Кожените парчиња - најдоминантни во плакарот на Кристина Арнаудова

Интервју со •
20 февруари 2015

Во време кога македонската музичка сцена стагнира од правењето добри песни како што тоа беше случај низ годините наназад, нејзиниот огромен хит „Прашина“ сѐ уште ги буди сетила кај слушателите. Рок дивата како што многумина милуваат да ја кажат, Кристина Арнаудова беше прекрасна домаќинка и љубезно нѐ прими во нејзиниот дом каде за прв пат го отвори плакарот за медиумите. Токму таму, имаше најразлични богатства што најдобро ја опишуваат и кога станува збор за секојдневието, но и за нејзините сценски настапи. Како што очекувавме, Кристина е страстна вљубеничка во чевлите кои ги има во огромен број, но и во кожените парчиња што можеби и најдобро ја опишуваат. Во моментов таа е актуелна со нејзиниот нов, одличен албум и со големите хитови од истиот како „Земи ме“ и соработката со Eye Cue „Сега ми требаш ти“, за кои сними и видео записи. Во продолжение, ве водиме во рок светот на Кристина Арнаудова со која говоревме и за нејзините нови музички проекти, за модата, патувањата, состојбата со македонската музичка сцена и нејзиниот омилен, четиригодишниот син Максим!

Сметате ли дека „Прашина“ беше Вашиот најголем хит?

Долго време тоа ме следеше како сенка и веројатно како повеќето што работат со музика, кога ќе им се погоди голем хит, многу ретко се случува тоа да се повтори и потоа во текот на целата кариера некако се трудиш да го направиш тоа. Јас не верував дека тоа ќе се повтори во мојата кариера, но тоа се случи со мојата песна „Земи ме“ и некако многу позрело ми се повтори, со оглед на тоа што јас сум автор на таа песна, но автор сум и на целиот албум. Можам да кажам дека ми се случи нешто што ретко се случува, а тоа е да си го повторам успехот со нов хит.

На што работите во моментов по успешниот албум?

Имаше доста планови, на секоја песна сакав да снимам спот и да се промовира, снимавме спот за песната со Eye Cue „Сега ми требаш ти“, потоа имаше план за уште две песни и сѐ уште има план, но проблемот е што нема каде тоа да се направи. Нема емисии, нема македонска продукција на телевизија, не нема нас...Луѓето во последно време ми зборуваат зошто никаде ме нема, зошто се повлече, а напротив, сите работиме, но луѓето не знаат што се случува со нас. Моментално, немам некаква посебна мотивација да работам на нешто посебно, иако имам голема енергија и желба, ама се случува момент кога ќе се запрашаш за кого и каде ќе оди тоа, бидејќи јас тоа не го правам за сама дома да си го пуштам. Јас пеам, снимам и работам за луѓето, ако тоа тие не го гледаат, тогаш истото нема поента. Се надевам дека нешто ќе се смени, бидејќи не знам дали поголемо медиумско дно од ова може да доживееме.

Што е причината за тоа?

Нема никаква можност да се направи некаква споредба со времињата кога „Прашина“ беше голем хит. Тогаш секоја телевизија имаше барем по четири емисии, имаше ток шоуа, имаше топ листи, имаше милион места да се промовираш. Кога ќе објавевме спот, едноставно не можевме да постигнеме да се појавиме секаде. Се сеќавам, дури се случуваше и луѓето од телевизиите да ни се лутат зошто не сме дошли први кај нив. Сега нема ниту едно место за промоција, дури и тие што ги има, имаат многу мал рејтинг. Музика ние се трудиме да правиме, ама медиумите се неверојатно мрзеливи, јас не знам друг светски пример на телевизии каде по цел ден се емитува програма на друг, странски јазик, само да не е македонски. Нема воопшто македонска програма. Потребно е медиумите да си ги сменат уредниците, бидејќи со овие очигледно нешто не е во ред. И да се донесе вистински закон што ќе ги стави во ред, како во сите други земји. Во овој момент можеби сум и лута, но ако можат сите тие така ноншалантно да уништат сѐ што правиме ние, да не „закопаат“ толку длабоко, зборам не само како музика, туку и како македонски јазик и идентитет, тогаш мене воопшто не ми е срам да кажам дека сите тие се за промена.

На кој момент од кариерата најмногу се гордеете?

Можеби на овој сега, на моментот дека стигнав до стадиум да го напишам и да го продуцирам својот албум. Да направам такви песни сама за себе, на тоа сум најгорда.

Од каде црпите инспирација за Вашата музика?

Тоа прашање веројатно никогаш, никој нема да го одговори бидејќи не знаеш како ти се случува инспирацијата за песните. Едноставно стигнуваш до момент на зрелост кога зборовите и емоциите многу лесно излегуваат од тебе. Значи воопшто не се мачиш тоа да го направиш, едноставно се случува еден момент, една минута кога наеднаш почнува сѐ да излегува од тебе и почнуваш да запишуваш. Не за џабе се рекло дека луѓето што се занимаваат со уметност, што имаат некој талент, се допрени од Господ. Не знам како се случуваат инпирациите, но посакувам да ги имам почесто.

Успевате ли да направите баланс помеѓу работата и приватниот живот?

Јас сум од оние за кои не постои не можам, постои само не сакам! Сум си рекла сама на себе и таков тип на човек сум, дека јас можам сѐ. Секој што сака, може сѐ. Не постои тоа дека јас сум презафатена или дека имам семејство, не можам да го направам тоа, не можам да одвојам време за себеси, секој кој што сака може сѐ. Јас расчистив со тоа дека ќе има време кога ќе бидам уморна или кога ќе бидам депримирана, за мене такви моменти скоро и да не постојат. Мислам дека добро се справувам со обврските затоа што точно знам како да си го организирам времето. Вообичаено, перфектно го организирам, секогаш знам што ќе правам и на што треба да му посветам време. Само на тој начин може да се направи сѐ.

Како се грижите за себе и за Вашето тело?

Кога имаш семејство и дете, не е целото време само за тебе. Мораш да го распоредиш и да го посветиш времето. Секогаш, не само секоја жена, туку и секој човек мора да најде време за себе. Без разлика дали тоа време ќе биде за читање книга или пак за слушање музика, за работи кои што го исполнуваат човекот, мора да се одвои време, барем тоа било и половина час во текот на денот. Јас не посетувам козметички салони многу често и најчесто се грижам за себе на природен начин, со природна козметика. Секогаш гледам кремите што ги ставам да немаат хемикалии и да се органски. Маските што ги користам, дури и лосионите со кои се мачкам ги правам самата од природни работи. Тоа ми претставува огромно задоволство, дури тоа ми е едно од моите хобија. Со тоа се занимавам доста време, интересно ми е и сакам да го откривам тој природен начин на живот. Верувам дека претераното користење и одење на козметичар со разни третмани многу порано нѐ старее. Јас сама си правам пилинг од кафе, од морска сол, кога имам акни користам сода бикарбона, се масирам со масло од кокос со цимет и мислам дека сите тие работи се многу поефикасни отколку цело време да се оди на разни третмани. Секако дека јас одам на козметичар на чистење на лицето, но тоа не е многу често.

Кое е Вашето омилено парче од плакарот?

Веројатно сите жени се опседнати со чевли, за среќа јас од скоро имам зад мене луѓе што ми изработуваат чевли, а тоа се Шевро од Куманово. Тие прават чевли по моја мерка и по моја визија и јас сум пресреќна за тоа. Чевли купувам секогаш, па дури и кога знам дека повеќе немам каде да ги ставам. Сепак, кога влегувам во некоја продавница, прво одам кај чевлите и веројатно ми се фетиш, а имам многу чифта чевли што сум ги облекла само еднаш. Тие се покарактеристични и се облекуваат само за настап. Многу се радувам кога ги гледам вака наредени (се смее). Едни такви имам нарачано од Англија, сребрен модел од Асос, и иако тие се невозможни за носење, прекрасни се за гледање. Инаку, јас сакам многу удобни работи, не сакам неудобни чевли, па ги чувам за некое сликање или само за да се пофалам (се смее).

Кожените јакни, парче по кое сте препознатлива од самите почетоци...

Ги обожавам! Можеби не сакам толку многу кожена гардероба, колку што сакам парчиња од цврсти материјали. Тоа може да се парчиња од вештачка кожа, од скај, сакам гумирани парчиња...Не знам од каде е таа моја желба, но тоа е така откако паметам за себе. Фетиш ми се кожените јакни, капутите... тие некако се вклопуваат со мојот карактер. Кога ќе ги облечам на мене, изгледам како „јас“! Едноставно, личам на себе. Таквите парчиња ги имам во сите бои и форми.

Во каков стил уживате приватно?

Имам многу чифта патики, претежно сакам да сум во удобни парчиња. Сакам во тоа што сум, да ми е удобно и надвор и дома. Така е и кога се настапите во прашање, секогаш сакам да носам удобни парчиња во кои ќе се чувствувам убаво. Мислам дека гардеробата што ја носиме, мора да кажува нешто за нас и да праќа порака. Кога ќе ја видиш личноста според тоа како е облечена и како е нашминкана, какви нокти има, да донесеш суд за таа личност. Никогаш не носам работи што не ме опишуваат.

Каков накит сакате да носите?

Сакам доминантен накит, сакам кога носам нешто да се гледа дека го носам, сакам да се едно или две парчиња, но да се доминантни и впечатливи. Не носам злато, немам навика да носам. Сакам да ставам едно нешто и да има карактер и да е од поцврст материјал, бидејќи не сакам нежни работи...

Правите ли компромиси кога станува збор за сценската облека?

Не, не правам! Кога зборуваме за сценска облека, од самите почетоци од 98 – ма година, почнав да работам со дизајнери и многу внимавав на тоа како се појавувам. Првата соработка беше со Ивана Коцева која тогаш почна со работа и ревии и почна некако поразлично од другите. На тој начин се најдовме и јас постојано носев нејзини парчиња. Секогаш носам македонски дизајн, бидејќи сакам да соработувам со наши дизајнери и ги почитувам и мислам дека треба меѓусебно да се поддржуваме. Долго време соработувам со Никола Булевски, со Тања Кокев, со Небојша Толевски и со многу други.

Што мислите за македонската модна сцена во моментов?

Може да биде многу подобра и кај дизајнерите се чувствува таа економска криза што владее секаде, јас знам дека тие имаат потенцијал многу повеќе да работат. Иако мене многу ми се допаѓаат парчињата што тие ги изработуваат, мислам дека ние сѐ уште немаме пазар за тоа. За жал... Јас секогаш ќе бидам тука да ги промовирам и да ги поддржам.

Знаат ли младите во Македонија да го препознаат тој квалитетен македонски дизајн?

Мислам дека кај младите има некој тренд на турбо фолк облекување... Носат некакви платформи што јас воопшто не ги сакам, некакви ужасни, предолги шпицести нокти во разни флуоресцентни бои, па потоа некои ултра куси фустанчиња што обично треба да ги гледаме кај порно ѕвездите или во кафеаните...Не зборувам за сите, ама мислам дека тој тренд кај младите е многу очигледен и многу е истакнат и дека македонските дизајнери не се вклопуваат тука, затоа што се многу пософистицирани, урбани, па затоа младите одбираат модели од бутик или ако тие тинејџери да речеме имаат малку повеќе пари, купуваат од некои странски дизајнери за да се пофалат на другарите. Тоа е многу погрешно, но тие мислат дека така е правилно.

Кои се Вашите омилени странски дизајнери?

Ако зборуваме за чевли, Александар Ванг ми е омилен, имам еден чифт чевли од него, но бидејќи се на платформа, само еднаш ги облеков. Армани секогаш би го носела, Марк Џејкобс ми е омилениот, иако имам само една чанта од него. Ако зборуваме за висока мода, Ели Сааб ми е врвот и секако Зухаир Мурад, за кои мислам дека се многу слични. Ако сакаш да се чувствуваш како жена во вистинско издание, тогаш тоа го носиш. Од комерцијалните странски линии, Forever 21 ми се омилени, исто така и Nasty Gal, кои за жал ги нема во Европа, но ги нарачувам од Америка. Имам многу парчиња за преку ден од H & M, желба ми е да имам барем едно парче од Балман, иако едно негово парче чини колку еден стан во Македонија (се смее). Воопшто не сум од оние што трошат многу пари за гардероба и кои што мислат дека треба да се троши на тоа. Мислам дека оние жени и луѓе кои се опседнати со брендирана гардероба, праќаат многу лоша порака за себе. Јас не сум една од тие што ќе облече такво нешто само за да биде сликана. Можам да го купам затоа што сакам да го купам. Јас многу повеќе трошам пари на шетање низ Европа, отколку на скапи парчиња облека.

Кое е најубавото место што сте го посетиле?

Сум била на многу убави места, но мислам дека има и уште многу такви што ми останаа. Патувањата се моја пасија, па заради тоа, секоја година во јануари правам листа на места каде што сакам да одам оваа година. Никогаш не одам на исто место два пати. Минатата година бев во Барселона, е само тоа е град каде што би одела секоја година по еднаш. Тоа е град каде што можам да живеам, начинот на живот таму, како луѓето се опуштени, морето и уште многу други работи што ги обожавам. Најубавото место веројатно е Амалфи и Позитано во Италија. Тие се многу магични места, тука е и Капри, но Амалфи и Позитано се најволшебните места на кои јас сум била. За оваа година на листата ми се Рим и езерото Комо.

Објавено:
20 февруари 2015