Култна бројка, 103-ка

Интервју со •
16 март 2015

По 24 години, култниот радио канал 103 се’ уште е прогресивна струја во македонскиот радио етер што со истиот ентузијазам, младешка енергија и слободна мисла како од самите почетоци, и денес е вистински симбол на независност.

Која е суштината на 103-ка? Независно од сите општествени бранувања, превирања и изобличувања, 103-ка е јадро на прогресивната култура. Тука е зародишот на алтернативната македонска музичка сцена,  промотор на електро културата,  глас на поезијата,  автономен медиумски простор отворен за свежи идеи,  кислород  за уметничката сцена, печат на препознатливост на многу генерации кои се идентификуваат со фрекфенцијата 103.

Екипата на fashionel.mk беше на гости кај Соња Исмаил додека на фрекфенцијата на каналот 103 течеа нејзините 60 минути, па за време на музичките паузи помуабетивме за нејзината релација со радиото.

Тие што имале прилика да го посетат студиото на 103-ка, ја почувствувале енергијата што струи таму. И покрај дотраената техничка опрема, стариот инвентар и минималните услови со кои располага радиото, волонтерите кои го оддржуваат пулсот на 103-ка овде работат со вонсериски ентузијазам. Старите ѕидови и врати се излепени со спомени. Плакати, флаери, досетливи пораки од гости и домаќини, постери од бендови и настани, потписи од познати уметници кои го создале профилот на авангарната уметничка сцена во Македонија...  Целиот простор дише со автентичност. Мизар, String Forces, Архангел, Т.Б Трачери, Bei the fish, Легијата, PMG Kolektiv, Јаболко за даскалот... се само дел од музичката историја на радиото.

„Една љубов, 103-ка“, вака Соња Исмаил која е еден од најпрепознатливите гласови на радиото,  ја започна својата лична приказна врзана за 103-ка каде секој понеделник од 21 до 22 часот во живо од студиото на радиото се емитува нејзината авторска емисија „60 минути со Соња Исмаил“.

Соња Исмаил Соња Исмаил

„Оваа емисија е продолжение на емисијата "Storytelling" која се емитуваше на истото радио 4 години, секоја недела од 18-20 ч. "60 минути со Соња Исмаил" ќе се обиде да го надитри временскиот лимит, и во ексклузивните 60 минути да понуди фина музика и интересни гости“, вака гласи краткото резиме за емисијата.

Ја прашавме Соња како изгледала нејзината прва „средба“ со 103-ка.

„Мојата сестра Љупка ме запозна со 103-ка.Бев многумала, но се сеќавам на нејзината возбуда што ми претставува нешто толку значајно за неа и ја паметам мојата љубопитност и радост што таа споделува нешто толку големо и важно со мене“, се наврати Соња на нејзините први спомени поврзани со радиото.

Во 24-годишното созревање на 103-ка неизбежни се сеќавањата на култни настани, манифестации, концерти во живо од студиото, поетски читања, револуционерен активизам, па дури и сериозна борба за одржување на независниот дух и космополитска идеја на радиото, што со оглед на фактот дека 103-ка непрекинато и денес зрачи во етерот, се исплатела.

Во неврзаниот разговор, Соња ни откри дека нејзин фаворит од музичките фестивали што ги поддржува 103-ка е „Здраво млади“, чија основна мисија е да го опипа пулсот на постоечката независната култура и со тоа – да донесе бендови и артисти кои се во тек со модерната и современа инди музика. Интересна е приказната за потеклото на името на фестивалот кое е инспирирано од флиперница во Кратово, а која пак името го добила по една многу популарна емисија за млади во поранешната република.

Додека Соња пушташе посветено одбрана музика во нејзиниот термин, не’ инспирираше да ја прашаме како таа ја дефинира својата музичка димензија во хетерогениот универзум на 103-ка.

„Тешко ми оди дефинирањето, особено на она што го претставува мојот музички сензибилитет. Таму има се’.И токму затоа е неверојатно силно чувството на припадност со Канал 103, заради сета хетерогеност, шареноликост и немањето строги, прецизно исцртани рамки“, вели таа.

Во ова време на декаденција, улогата на медиумите од калибарот на 103-ка е клучна: да се понуди избор, да се разбистрат мислите, да се остави простор за вистински квалитетната музика, да не’ запознае со анонимните таленти, да ни ги заскокотка сетилата, да не’ натера да размислуваме и танцуваме, да се посветиме на вистинските животни вредности...

Соња Исмаил го сподели својот „рецепт“ во борбата против „болестите“ на современото време, безличноста, површноста и редукцијата на суштинските вредности.

„Со 103-ка секако, но и со личниот ангажман, одговорност, љубов и борба за вистински нешта!“,  апелира Исмаил.

Ја прашавме и за проблемите, за стегите со кои се соочуваат, за демотивацијата ако воопшто постои...

„Во ера на жестока цензура и неслобода, ќе излажам ако кажам дека не се соочувам со цензура, па и во рамките на најслободното, најнезависното радио во Република Македонија. Можеби ќе биде попрецизно ако кажам дека станува збор за некаква автоцензура, повеќе отколку наметнати стеги во рамките на самото радио“, вели авторката која нагласува дека ниту еден проблем не е доволно силен и моќен за да ги демотивира во она што најдобро знаат да го работат волонтерите на 103-ка.

Овде ќе наброиме само дел од емисиите во актуелната програмска шема на радиото, кои ќе ве потсетат која фрекфенција е најдобриот издувен вентил: Главна струја, Розе кадилак, This is radio clash,  Најдобрата емисија на сите времиња, Свирачиња, Metanoia, Сериозно зезање, 103 авенија, Modus Vivendi, Radia,  Danse macabre, Кратко и јасно, PMG Dance 20, Dreamachine, Post global, Течна кујна, Ако никој не свири и уште многу други авторски емисии, покрај 60-те минути со Соња Исмаил кои имавме можност директно да ги уживаме позади микрофонот со Соња.

На крајот од нашиот разговор, ја прашавме Соња како изгледа 103-ка во нејзината визија за 10 години. Одговорот беше: млада, умна, убава, силна…

А до тогаш, 103-ка останува „најбоља женска у град“.

 

Објавено:
16 март 2015