Празнување на љубовта

Јазикот што сите го разбираме -ЉУБОВ

Интервју со
Парови од различни страни на светот
9 февруари 2023

Од неа и со неа, почнува и завршува сѐ. Љубовта е двигател, најмоќната емоција која руши ѕидови, предрасуди, која дава живот и му дава смисла на животот, симбол кој спојува светови и од разликите прави една совршена симбиоза. И љубовта секако не е сведена на само еден празник во годината. Љубовта е празник секој ден, кога е вистинска.

Приказните кои ќе ги прочитате во продолжение, се интимни приказни на едни сосема обични луѓе. Но, во секоја од овие сосем обични, човечки приказни, доаѓаме до едно поглавје кое никогаш и никаде не се повторува, кое е единствено и во тоа е неговата непроценлива вредност. Секоја од овие обични приказни има своја приказна за љубовта и доаѓаат од различни страни на светот.

Постојат ли стереотипи во поглед на празнувањето на љубовта во Оман? Какво е културното обележје во славењето на љубовта во Бразил? Како се прифаќа или не, празнувањето на Свети Валентин во Кенија? Разговаравме со неколку парови кои живеат во странство, во различни општествени средини со различни општествени норми и со парови каде партнерите потекнуваат од различни нации со различни културолошки обележја, за да го пренесеме културолошкиот диверзитет во поглед на љубовта и нејзиното празнување. За на крајот да дојдеме до заклучокот дека и покрај сите општествени и индивидуални разидувања и паралели, независно дали го празнувате или не Св.Валентин, љубовта е нашиот заеднички јазик што сите го разбираме.

Поздрав од ОМАН

Почитта е поважна од романтиката

Милка и Ристо Димитров, по потекло од Битола, пред шест години решиле да се преселат во Султанатот Оман, на Блискиот исток, каде што и двајцата работат како лични фитнес тренери што им овозможува секојдневна комуникација со луѓе од различни вери и по потекло од културолошки различни средини.

-Оман е муслиманска земја во која владее Шеријатот, но општествените норми во поразвиените средини одлично го отсликуваат присуството на огромниот број експати од западните земји кои се тука веќе децении наназад. Така што, слободно можеме да кажеме дека се функционира во одлична синтеза, каде и тоа како се гледа влијанието на Западот, а сепак се почитува и традицијата. Со оглед на тоа дека двајцата работиме како лични фитнес тренери, нашето секојдневние е постојано исполнето со клиенти од различни вери и националности, а со голем дел од нив сме веќе и добри пријатели.

Разговорот со Милка и Ристо, го искористивме и за да го демистифицираме празнувањето на еден празник наметнат од Западната во Источната култура и и како таму се доживува Свети Валентин, дали со него се врзани и одредени стереотипи.

-Па, стереотипите се исти како кај нас во Македонија, дека тоа е комерцијален празник, наметнат од Западот и од капиталистичката машинерија, дека тоа не е дел од нивната традиција и вера итн. Меѓутоа, наспроти сето тоа, младите се повеќе ги слават и прифаќаат сите "амерички празници", вклучувајќи го и Св. Валентин. Хотелите веќе месец наназад се преполни со понуди за "romantic getaway", а голем дел се веќе и целосно букирани. Она што е важно да се каже во овој контекст е дека во Оман, за разлика од други земји во регионот е сосема нормално момче и девојка да се движат заедно или да се состануваат, се додека се воздржуваат од јавно искажување на љубов.

Она што е интесно да се потенцира, е дека „ТЕ САКАМ" во арапскиот јазик има два изрази и тоа во зависност дали љубов изразува маж или жена. Тие се: أحبَك (ahe-bak) во машки род и أحبِك (aheb-bek) во женски род.

Колку се слични или различни вашите сфаќања за празнувањето на Св.Валентин, како партнери? Каде се согласувате, а каде се разминувате? Има ли воопшто симболика овој празник во вашата заедничка приказна?

-Се сретнуваме некаде на средина, ни во едната, ни во другата крајност. Не сме го славеле никогаш како празник, но ја користиме приликата за да се напиеме добро вино. Реалноста е дека сите празници од година во година се се покомерцијални, дел веќе го губат своето вистинско значење, во интерес на поголема заработка на големите компании во барем во овој случај, сеуште се слави љубовта, а во тоа нема ништо лошо.

И кога се спомена комерцијализацијата на љубовта, ги прашавме нашите соговорници кој е нивниот став, дали романтиката е жива во време на социјални мрежи и вештачка интелигенција? И колку и самите се романтични?

- Па и не сме баш, посебно посилната половина е скарана со романтиката, но се трудиме да одвоиме време еден за друг. Заедно сме долго време, така што добро се познаваме, но секогаш се обидуваме меѓусебно да се изненадиме, со спонтана резервација за вечера или мал подарок...ете тоа можеби е некој наш вид на романтика. Во однос на тоа дали е жива романтиката во денешно време, жива е само кај оние кои ја негуваат и ја ценат личноста со која одбрале да бидат. На социјалните мрежи има секојдневни предизвици кои лесно можат да понесат било кого, но на крајот на денот најважна е почитта. Тоа е многу поважно од романтиката, ако се прашуваме ние.

Со една силна поента, нашите битолчани во Оман, го завршија разговорот:

- Цвеќе не се купува само за 8ми Март, а ни љубовта не се слави само еден ден.

 

Поздрав од АМЕРИКА

Никогаш не размислував да се иселам од Македонија, но љубовта промени сѐ

Снежана е по потекло од Скопје, додека Бен е Американец од Кентаки. Во брак се 10 години и веќе неколку години живеат во Чикаго, Илиноис.

-Чикаго е мултиетнички град, па така очекувано има луѓе од целиот свет. Секојдневието не е многу различно од тоа на сите други луѓе. Знаете како велиме на работа дома и повторно на работа. Викендите се секогаш забавни. Во Чикаго има многу музеи, паркови и интересни настани во зависност од сезоната, па викендите се секогаш исполнети со разни активности, го започнавме разговорот со Снежана и Бен.

Продолживме на тема Св.Валентин, со оглед на тоа дека во САД е нашироко прифатен и празнуван, но сакавме да го слушнеме и личното искуство на нашите соговорници.

-Нема некој посебен ритуал за Св.Валентин, денот се одбележува со дарување чоколади во форма на срце или цвеќе, вообичаено рози. Децата носат на училиште мали пакетчиња за своите другарчиња со подароци како гумички во форма на срце, моливчиња со срциња на нив, налепници и слично, со тоа им ја покажуваат својата љубов. Св. Валентин не ја празнува само љубовта на еден пар, туку воопшто љубовта кон сите, па така родителите на децата им купуваат чоколади, а децата возвраќаат со подароци, најчесто рачно изработени како.

А на прашањето дали романтиката живее во овие современи околности, нашите соговорници од Чикаго размислуваат вака:

-Жива е, некогаш и пораките на социјалните медиуми можат да бидат премногу романтични. Луѓето стануваат креативни и смислуваат начини како да ја покажат својата љубов. Нормално дека сме романтични, секој од нас сака внимание, дури и кога велиме не е тоа за мене, длабоко посакуваме некој убав гест од саканата личност. За мене најромантично нешто што Бен го има направено е понудата за брак. Тој допатува од САД во Македонија без да ми каже. Со сестра ми мојата најдобра другарка ги договорил сите детали. Седнав во кафич не знаејќи дека и тој е таму. Иако нарачав кафе, келнерката ми донесе џин тоник (првиот пијалак кој Бен ми го купи кога се запознавме. Јас збунета прашав што е со нарачката и келнерката ми рече дека ми е од дечкото на соседната маса, кога се свртев го видов Бен. Бев премногу изненадена, тој дојде до мене и на македонски ме праша дали сакам да се омажам за него. Можеби вака не делува многу романтично, но беше навистина големо и убаво изненадување и за мене секогаш број еден романтичен гест.

Нашиот разговор со Снежана и Бен го заклучивме со истата поента, како и кај претходните соговорници: Не ни треба само еден, специјален ден да ја славиме љубовта. Ја споделуваме и славиме секој ден, вели Снежана, која потенцира дека иако никогаш не замислувала дека ќе замине од Македонија, љубовта го имала главниот збор и променила се.

Поздрав од АВСТРАЛИЈА

Социјалните медиуми ја изобличија претставата за љубовта

Ана и Стојан живеат во Мелбурн, Австралија. И двајцата по потекло од Штип, но како им се споиле животните патишта, продолжиле со заеднички живот далеку од дома. И сега, нивниот нов дом, среде диверзитетот од култури, нации и религии, им носи богати животни искуства и секојдневие исполнето со дружби со луѓе кои доаѓаат од различни страни на светот. Па затоа, Ана и Стојан беа интересни соговорници за да ни доловат малку поинакви перспективи на тема: љубов и нејзините празнувања.

„Ние сме Ана и Стојан и живееме во Мелбурн. Поголемиот дел од денот го поминуваме на работа, Ана е ветеринарна сестра, а Стојан работи во приватниот бизнис сектор. Во нашето слободно време, обично вечераме со пријателите, возиме велосипед, пливаме или одиме во вежбална. Мелбурн е град во којшто можат да се сретнат луѓе од многу различни култури. Празникот Свети Валентин се прославува насекаде низ континентот и многумина едноставно уживаат славејќи ја љубовта", велат нашите соговорници, кои патем се големи авантуристи и обожуваат патувања.

А дали постојат некои посебни ритуали и карактеристични доживувања на Свети Валентин во нивното опкружување, тие велат:

-Можеме слободно да кажеме дека Валентин се прославува на големо во Австралија и луѓето навистина се трудат да ја покажат својата романтична страна. Паровите излегуваат на романтична вечера, се купуваат цвеќиња и се разменуваат разни подароци.

Но, и покрај тоа што Св.Валентин е „популарен" празник во Мелбурн, лично не му посветуваат особено значење, од едноставна причина што за нив секој ден е ден за славење на љубовта.

-Ние лично како партнери, не го прославуваме Валентин. Секој ден си покажуваме колку се сакаме, тоа не мора да биде Валентин. Двајцата се согласуваме со тоа дека не треба да постои само еден ден во годината, кога вљубените треба да бидат романтични. Секој ден е славење на љубовта кога сме заедно. Го славиме животот и радоста што секој ден ја носи. Среќни сме што имаме можност да живееме во убава земја, каде се чувствуваме прекрасно.

А во однос на прашањето, дали романтиката е жива во време на социјални мрежи, и колку и самите се романтични, Ана и Стојан размислуваат вака:

-Според нас социјалните медиуми ја изобличија претставата за љубовта. Она што го гледаме на фотографиите и видеата, онлајн, е многу вештачко. Како луѓето да се жедни по одобрување и признавање на тоа што го објавуваат, од луѓе што не ги ни познаваат. Ние како пар не сме многу по романтиката. Повеќе сакаме да се шегуваме и да се смееме, на романтичен начин. Неодамна бевме на роматично патување на Малдивите. Тоа е прекрасно место каде што вљубените можат да посветат големо внимание, еден на друг.

Поздрав од БРАЗИЛ

Во Бразил празникот на љубовта се слави на 12-ти јуни, а неговиот оригинален назив е DIA DOS NAMORADOS

Михаил Ќортошев, сега веќе пензионер, по потекло од Богданци, уште во своите рани 20-ти години заминал во Порто Алегре, Бразил. Таму ја запознал и својата идна сопруга со која понатаму и го основал своето семејство. Сега нивните две деца, Роберто и Роберта, се веќе возрасни луѓе со свој живот и семејства, па чичко Михаил со задоволство одвои од своето слободно време за да ни раскаже за празнувањето на љубовта во едно поинакво време (некогаш) и сега и во една егзотична (за нас) земја, како што е Бразил.

-Св.Валентин е празник кој Западот наголемо го празнува. Но, тука во Бразил ситуацијата е малку поинаква. Еве и зошто е тоа така: Во февруари кај нас се актуелни карневалите, всушност едно од културните обележја на Рио де Жанеиро е токму карневалот и деновиве сите сме во тоа, „карневалско" расположение. Возбудливо е, шарено, гласно и има многу туристи. Токму затоа, кај нас имаме друг празник кој ја слави љубовта, на 12-ти јуни и оригиналниот назив на денот е DIA DOS NAMORADOS. Значи, февруари е месец на карневалот, а љубовта...па секој ден е ден за љубов.

Михаил вели дека, колку ќе живее романтиката, зависи само од нас. Тој и припаѓа на една генерација „романтичари" кога навистина било важно да се биде џентлимен или дама, кога секој гест бил одраз на личната култура и воспитување и исклучително се внимавало на комуникацијата со другите, особено со партнерот.

-Во младоста многу често си разменувавме подароци како гест на изразување љубов. Но, со текот на времето, цвеќето ни стана основен симбол на внимание. Го купувам и во најобични денови, без некоја посебна причина. Вниманието и меѓусебната почит, се најбитната есенција на љубовта.

Поздрав од КЕНИЈА

Кога сакаме да кажеме Те сакам, во Кенија велиме "Nakupenda"

Ема Вандера Блажеска, од Кенија љубовта ја донесе кај нас, во Скопје, Македонија.

-Го запознав својот сопруг Михајло на Инстаграм. Започнавме да комуницираме и љубовта се роди уште пред да се запознаеме во живо. Михајло дојде да ме посети во Тајланд, каде што јас работев како наставник во средно училиште и средбата беше магична. По неколку месеци дојдов во Македонија да се запознаам со неговото семејство и пријателите. Тогаш тој ме побара за жена, јас се согласив и во 2018 година се преселив во Македонија. Свадбата се случи една година подоцна, а за кратко време бевме благословена и со ќеркичка.

Бидејќи Ема е по потекло од Кенија, интересно беше да дознаеме како таму се доживува Св.Валентин и дали воопшто се празнува како ден на љубовта.

-Во Кенија го славиме Валентин, многу повеќе отколку што се слави во Македонија. Оние што немаат партнер, може да им позавидат на паровите кои на тој ден ги има буквално на секое ќоше, облечени се во црвено и носат огромни букети цвеќе. Во однос на стереотипи, тука е купувањето на џиновско мече како подарок или чоколадни бомбони со смешно висока цена. Сѐ уште се наметнува идејата дека скапите стереотипни подароци се совршен начин да покажете дека го сакате партнерот, со што се губи смислата на љубовта.
Валентин е ден за да покажете љубов не само кон партнерот, туку и кон родителите, пријателите, браќата, сестрите, да им кажете на вашите блиски колку ви значат на начин што вие ќе си го одберете.

Кога сакаме да кажеме Те сакам, во Кенија велиме "Nakupenda".

Со сопругот доаѓате од сосема различни средини. Што е она што е слично, а што е различното кога ќе ги споредиме двете култури и дали има разлика во искажуавање на љубовта?

-И јас бев изненадена од фактот што иако доаѓаме од различни култури, нема многу разлика во начинот на кој што живеат луѓето во Македонија и Кенија. Дури и животниот стандард е сличен. Двајцата со сопругот често пати сме биле изненадени од сличноста во разни верувања и традиции. Општо земено можам да кажам дека имаме повеќе сличности отколку разлики. И Македонците и Кенијците се многу гостопримливи и дружељубиви луѓе и можеби тоа е причината што се веднаш се поврзавме со Михајло. Нема разлика во начинот на кој што ја покажуваме љубовта, двајцата ја покажуваме исто.
А како тие лично ја доживуваат романтиката и кое е нивното најромантично искуство, Ема споделува:

-Некои луѓе ја мешаат романтиката со купувања на скапи работи, од бомбони и цвеќиња, па се до накит и автомобили. Тоа за мене не е романтично. Вистинската романтика во животот е во малите нешта што ги правиме секој ден за оние кои ни значат.Тоа што нив ги ставаме во преден план, пред нашите потреби, само за да бидат среќни. Начинот на кој и ја држам раката на ќерка ми кога е исплашена или тоа што го чувам последното парче од тортата за сопругот. Начинот на кој што застанува да те бакне кога поминува покрај тебе и тоа што дозволуваш да ти ги изеде сите компирчиња и кога си гладна... Романтиката не е во купување работи, туку во давање на себе си на различен начин. Можам да кажам дека јас сум поромантична од мојот сопруг. Ќе споделам со вашите читатели еден многу романтичен гест што тој ми го приреди. Ноќта пред да си одам во Тајланд, многу плачав затоа што требаше да се разделиме. Тогаш Михајло ми донесе една книга, што сам ја изработил, со илустрации и сите наши разговори до првата средба. Бев шокирана. Прочитав сѐ, а на последната страна пишуваше "Ајде да продолжиме да го пишуваме следното поглавје заедно. Имаше и љубовна порака со натпис Отвори ме, и кога ја отворив пишуваше Дали ќе се омажиш за мене? Се уште плачам кога ќе ја видам книгата.

На здравје за ЉУБОВТА, на сите јазици, од сите страни на светот, секој ден!

 

Објавено:
9 февруари 2023
Прочитано:
419 пати