Марија Мечева: Посакувам во претстојната година да ги вратиме вистинските животни вредности

Интервју со •
30 декември 2013

Она во што веруваш, тоа и постои“, е една од мудрите мисли на Максим Горки. Fashoinel.mk започна со верба дека постои публика која ќе препознае нешто ново, квалитетно и модерно. И постои.

Со тоа се согласува и уредничката на модниот портал, Марија Мечева. Пред крајот на оваа година, кога сите прават осврт на изминатите 365 дена, кога ги анализираат своите успеси и неуспеси, или макар би требале, Марија специјално за читателите на нашиот моден портал ги сподели искуствата на редакцијата, како и своите лични за тоа каква беше оваа 2013 година.

Во последното интервју за годинава, ќе имате можност одблиску да се запознаете со оваа млада девојка, која сепак со своето работно искуство, креативност и способности се труди успешно да им се спротистави на предизвиците. Дел од публиката што нè читаше во изминативе девет месеци и што ја посети нашата редакција беше љубопитна за тоа како функционира еден моден портал, а токму тоа, како и нејзините лични модни афинитети, нејзините трансформации, музички вкус и идни цели, Марија ги сподели во ова предновогодишно интервју на Fashionel.mk.

Неодамна Fashionel.mk организираше забава за соработниците, со што воедно се заокружи оваа година. 2013 беше важна за порталот, а кога ќе се осврнете наназад, како би ја оцениле годината која изминува?

-Изминатава година беше во знакот на новите почетоци кои дефинираа значајни промени во професионалниот домен. Со приказната за Fashionel започнавме во април и за релативно краток период, од неполна година, успеавме да обезбедиме наше препознатливо место во медиумскиот простор. Цела година беше во знакот на комплетниот развој на модниот онлајн магазин со визија да создадеме квалитетен производ кој пред сè ќе има едукативна и информативна функција, а како приоритет ја поставивме афирмацијата на македонската мода и луѓето кои придонесуваат во нејзиното градење, па празничната забава која неодамна ја организиравме беше во знакот на успешната взаемна соработка токму со тие луѓе.

APS_5852111

Уредник – позиција со многу одговорности

Кои се предностите, а кои недостатоците на еден портал како Fashionel.mk?

-Безграничниот интернет простор има свои предности, но и недостатоци, а Fashionel како медиум од новата генерација ги користи неговите бенефиции, но се соочува и со негативностите. Ние имаме точно прецизирана публика, се обраќаме на конкретен таргет-луѓе кои ги интересира мода или директно се инволвирани во тој свет. Од една страна тоа ја ограничува нашата публика, но од друга оние кои се интересираат за таа тема знаат дека кај нас е образложена во детали, а останатиот дел од публиката можеби ќе го заинтересираме со нашите содржини бидејќи се работи материја која може да се моделира од различни аспекти.

Што значи да се биде уредник на моден портал и што претставува за Вас овој предизвик?

-Секоја уредничка позиција носи огромна  одговорност пред тимот и публиката која нè следи, како и пред соработниците. Специфичноста во овој случај, за разлика од дневните редакции на пример,  е во тоа што се работи за конкретна  содржина од специфичен домен  кој е многу динамичен и бара постојан континуитет во следењето и надоградување на знаењето. Уредникот не е одговорен само за содржината и формата во која ќе биде таа спакувана, туку и за мотивираноста на својот тим. Тој е моториката и креативното јадро кое треба да ги инспирира останатите и токму тоа му дава дополнителна тежина на овој профил на луѓе. Најголемиот предизвик го гледам во синхронизираното и хармонично работење, одржувањето на позитивната енергија која е неопходна во редакција каде креативното расположение има огромно влијание, но од особено значење е селектирањето на вистинските содржини и личности кои  ги третираме. Предизвик е да се одржува квалитетот на завидно ниво, а тоа да овозможи отворен прогрес.

Како изгледа еден работен ден во редакцијата на Fashionel.mk?

-Секоја работна недела ни започнува со колегиум на кој договараме конкретно што ќе се работи секој нареден ден, па според ова деновите ни се испланирани во основа, се разбира секогаш со резервен простор за настани кои претходно не можеме да ги предвидиме, а за кои добиваме дополнителни најави и информации. Покрај новинарите, тимот го сочинуват и фотографи, графички дизајнер, организатор, одговорни за маркетинг секторот, стилист и одговорен за одржувањето на веб страницата и секој од нив има точно прецизирани обврски на кои секојдневно се посветува за континуиран прогрес на нашиот медиум. Динамично е, понекогаш непредвидливо, секогаш креативно, во постојан контакт со луѓето  од браншата која ја следиме, секогаш со наплив на нови идеи и стратегија за нивна реализација. Работното секојдневие во Fashionel колку што е одговорност и работна обврска, толку е и огромно задоволство.

APS_5889111

Од досегашното искуство, како публиката, а и модната сцена во Македонија се подготвени за ваков медиум, а следствено со тоа и на критика и совети?

-Со оглед на фактот дека домашната модна индустрија во последно време доживува видлив прогрес, мислам дека е вистински неопходно да постојат медиуми кои ќе го следат тој развој, кои ќе го наградат и ќе го промовираат вложениот труд, кои објкетивно и со факти  ќе посочат на недостатоците за во иднина за доброто на сите да се поправат, и на крај кои ќе ја афирмираат домашната модна сцена и надвор. Сметам дека нема кој не би се согласил со тоа дека на македонската мода ѝ треба промоција и взаемна соработка. Критиката секој различно ја прифаќа, тоа зависи од индивидуалните видувања, но кога е објективна, тогаш отпорот се намалува и крајниот резултат е прифаќање на истата во полза на тој на кој е упатена.

Вие сте млад, дипломиран новинар и постдипломец на отсекот за Медиуми и комуникации на Унивезитетот Св. Кирил и Методиј.. Досега бевте дел од неколку редакции, исто така сте дел и од тимот на модниот бренд Елена Лука, сега раководите со редакција на моден портал... Што научивте од досегашната работа? Со какво искуство се стекнавте?

-Имам прилично работно искуство со оглед на моите години и благодарение на тоа предвреме се соочив со некои животни предизвици кои сметам дека и приватно и професионално ќе ми помогнат во иднина. Научив да бидам тимски играч кој кога оди на работа, егото го остава зад прагот дома. Научив да правам селекција на приоритети што е од исклучително значење кога работите со многу луѓе и секојдневно се соочувате со различни искушенија. Научив дека ако имаш визија и цел, потребно е тоа некој да го реализира за да се оствари, а тоа  пред се си ти

Минимализам и чисти линии во преден план

Публиката Ве виде и во улога на модел во рамки на првиот едиторијал на Fashionel посветен на македонската мода и дизајнери. Колку тој сегмент од модата ве исполнува?

-Јас сум новинар, во случајов уредник и тоа е мојата примарна позиција. Како модел се појавив конкретно во тој првичен проект со кој во суштина го стартувавме порталот и најавивме дека нашата основна амбиција е афирмација на македонскиот дизајн. Тоа го прифатив многу професионално, без никакви понатамошни амбиции за оваа улога, туку едноставно за проектот кој го следи теркот на многу познати светски модни медиуми каде уредниците директно учествуваат во промоцијата на дизајнерските имиња и модните брендови.

Во светските модни списанија честопати читаме за стилот на уредниците, нивните модни афинитети... Каков е Вашиот стил приватно и колку се разликува од професионалниот?

-Јас сум едноставна личност и мојот стил е компактибилен со мојот карактер. Сведувам се на минимализам, на чисти линии, сакам ексцентричен накит со кој секогаш му давам некоја автентична нота на минималистичката основа, но  избегнувам да комбинирам премногу бои, иако кога на некој друг ќе видам добро усогласена богата палета, ми изгледа многу симпатично. Тие што лично ме познаваат, знаат дека не сум некој голем комформист во однос на изборот на облека. Знам точно што сакам, можам да кажам дека сум изградила некој свој препознатлив стил и тоа тешко го менувам. Почитувам кога за одредени пригоди постои дрес-код, но и тука некако протнувам барем преку еден детаљ или некој мал сегмент, она што е карактеристично за мене. На работното место останувам она што сум јас и во однос на изборот на облека, бидејќи минимализмот, чистите форми и комбинацијата од најмногу  три бои е она што е најадекватно и за „формалноста“ на работната позиција.

APS_58322222

Како се опуштате во слободно време?

-Социјалниот живот секогаш ми ги полни и батериите и инспиративниот и креативниот потенцијал. Но, кога имам потреба да се повлечам, сакам да ги читам Џорџ Орвел, Оскар Вајлд, Хесе, Гете, Достоевски и плејада други мои херои, се што имаат напишано тие вреди да се прочита.

Која песна најдобро Ве опишува?

-Постои еден алтенативен шведски бенд Opeth кој, тие што ја следат таа музичка сцена, многу добро го познаваат. Јас се соживувам со сè што е нивно, па макар било и инструментална нумера.

Кој е Вашиот моден порок? Без што не излегувате од дома?

-Без огромна чанта, да не речам торба, која ќе собере сè што не ми е потребно, ама го носам за секој случај (смеа).

Во каква комбинација никогаш не би можеле да се замислите?

-Не би можела да носам неонски бои од глава до пети. Не би се чувствувала своја во таква комбинација.

Сте експериментирале ли со стилот? Колку генерално сте подготвени да си играте со облеката, косата...?

-Сум експериментирала дури и премногу со стилот. Зборувам за тинејџерските денови кога талкав од еден во друг правец, секогаш базиран на одредени социјални сфаќања или на музиката која сум ја слушала и се барав себе си и местото каде јас припаѓам. Мислам дека тоа е еден период од животот кога ни е дозволено, па дури и простено, да експериметираме за на крај да се дефинираме и да се изградиме како комплетни личности во онаа возраст кога талкањето по себе веќе преминува во пародија. Затоа, мој совет до помладите луѓе е секогаш да бидат храбри во своите избори, да не се плашат да бидат свои и да се одвојат од масата, бидејќи едноставно кажано, тоа е најадекватно време кога потрагата по себе е сосема нормален и природен процес. Се сеќавам дека во тој период од мојот живот кога и да купев некое парче облека, секогаш го модифицираф, си играв со ножиците, бидејќи за мене беше погубно да се копирам со врсниците. Сега тоа не го сфаќам толку трагично (смеа). Секогаш постои простор за одредени промени и тоа е сосема во ред, ама не до толку екстремни и радикални како порано.

На чија ревија би сакале да присуствувате? Чиј дизајнерски потпис Ви се допаѓа?

-Професионално домашната модна сцена ја следам редовно и секогаш со задоволство ги прифаќам поканите од  сите македонските дизајнери и модни куќи. Но, кога се работи за глобалната модна географија ме фасцинираат различни аспекти од различни генијални дизајнерски имиња. Сигурно е престиж да се искуси присуството на било кое појавување на тие големи модни гуруа. Иако лично животинските принтови не се меѓу моите фаворити, ме воодушевува како Кавали игра со нив, од друга страна секогаш ме импонира комплетната сценографија (секако и колекциите) на шоута на Шанел, а лично ми се допаѓа изразот на Вера Ванг во нејзините комерцијални колекции.

APS_58872222

Модата за Вас е...?

-Најдиректен начин на изразување на личниот идентитет. Да те запознаат другите, без да кажеш кој си. Основа која треба да ја искористиме во градење на индивидуалниот имиџ, а на правило кое треба да не претопи во масата.

На кого му се восхитувате? ...

-На брат ми (се смее). Им се восхитувам на визионерите, на „степските волци“, на луѓето кој во прв момент поради своите револуционерни размислувања можеби не се сфатени во околината, но потоа благодетите од нивните напредни видувања сите ги уживаме. Несомнено, во модната историја токму таква личност била Коко Шанел, која метафорично ги ослободила жените од стегите на корсетот но и од стереотипните видувања на општеството и им овозможила исто толку елегантно да се движат и во костум. Им се восхитувам и се гордеам со луѓето од тимот на Fashionel, сите ние сме сосема различни, а толку сплотени кога е во прашање тимската работа. И се восхитувам и на жената која се соочи со стереотипите на денешницата и која од самиот старт веруваше во нашиот млад тим и го вложи целиот свој ентузијазам во овој проект. Елена Лука и покрај тоа што е поедеднаков дел од македоснката модна слика колку и сите други дизајнерски имиња, таа пречекори преку синдромот на конкуренцијата и ни помогна да го градиме Fashionel во насока на сериозен медиумски простор кој ќе и обезбеди на македонската мода третман каков што заслужува.

Изгледот што ве дефинира вас е најдсоодветниот

Вашите пет must have парчиња се?

-За овој период од годината сметам дека најсоодвеени се долгите топли капути, плетените капчиња, високите чизми, блузоните со креативни апликации и особено впечатливи ми се комбинациите од повеќе прстени на рацете.

Со оглед на празничниот период, кои се Вашите препораки? Каков изглед е препорачлив?

-Најсоодветен избор е секогаш оној кој ве дефинира вас. Не е препорачливо во празничната еуфорија да се изгубите себе си и само за една вечер да се трансформирате во нешто што не сте. Наместо да уживате во моментот, ќе ви избега времето мислејќи на фризурата. Затоа, изгледот адаптирајте го на вашиот индивидуален имиџ, на вашата возраст и на амбиентот во кој ќе прославувате.

Што ново може да се очекува на порталот Fashionel?

-Оваа година пред Fashionel стојат многу нови предизвици за кои посветено ќе работиме за да ги оствариме  за да продолжиме со искачувањето на нови вертикали. Мислам дека годината кој измина ја поставивме основата и нашата приоритетна визија, а сега сето тоа треба квалитетно да се надоградува и усовршува, и кога се работи за содржината и формата на  онлајн магазинот, но и усовршување во смисла на лично и професионално надоградување на тимот.

APS_58812222

Ваша порака  за следната година до сите оние што го следат порталот

-Веќе години наназад доминира еден тренд кој лично воопшто не ми се допаѓа и мислам дека не води во погрешна насока. Се почесто се приметува алиенација, меѓусебото оттуѓување на луѓето и заборавање на вистинските животни вредности. Се станува премногу површно и владее вистинска декаденција и пад на моралните размисувања. Наместо да ја искористиме технологиата и социјалните мрежи за да договориме кафе, ние кафето го пиеме виртуелно. Посакувам во годината што ни претстои, сите да се потрудиме да ги вратме тие суштински  животни вредности. Во името на целата редакција на Fashionel, на сите наши читатели, пријатели и соработници им посакувам успешна и исполнета година на секој план и се надевам со причина,Fashionel ќе им остане дел од секојдневието.

Објавено:
30 декември 2013