Уметник

Ленче Кукиќ: Ниту еден ден нема реприза, затоа кога пеам се давам со цела душа

Интервју со
Ленче Кукиќ
8 март 2022

За некои луѓе велат дека се родени под мила ѕвезда. Луѓе светлина со душа планина. Луѓе кои секој ги посакува во свое друштво заради нивната топлина која за жал сѐ повеќе ни недостига, а токму поради тоа е сѐ повредна. Луѓе како Ленче, како Горан Кукиќ. И како пар и како индивидуи, тие имаат нешто што не може ниту да се одглуми ниту да се купи. Токму таа човечност која секаде ги следи заедно со нивниот раскошен талент, кој публиката не заборава да го награди. Повеќе од три децении и двајцата партнери и дома и на сцена, ни ги галат и лечат душите со нивната музика. Нивниот син Иван, им се придружи на нивната професионална патека, но веќе како изграден музичар полека разгазува нови патеки кои го носат до светската сцена како дел од триото на Влатко Стефановски.

Нека ни простат момците од семејството Кукиќ, но денеска нашиот медиумски простор ѝ го отстапуваме на нивната дама, симболично по повод Меѓународниот ден на жената.

Со Ленче разговаравме за трите децении на сцена, но и за големиот пресврт по победата на „Никад није касно", отворивме и теми за мајчинството, за смелоста и големината на жената, за најскапите емоции во време на ефтини приказни. Уживајте во разговорот како што уживавме и ние...

Креација: Елена Лука

Ленче годината ја започнавте со убави вести. Ја промовиравте песната „Бисер" со која ја официјализирате соработката со Гранд продукција, карта за една сосема нова дестинација во Вашата кариера. Какви се Вашите очекувања од оваа соработка? Што ќе се промени после овој договор?

-Точно. На почетокот на годината добив една убава новогодишна честитка. Тоа што го очекував веќе две години. Една прекрасна песна со исто толку убав наслов, „Бисер". Од оваа дистанца, критиките се навистина позитивни и токму такви се и моите очекувања. После две години пауза, конечно се надевам дека преку оваа соработка убавата музика ќе се врати во фокусот.

За кратко време, „Бисер" си обезбеди место меѓу бисерите во нашата народна музичка архива. Песната беше проследена и со одличен видео запис. Раскажете ни како се создаваше ова убаво музичко дело?

-Јас се надевам дека песната навистина ќе живее и ќе си го најде местото кај публиката. За мене беше навистина пријатно изненадување, што успеавме за многу кратко време, со добра екипа, да го реализираме зацртаното и да создадеме едно вакво дело. Направивме видео запис во рекордно време. Наидов на една прекрасна соработка и отворање на вратите во модната куќа ЕЛЕНА ЛУКА, наидов на едни големи професионалци и добив надеж дека сепак во нашата држава навистина постои врвен професионализам и кога се во прашање ваквите соработки. Во релацијата со нив се чувствував толку исполнето и вредно, затоа што сѐ што се однесуваше на визуелниот изглед беше оставено на ЕЛЕНА ЛУКА, а јас само уживав во процесот. Бескрајно сум им благодарна на цела екипа и на Елена, што комплетно се грижат да изгледам перфектно, не само за видео записот туку и за моите јавни гостувања. Потоа тука се едни прекрасни момци, Кире и Ѓорги и нивната „Шоутајм" продукција и токму благодарение на нив невозможното стана возможно и во многу краток рок реализиравме еден квалитетен видео запис. И во целата таа фантастично вклопена екипа, ќе упатам благодарност и до едно преталентирано момче Ване Паланков и до Ани Кукиќ Цинкова, кои се грижат за мојата фризура, затоа што сепак кога работиме нешто квалитетно, комплетната слика мора да ги задоволува највисоките стандарди. Инаку видеото беше снимено во струмичкиот хотел „Глигоров" каде имаше соодветен амбиент според замислата за сценариото, така што целиот овој склоп и комбинацијата од сите овие професионалци што застанаа зад мене, го даде посакуваниот резултат.

Креација: Елена Лука

Кога ќе ви го споменеме искуството со „Никад није касно", каква емоција Ви буди?

- Прекрасни спомени... Токлу убави емоции, што дури понекогаш посакувам да се врати 2019-та година кога победив, за повторно да ги почувствувам. Таму осознав вредности, кои можеби кај нас се изгубени. Се вреднува пејачот, неговиот талент, се вреднува песната по највисоки критериуми. Барем тоа е моето видување и моето мислење. Лично за мене „Никад није касно" е едно богато искуство во смисла на комуникација со врвни професионалци кои си ја знаат работата, организација на највисоко ниво... Воодушевувачка сцена, сето тоа во еден прекрасен амбиент со публика и огромна гледаност со аудиториум од неколку милиони луѓе. Благодарна сум на можноста да искусам еден таков квалитетен проект со импозантна сцена на која повторно би се вратила.

Веројатно шоуто во Вашиот случај и буквално го оправува насловот? Како ова поглавје од Вашиот живот Ви ја промени кариерата?

-Јас сум 30 години на музичката сцена и во мојата земја мислам дека ја добив најголемата популарност. Но, учеството на „Никад није касно" го искористив во еден вистински момент бидејќи моите почетоци во кариерата се врзани со 1991 година кога се распадна Југославија и тогаш како помлад изведувач немав прилика да ме запознае поширокиот аудиториум и се случи тоа што требало да се случи. Сега сум презадоволна, што ми се оствари тогашниот сон и успеав да се претставам пред милионска публика. А сето тоа нормално со себе носи и повеќе ангажмани и повеќе настапи и уште побогата кариера. Затоа, за мене навистина ова беше остварување на амбиции од пред 30 години и апсолутно во мојот случај, за тоа што го посакав не беше доцна.

Креација: Елена Лука

Буквално пораснавте пред македонската јавност. Многупати оправдано ќе добиете и комплимнети за Вашиот раскошен музички талент. Но, како лично Вие се доживувавте низ годините во овој свет, неретко и суров, каде секој си дозволува да суди? Имаше ли моменти кога се посомневавте во сопствениот избор?

-Навистина е така. Јас го добив тоа што го сакав од нашата публика, која секогаш имала повеќе позитивни реакции во однос на мојата работа, отколку негативни. Со нашата професија ние сме сепак во една среќна околност, пееме за убаво, за љубов, за среќни моменти. Мене во животот ме води една парола, дека еден човек не може да биде ниту семоќен ниту совршен. Јас секогаш давам сѐ од себе и никогаш не се сомневам во моето дадено, затоа што е дадено со душа и со целата моја енергија. Свесна сум дека ниту еден ден нема реприза и затоа јас кога пеам, се давам целосно. Затоа секогаш верувам во моето дадено, иако секогаш може да налета на луѓе кои и од тоа нема да бидат задоволни. Секогаш гледам на позитивната страна, иако ги почитувам и негативните критики бидејќи врз основа на тоа може некогаш да ги спознаеш твоите грешки.

Интервјуто го реализираме непосредно пред празникот кој ја слави жената и се поклонува пред нејзината стаменост и големина. Па во контекст на ова, на која лична победа во животот сте особено горда како жена?

-Многу ми е драго што ова интервју го реализираме токму за Меѓународниот ден на жената. За мене жената е како божица. Таа е столбот во семејството, таа е мајка, таа е суштина, вредност. Чест ми е што преку ова интервју можам да ги поздравам сите храбри жени, дами, мајки... Јас преку моите песни им праќам порака да бидат храбри, посветени на своите идеи, на своите цели, на своето семејство, секогаш да ја чуваат љубовта во себе и несебично да ја даруваат.

Креација: Елена Лука

Вашиот свет е музика. Вашето семејство е музичко. И кога ќе се вратите дома, музиката е повторно сеприсутна. Помеѓу тие музички светови, дома и надвор, постои ли некое Ваше интимно место каде сте повторно своја, но во поинакво издание?

-Горда сум на моето семејство. Среќна сум што и мојот син Иван исто така се посвети на музиката, а во исто време сум среќна што го делам мојот живот со Горан. И тројцата ја делиме истата страст кон музиката, па ќе кажам и истите проблеми во врска со нашата работа. Кај нас дома сѐ е музика. Реални сме и надвор и дома, но музиката секаде нѐ следи. Но, нормално, се случува некогаш кога сме уморни да сакаме да поуживаме и во тишината. Но, тоа се само исклучоци. Нам душата ни е полна со музика. Како семејство така сме создадени, едноставно животот ни е музика.

Како е да се биде мајка на Иван? Тој веќе сериозно го граби секој предизвик што ќе му го понуди музиката и светската сцена веќе му е матична? Задоволни ли сте во каков човек расте?

-Иван е едно прекрасно момче со кое и јас и Горан се гордееме како родители. Тој има веќе 25 години и е возрасен дечко кој веќе одлучува сам за себе. Ние за него сме секогаш тука и како помош и како поддршка, но тој понатаму сам го гради својот животен пат. Веќе го привршува факултетот во Белград, а веќе три години е дел и од триото на Влатко Стефановски. Навистина се радуваме што патот го однесе до нашиот музички виртуоз и е во вистинските раце, кај вистинскиот учител. Ние сме сосема спокојни и сигурни кога Иван настапува со него. Инаку Иван веќе почнува да гради и своја кариера, така што патот пред него е отворен. Сега многу често се случува дури и тој да ни помага нам околу студиото, песните... Имаме една прекрасна релација и горди сме на него.

Имате нешто што не може ниту да се одглуми, ниту да се купи. Топла човечка енергија која публиката ја препознава и не пропушта да ја награди. Како ја чувате човечноста? Има ли цена таа скапа емоција во време кога поминуваат ефтини приказни?

-Енергијата што ја имаме е дар од Бога. Тоа е нешто што не се глуми. Јас од дете ја имам во себе љубовта, а на прво место љубовта кон музиката. Искрена сум и посветена сум на тоа што го сакам и повеќе од 100% и затоа сум задоволна. А човечноста е исто така дар од Бога и кога таа владее, сите негативни емоции остануваат во сенка. Во овие тешки времиња, можеби и не е така едноставно да ја зачуваш, но кога човек е навистина човек добрината е секогаш таа која диктира и тоа не се менува.

Креација: Елена Лука

Како Ви започна годината, веројатно пред Вас е богата музичка агенда? Што си зацртавте како приоритет во претстојниот период?

-Годината започна со една позитивна мисла и навистина се надевам дека ова е крајот на ова двегодишно негативно патување. Првите чекори веќе ги направивме, имавме и настапи, само што заврши струмичкиот Карневал, ние бевме дел од програмата со настап на Маскембалот и сето тоа еден позитивен импулс дека годината конечно ќе тргне на подобро. Ако е сѐ како што треба, пред нас е една убава сезона со многу настапи, гостувања, па и веселби и нови песни кои се веќе спремни, а може да ги објавиме веќе во април и мај. Да шириме љубов и убава енергија, а ова лошото конечно веќе да биде зад нас.

Објавено:
8 март 2022
Прочитано:
667 пати