модна блогерка

Македонски моден блог по светски терк – Urban Vibe by Miss E

Интервју со
Емилија Вучиновска
16 март 2016

Емилија Вучиновска e моден сладокусец, сонувач, визионер, по вокација новинар, меѓутоа веќе 10 години работи во маркетинг индустријата. За себе вели дека сака да патува, да чита, учи нови работи, сака добра музика и филм, живее од љубов за љубов и да, среќно е вљубена. Љубовта кон пишувањето ја наследила од дедо ѝ Петар Ширилов инаку познат македонски романописец и литературен критичар, а љубовта кон модата и сè што би се вброило во креативно, од мајка ѝ. Нас ни го привлече вниманието со посветената работа на нејзиниот личен, моден блог MissUrbanVibe.com каде преку стилот и содржините ја запознаваме нејзината интересна личност. Секогаш е присутна на сите културни и модни случувања кај нас и секогаш е впечатлива, а сепак ненаметлива. Ве запознаваме со Емилија, наша модна блогерка која го следи теркот и принципите на работа на светската модна, блогерска сцена.

Како започна приказната за Urban Vibe?

Пред да постои блогот, сите креативни размисли ги прибележував на фејсбук. Откако сфатив дека позитивно се прифатени од моите пријатели, решив да ги сублимирам на платформата блогер. На тој начин, пред три години, MissUrbanVibe.com стана визуелен дневник на мојот личен стил и се она што ме инспирира во секојдневието. Како поминуваше времето блогот си доби своја верна публика, па полека се претвори и во креативен запис на приказните создадени од моите соработки со деловните партнери.

Која е пораката што сакате да ја испратите преку содржините на Вашиот блог?

Жените секојдневно се соочуваат со притисокот како да изгледаат подобро и средено. Се разбира, сите сакаат да добијат заслужена доза на почит и признание од средината која ги опкружува, без разлика каде работат и во каква прилика се појавуваат. Блогот постои да ги охрабри сите жени, па и мажи, да веруваат во себе и во својот избор; дека може да изгледаат фантастично без разлика на годините и брендовите кои ги носат. Со доза на креативност и умешност во комбинирање на парчињата на облека.
Другата димензија на пораки е од општествено социјална природа преку подржување на разни локални и глобални кампањи од овој вид.

Кои се основните предуслови за да се стартува моден блог?

Квалитетната содржина и добри фотографии се предуслов да испловите на површината во морето на дигиталните блогерските платформи во светот. Потоа следува многу труд и работа за да ги задржите читателите, подобрување на квалитетот на содржините како и постојано унапредување на вашиот стил, што подразбира многу читање, истражување, следење на трендови и постојано себе надградување во сите области од животот.

Какво е Вашето искуство со модните брендови и домашните модни дизајнери? Ја препознаваат ли предноста од соработката со блогери?

Соработката со блогерите е трајна инвестиција на брендовите. Она што некогаш беше "word of mouth" препорака, денес тоа го прават блогерите преку своите блогови. Тие ја доразвиваат естетиката на брендовите и преку содржината која ја пласираат, ја пренесуваат до крајните купувачи на нов, интересен начин, многу поблизок до нив од која било маркетинг кампања. Затоа тие се важен сегмент од секоја кампања на модните дизајнери и брендови. Кај нас, искуството покажува дека се уште брендовите и дизајнерите се плашат да им ги доверат своите кампањи на блогерите. Досега многу ретко на модната недела кај нас се случува блогерките да носат нечија креација, како што тоа е практика во светот. И да ја носат, тоа е резултат на претходно пријателство помеѓу дизајнерот и блогерот. Се разбира, секоја чест на исклучоците. Јас имав среќа да направам одлични соработки со B-watch (бев дел од многу нивни кампањи и cover girl во дуќанот во Капитол), Ирина Тошева, која е меѓу ретките дизајнери кои ја препознаа моќта на блогерите и уличниот стил, Магнетик груп, Малис, како и со брендот Бата кои ми даваат огромна поддршка во промоцијата на мојот блог. Сега сме во преговори со уште неколку брендови, чиишто соработки ќе можат наскоро да се видат на блогот. Патот е тежок за чекорење сам, затоа секогаш треба да си создадете база на пријатели од брендови и модни креатори со кои заедно ќе ја инспирирате публиката.

Во светската модна индустрија модниот блогерај стана сериозен бизнис. Постојат ли реални шанси добро да се заработи од моден блог и на нашиве простори?

Се разбира дека постојат. Само успехот не доаѓа преку ноќ. Ако работите упорно, стекнувате искуство кое ви помага да имате добра содржина, а добриот тим од соработници ќе ви помогнат да ја реализирате вашата цел, па на тој начин ќе имате загарантиран успех. Јас сум задоволна од она што досега го постигнавме јас и мојот тим, во смисла на соработки и бизнис можности.

Како го дефинирате Вашиот личен стил?

Не знам дали би можела да го ставам во рамки од кои би извлекла дефиниција за мојот стил. Неодамна прочитав една мудра мисла која вели: Стилот е облека на мислата; што во многу прилики ми се потврди дека е вистинита. Колку што облеката влијае на мене, толку и јас влијаам на неа. Начинот на кој што се облекувам во голема мера е одраз на мојот карактер и моменталното расположение, без тој да припаѓа во некоја рамка. На тој начин создавам фузија од стилови.

Кој е Вашиот најпрепознатлив стилски печат?

Смелиот пристап кон модата и кршењето на правилата во комбинирањето на различни принтови и бои. Како најпрепознатлив моден додаток ја издвојувам насмевката.
Кое според Вас моментално е највлијателното име во модната индустрија?
Ако модата порано се одвиваше на модните писти, денес, во голема мера, таа се одвива на улица. Ерата на блогерките прати гласна слика до модниот свет, дека конечно модата треба да е поблиску до крајните конзументи во чијашто категорија не спаѓаат познатите личности. Начинот на кој блогерките успеаа да се инфилтрираат во модниот свет беше гласен, посебен, иновативен и пред се, близок и достапен до сите. Затоа блогерките би ги издвоила како хероини во модната индустрија. Оливија Палермо, Кјара Ферањи, Кристина Базан, Мирослава Дума, Занита, Анабел Флер, Леандра Медин и уште една цела плејада на жени со завиден стил, кои со својата работа секојдневно инспирираат милиони жени ширум светот.

Трендови што ќе доминираат оваа пролет...

Индивидуалноста. Иако во реалноста таа е повеќе чувство отколку тренд. Индивидуалноста како различен пристап кон облекувањето, каде парчињата креираат јасна визуелна естетика и ви дозволуваат поголема интерпретација и експериментирање. Сепак, трендовите не постојат за слепо да се следат и да не униформираат, туку дозволуваат на свој начин, да ги интерпретираме и преточиме во индивидуалниот стил.

Која е Емилија Вучиновска приватно?

Моден сладокусец, сонувач, визионер, по вокација новинар, меѓутоа веќе 10 години работам во маркетинг индустријата. Сакам да патувам, да читам, да учам нови работи, сакам добра музика и филм, живеам од љубов за љубов и да, среќно сум вљубена.  Љубовта кон пишувањето ја наследив од дедо ми Петар Ширилов, а љубовта кон модата и се што би се вброило во креативно, од мајка ми.

 

Објавено:
16 март 2016
Прочитано:
3.141 пати