Ксенија Николова: Не сум човек што се занимава со работи што не го исполнуваат!

Интервју со •
11 март 2015

Веројатно најголемиот дел од македонската публика оваа девојка ја препознава како еден од ликовите во своевремено ултра популарната емисија „Бејби шоу“ која со нетрпение ја чекавме пред малите екрани. Денеска, Ксенија Николова зад себе има две книги, одлични текстови за песни за некои од најпопуларните македонски изведувачи, а веќе извесно време работи и во туристичка агенција. Тимот на Fashionel го посети нејзиниот дом каде како што и очекувавме, бевме сведоци на многу стилски парчиња што совршено го опишуваат нејзиниот сензибилитет. Таа е горд сопственик на одлични дизајнерски парчиња, меѓу кои и вечерни тоалети од модната куќа Елена Лука и Мила Кадриу. Во интервјуто за Fashionel, таа говори за она што најмногу ја исполнува во моментов, кои се парчињата без кои таа не може да се замисли себеси, но раскажува и за оние комбинации што посакала никогаш да не ги направи!

Како изгледа еден ваш ден? Има ли некои посебни рутини до кои задолжително се придржувате?

Еден мој ден изгледа зависно до секојдневните обврски. Имам некои секојдневни работи и навики до кои се придржувам , но сепак се’ зависи од денот. Обично наутро имам некои рутини во однос на личната хигиена, бидејќи имам сфатено дека со кожата и здравјето не смееме да си играме, кожата се’ памти и навистина се трудам да си посветам доволно внимание на себе од тој аспект.

На што работите во моментов, што е она што најмногу Ве исполнува?

Моментално пишувам и работам во туристичката агенција Никекс. Што се однесува на пишувањето, работам на неколку нови идеи, но за тоа кога ќе биде време. Пишувам и текстови за музика и тоа навистинса ме исполнува. Не сум човек кој може долго да се занимава со работи кои не го исполнуваат, така што сигурно е дека се’ што правам помалку и повеќе ме исполнува.

Кои се трите парчиња од вашиот плакар од кои никогаш нема да се ослободите?

Хм... Едно црно фустанче, кратко, тесно и едноставно секси, добар пар фармерки кои одлично стојат и класични црни чевли кои ги комбинирам со се’.

Кој е оној тренд од минатото на кој многу би се израдувале доколку се врати повторно?

Од минатото ми недостигаат боите. Имаше еден период кога јас бев тинејџер и беше модерно да се носат јаки бои, флуросцентни нијанси и весели дезени. Тогаш модата беше некако пошизичка, беше во ред да се стават милион нешта на себе и сето тоа да изгледа во ред. Јас конкретно никогаш не сум експериментила многу со својот стил и искрено малку се каам заради истото. Ете, да се врати тоа време сигирно би ризикувала повеќе и би облекувала пооткачени нешта.

Сцена од популарната емисија „Бејби шоу“ Сцена од популарната емисија „Бејби шоу“

Задоволна ли сте од тоа како публиката ги прими вашите „Идиотски приказни“?

Сум. Навистина сум. Важно ми беше целиот проект да остане вистински и близок до моето срце и тоа и се случи.

Fashionel на промоцијата на „Идиотски приказни“ Fashionel на промоцијата на „Идиотски приказни“

Кога денеска ќе се навратите наназад, жалите ли за некој стајлинг што сте го направиле?

Имам многу такви стајлинзи. Не ми се допаѓа како бев облечена на својата полу-матура, на својата матура, на својата дипломска... Не знам зошто. Секогаш кога ќе погледнам наназад сигурна сум дека можеше/требаше подобро. Се надевам дека е тоа нормално. Оти нели, така се расте...

Каков е вашиот стил приватно, во што се чувствувате најудобно?

Приватно можам да кажам дека имам доста едноставен стил, во мојот плакар преовладуваат неколку тонови и бои, некогаш знам да облечам нешто што не личи на мене, но тоа е ретко. Порано повеќе се дотерував преку ден, сега знам и да се облечам доста едноставно и удобно. За навечер имам некој класичен стил, не носам многу накит, не се шминкам силно, така што можам да кажам дека умереноста преовладува во секој поглед.

Што од модни додатоци најмногу сакате да носите?

Најчесто носам часовници и ланчиња. Понекогаш носам и обетки. Никогаш не носам повеќе модни додатоци во иста комбинација, за мене тоа изгледа пренатрупано.

Ви се допаѓа ли стилот на македонските девојки?

Ми се допаѓа и не ми се допаѓа. Не сум моден критичар и не се чувствувам компетентно да судам ничија мода. Можам само да знам дали ми изгледа добро или не. Но, тоа не значи ништо.

Кој е вашиот омилен македонски дизајнер и имате ли навика да купувате дизајнерска облека?

Најчесто соработувам со Мила Кадриу, таа ми има направено повеќе тоалети за повеќе важни приватни настани. Мила е многу конкретна и прецизна. Ме научи што сакам и веќе немаме проблем.

Креација од модната куќа Елена Лука во плакарот на Ксенија Креација од модната куќа Елена Лука во плакарот на Ксенија

Ја работите ли работата од соништата во моментов?

Ја подработувам – ќе речам. Треба уште доста за да се застане црвсто на земјата. Еден ден, еден убав сончев ден.

Објавено:
11 март 2015