водителка

Лојалноста е луксуз

Интервју со
Лила Стојановска
12 јануари 2021

Лила. И веднаш да ви е јасно за кого се зборува. Од своето име успеа да изгради бренд, да биде препознатлива и актуелна повеќе од две децении на македонската јавна сцена.  Ако прашате макар еден од публиката која ѝ е верна со години, зошто сè уште сака да ја гледа, ќе рече бидејќи е „народна“. Харизматична. И убава : ). Често површно „анализирана“ како што вели, а всушност човек со емоции, добри и лоши денови, падови и подеми, жена чија животна приказна е микс од повеќе жанрови. Самодовербата, професионалноста, убавиот изглед и лојалноста се она од што никогаш не отстапува и што е нераскинлив дел од она што таа е. Во овој празничен период, во рамки на  реализацијата на ексклузивниот празничен едиторијал со модната куќа „Елена Лука“ со која долги години се пријатели и соработници, разговаравме токму за тоа зошто лојалноста денес е луксуз меѓу луѓето, за нејзиниот животен пат од „сестрата со карминот“ до „писателката со фустанот“, за секојдневието, жените и годините, соништата и реалноста и секако модата.

Лила, како си?  Колку вистински ти значи да го слушнеш ова прашање?

-Добра сум, конечно одморена, бидејќи навистина ми беше потребно. Не е ни толку важно кое е прашањето, туку како е поставено. Веднаш се забележува кога некој туку-така те прашува, а и се знае кога некој те прашува навистина со намера да слушне како си. Реално, сите си имаме некаков проблем, замор, поголем или помал здравствен проблем, сето тоа влијае на расположение... Јас навистина имав интензивен период, исполнет со многу снимања, работам неколку работи истовремено и не е секогаш лесно да се вклопат, но бидејќи сум искусна во оваа работа, наоѓам начини. Максимално сум задоволна со својот живот, кариера, професија, не се жалам, да не бидам погрешно сфатена. Но, овие празници навистина ги искористив за одмор и пред сè за доволно сон. Од оние сум што не функционираат ако не се наспијат доволно. Кога морам станувам рано, никогаш не сум пропуштила состанок, договорена обврска, професионална сум максимално, но ако можам да поспијам тоа го користам.

Деновиве и Џенифер Лопез се најде на удар поради изјавата дека само доволно сон и маслиново масло ѝ се доволни за да изгледа така младо. Понекогаш те споредуваат со неа, оправдано или сметаш дека нема потреба со било кого да бидеш споредувана?

-Да те споредат со Џеј Ло е комплимент. Морам да кажам дека ми е една од омилените познати личности уште кога се појави, во време кога уште не сум имала на ум дека ќе станам јавна личност... Има неколку причини поради кои ме споредуваат. Речиси сме врснички, јас сум една година помлада од неа . Физичкиот изглед ми е најмалку битен, бидејќи со малку шминка секој може да личи на Џенифер Лопез или било кого. Но, она во што би сакала да пронајдат сличности е енергијата и агилноста, бидејќи таа фантастично изгледа, танцува, еластична е, подвижна на таа возраст – и да не се лажеме, сепак се работи за 50 години. И покрај толку скандали, разводи, таа е повторно на врвот. Можам да кажам дека имам среќа, генетика и целиот мој начин на живот наназад, да можам да играм, вежбам, да се движам како неа, па би сакала во тој контекст да ме споредуваат, ако веќе го прават тоа.

Денес само тој што не сака не може да изгледа добро

Денес сè повеќе се потенцираат годините на жените и како тие изгледаат на одредена возраст. Каков е твојот став, од каде сметаш дека доаѓа таа потреба?

-Затоа што се поместени границите. Кога пред 20  години, па и помалку, можеби отидов доста подалеку, ќе се појавеше жена која на 50 изгледа како да има 30 или 40, тоа беше „вау“, а сега тоа стана многу често. Како велат, 50 се новите 40. Тоа е резултат на начинот на живот, интернетот, различните можности да изгледаме подобро. Со различни режими на исхрана, вежби од секаков тип, по дома може да се вежба и супер да се изгледа, не мора секогаш да е со тренер, потоа начинот на шминка, на фризура... Моето мислење е дека денес само тој што не сака не може да изгледа добро. Тука не мислам на пластиката и слично. Е сега постои и една друга страна кај нас на Балканот. Кога некоја 50-годишна жена од нашите простори, која изгледа добро и се слика разголено  - таа е баба, но кога тоа го прави Џенифер Лопез или некоја друга на иста возраст, тогаш тоа е супер. Имаме мал проблем, бидејќи нашите луѓе сметаат дека таквото однесување е недозволиво. Остави ти во Америка што се случува, Холивуд... А мислам дека длабоко во себе и не го мислат тоа, но едноставно го пишуваат спротивното од тоа што го мислат. Би било убаво кога би се сменил тој став, кога и жените тука, кои се средуваат и изгледаат фантастично би биле пофалени за тоа, лично познавам многу такви, посебно оние што не се јавни личности.

На овие години, си ги знаеш границите или ги пробиваш?

-Не сум сакала никогаш да се помине црвената линија, тоа е нешто друго, но секогаш ми било интересно да чекорам по неа. Да надминувам, поминувам и пробивам граници... па јас мислам со сето ова што сум, мислам дека сум ги надминала. Што допрва да направам?

Како се случи да станеш водителка?

-Многу случајно. Откако ме одбија на Медицина, се запишав на Филолошки факултет, а тоа доволно зборува дека имам љубов кон филологијата. Во моите школски денови пишував проза и поезија, добивав награди... Имам убава мисла и во пишувањето, особено порано, сега не наоѓам многу време за тоа. Бев многу добра во пишувањето. Како мала, имитирав пејачи и пејачки. Ја имитирав многу Беби Дол, која се појави со „Руди“, нејзиниот прв хит и беше екстремна во однос на сè што се појавило претходно. Јас ќе ја натапирав косата и ќе се накитев со накит од мајка ми, сестра ми, сè што ќе најдев и ја имитирав како ја пее „Руди“. Сите велеа дека сум само за на телевизија. Исто така, одлично кажував вицеви, во тоа сум и денес добра. Во еден период од животот ме чуваа тетка ми Даница и тетин ми Славко, кои што за жал не се меѓу живите, а ги сакав и сè уште ги сакам многу и тетин ми ме викаше Лилјана, иако јас сум Лила и ми викаше имаш убав глас, ќе бидеш убава како Лилјана Трајковска (Крстева), позната наша презентерка и тоа ми беше некако во потсвеста. Сосема случајно на телевизија видов оглас дека се бараат презентери, најавувачи во Македонска телевизија - без никакво искуство, ако имате желба, дикција... Отидов сама, никој не знаеше за тоа, го прашав портирот кај се одржува аудицијата, ме прати на 9 кат и тогаш имаше Зимско-рекреативна програма, нов формат, Шуре и Роза (мајката на Ребека и Хелена) беа уредниците и читав нешто мое напишано. Им се виде интересно, ми земаа податоци и ме викнаа и така почна сè. Тогаш имав дваесетина години, го препознаа талентот во мене, а дури и ме прашаа „Чија си, кој те прати, преку кого си“, но јас немав никакви врски... Првото мое појавување на телевизија во траење од 5-10 минути беше во живо. Не беше снимање, не беше прилог, ништо од тоа. Јас и денес сум им благодарна затоа што ми овозможија да и после толку години јас сè уште живо се сеќавам на тоа чувство. Морам да ти признаам дека воопшто не бев исплашена – затоа што немав поим како е, не знаев што е... Тоа е како прва бременост, можат да ти зборуваат, но немаш поим како е. Да останев по втор пат бремена, тогаш ќе паничев : )) Така и ова. Воопшто не се плашев и поминав буквално без грешка. И мислам дека тогаш ги „купив“ оние што беа уредници и задолжени да ги изберат талентите. После тоа прво појавување, сè друго е историја.

Посакувам шоу како на Елен Деџенерис

Долги години си дел од проектот „Сè или нешто". Ти се јавува ли амбиција да го смениш форматот?

-Ова е едно многу често прашање, со оглед на тоа дека веќе 10 сезони се емитува квизот на телевизија „Сител". Кога почна, мислев дека ќе траеме 2-3 максимум 5 години. Меѓутоа, ние 10 години сме во врвот на гледаноста. Морам да ти кажам дека многу е чуден овој концепт на „Сè или нешто". Јас не можам да верувам дека мене сè уште не ми здодеал. А сè затоа што секоја епизода имам различен гостин со различна приказна, игра... Ништо не е слично на претходното. Така што, да бидам искрена, со оглед на ситуацијата последните години кај нас, со оглед на тоа што се случува на естрадата и мене навистина ми е многу жал што нема голема продукција на песни, пејачи, актери, секоја чест на оние кои постојат и се присутни, сепак ток-шоу сега не доаѓа предвид. Кога ќе се одлучам за такво нешто, би сакала да биде нешто во стилот на Елен Деџенерис. Малку разговор со гостинот, а повеќе фокус на публиката, дарувањето и забава за обичниот народ. Низ годиниве научив колку значи да добијат, во случајот на квизот – пари, или некоја друга добивка, подарок. Битно е тоа, а воедно е и убаво чувството дека некому си овозможил нешто, си му остварил некаков сон... Меѓутоа, ова секако нема да биде сега, можеби за некоја година, затоа што тимот кој што победува не се менува. Емисијата која што се гледа, зошто би ја прекинувале, или зошто би ја дала на некој друг нели? Со времето, тоа стана некако мој личен печат, како што на времето тоа беше „Енигма". Драго ми е што веќе 25 години јас буквално секоја сезона на „Сител" имам емисија. Тоа е нешто со што ретко кој може да се пофали. Можеби една Опра, Елен, но овде не верувам дека има некој што толку време опстојува и е актуелен. Не би сакала ова некој да го сфати како фалење, ова е само еден факт. Понекогаш потребно е луѓето да ги потсетиш, бидејќи брзо забораваат некои работи. Затоа, би сакала да потсетам дека 25 години сум секоја сезона со телевизиски ангажман, со мала пауза од 2 месеци, а од тие, повеќе од деценија соработувам со модна куќа каква што е Елена Лука. Во „Сител" сум пак, преку 20 години. Луѓето знаат површно да ме гледаат – како изгледам, што сум кажала, со кого сум... но треба да се гледаат другите особини на човек. Во случајот, лојалноста, која што денес е луксуз помеѓу луѓето, а тоа е една од моите главни карактеристики и особини, поради која тие што ме знаат, ме сакаат и ме почитуваат. Јас сум лојална на својата публика, на мојата телевизија „Сител" и лојална на модна куќа каква што е Елена Лука.

Кога ќе погледнеш наназад на вашата соработка, какво чувство ти буди? Воошто, во денешно време една соработка да опстои толку долго и да му оддолее не само на времето, туку и промените, а да остане доследно на квалитетот е навистина реткост и подвиг...

-Така е... Се согласувам со тебе... И дури можам да кажам дека е неверојатно. Кога ги сликавме сега празничните едиторијали со Елена и нејзиниот прекрасен тим, имаше подготвено изобилство на комбинации, креации, фустани, чизми, сандали... Оваа ЖЕНА, моден монструм во најпозитивната смисла на зборот, дефинитивно може да им парира на светските модни куќи... И да, на моменти навистина не ми се верува дека толку многу време помина. Имаме ние доста заеднички фотографии, професионални, приватни и кога ќе ги погледнам си велам, што сè не сме направиле, што сè не сме поминале, облекле... И тоа е навистина за секоја чест и почит за што посебно сум ѝ благодарна на Елена Лука.

Како би го дефинирала овој однос, ти и Елена Лука сте...?

-Ние сме монструми (повторно, во позитивна смисла на зборот) – јас во еден дел, таа во друг. Ние сме жени-мажи, ние опстојуваме да речам, во еден свет на мажите, без да бидам погрешно сфатена, и одлично се снаоѓаме што не е секогаш лесно, но не само што се снаоѓаме туку сме и многу успешни во тоа. Жени што се толку сигурни во тоа што го работат што буквално не постои никаква суета, никаков проблем. Сите овие години ние сме блиски како од првиот ден, сурови професионалци сме во својата работа, жени кои што не гледаат дали е празник или делник, туку ако треба нешто да се сработи ќе биде сработено. Не постои „умор-замор", секако освен болест, тука си немоќен, меѓутоа во сè друго сме многу слични. Различни ни се професиите, но сепак многу слични. И тврдам дека ниту еден друг не би можел да ме "покрие" сите овие години со оглед на тоа дека квизот се емитува цела деценија, секој работен ден во неделата. Тоа се помеѓу 270 и 300 емисии годишно и исто толку модни комбинации. Така што, тоа доволно зборува и нема потреба веќе да раскажувам за тоа што тие можат и умеат и се како модна куќа.

„Сестрата со карминот"

Дотерувањето го доживуваш како работа или ти стана животен стил?

-Дотерувањето ми е страст, љубов, начин на живот. Додека студирав на Филолошкиот факултет, јас неколку години паралелно работев и како медицинска сестра. Моите тогашни колешки ме викаа „сестрата со карминот". И како медицинска сестра на 19 години бев нашминкана, намирисана, дотерана, без разлика што работев во геријатрија, каде што има стари луѓе, што само говори повеќе за тоа дека се дотерував за себе, а не за некој друг. Така што, отсекогаш ја сакав модата. Во тоа време, не можевме многу модно да се изразуваме, но и тогаш сум правела смели комбинации... Бојата на коса ја менував од блондинка, преку црвена, до црна, што вели мајка ми, уште зелена не сум била : ) А последниве години тоа беше модерно, но морам да признам дека тоа не ми се допаѓа, ниту да го видам на друг, ниту на себе. Тогаш носев здолништа со патики, што денес е многу нормално, но во тоа време не беше тренд. Уште како млада имав сенс за мода. Можеби не сум имала толку можности и начини да го направам, но модата отсекогаш тлеела во мене. Само во теретана и на кеј сум ненашминкана, инаку сметам дека тоа е мој начин на живот. НЕ – за тоа што ќе речат луѓето, НЕ – затоа што луѓето ме знаат, туку јас сум ЛИЛА и сакам убаво да изгледам за себе.

Живееме во општество каде емпатијата се повеќе се губи, технологијата доминира, социјалните мрежи, каде владее дистанцираноста и емоциите се „далечни“ или лажни“. Колку ти одговара таа дистанцираност и што ти е најважно на патот кон потрагата на сопствената среќа?

-Мене оваа дистанцираност на некој начин и добро ми дојде. Затоа што, со оние кои ми се блиски, никаква дистанца не може да ги тргне, остануваат во моја близина и тоа ми треба. Животот денес е брз, сите сме на повеќе страни, така што некогаш не успеваме да им посветиме внимание на оние што ни се важни. Имаш важни луѓе и луѓе со кои соработуваш, што е многу легитимно и многу поискрено. Сега се стави крај на некои лажни пријателства.  Во однос на ематијата, ако ти си емпатичен човек, таков ќе си останеш. Ништо и никој не може да ти влијае, тоа е моето мислење и го зборувам од мое искуство. Да, оддалечени сме, но кога некој човек е студен, тој бил таков и претходно и секогаш ќе биде таков. Жалам што малку се зборува за таа емпатија и што луѓето сè помалку ја покажуваат. Меѓутоа, сметам дека сè е до карактерот и до изборот што сами си го правиме.

Никогаш не сум трагала по среќата, затоа што ако трагаш никогаш нема да бидеш сигурен дека си ја нашол. Тука можеби ќе звучам како Малиот принц, мојот омилен лик, но јас сериозно мислам дека кога наутро ќе се разбудиш жив и ништо не те боли – тоа е навистина најголемата среќа.  Порано сум знаела да кажам, „Леле ова да го имам, или ова да можам да го направам ќе бидам многу среќна“..., но тоа беше на помлади години, сега на овие средовечни не мислам така. Мислам на здравјето, особено што веќе не постои здрав човек, сите имаме по некој проблем, и сфаќаш дека сè ти е џабе – и кариера и пари и љубов на крајот на краиштата, ако се разбудиш со мисла – што ли ме чека денес или се плашиш од тоа што те чека. Тоа на некој начин е порака и до сите, нека бидат среќни кога ќе се разбудат здрави, тоа е најважно, сè друго може да се стаса, направи...

Многу се зборуваше за инфлуенсерството, за тебе како дел од овој „тренд", па ако значи влијание - какво влијание вршиш?

-Па, прашај ги другите, мислам дека добро влијаам : ) Шега на страна, веќе ми е навистина смешна фамата околу ова и да се разбереме – инфлуенсерството е измислена работа. Јас сум дипломиран филолог, долгогодишен водител, новинар... Ова ми е плус и веќе ми е смешно, бидејќи во денешно време со овие социјални мрежи, секој може да напише што сака. Можеш да напишеш дека си кралица Елизабета и никому ништо. Дали пишувало блогер или инфлуенсер или филолог... тоа само пишува. Да зборот потекнува од инфлуенс – влијание и јас сум инфлуенсер 25 години, не сум од завчера.. Секогаш велам, ова кај и да е ќе замре – не може да трае уште долго, а веќе е и заморно, напорно, досадно... И баба Вера да реши да стане Инфлуенсерка, може, никој нема да ѝ забрани. Така што, работата премина некои граници, па луѓето веќе не знаат во што да веруваат, во кој производ, на чиј збор да веруваат – сите се доктори, сите се философи, психотерапевти. Дајте луѓе, приберете се и тоа под итно и престанете да се правите паметни. Доволно е две реченици да прочиташ што напишал некој и знаеш со кој си имаш работа. Така што, тоа не може да излаже. Има 15 години и долги нозе – таа е веќе модел – да не претеруваме. Да се фатат младите за книга, да си завршат факултет, да си направат сериозни професионални кариери, а ова нека им биде само нешто повеќе, ангажман „од страна". Тоа е мојот совет. Утре Инстаграмот ќе го снема, но Лила повторно ќе биде Лила. Фејсбук одамна немам, а и Инстаграмот да замре – ќе преживеам. Што би рекол Трамп, јас утре можам да направам своја платформа и да функционирам.

Сакам да живеам покрај море и од книгите што ќе ги напишам

Имало ли ситуации кога не ти било најпријатно што си жена?

 -Ми се случувало да се засрамам од други жени, а тоа ми се случува на пример секогаш кога ќе влезам во некој јавен тоалет. Секогаш. Како и да звучи.

Во твојот случај, жените ти биле пријателки или волчици?

-Што сакаат нека бидат, тоа не ме оптоварува. Родителите не можеме да си ги бираме, но пријателите да. Јас имам луѓе кои ми се драги, кои си ја докажале својата лојалност и со гордост можам да ги наречам свои пријатели. А имало и од оние другите, со кои сум морала да работам, но не сум морала да се дружам. Лажни пријателства ниту имам, ниту почитувам. Мене ми требаат луѓе околу себе, за друго не сум заинтересирана.

Уште што недостасува за да си речеш: „Сега направив сè што посакав и можам мирно да го живеам животот понатаму...“

-Мојата желба за мирна старост е да живеам покрај море или океан. Многу сакам да пишувам, но имам многу малку време за тоа. Сега читам други што напишале. Но, би сакала да напишам и нешто свое, за што ми е потребен спокој. Многу ја сакам таа сцена од филмови, ма да сакам да потенцирам дека ова не е занесување, бидејќи сè може да биде реалност ако знаеш да го направиш – мала мирна куќичка, но не во шума или дивина, туку покрај море. Рагнер (миленичето) со мене задолжително, а за човек покрај мене - ок супер ако има, ма да и без него можам. Не сум волк самотник, но извесен период би сакала да одморам сама, малку да си пишувам, да си уживам и да живеам од напишаните книги.

Што би пишувала, фикција, биографија...?

-Јас сум многу реална и многу измислени работи не сакам, посебно не научно-фантастичниот жанр. Моите пријатели многу добро знаат дека филмови со таква содржина гледам само ако се оскаровци и ако има некоја моја симпатија во тој филм. Реален човек сум, дури и претерано, пред сè за самата себе. Никогаш не сум се лажела пред огледало дека сум некоја што не сум. Секогаш искрено сум си кажувала себеси која сум. Сакам трилери, Агата Кристи ја читам од дете и морам да признам дека никој не ја надминал. Гијом Мисо е интересен, Себастијан Фицек е некаде во врвот сега, во последно време прочитав неколку негови книги. Ми се допаѓа тој нивен стил, меѓутоа, не да е толку болно, би одела повторно на нешто реално. Со оглед на моето искуство и приказните на кои сум посведочила, верувајте ми дека ќе бидат бестселери, не зборувам за кај нас, тука секако ќе бидат и одамна веќе сум бестселер : )  зборуваме за некаде надвор...

А каде е Малиот Принц во сето ова, предмалку го спомена дека ти е омилен...

-Тоа е книга која има специјално место во мојата библиотека, која кога и да ја прочитам, мислам дека првпат ја земам в раце. Реалност измешана со философија на животот, од каде што сум црпела многу нешта. Може мојата прва книга да се вика „Малата принцеза“ : ) Шега на страна, што и да пишувам, би сакала да е поткрепено со реална приказна, во која секако ќе се вметнат нови ликови. Би пишувала дотерана и би сакала така да ме паметат : ).

 

Модни комбинации: Елена Лука

Реализација на едиторијалот: Елена Лука, јануари '21

 

Објавено:
12 јануари 2021
Прочитано:
981 пати