креативец

Македонецот за кој слушна и National geographic – создава бајковити куќички на дрво

Интервју со
Душан Заевски
21 јануари 2019

Во потрага по нови и млади луѓе чија работа докажува дека Македонија има таленти со кои треба да се гордее и во кои треба да се инвестира, стигнавме до Душан Заевски, скопјанец кој верувале или не, гради куќички на дрво. И ако во моментов се сетивте на Treehouse Masters, токму тие му ја дале најгoлемата поддршка во оние моменти кога сите други се шегувале на сметка на она што сакал да го работи. Денеска, тој има изработено една фантастична куќичка поставена кај неговата викендица близу Скопје, а во процес се уште две по нарачка за мали девојчиња. На покана на продукцијата на National Geographic, следната година планира да оди во Америка каде заедно со други млади таленти од светот ќе градат куќички за специјален ресорт. Она што е најинтересно, е тоа што тој е самоук, односно неговото образование воопшто не е поврзано со ова што денеска го работи. За тоа како почнал со изработка на овие фантастични куќички во кои ќе се вљубите на прв поглед и целиот процес на изработка, читате во продолжение.

-Кој беше клучниот момент кога реши дека ќе се занимаваш со ваква уметност?

Најверојатно, посериозно почнав да се занимавам со ова од пред осум години, инаку од 16 години „си играм“ со вакви работи, но сега со малку посериозни играчки. Никогаш не сум се почувствувал како да работам нешто, сето ова ми е една голема игра. Дете што никогаш не порасна, само си ги смени играчките. Имав прилика во 2011 – тата да отидам во Германија и да работам интересни проекти каде што имав „одврзани“ раце и да се испробам и самиот себе и така тргна сè. Почнав сето тоа да го применувам тука и се покажа како доста успешно и функционално. Претходно работев мозаици, скулптури, но не така сериозно и посветено како последниве девет години. Приказнава со куќичките се случи некаде пред две ипол години, барав, истражував, се споив со некои луѓе, а еден од нив беше Мајкл Марфи од „Barefoot Treehouses“. Тој е дел од „Treehouse Masters“, емисија што се емитува на Animal Planet и која е многу популарна, а имав можност да контактирам и со некои други луѓе од продукцијата кои ми дадоа многу добри совети и најмногу ме охрабрија во целава приказна. Додека сите ме правеа откачен и луд, добив многу голема поддршка и знаење од нив. Следно, сакаме да одиме во Америка со целиот овој проект другата година, а засега правиме куќички по нарачка, работиме на нашата постоечка и тоа е тоа.

-Кое е делото на кое најмногу се гордееш?

Имам многу работи на кои се гордеам, што ми се драги, но не можам да одвојам еден проект. Сите ми се подеднакво драги.

-Раскажи нѝ за куќичката на дрво? Беше ли тоа желба што ја имаше од мал? Колку време ти беше потребно, имаше ли помош...

Ова е сон на едно дете што никогаш не порасна, само дојдов до момент кога имав прилика и можност и ми се поклопија коцките за да почнам да го остварувам она што го сакав долго време. Целиот процес за мојава куќичка траеше околу шест месеци, 4,5 месеци активно, бидејќи е на голема висина, а нема струја, нема никакви услови. Користев рачен алат, а таа тежи 4, 5 тона и сето тоа треба да се постави на дрво. Следнава куќичка ќе се прави околу еден месец, бидејќи ќе се мести на пониско дрво и сè ќе биде полесно. Процесот за нормална куќичка е околу два месеци. Во однос на поставувањето на куќарката, правев сè рачно, сам, а теренот не беше многу достапен, условите такви какви што се, мораше така да се работи. Користевме појаси за качување, соодветна опрема и успеавме да изгледа така како што изгледа сега.

-Што најмногу те инспирира?

Тишината, мирот, спокојот. Тогаш знам да се заборавам. Знам да отидам на планина и да не кренам телефон по неколку недели и тогаш да се случат најдобрите проекти. Мислам дека кога одам таму сум најкреативен и најисполнет. Затоа сакам да избегам од тука и целата приказна да ја продолжиме таму. Малку поинаков начин на живот.

-Им нуди ли Македонија прогрес на младите уметници?

И покрај сите прилики и можности за работа надвор, бев тврдоглав и сакав да се вратам тука и тука да работам нешто. Многу е лесно, особено со занает да отидеш на страна и да успееш, бидејќи таму имаш повеќе можности. Можеби ќе заработиш само повеќе пари, но ништо друго нема да направиш. Решив дека тука сакам нешто да направам, сè уште се бориме, па ќе видиме што ќе се случи. Има проекти, но тешко е да се реализираат. Малку се недостапни сите тие проекти, има многу административни работи...Не можеш да се посветиш на работата, треба да изгубиш два месеци за документи, а сето тоа време си можел да создаваш нешто и да бидеш продуктивен.

-Те исполнува ли ова што го работиш?

Да, многу, мислам дека може тоа и да се забележи. Ова не ми е работа, ова за мене е играње и не би престанал да го правам ова никогаш.

-Која е твојата цел?

Имам повеќе цели. Не барам многу, имам некоја слика пред мене и се стремам да ја реализирам, е сега кај нас можеби малку потешко и помакотрпно, но се надевам ќе стигнеме до целта. Гледам да избегам на планина и да го продолжиме животот таму, во склоп со природата и да го правиме ова што го правиме.

-На што работиш во моментов и кои се твоите идни планови?

Сега моментално правам две куќички, спремаме уникатен мебел, осветлување за една изложба, тоа е само дел од работите што се актуелни. Се бориме да направиме место каде ќе поставиме повеќе куќички и тоа ќе биде атракција за сите. Останува и проектот за Америка од кој бев поканет да бидам дел, а е финансиран е од продукцијата на National Geographic. Станува збор за луѓе од цел свет кои градат куќарки на дрво, тие обезбедуваат средства, одиме во еден ресорт, се делиме по групи и градиме куќички во тие шест недели. Куќарките остануваат за да ги користи ресортот, продукцијава добива готов производ, а ние супер искуство, покриено од National Geographic. 

Фотографии: fashionel.mk

Фотографиите од куќичката на дрво се преземени од социјалните мрежи на Душан Заевски

Објавено:
21 јануари 2019
Прочитано:
13.570 пати