актер, музичар, уличен изведувач

Хипер-талентот Лазар: Кога една уметност не е доволна да каже кој си

Интервју со
Лазар Христов
10 јули 2023

Урбан млад лик по секоја дефиниција на зборот, мулти талентиран, гласноговорник, човек со тон позитивна енергија.

Уметник кој не ја сака комфор зоната, но го сака обичниот човек и се радува на животот. Тоа е нашиот Лазар Христов, актер, музичар, уличен изведувач, соговорник каков што секој би посакал.

Ако не ви е денот, тогаш сигурно добро ќе ви дојде да прочитате и дознаете нешто повеќе за Лазар.

За да го скршиме мразот, прво ќе те прашаме како си? Како ти започна денов, на лева или десна нога?

 Во последно време толку станувам на „десна нога" што не ми е битно на која нога сум станал.

Велиш дека не ја сакаш комфорната зона. Што е прво комфорна зона за тебе и каде сакаш да бидеш, ако не таму?

Комфорна зона е трошење на време, пари и енергија правејќи работи кои веќе ми донеле некаква сатисфакција и останувајќи во таа зона - целото тоа се претвора во трагање по првичното чувство што ти се случило од тие работи. Тоа е досадно. Секојдневието е досадно. Се обидувам да наместам терен во кој ќе можам да бркам екстреми на убави и лоши искуства затоа што сè останато е просек и очекувано.

Очигледно е дека имиџот ти раскажува некаква приказна. Во која декада се пронаоѓаш најмногу? Или пак си пред времето?

Градејќи го „имиџот" низ годините немав референца за простор или време кон кое целев. Најмногу влијаеше плакарот дома и гардеробата на моите татко и дедо, па дури некогаш и на мојата баба. Земајќи го ова предвид, денешните толкувачи на „имиџи" ќе го наречат тоа „винтиџ" - меѓутоа комбинирањето на тие парчиња облека никогаш не ги видовме во ниту еден филм или спот од „винтиџ" минатото.

Ти го избра актерството или тоа тебе?

Јас го избрав актерството. Премногу „садистичка" струка ќе беше ако имаше можност да бира самата. Вака е само „мазохистичка" и не е виновна за било какво страдање на уметникот користејќи ја како алат.

Во последно време слушаме за голема доза на анксиозност кај младите. Дали мислиш дека уметностите можат да бидат еден издувен вентил за оваа ситуација?

Се разбира. Особено во ова време кога имаме пристап до секаков можен начин на изразување. Целиот наталожен терет од секојдневието на млад човек може да се „исплука" во било која форма на дело кое ќе постои привремено или долготрајно.

Кој концерт ти ги избркал сите демони?

Гостувањето во Нови Сад - без двоумење. Голем концерт во мал простор полн со луѓе кои прв пат сега слушаат за Доуп Куќата. Збиени со луѓето во првиот ред ја споделивме енергијата и се споивме во еден голем Pikachu што беше надвор од контрола на својот „Поке Мастер".

Мустаќиве, покрај тоа што одлично ти стојат се симбол на movember - машкото здравје. Твое мислење за тоа? Апел?

Во ова доба на илјадници иницијативи, движења, паради и апели не би сакал да додавам уште еден. Повеќе би сакал да потсетам да се негува индивидуата што се наоѓа покрај тебе во моментот, независно дали е маж или жена, а со тоа и грижата за сите други кои се наоѓаат со тебе по патот на ова кратко животче на планетата наречена Земја.

Д-фест... Одлична забава, дојранска Коачела... Колку функции имаше Лазар таму?

„Hype Presenter", член на Доуп Куќата, домаќин на 10-15 гости и менза за 4830 комарци. Достојно си ја завршив својата работа во сите четири улоги. Досега никој се нема пожалено од мене освен два комарци ама нив не ги бројам затоа што подоцна се изјаснија дека се вегани.

Имаш ли некој лик на кој му симнуваш капа?

Да. На Стефан Николовски. Јас му симнувам капа, тој ја зема капата и ја користи како костим за негов лик во една телевизиска серија.

Ќе ни кажеш нешто што ти лежи на душата? Онака за крај...

На душа ми лежи мајка ми и нејзиниот широко насмеан израз на лицето читајќи го ова интервју.

 

Објавено:
10 јули 2023
object(stdClass)#461 (8) { ["nid"]=> string(5) "30594" ["ga_count"]=> string(4) "1701" ["ga_count_week"]=> string(1) "0" ["ga_count_day"]=> string(1) "0" ["ga_count_start_date"]=> string(10) "1436911200" ["ga_count_week_start_date"]=> string(10) "1690668000" ["ga_count_day_start_date"]=> string(10) "1691186400" ["fb_count"]=> string(1) "0" }
Прочитано:
1.701 пати