Магдалена Димковска - Жените што носат црно водат колоритен живот

Интервју со •
19 ноември 2014

Претходно имавте можност да ја запознаете преку колекцијата накит и чанти со наслов „Daemonium“, во која акцентот беше ставен на минималистичката форма и футуристичкиот дизајн. Овој пат ви претставуваме една поинаква страна на Магдалена, чија модна идентификација е присутна како во нејзините секојдневни обврски и домот, така и во однос на личниот стил.

„Омилени парчиња облека ми се маицата со напис „I love to see your money hanging in my closet” и фармерките со машки крој, а во однос на вечерните пригоди, одбирам класичен изглед, односно чевли со класичен шпиц, фустан или пак комбинација од сако и панталони и нaгласени smokey eyes“ – вели Магдалена која несебично го отвори својот импресивен плакар за Fashionel.

Интересно е тоа што како најдоминанта ја одбира црната боја, а монотонијата на изгледот ја разбива токму преку изборот на колоритни модни додатоци и накит, со што апсолутно ја потврдува познатата поговорка дека „Жените што носат црно водат колоритен живот“.

„Незаменливо парче за мене е малиот црн фустан“ – истакна Магдалена, која во својот плакар има и дизајнерски креации, од кои посебно се издвојуваат оние од Ерве Леже, Роберт Ивановски, Вера Ванг, Армани, Кавали и Масимо Дути.

Градењето на модниот сензибилитет со спојот на младешката енергија, талентот и љубовта кон уметноста и модата, придонесоа Магдалена Димковска да остави свој уникатен печат, пред се како бескомпромисен индивидуалист, но и како креативец кој ветува свое место на македонската дизајнерска сцена.

Објавено:
19 ноември 2014