професорка

Љубовта се раѓа во мозокот

Интервју со
Татјана Алексиќ
6 февруари 2021

Во јануари зборувавме за лојалноста, а во февруари нашата тема е љубовта. Во време кога моравме да се дистанцираме од најблиските, во време кога секојдневно сведочиме на секс скандали, извртени вредности, изгледа повеќе од потребно да се потсетиме на љубовта – во нејзината најчиста и највеличествена форма. Љубовта како потреба, како чувство, како есенција, како уметност...

Орсон Велс ќе рече дека тоа е илузија за да не се чувствуваме сами, Фелини пак дека љубовта треба да ја ослободиме од временски ограничувања и секакви други граници, Пабло Неруда зборува љубов без гордост, љубов на начин на кој „ти не си ти и јас не сум јас“... Според Ерих Фром таа е уметност, синергија на сите сетила. Љубовта е зборлива немотија, жуборлива самотија, а зрелата љубов надополнување и чукање на две срца во ист ритам.

Оваа тема ја преточивме во разговор и незаборавно искуство со професорката Татјана Алексиќ, додека го подготвувавме едиторијалот во реализација на модната куќа Елена Лука, а како дел од нивната кампања која носи наслов People & Love, каде се испреплетуваат токму љубовта, жената, виното, страста, гламурот, трансформацијата,драмата, уметноста...

Таа вели дека љубовта се раѓа во мозокот, а ако љубовното благоглаголување ќе го залиеме со вино, чија лековита моќ е докажана, тогаш животот станува поезија, а љубовта течен бакнеж.

Цитирајќи го Бревијар ќе рече: „Секое вино му поставува на човекот задачи, загатки... Пиењето е сродник на љубовта и ги има истите закони: било каде, било кога, било како...Виното е течен бакнеж! Ако си надвор, барај ја перспективата: виното сака височина, видик и сака да гледа одозгора. Ако си дома, со семејството, стави чист бел чаршав, затоа што само варваринот пие вино без културно поставена трпеза - не затоа што нема чаршав, туку нема душа за пиење вино“.

За теми кои немаат рок на траење, за суровото секојдневие и фантазирањето, за она што е помеѓу сонот и јавето, табуата во години кога речиси сè е толку соголено, за вистинското нарекување на нештата, од што бегаме, а што посакуваме, за опивањето од вино и од љубов, ќе читате во разговорот во продолжение:

За љубовта постојат многу дефиниции и интерпретации. Вие, во една пригода ќе речете, љубовта е противотров за сите комплекси. Како е тоа можно во ерата на социјалните мрежи и скандалите, изложеноста на жената, нејзиното вредување според должината на здолништето, бојата на карминот, партнерот, професијата, насмевката...?

-Виновникот треба да се бара во медиумите и ние луѓето како ги пренесуваме. Ако на децата им наметнеме „роулмодел“ дека е најбитен убавиот изглед, тие ќе растат со умисла дека бројот на лајкови или партнерите е репер за потврда на ,,убавината" и дека во животот не треба ништо друго да прават освен да се грижат за својот изглед. Животот не е излог или модна писта, тој е сериозна и одговорна авантура, кратка и слатка. Мислам дека ќе го надминеме времето на комплекси и повторно ќе се заживее во име на љубовта која ги лекува комплексите, секако ако е вистинска...

Но, исто така, ќе речете дека нема поевтина причина за живеење... Некому што потрагата по љубовта тешко му оди или што пати, можеби и не би се согласил со вас?

-По љубовта не се трага, таа доаѓа кога најмалку очекуваш и заминува ако не умееш да ја негуваш. Таа е како растение, бара сонце, вода и воздух, бара страст, разбирање и слобода.

Интимноста е светиња, но денес се соочуваме со примери дека веќе не се водиме по овие мудри зборови. Зошто?

-Интимноста е светиња. Јавно споделување интимност е ерес. Интимноста е законитост на нашата природа. Нејзино јавно обелоденување е кршење закон. Споделување туѓа интимност е кршење на два закони, човечки и општествен, дупло дно! Ова е мое лично мислење и не мора да сум во право, но правото да реагирам првин како долгогодишен просветен работник ( веќе трета деценија во образование), второ како мајка на два сина и трето како некој кој се осмелил јавно да проговори за сексуалноста, е мое стекнато право. Реагирам бурно заради можните злоупотреби на децата и неретко им објаснувам дека не треба јавно да зборуваат, да ја покажуваат својата или туѓа интимност. За мене и бакнежот е интимност. „Јавни соби“ допрва ќе има, ова е време на испревртени вредности, а новата компјутерска технологија податлива за злоупотреби. Од „фејкњуз“ се прејде на „дипњуз“, комплетно скенирање глас и лик за добивање компјутерски клон на одредена личност, што е совршено за филмската индустрија, но за жал и можност за манипулација и компромитирање јавни личности.

„Јавна соба“ е наш јавен срам, особено заради присуство на малолетници, било по сопствена или наметната ,,желба". Во систем каде одамна не се разликува добро од зло, а вербата во Бога повеќе имиџ отколку суштинска индивидуација и обожење, што би рекол проф. Јеротиќ, децата не знаат да се справат во такви ситуации. Впрочем ние возрасните им даваме лоши примери, нема вина во нив. Некогаш имитиравме и се поистоветувавме со филмски ликови како Оливија Њутн Џон во улога на Сенди во филмот ,,Брилијантин" која без оглед на вљубеноста се воздржуваше од брзопотезен секс и одолговлекуваше. Но, филмови во стилот на „Убава жена" со Џулија Робертс во улога на проститука се опасни за малолетни девојчиња, кои такви холивудски пораки може да ди сфатат здраво за готово - ќе се проституирам и ќе си најдам некој богат и убав да ме омажи. Нови времиња, идоли и идеали, и затоа треба внимателно со сервирање медиумски трикови и секако читање книги, таму се сите одговори кои правилно ги созреваат децата.

Деновиве многу се зборува за сексуалното образование, како некој што поттикна сексуална едукација преку проектот „Сексуална азбука", каков е Вашиот став, како треба да се пристапи на оваа проблематика?

-Многу внимателно и одговорно, со соодветен пристап кон образовната тријада, наставник- родител-ученик, со проверена, верифицирана програма од стручни лица прилагодена на возраста и секако, доктори како едукатори ( во средното училиште ,,Димитар Влахов" предметот дерматологија го предаваат колеги со завршен медицински факултет). Во 2011 година се дрзнав како просветен работник, преку емисијата ,,Сексуална азбука" да испратам јавна порака дека ни треба сексуално образование на сите, и на децата од 15 години и на возрасните, но секако со содржини соодветни на возраста. Не се осмелив, како уредник и водител, да почнам со емисиите без учество и консултации со стручен тим професионалци од повеќе области и постојан докторски тим: проф.Викторија Вујовиќ, проф.Славица Арсова, д- р Горан Димитров и д-р Сотир Ставридис (да не спомнував колку книги и стручен материјал прочитав за да направам концепт, за да знам што да ги прашам и да ги разберам докторите, за да можам правилно да пренесам). Ниту еден гостин во емисија не беше прашан за неговата интимност, почитувајќи го култот кон гостинот кому не смее да му биде непријатно заради поголема гледаност на емисиите, навикнати да слушнеме непристојни прашања во име на сензации и популаризација на емисијата.

Се лутев кога на програмите во 12 напладне одеа реалните шоу емисии, кои личат на гладијаторска арена за расчеречување човечко достоинство и продажба на интимност, а едукативна емисија со забавен карактер како ,,Сексуална азбука" после полноќ и со нестабилен термин за емитување. Имаше негодувања и различни коментари полни предрасуди само поради името на емисијата, оти сѐ што има преставка секс има и лош имиџ, а водителката секако мора да е многу ,,искусна" штом води таква емисија. Ако е така, тогаш најстручни сексолози би биле сексуалните работнички. Сексуално образование е чувствителна тема со години наназад, исто колку е чувствителен податокот дека сме меѓу првите ( едно време и први) во малолетнички абортус. Сексуалноста е сама по себе чуствителна и сѐ уште необјаснива во многу сегменти и области. Кога ја прашав д-р Арсова зошто е единствена во Македонија која има одбрането магистерска на тема „Сексуални дисфункции“, одговорот беше дека е макотрпно истражувањата од научен аспект и спроведување анкети токму поради суптилниот карактер, што е разбирливо ( кој би сакал отворено да проговори за својата интимност, па нека е и во име на науката).

Што треба да подразбира „Сексуално образование“?

-Сексуално образование не се сведува само на сексуална заштита од болести или несакана бременост, туку на стручни и научни одговори за многу недоумици во врска со сексуалноста која не треба да се поврзува само со секс. Сексот е чин кој многу често нема врска со љубовта, како ни љубовта со сексот, а децата поради достапна порнографоја не знаат да разликуваат што е еротика, а што порнографија и како да се заштитат од сексуална злоупотреба. Преку емисиите испраќавме пораки до сите возрасни дека децата прерано влегуваат во сексуални експерименти без да се свесни за можните последици; дека момчињата имаат поголема одговорност за бременоста без оглед што немаат матка; дека хипереротизацијата во облекувањето и однесувањето, сеприсутна по јавните медиуми и злоупотребени преку интернет порталите, штетно влијаат врз младите ( што се потврди и со Јавна соба); дека хомосексуалството нема ништо заедничко со педофилијата која е болест, најчесто неизлечива и реверзибилна, како и многу теми од А до Ш. Да, ни треба сексуално образование, но според мене и моето искуство во образование и со емисиите сметам дека едукатори или предавачи може да бидат исклучиво доктори, психолози и социолози со суштинско познавање на материјата, затоа што децата прашуваат, сакаат сѐ да знаат на таа тема и тешко би се снашол со соодветен и стручен одговор било кој набрзина приучен наставник. Секаква импровизација би можела да предизвика контраефект и на најдобрата намера. Би требало да се почне од 8 одделение, за жал уште тогаш почнуваат со сексуални искуства, и тоа со императивот дека со сексот не треба да се брза. Процесот на љубовта има свои етапи, првин вљубување, доверба и почит, бакнежи, гушкања, па нека се и петинзи сѐ додека не се сигурни во партнерот дека нема да ги повреди за да се подадат целосно. Што подоцна - тоа подобро за здрав сексуален живот, секако подоцна не значи после 25 години, но и пред17-18 години е прерано. Актуелноста на проблематиката е токму поради брзината, идејата образовните реформи да започнат во време на пандемија, без темелни и долготрајни стручни подготовки, згора во пакет со сексуално образование планирано да се спроведе со приучени едукатори. Шпекулациите да се почне од второ одделение (што е апсурд, тоа е возраст кога едвај може да им објасниме на децата дека не ги донел штркот туку мама и тато се сакале), дополнително направи отпор кај родителите и наставниците, само заради невнимателно пренесување информации. За вакви реформи треба здраво време, оптимални услови, максимална транспарентност, сеопфатна прифатливост за сеопфатно сексуално образование и амин од родителите, колку и да се скептични и конзервативни. Првин со нив треба да се договориме, а тоа е возможно со претходни подготовки и транспарентни разговори за целта, начинот и содржината на материјалот што ќе се предава ( да се видат тие учебници или прирачници, чив потпис стои зад содржината). Нема аир од туркање на сила, нека се најсофистицирани намерите, наметнати идеи и брзопотезни реформи немаат долг век.

Во 2021,  што е уште табу?

-Сѐ и ништо, светот е поделен во крајности, луѓето се растргнати во таквата поларизација и нема чисти идентитети освен Бог. Така што или се оди во крајна табуизација која неретко повлекува двоен или лажен морал, или тотална либерализација со изгубени морални норми. Во тој или-или свет, рационалноста треба да пронајде рамнотежа и разумниот човек да се снајде во тие крајности, селективно да ги одбере вистинските вредности. Во Емиратите жените се камшикуваат ако носат панталони или во јавност лижат сладолед, однеодамна им се дозволи да возат автомобил. Италија дозволи во парламент порно sвезда (Чичолина беше член на италијанскиот парламент), Холандија не престанува со предлог закони во крајности, како на пример дозволен секс во јавност во одредено време и место ( јавен парк на пример) или да не набројувам бизарни и бестијални примери за озаконување секс со животни и слични сексуални пореметености, естетски ќе го избербатам убавиот ви портал. Сѐ во врска со сексуалноста кога се разговара или бара помош од стручно лице не смее да биде табу, тука се кријат безброј проблеми и пореметувања за кои најчесто не сме ни свесни.

Сексуална интелигенција – строго ли е поврзана со онаа на мозокот?

-Сѐ е поврзано со мозокот, тој е главниот сексуален орган, другите органи се инструменти за техничка реализација. И љубовта, колку и да сакаме да веруваме дека се раѓа во срцето, се раѓа во мозокот, најчесто се вљубуваме во нашата идеја за некого. Склони сме на идеалузирање во време на вљубеноста која во просек трае од 6 месеци до 3 години. Пак ќе повторам, сѐ пишува во книгите и во недостиг или невозможност за комуникација и добивање вистински информации, може да се чита.

Книгата „Сексуална интелигенција" на д-р Шери Конрад и д-р Мајкл Милбрн, професори на Бостонскиот Универзитет, е резултат на нивното децениско истражување за сексот и сексуалноста како база за развивање теза дека човекот има потенцијали да се развие во сексуално интелигентно битие. Секс.интелигентните напредуваат, не се врзуваат за нешто базично, фундаментално, немаат предрасуди, не осудуваат, не се занимаваат со туѓата интимност, а својата и партнерската ја чуваат. За нив интимноста е автентична и индивидуална колку и отпечаток од прстот. Сексуалната интелигенција подразбира сексуална емпатија, однапред да се предвиди што му годи, а што може емотивно да го погоди партнерот...Обично не се промискуитетни и неверни во природата на карактерот, но ако им се случи неверство, нема да дозволат да го повредат партнерот кажувајќи му ја брутално вистината, за да си олеснат и прогласат за искрени .„Невозможно е да си мудар и да сакаш истовремено" - вели Френсис Бекон, но развивањето на сексуалната интелигенција во текот на животот ја овозможува возможноста.

До каде ќе нè однесе воајеризмот?

-До електронско усовршување на сексуална пореметеност и настраност. Воајери или егзибиционисти веќе нема по грмушки, гаражи или автобуси, се преселија на компјутерите и по медиумските реалити шоу спектакли. Не гледам ништо спектакуларно и сензационално да sиркаш во туѓа спална, кога можеш да имаш своја, автентична и анатомски покомотна.

Постои светски тренд за мерењето на убавината со годините. Каков став имате кон ваквите параметри за вреднувањето на жената?

-Психофизички здрава жена е убава жена, патем ако е вљубена и умее животот да го престори во уметност - тогаш е најубава на свет! За убавината низ историјата се воделе војни и сѐ уште е императив и инспирација. Убавината е комплексност од многу нешта и не е само надворешна, физичка убавина и идеални пропорции. Има нешто убаво во харизмата и шармот кои не се купуваат и имплантирааат. Убавината е моќна да убавее со годините и зрелоста ако се вложува во неа, со умерена надворешна нега, здрав живот, бистар ум и надчовечка добрина - добар човек е убав човек!

Што им е заедничко на љубовта и виното?

-Секој би посакал, сите 365 дена во годината, да им наздравуваме и да ги славиме св.Трифун и св. Валентин. Едниот заштитник на виното, кројач на лозјето, но и на бракот и брачната верност, а другиот на љубовта и страста, најнепредвидливите емоции за кои е подобро да се молчи. Љубовта е уметност, според Ерих Фром, синергија од сите сетила, таа чувствува, мириса, допира, вкусува... Љубовта е зборлива немотија, жуборлива самотија, а зрелата љубов надополнување и чукање на две срца во ист ритам. Вљубеноста ја поттикнува еуфоријата како да сме на врв на светот, во вљубените очи може да се забележи поглед кој опива. Чувството на вљубеност го поттикнува хормонот ДХЕА – еликсир на младоста. Кога љубовното благоглаголување ќе го залиеме со вино, чија лековита моќ е докажана, тогаш животот станува поезија, а љубовта течен бакнеж. „Виното ги соединува најголемите филозофии, огнот и ведрината зашто ја пали страста и чистотата на светлината. Се разликуваат русокоси (бели) и темнокоси (црни) вина, дури и алт, сопран, тенор и бас. Едногласни, повеќегласни, симфониски вина, но и логично и мистично вино, визуелно и акустично. Кокетни, зборлести, но и трагични вина.
Секое вино му поставува на човекот задачи, загатки... Пиењето е сродник на љубовта и ги има истите закони: било каде, било кога, било како...Виното е течен бакнеж!

Ако си надвор, барај ја перспективата: виното сака височина, видик и сака да гледа одозгора. Ако си дома, со семејството, стави чист бел чаршав, затоа што само варваринот пие вино без културно поставена трпеза - не затоа што нема чаршав, туку нема душа за пиење вино.
- Бревијар

„Ми велет онје пијан сум,
А ја си не знам какво е
Тва пусто, шкуро пијанство!
саде си зедов крај мене
Сафа си винце тиквешко
И си се малку нацицах... "
- К.Миладинов бескрајна љубов...

Каква е Вашата љубовна приказна?

-Школски едноставна. Прва љубов од училишните клупи на гимназијата ,,Орце Николов" , родена во трета година, второ полугодие со класичен редослед на нештата како по учебник. Првин дружење, засакување, прво водење љубов на осумнаесет ипол години (зборам за мене прво, не за маж ми), прво дете на 26 години, второто на 34 и така натака...

Ако облеката е една од рефлексиите на она што сме ние, што раскажува Вашиот гардеробер за вас?

Раскажува умешност за снаодливост, да се сошие, преправи, наследи, нацрта и да се носи со љубов што и да е.

Преку овој едиторијал на Елена Лука, ни покажавте исклучителна моќ за трансформација. Од кога датира познанството со Елена и брендот Елена Лука?

-Од нејзиниот креативен и драматичен почеток на градење бренд. ,Елена Лука е модна приказна со почеток без крај. Елена е вистински инжинер, гради, твори, создава било во модата било во градежништвото, ја има моќта своите вештини и способности да ги отелотвори во успешен бизнис, знае знаењето да си го продаде на пазарот на трудот на софистициран начин и успешно да менаџира. Почетоците ѝ беа, како што вели таа, драма, без која нема дејство и динамичност, направи бум со модна ревија на познати личности во хуманитарни цели и лансирање на исклучителна женственост во облеката. Таа не зборува јавно за своите хуманитарни активности, но ги прави во континуитет. Нејзините креации се волшепства, влегуваш во парче уметност и веќе си трансформиран, одеждата ти ја извлекува и најскриената сексапилнист и сензуалност „without a touch" .

Има богат репертоар на стилови, од претапорт до кежуал, но сите се стилски единствени и обединети во женственост. Во нејзините модни линии нема место за андрогени модели и унисекс мода, таа е почитувач на жената и женските атрибути. Ми беше гостинка во емисијата Сексуална азбука 2011 -та и тогаш низ разговор ѝ ги препознав овие особини, а преку фото сесиите нејзината професионалност. Моите впечатоци не се оправдани како моден новинар или критичар оти не сум, туку како уживател на нејзините креации. Строга и принципиелна во постапките за да извлече максимум, каприциозно крева адреналин и тоа во време на пандемија и затвореност на светот.

Преку затворен студиски перформан отворено испраќа порака дека животот бара одговорност, но бара и движење, динамика, случување, па нека е игра во место. Динамично ги поместува нештата, беше прва која се осмели да брендира заштитни маски и да ги продаде кога луѓето очајуваа дали ќе издржат финансиски и со обични медицински маски. Таа креативност и смелост нешто подоцна стана светска мода, а нашата Елена беше прва, но во земја со низок стандард. Елена Лука има одличен и професионален тим за работа, имав чувство дека сум вистински модел за време на фотосесијата. Синхронизирани во работата и онака баш мераклиски одработивме осум часа, полно работно време и трудот блесна на страниците на списанието, а учителката во занес слатко се поигра. Добро ми дојде после карантинските дни.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by FASHIONEL.mk (@fashionelmk)

Во коумната „Богови паѓаат на Божици", споменувате дека авторката Џин Болен ги дели жените на божици – девствени, ранливи и божици на трансформации – каква сте Вие и се согласувате ли со оваа поделба на жените?

-Грчко-римските божици повеќе од 3000 години живеат во потсвеста на жените, без да сме свесни за тоа.,,Божица во секоја жена" е игрива книга на авторката Џин Болен, професорка на Калифорнискиот Универзитет и следбеничка на Јунговата психоанализа, која во својата книга ги дели жените според надворешните и внатрешни атрибути во три категории: девствени (Атена и Артемида) ранливи (Хера и Деметра) и божици на трансформација (Афродита). Особини на девствените жени- божици се независност, логично размислување, живот со цел и себедоволност. Ранливите се сопруги, мајки и ќерки кои имаат потреба за блискост и приврзаност, секогаш свртени да ги задоволуваат другите во своја околина. Жени алхемичарки се сензуални со еротска привлечност, никогаш не се жртви во врските во кои влегуваата трагајќи по интезитет, а не по стабилност. Истото мислење го имам и за хороскопот, забавни се, понекогаш погаѓаат карактерни особини и ситуации, но човекот не е предвидлив и детерминиран, како и животот. Можам да се препознам во сите три, но најмногу во ранливите жени, божиците ќе им ги оставам на боговите.

Нарекувањето на нештата со вистинско име, наспроти „политичката коректност". Зошто денеска ги ублажуваме нештата – за дебела велиме со облини, за слаба велиме – манекенска градба. Сметате ли дека избегнуваме да ги наречеме работите со вистинското име и за далеку посериозни теми?

-Да, сметам дека од куртоазност треба да користиме еуфемизми, како во дипломатијата така и во разговорната комуникација, дури и „бели лаги“ кога се неопходни. Тоа нема врска со патолошко лажење туку со чувство на одговорност да не повредиме некого со брутална вистина.Опасна е моќта на зборот, има разорна сила како нуклеарка. Впрочем на почетокот беше збор и зборот е причина за конфликти и војни, сѐ почнува со вербален дуел. Честопати сакаме да ја „скриеме“ својата невоспитаност со фразата дека сме ,,без влакно на јазик" или уште пострашно да умислуваме дека сме искрени и треба директно да кажеме што мислиме или чувствувме, но тогаш сме дрски. Бруталноста на зборот не е искреност туку невоспитаност, не е лицемерие ако знаеш да се воздржиш и „изброиш до сто“ пред да навредиш, туку е емпатија. Често им објаснувам на моите ученици дека навредите или опценоста не треба да ги сфатат лично, ниту да возвратат со исто. Кога некој се обраќа со погрдни зборови тие се дел од него, значи тој е таков.

Убава жена, професорка, водителка, негувана жена... Но, субјективно, какви зборови/придавки/реченици низ Вашата призма би биле најточни, но и какви би Ви разбранували емоции...?

-Неблагодарно е себеОзборувањето, да си кажам за себе што мислам, патем е субјективно. Објективно е што другите ќе кажат, дури и кога не ти е допадливо нивното мислење за тебе. Токму тогаш треба да се подзамислиш. Мислам дека стануваме нарцисоидно пореметени на глобално ниво, без мрвка самокритичност и емпатија, сочуство со остатокот од светот и вештината да се влезе во туѓиот и неудобен чевел. На светот му треба повеќе добрини, секој човек да прави добрини и кога нема причини и кога никој нема да му ја види и препознае добрината, оти само „добар човек е човек" - Виктор Иго во романот ,,Клетници".

Што денес може да Ве фасцинира?

Добрината, ретка емоција и човечка доблест во исчезнување!

Ќе ја измени ли времето љубовта или љубовта ќе го измени времето?

-Љубовта може сѐ, особено ако е безусловна. Таа е како ореол кој го шири кругот во простор и време.

Организација: Елена Лука

Кампања: Elena Luka & People/ Elena Luka ♥ Tatjana Aleksik

Едиторијал: Eternal Love

Креации и модни додатоци: Елена Лука

Шминка и фризура: Марија Лазарова

Реализација: Елена Лука, февруари, 2021

 

 

Објавено:
6 февруари 2021
Прочитано:
1.236 пати