Кога Тијана носи Елена Лука...

Интервју со •
22 декември 2014

Таа е македонски бренд. Иако веќе 14 години нејзино „дома“ е Белград,  и таму одлично функционира и приватно и професионално, секогаш наоѓа начин да остане блиску до своите, што преку музиката што преку театарот, а во меѓувреме неисклучувајќи ја и модата. И затоа останува токму македонски бренд, независно дали е „дома“ во Србија или дома во Македонија или „дома“ некаде во светот.

Тијана Дапчевиќ топло не’ прегрна и ни го посака најпријтелското добредојде во Белград, во  хотелот „Метропол палас“  каде екипата на Fashionel имаше можност да присуствува  на ексклузивната фотосесијата која е најава за соработка помеѓу два македонски бренда, Тијана и модната куќа Елена Лука.

Бизнис колекцијата и авангардната „ELigion“ потпишани од Елена Лука, ги доживеавме преку женствениот сензибилитет, но и нескротливиот темперамент на Тијана. Така креациите на Елена Лука ги видовме во една нова димензија, а Тијана како моќна Елена Лука жена.

Додека се подготвуваше сетот, ја искористивме можноста да продискутираме со Тијана за прашања преку кои  ќе ја запознаеме Тијана како мајка, како моден камелеон, како лик од  шоу бизнисот, како актерка и пред се’ како човек.

 

Улица Македонија или Кнез Михајлова?

-За период од 14 години колку што и живеам во Белград, кој веќе го сметам за свој град бидејќи ме прифати и ме гушна без никаков проблем, по Кнез Михајлова сум се прошетала пет или шест пати. Немам обичај и немам навика да го правам тоа. Кога и да ме прашате, на ова прашање ќе ви одговорам Титова улица (се смее). Во мое време така се викаше. Дефинитивно и секогаш повеќе улица Македонија.

 

Како изгледа една Ваша секојднавна рутина?

-Станувам рано наутро. Мене осум часот ми е рана зора. Го носам мојот син во градинка и после тоа задолжително следува тренинг. Потоа најчесто имам или некое сликање или некое интервју или состанок. Особено овој период околу празниците е турболентен и постојано нешто се случува. Постојано имам гостувања и снимања на емисии каде на мое големо задоволство ќе бидам облечена во неверојатните креации на Елена Лука. Во пет часот го исклучувам телефонот. Можат да ме добијат исклучително блиски луѓе, но во основа после пет часот сум дома и тогаш се затвора „канцеларијата“.

Многу често го менувавте стилот и не случајно сте препознатливи како „моден камелеон“. Како прогресираше вашиот имиџ низ годините?

-Постојано го менувам стилот. Кога сама на себе ќе си станам досадна, а тоа кај водолиите е многу честа појава,  ставам прст на глава и се прашувам ако сама на себе сум досадна со стилот, тогаш како ме доживуваат другите околу мене?  Значи морам нешто да менувам.

Во еден момент од моите средношколски денови косата ми беше зелена. Мојата другарка ми ја погреши фарбата и така добив една чудна зелена боја на косата. Ама ми беше интересно. Никогаш слепо не сум ги следела трендовите.

 

Какво е Вашето искуство со модните дизајнери и брендови?

Секогаш сум внимавала на тоа да бидам своја и тоа што го носам да има мој печат. Инсистирам на домашни дизајнери. Откако живеам во Србија имам прекрасна соработка со сите овдешни дизајнери.

Од македонските дизајнери имав убаво искуство со Александар Ношпал. А еве сега на мое оргомно задоволство и голема чест , имам можност да соработувам со една од најплодните и најеминентните модни куќи во Македонија, Елена Лука.

Особено од  креациите од новата колекција ELigion, како и Бизнис колекцијата  кои се дел и од нашава заедничка ексклузивна фотосесија, сум презадоволна. Ја имам честа да уживам во исклучителните парчиња на Елена Лука и со оваа фотосесија да ја најавиме нашата заедничка соработка.

Од српските дизајнери пак, имам остварено соработка со Ана Љубинковиќ, Верица Ракочевиќ, Тамара Радивојевиќ, Тијана Павлов, сестрите Проковиќ... сакам и инсистирам на домашни дизајанери.

 

Кој е личниот печат на Вашиот стил?

-Стилот не се купува. Не можеш да отидеш во маркет и да кажеш: дајте ми триста грама стил. Можеш да се облечеш во Шанел или Гучи од глава до пети и на тебе да изгледа  како да носиш буквално пет евра, а на тебе има на пример пет илјади евра. Напротив, може да се облечете и во условно кажано ефтини парчиња а на вас да изгледа како од „милион долари“. Стилот или го имаш или го немаш. Јас мисалм дека сум од оние што го имаат, а за тоа големо влијание има и домашното воспитување. Домашната култура е многу битна ставка во градењето на стилот.

Моден детаљ кои би можела да ги окарактеризирам како мој заштитен знак се очилата. Меѓу другото, на мојот настап на Евровизија и целото присуство таму, главен акцент беше ставен на очилата како заштитен знак и дел од промотивните материјали. Кога истражувате на Google под името Тијана Дапчевиќ, излегуваат фотографии каде јас сум со кратка коса и носам очила. Така што воопшто не ми беше проблем кога New Moment, агенцијата што се грижеше околу целиот ПР, нагласија пак да ја шишам кратка косата која во тој период ми беше подолга.

 

Правевте ли  компромиси за успешна кариера?

-Пред се’ компромиси со самата себе. Не сум од оние луѓе што газат преу лешови, туку оставам на тоа што е мое ќе си дојде. Ја следам својата черга. И покрај тоа што ништо не е случајно, се ми се случи  во буквално пет минути. Јас тие пет минути ги искористив, ги грабнав и во Македонија, па и со доаѓањето овде во Србија. Додека бев во Макдеонија, не бев нешто претерано амбициозна. Пеев по клубови, по фестивали... Немав некоја претерана амбиција да снимам албум.  Сега  кога ќе го вратам филмот ми е криво што немам албум на македонски јазик, но никогаш не е доцна. Јас сепак сум жена во најдобрите години!

 

Во моментов кога дојдов во Србија која е многу поголем пазар, искрено не ми беше тешко бидејќи тогаш беше друг амбиент. Јас кога се појавив тука и медиумите беа благонаклонети  и им беше интересно бидејќи јас бев нова, свежа крв која на некој начин донесе и нова музика и друга енергија. Цел тој српски шоу бизнис ме гушна. Беше напорно, ама сепак лесно. Имав среќа што се појавив во вистинско време. Четири години подоцна, откако дојдов во Србија се појави и најголемиот хит што сум го отпеала, за кој многумина кажуваат дека е моја лична карта, „Sve je isto samo njega nema “. А првата песна со која што ме приметија беше „Stepski vuk“ (Степски волк).

 

Која животна улога е Вашиот најголем предизвик?

-Најголем предизвик и најголем луксуз е да се биде на сцена во ова време во кое живееме. Јас кога сум на сцена сум жива. Тој момент со актерството и воопшто со театарот ми се појави во вистинско време, кога најмалку се надевав. И пак ќе кажам ништо не е случајно. Милорад Дамјановиќ, познат и признат млад српски актер, долги години наназад постојано ми нагласуваше дека морам да се појавам на театарска сцена и дека сум родена актерка. После долги години, односно пред две години ми се јави и ми го прати текстот за претставата „Pukla bruka“ (Пукна брука) во режија на Милица Краљ. Никогаш нема да го заборавам моментот кога ми го прати мејлот. Го прчитав и само му вратив порака: кога стартуваме со проектот? Тој момент влегов во театар и....Театарот е зараза. После првата улога постојано си гладен за повеќе претстави. Па потоа  се случи „Maratonci trce pocasni krug“ (Маратонците го трчат почесниот круг) исто така во режија на Милица Краљ , па „Gde su kokoske“ (Каде се кокошките), а во моментов подготвувам монодрама.

 

Што Ве смее?

-Син ми ме смее секојдневно. Пред година дена почнав да ги запишувам неговите „бисери“, затоа што тврдам дека сите деца кои се родени после 2000 година се кристални деца, посебни. Се раѓаат научени.... Па почнав и книга да пишувам заедно со мојата асистентка Тијана Шољански. Неа особено ја бидува за пишување раскази, така што цела книга која што е во план ќе биде во расказна форма.

Која желба е на врвот на вашиот новогодишен список?

-Јас посакувам сите мои, вклучувајќи ве и вас и мене, да имаме спокој. Кога имаш спокој си среќен, кога си среќен си здрав, кога си здрав имаш се’.

Објавено:
22 декември 2014