Лидија Георгиева: Креативната работа е исклучителен луксуз

Интервју со •
4 февруари 2015

Лидија Георгиева е една од етаблираните модни дизајнери на нашата модна сцена. Нејзините колекции најчесто се состојат од мали се­рии или уникати, рачно изработени модели, печатени, везени или пле­те­ни. Во нејзиното дизајнерско творештво спаѓаат и костими за театар и за модерен балет. На второто издание на Fashion Bridal Night во организација на Моден Викенд Скопје, нè изненади со венчални фустани. Со оглед на тоа дека ова беше нејзина прва колекција од ваков тип, публиката можеше да види нешто ново, но сепак со препознатливи елементи за нејзиниот моден израз. А за нас, ова беше добар повод да поразговараме со дизајнерката токму на оваа тема.

Лидија Георгиева со с Лидија Георгиева со Весна Георгиевска

-После мојата ревија во октомври, добив покана за соработка од сопственичката на модниот салон „Зили“, Весна Георгиевска. Идејата беше да презентираме колекција во рамките на второто издание на Fashion Bridal Night. Иако се работи за домен на работа кој не е типичен за мојот универзум, ја прифатив понудата, си реков: „Зошто да не“. Но токму поради тоа, ми беше интересно да истражам и да презентирам понеконвенционална колекција на венчални и коктел фустани. Се изненадив од реакциите на публиката, бидејќи очигледно не очекуваа дека знам да покажам и вакви дизајни. Мислев дека е многу очигледно дека тоа јас тоа умеам да го работам. Во претходните ревии исто така сум имала коктел фустани, но со дизајнерски твист. Ова беше во друг контекст, но не ми беше тешко. Креативниот процес беше мошне спонтан и природен – изјави Георгиева.

Таа додаде дека го одбрала романтичниот пристап, инспирирана од романтичната историја на Европа, бидејќи тоа е најблиску до нејзиниот универзум.

- Тоа што го прикажaвме е целокупна приказна, вклучувајќи го и видеото и перформансот кои се во склоп со истата. Но покрај тоа, на моите ревии секогаш сакам да дадам и платформа за изразување на млади артисти. Минатиот пат беа балерини, овој пат се работи за млада студентка по драматургија Марина Трајковска и жонглерот Владимир Баланс, студент по дизајн. Така што, тоа е една убава можност да го покажат тоа што го работат и да се опробаат во јавен настап – смета Лидија.

Со оглед на неконвенционалните модели, ја прашав дизајнерката, според нејзиното искуство, има ли доволно девојки во Македонија што сакаат да излезат од невестинскиот шаблон:

- За разлика од понудата која е конвенционална и не излегува од вообичаените рамки, девојките не се сите во ист калап. Секоја девојка е посебна, различна, а иако можеби најголемиот процент сакаат да изгледаат согласно со класичната понуда, сепак има еден дел што бараат нешто друго. Оваа колекција претставува таков тип на понуда. Такво искуство носам и од Париз, кога кај мене доаѓаа девојки кои не се наоѓаа кај вообичаените брендови, сакаа нешто со дизајнерски карактер, така што ваквиот пристап не ми е нов – истакнува дизајнерката.

Лидија досега се впуштила во повеќе гранки на дизајнот. Вели, нема ништо против повторно да одговори на ваков предизвик, но во следниот период би сакала да му се врати на стариот универзум:

- Зошто да не. После ова искуство, сакам да му се вратам на мојот универзум, како и на кој начин, ќе видиме. Но, од време на време, зошто да не. И порано потенцирав дека, јас се чувствувам како дизајнер, генерално. Базата ми е моден дизајн, но вашата публика знае дека работев и мобилни телефони, керамика, внатрешен дизајн... Освен резултатот, многу е важна пораката и идејата што ќе се пренесе, а формата на израз може да се најде во било кое поле на дизајнот. Остатокот од приказната е техника и работен процес, но тоа е прашање на долгогодишно искуство.

А кога е искуството во прашање, Лидија долги години живееше и работеше во Париз, што и овозможи соработка со неколку светски модни куќи, меѓу кои „Балман“ и „Рошас“, по што следи и работењето под своја етикета. Тоа беше доволно да ја прашам, што е нејзината цел во оваа професија и која е пораката што сака да ја пренесе преку својата работа.

- Пораката што сакам да ја оставам е дека денеска дизајнот иако доминира со комерцијална понуда, јас спаѓам во еден  мал процент на дизајнери кои се трудат сè уште да го одржат дизајнот на ниво на уметничко изразување, односно да ја задржат артистичката димензија и по пат на постојано експериментирање да откриваат нови работи. Не би дошле до тие работи, доколку првобитната намера била комерцијална. Ако ми пристапите со исклучиво комерцијална задача, многу веројатно е дека и ќе ја одбијам, или пак можеби и ќе ја прифатам, но не ми е тоа главната идеја – вели Лидија.

Колекција „Пејзаж 26“ Колекција „Пејзаж 26“

Нашата средба ја договоривме на Технолошко-металуршкиот факултет, каде што е професор, а бидејќи февруарската сесија е во тек, беше добар момент да ја прашам и за тоа, кој е најчестиот совет што им го дава на младите што сакаат да се занимаваат со дизајн:

-Пред сè им е кажано дека не го оценувам талентот, туку трудот што го вложуваат. Втората работа што сакам да им ја пренесам, е љубовта кон креативната работа. Без тоа, подобро да се занимаваат со нешто друго. Па дури и тогаш треба да има љубов, бидејќи во спротивно ќе бидат несреќни. И трето, да се занимаваш со креативна работа е исклучителен и многу убав луксуз. И ако продолжат со тоа и можат да живеат од тоа, ќе бидат среќни. Сè друго е отворено. Многу се трудам да не им го пренесам мојот личен вкус, туку ги учам како што ме учеа мене во Париз, да го развиваат тоа што го носат во себе, да ја развиваат својата личност и креативен дух. Јас само ги пренесувам креативните методи  и се обидувам да ги научам да имаат високи критериуми кон тоа што го работат – рече за крај дизајнерката.

Објавено:
4 февруари 2015