. Какво е Вашето мислење за ова?

Пред некое време најдов еден учебник од 1970 и некоја година во кој се вели дека јајце се вклучувало од четири месеци, сега на мајките им велиме после осум месеци. Мислам дека е помодарство внесувањето порано. Прерано внесување на нештата не е добро, а исто е и со касното внесување. До шест месеци не смееме да јадеме глутен, бидејќи цревата на бебето не се подготвени за тоа. Но, и ако ја одложиме и ја оставиме до година и нешто, цревата ќе ни се научат на друга храна и тогаш ќе биде тешко. Старите педијатри, па и Светската здравствена организација вели дека ако внесуваме глутен по 9 – тиот месец постепено ќе ги научиме цревата на оваа храна и нема да се јави интолеранција. Од прилика, тоа е тоа.

-Што мислите за BLW (baby led weaning) методата? Сметате ли дека тоа е добар начин да се почне со дохрана кај бебињата?

Тоа е храброст (се смее). Сето тоа зависи. Со ова треба внимателно да се постапува. Оваа метода не може да се одвива со баби, треба да се прави само со мајки кои знаат прва помош. Тоа не е ништо страшно, но за мене е храброст од шест месеци да му даваме на бебето да џвака. Можеби прво треба да му дадеме да си игра со храната, да ја осознае, па можеби и да пробаме со оние цуцли во кои се става храна, но сè зависи од детето. Јас сакам да се шегувам дека само храбрите мајки тоа го прават. Индивидуално е, но мислам дека некоја минимална возраст за тоа е девет месеци, треба да се внимава и детето добро да седи во хранилката. Секако, треба подготовка на мајката. Многу мал процент на мајки се подготвени да го прават тоа.

-Накратко за имунитетот...Детето го гради само или може да му се помогне со некој од сирупите што денеска ги има во изобилие?

Тешкиот период завршува некаде од третата до петтата година. Прво, зависи како детето е чувано. Второ, дали е склоно кон алергии или не, дали го храниме здраво или не и уште многу други работи. Зависи и колку сме го носеле надвор, надворешното влијание е многу важно. Треба внимание да се посвети и на кожата, на усните шуплини, внимаваме на хигиената и слично, ако го научиме на овие здрави навики, ние сме завршиле половина работа. Вакцините исто така се важни, иако сега тоа е најстрашната тема. Тие нѝ помагаат на ваков или онаков начин и нѝ го будат оној неспесцифичен имунитет и му кажуваат дека треба да се бори. Одењето во градинка исто така. Температурата... Од голема важност за имунитетот е честата употреба на антибиотици што не смее да се случи. Дигестивниот тракт е најважниот дел во имуниот систем. Ако ние го уништиме со неправилен начин на исхрана, со анитибиотици, ние нема да имаме со што да се бориме и можеме да пиеме колку сакаме сирупи. Има дел од децата на кои им треба малку поттик за да им се разбуди имуниот систем, но сето тоа зависи од детето. Не значи дека ако пиеме лек за имунитет, детето ќе нѝ биде здраво. Не, можеби само првите настинки полесно ќе поминат, после сè е полесно. Некогаш, треба да се пие нешто, но сè зависи од дете до дете. Ако веќе има потреба од такви средства, тогаш тие треба да се во консултација со педијатарот. Првата година од градинките исто така е многу тешка, настинките ќе траат, но сето тоа поминува. После петтата година е многу полесно, ако децата одат во градинка, ако не, тогаш училиштето ќе биде потешко, бидејќи децата се поголеми и тешко соработуваат.

-Во пресрет на летните одмори, што треба да имаме во кутијата за „прва помош“?

Пробиотик, секогаш, потоа електролити, лек за температура, сируп за алергија, капки за чистење нос и нешто против убоди и инсекти. Тоа е „аптеката“ за на одмор која секоја година ја надополнуваме и гледаме дали на лековите им е поминат рокот (се смее). Тоа е сосема доволно. Секако, треба да се внимава и каде се оди на одмор првите години. Супер се тие егзотични дестинации, но да носиме дете на Малдивите, прво нема да си поминеме убаво, тоа нема да биде одмор, нема да се сеќава, а вам ќе ви биде многу тешко. Покрај тоа, таму има егзотични животни. Да бидеме искрени, првите три години не се баш и време за таков одмор со дете. Носиме со себе милион работи, истите ги враќаме, детето може да не се прилагоди на топлото време и плажата и уште многу други работи, а сето тоа е еднакво на хаос.

-Сосема за крај, мајка сте на две мали дечиња...Како ги воспитувате?

Мене денот ми е „лудница“ (се смее). Јас сакам да ги учам да бидат самостојни. Ние кога одиме надвор не носиме влажни марамчиња, кога ќе падне станува, се исстресува и продолжува, ама ако не го оставиме да падне, нема да научи да паѓа, а тоа не е добро. Се трудам да јаде здрава храна, да не јаде чоколади, кога му давам не сака да го земе. Има три години и не знае што е салама, така што мислам дека сме ок. Се трудам колку можам помалку да му давам антибиотик, многу сакам да се социјализира, да оди на спорт кога ќе дојде време. Не велам дека треба да биде врвен спортист, туку да стекне спортска навика. Гледам што повеќе да сме надвор, да разговараме, да не викаме, да не се тепаме (се смее). Иако многу работи на три години се невозможни, но никако не треба да престанеме да се трудиме. Сметам и дека покрај мене и татко му, трева да има уште некој авторитет и позитивно влијание, дали ќе биде тренер или учителката во градинка, сеедно. Во моментов сме во фаза кога учителката од градинка е најголемиот авторитет, што таа ќе каже, тоа правиме (се смее).

Објавено:
23 мај 2019
Прочитано:
13.492 пати