фотограф

Магични детски насмевки

Интервју со
Кристина Затуровска
10 јули 2015

Таа е мултиталентиран уметник. Прави успешен баланс помеѓу модниот дизајн, балетската и театарската костимографија, детската  фотографијата, а подеднакво е посветена и на работата во своето приватно ликовно училиште за деца. Во суштина целиот  нејзин свет се врти околу децата.

Кристина Затуровска своето образование како моден дизајнер го стекнува на Националната ликовна академија во Софија, Бугарија, па продолжува на постдипломски студии Дизајн на ентериер.

Кристина Затуровска 

Во моментов нејзина примарна преокупација е детската фотографија и портретирање на сите оние магични детски насмевки кои остануваат да сведочат за еден неповторлив момент. Се запознаваме со Кики Муки, како што милува да ја нарекуваат, во разговорот во продолжение:

Како еден моден дизајнер почна да се занимава со фотографија?

-Фотографијата од секогаш ми била во срцето, но само како хоби.  Додека студирав, фотографирав по дискотеки и евенти и секогаш бев исполнета после секоја добро сработена вечер (се смее). Поминаа години, ги завршив студиите, работев како асистент и професор на неколку факултети за  моден дизајн и ентериери во Македонија, се омажив станав мајка и тука дојде желбата и преголемата љубов за детската фотографија. Секое слободно време сакав да го искористам за да создадам што повеќе спомени кои ќе останат засекогаш.

Успевате да балансирате помеѓу двете професии?

-Две, три, четири професии, но сите поврзани една со друга... Веќе четири години си имам свое ликовно приватно училиште за деца, работам како костимограф, фотограф, шминкер и подеднакво сум посветена на сите полиња.

Што е најкарактеристично за Вашите фотографии?

-Тие се забавни креативни и единствени. Тука е спојот на форма, перспектива, сенки, боја, контраст, композиција.  Уметноста, модата и ентериерот споени во едно. Една фотографија една уметничка слика.

Со кого имате соработувано, а со кој би сакале да соработувате на Вашите сетови?

-Најмногу соработувам со најслатките човечиња на целиот свет, но и со возрасни модели.  Работам за повеќе македонски брендови за детска и облека  за возрасни, како Tritex, Etex, Tilla. Последно соработував со фудбалерот Дарко Глишиќ со кого работевме фотосесија на долна облека за Tritex и можам кажам дека е голем професионалец.

Бидејки се образувавте во Софија, Бугарија, може ли да направите една паралела помеѓу нивната и нашата модна сцена?

-Моментално не сум фокусирана на модата за да можам да направам некоја паралела, но можам да кажам дека моментално Македонците се многу префинети и со стил и ги следат модните трендови.

Кој моден правец најмногу Ве импресионира?

-Авангарда – правец каде можеш да ја покажеш својата креатвност и забавната личност во себе.

 

Работите костимографија за театар и балет. Какво е вашето искуство на тој план?

-Како костомограф на театарски претстави се јавив на повеќе претстави во Охридскиот театар, но во последниве 5 години работам како костимограф на балетски претстави за студиото за модерен танц Бах од Струга кои на повеќето фестивали се закитени со наградата најдобај сценски настап, благодарение на тоа што секогаш имаат уникатен и поинаков изглед. Оваа година во Јуни ја работев костимографијата и сценографијата за претставата Dancing Cinderella.

Може ли да очекуваме колекција со ваш потпис?

-Би сакала да, но исто би сакала да не постои “времето” како единица мерка,  па да можам да се посветам на сe’ што сакам.

 

Кои се Вашите следни професионални предизвици?

-Оваа недела почнав со работа со летна школа за уметност, дизајн и креативност во Домот на културата „Григор Прличев“ во Охрид, а во план е тимски со уште некои реализирани фотографи да отвориме курс за фотографија на регионот Струга и Охрид.

 

 

Објавено:
10 јули 2015
bool(false)