Лидиа Јовановска: Рачната изработка на чанти во Македонија изумира

Интервју со •
20 мај 2015

Повеќе од 15 години е во модната индустрија. Постојано е на релација Лондон-Скопје, а една од целите е да го промовира занаетчиството од Македонија во странство и да понуди производ кој не само што ќе биде естетски прифатлив, туку ќе ги задоволи и практичните потреби на една современа жена.

Таа е Лидиа Јовановска, а со неа зборувавме за чантите како моден додаток, но и за нејзиниот бренд L&E, кој за првпат во Македонија се претстави во јануари, новата веб страна, процесот на изработка на чанти...

Лидиа Јовановска Лидиа Јовановска

На самиот почеток, со оглед на долгото искуство во модната индустрија, прозборевме за тоа од каде интересот токму за чантите:

-Завршив студии по Моден дизајн и креативно кроење, со специјализација Woman Ready To Wear во Есмод, Париз.  Потоа, 15 години работев во модната индустрија во Париз, Лондон и Хонг Конг. Интересот за чантите се роди во Хонг Конг. Со моето постојано патување бев изненадена од тоа колку се непрактични женските чанти, а тие кои се практични се премногу „casual”, и оттука се роди интересот да се направи нов концепт на супер практични чанти со минималистички дизајн и рачна изработка. Кога се вратив во Лондон земав дополнителни курсеви за рачна изработка на чанти на London College of Fashion – ја започна Јовановска приказната.

На прашањето каде го гледа предизвикот во изработката на овој моден додаток, таа вели:

-„Ташнарството“ е нов правец во мојата кариера и со самото тоа и голем предизвик. Но, моето искуство ги прави чантите и многу попосебни поради тоа што на нив не гледам само како на моден додаток, туку и како неопходен дел од животот на секоја жена.

Процесот на изработка на една чанта започнува всушност од идеја која се раѓа од дадената потреба.

-Потоа се развива дизајн кој пак, се претвора во производ што го тестираме и правиме промени во согласност на секојдневните потреби на една жена. Секоја жена има различни потреби во различни пригоди, па затоа тимот и јас направивме „додатна чанта“ систем, кој може да се комбинира според потребите – вели Лидиа.

Со оглед на тоа дека постојано е на релација Лондон-Скопје, ја воочува разликата во однос на тоа како луѓето во Македонија гледаат на занаетчиството, а како во странство.

-Во странство рачната изработка се цени многу, но во Македонија, можеби поради тоа што е подостапна, мислам дека не придаваат доволно значење колку труд и љубов оди во рачната изработка. Изработката на чанти е занает што изумира во Македонја. Имаме многу потешкотии да најдеме квалификувана работна рака, но успеавме да направиме тим од квалификувани чантари кои би биле пресреќни да можат да го пренесат своето знаење на други ентузијасти кон занаетот. Затоа, ја користам оваа прилика да ги повикам сите млади талентирани лица кои ги привлекува изработката на чанти, да нè исконтактираат – порачува Јовановска.

Таа додава дека Лондон има производство од секаде во светот, но секако ценат кога се произведува во Европа. Македонија вели, не е на мапата за рачна изработка, но една од нејзините цели е да ја стави.

Сите посакуваме квалитет, без разлика дали се работи за облека, модни додатоци или некоја друга сфера од животот, но честопати цената знае да претставува проблем. Сакаме квалитет, но цената да не е премногу висока.

- Цената е обично се одредува според времето поминато на еден производ и количината. Бидејќи нашите чанти се рачно изработени, одземаат повеќе време, а исто така работиме на мали серии и лимитирани едиции, кои ја зголемуваат цената и го прават нашиот производ посебен.

Она што сигурно ја интересира секоја жена е како да препознае квалитетна чанта, а Лидиа открива како:

-По квалитетот на материјалите, но посебно по малите детали како на пример, штепот и конецот кој се користи.

Во јануари годинава, во Скопје Лидиа и нејзиниот тим го претставија брендот L&E, односно дел од нивните производи. Она што го потенцираа тогаш, а што е еден од нивните препознатливи карактеристики, покрај рачната изработка, е користењето на еколошки материјали:

- Името на брендот доаѓа од името на компанијата “Lidia & Entourage”кое стои поради моето семејство и пријатели кои ми помогнаа овој проект да се оствари и без чија помош и подршка L&E не би било можело да се оствари. Да, користењето на еколошки материјали е нешто што ми е многу битно. Ниедно животно не е повредено при изработката на нашите чанти. Исто така, овие материјали се полесни од кожа што перфектно соодветствува со концептот на брендот – објаснува Јовановска.

За сериозноста на она што го сака и работи говори и  новата веб страна, која ќе понуди, како вели едно сосема ново искуство на љубителите на чантите и модата генерално...

-Оваа недела го лансираме нашиот веб портал каде ќе можат онлајн да се купат нашите производи,  да се дознае повеќе за брендот и каде ќе може да се следи мојот liefstyle блог, кој ќе опфаќа теми од секојдневниот живот на Busy Working Girl. Токму таму ќе споделиме “бекстејџ тајни”, нови идеи на кои работиме, совети како најоптимално да се користат чантите. Целта е да се оформи заедница во која ќе можеме да споделиме идеи за подобар,поорганизиран и поздрав живот со совети од секојдневието. Исто така, работиме и на лансирањето на неколку  нови производи и многу интересна соработка со М Колекција на рачно плетени чанти, која ми е посебно драга и мислам дека посебно ќе им се допадне на сите оние што се пронаоѓаат во нашите чанти.

Со оглед на тоа дека покрај чевлите, чантите се омилениот моден додаток на жените, па ја прашавме Лидиа што мисли, зошто жените ги сакаат чантите:

- Чантите се симбол на статус, затоа секоја жена инвестира во својата чанта. Но, денеска модерната жена е секогаш на „мултитаскиг“ и чантите треба да ја следат.

Објавено:
20 мај 2015