пејачка

Калина Велковска – Девојката на која веќе не ѝ треба претставување

Интервју со
Калина Велковска
31 март 2020

Да го работевме интервјуто пред само неколку месеци, ќе требаше да се направи вовед во кој ќе објасниме дека Калина Велковска е повеќе од 10 години на музичката сцена, дека била дел од различни бендови, дел од евровизиски тимови, дека има и свој бенд, песна, музика, предизвик... Но, сега веќе нема потреба од претставување. Со настапот на бугарското издание на светското талент шоу „The Voice“ и изведбата на „This World“, сите ја запознаа. И им се допаѓа. Се гордеат. Наша е, но ние не ја знаевме. Или не обрнавме многу внимание. Интересно е како секогаш кога од некој од странство ќе добиеме признание, домашното е загарантирано. Но, сето ова сепак на крајот резултира со позитивни вести, кои ни се и повеќе од потребни. На Калина ова ѝ е нова шанса, која времето ќе покаже во што ќе прерасне. Го правевме разговорот во пресрет на вториот круг од шоуто и во време кога сè уште не бевме свесни за тоа колку ќе треба да си го измениме начинот на функционирање. Калина има што да каже. А и допрва ќе зборува – на јазикот и со гласниот одек на уметноста, музиката, љубовта...

Целиот разговор во продолжение:

 фото: Христина Трајкоскки

На музичките инсајдери си им добро позната, но на пошироката публика ѝ стана од неодамна. Како еден (млад) музичар да се справи со моментот дека неговиот труд не е признаен или доволно прифатен од публиката?

-Ова многу зависи од сопствената дефиниција на двата поими - Колку нѝ тежи, толку и ќе нѐ боли. Уметникот честопати е во состојба на фрустрација сам со себе правејќи континуирани напори за наоѓање на сопственото „совршено“. Но, понекогаш бравата се отвора дури со последниот клуч на привезокот. Така што, вредно и трпеливо до ѕвездите.

Одат ли музика (уметност) и компромис рака под рака?

-Музиката и компромисот се како снаа и свекрва. И двете имаат моменти кога се исправни во судот ама постојано се бркаат за превласт на територија :)

фото: Христина Трајкоскки

Со оглед на тоа дека не си фан на музички шоу-а и натпревари, ова што ти се случува во моментот е парадокс

-Старата изрека: „Никогаш не вели никогаш“ квалитетно го одигра чинот со мене. Под неочекувани услови на бивање откриена, ме натера да скршнам од патот на сопствените работни принципи и го испитам аспектот на „Што ако..? и Како доколку..?“ И сега-засега среќна сум со одлуката. Може да прерасне во позитивен домино ефект. Нов терен, нови луѓе, нови можности.

Како одбра да ја изведеш This World?

-Принципот на работа на ова професионално шоу е многу интересен. Од натпреварувачите се бара доставувавње на нивниот репертоар и кастинг тимот кој го врши и профилирањето на секој изведувач, ја носи одлуката за она кое смета дека најсоодветно и во целост ќе го претстави карактерот на кандидатот. Ова беше случај и со This World за која лесно се закачија.

По твојата изведба на This Word, повеќе пати го сретнав коментарот, „Неоткриен талент од Македонија“, како тебе ти звучи таа синтагма?

-Симпатично. Ме тера да се чувствувам како одново да е 2006 год. Сѐ додека моето присуство предизвикува свежина и позитива, мора нешто што правам да е ок : )

Имаш ли можеби талент за некоја друга уметност? Воопшто, имаш ли некој скриен талент?

-Мојата животна желба или уште поубаво срочено, мојата работа од сништата е да го позајмувам мојот глас за компјутерски игри и анимирани филмови, музички и актерски. Од дете имав навика да ја вознемирувам својата околина со имитација на секој звук кој го слушам, било да доаѓа од човечка природа или нешто друго и притоа да смислувам сопствена кореографија. И сметам дека ова би било адекватната средина каде би можела да бидам целосно јас и да одам до крајност со тоа. Штрокава, по малку чудна и забавна. И сè уште работам на тоа да бидам построга во себеорганизацијата за да можам посериозно да се занимавам со танц – аматерски се разбира, но доволно за поубаво сценско изразување.

група „Мјузаик“; фото: Кристијан Теодоров

Зошто во Kaly Music Challenge фокусот го стави токму на жените?

-Ненамерно намерно беше. Во самиот почеток на конципирање на првите неколку епизоди, сакав суптилно да ги испровоцирам талентираните жени во мојата уметничка околина да истапат и ја покажат својата звучна лична карта, а притоа меѓусебно да се извадиме од сопствената комфорт-зона и создадеме заедничка. Среќна сум што прерасна во проект чии димензии и сериозност постојано експоненцијално се шират. Иако во моментов имаме мал застој од очигледни причини, постојано работам на нова алтернтивна логистика која нема да наштети ниту на здравјето ниту на креативноста. Општествено тешките периоди и кризи низ човековата историја се имаат покажано како најплодна почва за културна преродба или поточно кажано реакција на неповолноста.

Имаш ли порив за пишување (генерално), но и во контекст на создавање музика?

-Пишаниот збор ми е како условен рефлекс. Кога сум во афект ме тера да пишувам, кога сум конфузна ме тера да пишувам, кога сум тажна, гладна за љубов, разочарана...И никогаш не се знае како ќе излезе, дали ноти или зборови или двете одеднаш. Само што моите ноти многу подолго ги чував за себе скриени, отколку моите зборови, тие беа малку похрабри.

Која навика не си ја сменила низ сите овие години?

-Свесно да давам значење на оние или она кое не залужува. Но, да се разбереме – не го гледам како мана, туку како процес на учење кој некогаш можеби и ќе ме донесе до целта на повисока свест.

Оддаваш впечаток на самоувереност и дека работите ги држиш под контрола. Научено низ искуствата или карактерност? Во едно интервју Алиша Киз вели дека дури во моментот кога ќе навлезеш во ранливата зона, можеш да станеш силна...

-И така е. Мојата карактерност е неверојатната желба за живот, а сѐ останато „ука од мука“. Не те бутка друг. Сам си паѓаш, сам и ќе си станеш.

 Ако се свртиш наназад, тоа што низ годините беше активна на различни проекти придонесе за твојата надградба и/или дефокус?

-Оние кои биле врзани за музиката донеле надградба во неа, а оние вон, надградба во таа област. А, сѐ заедно искуства и искушенија во барање на моето место под ова сонце.

Каква кративност буди периодов во изолација?

-Прокарантинот ја разбуди онаа која постојано, неуморно и дрско провоцира – би рекла. А, немањето оптимални услови го разгори инаетот за реализација. А, ова е само почеток. Живо ме интересира што ќе донесе. И не зборувам само за себе, туку за целата моја околина на разбудени креативци.

фото: Христина Трајкоскки

Иако сега сите препораки и мерки се во насока на тоа да останеме дома, сепак кој е твојот омилен дел од Скопје, за каде те врзуваат посебни спомени и приказни?

-Градскиот парк – тој ме израсна. Од првите чекори и првото берење полски цветчиња со родителите, шеќерната волна и панорамата во Луна Парк, до тинејџерските беснеења, концертите на школка и дремењето на бетонските сепариња. Безброј спомени и научени лекции. Секогаш ќе го шетам со благопријатна топлина во стомакот и полузаглавена кнедла на носталгија во грлото.

Си посакала ли некогаш да живееш во некој друг град, особено бидејќи си дете од мешан брак?

-Како помлада често се двоумев дали домот во Скопје да го заменам со тој во Прага и таму да ја развивам својата приказна, но секојдневите проблеми на обичниот граѓанин таму се премногу слични со овие тука, не гледав логика во таа одлука. Телото секогаш ќе го љуби топлиот југ, но „мајндсетот“ одамна се штелува по северни норми...којзнае каде ќе залутам ако ми се пружи прилика.

фото: Христина Трајкоскки

Какви мисли те преокупираат како 35-годишна девојка? Кое искуство досега придонесе за твоја најголема трансформација како личност?

-Во моментов или вчера? Во главава често знае да биде „скопски сообраќај сред шпиц“. Понекогаш знам да си предизвикам тинитус од сопствената какофонија на мислите. Она што го прави ова интервју особено интересно е што се случува во прокарантински период на почетокот на неминовни и тотално непредвидливи промени во начинот на живеење на човештвото. Што значи дека секоја мисла, опсесија, желба во зародиш е на сред мост од кој нема назад и многу веројатно дека сето тоа ќе трпи круцијални промени. Ми се твори, ми се работи и се надевам дека ќе имам доволно време и доволно услови сѐ да реализирам.

Што се однесува до трансформацијата...губење на ближниот и уште повеќе околностите во кои се има случено, секако го менуваат човека. Честопати ги менува луѓето преку ноќ, мене доолг период. Но, несомнено ме смени. Ме натера ништо да не земам здраво за готово, ме натера да размислувам што и каков спомен сакам да оставам зад себе, дека времето е релативно затоа што никој од нас не знае уште колку време има, дека на секој проблем има решение, а тоа не се наоѓа со вжештена глава, дека постапките секогаш се проследени со реперкусии и дека одлуките ги носиме единствено сами. Уште ме менува...

Велиме, уметноста е слобода, треба да постои ради самата себе, но истовремено, восприемајќи ја, полни сме со суд – и кон самите себе, но и кога гледаме туѓ труд...

-Природата на Хомо сапиенсот е таква – има потреба да припаѓа, оттука потребата од туѓиот суд и одобрение. Еден британски психоаналитичар вели дека уметниците се луѓе понесени од тензијата помеѓу желбата за комуникација и желбата да се кријат. Јас велам за слобода треба да си храбар, но и свесен. Во моментот кога ја покажуваш си разголен и најранлив. Биди спремен на повредите, како од околината, така и од самиот себе. И како конклузија на вашето прашање eден цитат од ценетиот Ајнштајн: „Секоја будала може да знае. Поентата е да се разбере.“

Што ќе се случува периодов и со шоуто, но и со твојот бенд?

-Следно на „Д Воис“ е вториот круг од натпреварувањето односно „битките“.

Во него се случуваат музички дуели чиј исход зависи од судот на тренерот. Поготово затоа што станува збор за борби меѓу натпреварувачите од еден тим. Опциите се победа, пораз или крадење на натпреварувачот од страна на некој од другите тренери. Околу „Мјузаик“...Јас и мојот бенд сме дел од еден колектив кој функционира во и вон рамките на музиката. И затоа што сите сме по малку „луди“, често знаеме да се загубиме по различни патеки, истражувајќи се и реализирајќи се себеси. Секој еден од нас има минимум уште еден музички проект во кој учествува бар уште еден член од „Мјузаик“, а тоа верувам е последица токму на претходно наведеното. Сега засега функционираме импулсивно и со чиста љубов без предумисла.

„Мјузаик“; фото: Кристијан Теодоров

Среќно Кали! 

Објавено:
31 март 2020
Прочитано:
1.124 пати