модел

Излегувањето на писта носи адреналин до небо

Интервју со
Ивана Манас
10 мај 2021

Во март месец годинава низ македонските медиуми одекна веста за тоа дека наша манекенка била дел од ревија на италијанскиот бренд „Долче и Габана“.

Со оглед на тоа дека немаме често шанса да слушнеме вакви вести, ова беше вистинско освежување и успех кој и на домашната сцена предизвика радост!

Таа македонска манекенка се вика Ивана Манасиевска, односно Ивана Манас и е лицето кое ја краси нашата насловна за месец мај. Тивка по природа, но со мошне „гласни“ чекори гази по интернационалната писта на успехот. 

Изминатиов период беше ангажирана на повеќе проекти, а пред новите ангажмани во Италија, ние успеавме малку да позборуваме со неа и одблиску да ни ја раскаже својата приказна.

Својата кариера ја започнува во агенцијата „Моделс Ин“, но повеќе од хоби, па после некое време одлучува да направи пауза.

„Кон средината на 2019 решив дека сакам да се вратам на моделинг после години пауза, овојпат посериозно. Само што го помислив тоа и случајно налетав на Алек во „Сити Мол“ и си реков: „Тоа е тоа!“. Всушност, ништо не е случајно. Со негова помош за многу кратко време отидов во Белград каде што и потпишав договор со „Js Management“ и тоа беше клучниот момент кога сфатив дека сакам моделингот да стане моја професија“, вели Манасиевска.

Сега, кога веќе сè поинтензивно има ангажмани надвор, нејзината најчеста адреса е Милано, ја прашавме дали се исполнија некои нејзини замисли и очекувања за тоа како изгледа оваа професија и надвор од нашите граници.

„Искрено, не очекував дека ќе успеам да работам за големи брендови уште од самиот почеток на мојата интернационална кариера. Секако, премногу се надевав, но не очекував. Во главно, работите и таму се одвиваат на ист начин, но дефинитивно малку попрофесионално и посериозно што е и стандард за град како Милано“, посочува Ивана.

Првите вести за нејзините ангажмани за големи брендови стасаа од ревиите на „Долче и Габана“ и Рик Овенс. За моментот и чувствата кога дознала дека е една од избраните ќе рече:

„Да, тоа беа моите први соработки со поголеми брендови. Кастинзите обично се многу брзи, но само откако ќе дојдеш на ред, секогаш има долги редици со прекрасни луѓе наоколу. Обично прават неколку едноставни фотографии и видео, прашуваат по неколку општи прашања и се разбира оставаш композит карта каде што ги има сите твои информации. Среќата којашто ја почувствував кога дознав дека сум одбрана беше неизмерна, особено затоа што тоа ми беше прва сезона во Милано, самите ревии беа нешто неверојатно за мене, таму постои огромна организираност и адреналин до небо при излегување на писта. :)

Ја прашавме и  имајќи го предвид досегашното искуство, какви заблуди имаме за животот и работата на моделите:

„Животот на еден модел не изгледа толку гламурозно како што и многумина мислат. Да, супер е, патуваш, запознаваш многу нови луѓе, соработки со предобри брендови, но од друга страна, работата бара многу трпение, силна психа и константна работа на себеси, што значи дека моделите работат дури и кога не работат – нагласува Манас.

А за тоа како се справува токму со тој притисок и неизвесност дали ќе биде ангажирана или не, исцрпеноста од патувања и часови чекање или часови работа, ќе каже:

„Како што кажав работата бара силна психа, и секогаш се трудам да останам присутна во моментот и да не размислувам многу на тоа дали ќе бидам ангажирана или не, понекогаш има работи коишто се надвор од моја контрола. Секогаш кога постои стрес, само ми треба да се присетам дека и тоа ќе помине“.

 

Не можевме да не ја прашаме и како ја користи и доживува можноста да го менува идентитетот, макар визуелниот, и што кога не се пронаоѓа воопшто во креациите кои ги носи и кои мора да ги презентира.

„ Она што многу ми се допаѓа во оваа работа е токму тоа, можноста визуелно да се трансформирам во различна личност секојпат, личниот карактер помага да се долови тоа што го бара клиентот, преку самото позирање или одот на писта. Нормално дека си постојат и некои креации коишто лично нема да ми се допаднат, но тоа нормално не ми пречи, а и не треба, секогаш се трудам да изгледам самоуверено во што и да носам.

Ивана Манас на ревија на „Долче и Габана“

Во последната декада, модниот свет и индустрија подлежат на промени. Сведочевме на вести дека во Франција се забранети премногу слаби манекенки, потоа „Вог“ исто така посочи дека ќе бира „пореални“ манекенки, почнаа сè повеќе да се форсираат приказните за плус-сајз модели. Сепак, тоа се медиумски приказни што ние ги читаме, гледаме и слушаме секојдневно, но ја прашавме Ивана колку од нив се вистина, барем според нејзиното досегашно искуство.

„Јас не запознав ниту еден плус сајз модел во Италија но тоа не значи и дека ги нема. Се поголем дел од големите брендови почнаа да ангажираат и плус сајз модели и тоа премногу ме радува затоа што конечно полека полека почнуваат да се менуваат стандардите коишто постојат со години и конечно има повеќе инклузивност“.

Кога е слободното време во прашање, вели без разлика каде и да се наоѓа, не се откажува од утринското кафе и физичката активност.

„Најчесто вежбам јога и пешачам. Секогаш гледам да го правам тоа што ми се прави во моментот, без да се чувствувам виновно ако не сум била активна/продуктивна во текот на денот“.

Македонската модна сцена ја следи без разлика што сега е фокусирана за ангажмани подалеку од дома, а воедно позборувавме и за тоа каков е нејзиниот моден идентитет.

„ Следам само неколку Македонски дизајнери со коишто исто така и често соработувам и лично ептен ми се допаѓаат :  ) Мојот стил голем дел од времето е ултра лежерен, но тоа секако си зависи и од самиот ден и како се чувствувам“, вели Ивана.

Ивана Манас за „Елена Лука“

Инаку, освен моделингот истовремено студира и графички дизајн и тоа е едно од нештата што ѝ го окупираат секојдневието покрај моделингот.

„Исто така, обожавам брза музика, уметност, а во последно време обожавам и долги прошетки во природа. Таму си го пронаоѓам мирот“, посочува Манас.

На крајот ја прашавме и што би било за неа остварување на сонот:

„Кариерата ја градам полека, но сигурно. Не знам што ќе ми донесе иднината, но се надевам на уште повеќе успеси. Многу совети добив од Елена Реи пред да ја почнам мојата кариера надвор од Македонија и премногу сум ѝ благодарна, некои работи немаше да ги знам без нејзина помош. За да се успее и надвор од овие граници е потребно упорнност, работа и трпение. Ќе има и многу падови, но најважно е никогаш да не се откажуваш!

фото: Paolo Musa

Објавено:
10 мај 2021
Прочитано:
683 пати