Сопственик на „Fox Models“

Марко Николиќ „Fox Models“: Клиентите бараат модели со карактер и приказна

Интервју со
Марко Николиќ
3 август 2022

Марко Николиќ е еден од најпознатите мејакп артисти во регионот, букинг агент и сопственик и основач на една од најпочитуваните модни агнеции со база во Белград, Србија „Fox Models". Речиси целиот свој живот, уште од тинејџерските денови е дел од модниот свет. Во 1992 година ја започнува својата кариера како мејкап артист, асистирајќи ѝ на познатата филмска мејкап артистика Тина Субиќ, а од тогаш до денес, имал прилика да соработува со најголемите регионални, а и светски ѕвезди.

Почетокот на 2000-те ја основа својата модна агенција, која повеќе од две децении поставува стандарди во моделингот и на светската модна сцена лансирала познати имиња како: Ines Crnokrak, Bojana Krsmanović, Alfred Kovač, Nemanja Maksić, Marina Krtinić, Andrija Bikić, Nenad Zujić. Веќе неколку години наназад, во соработка со македонската модна агенција „Моделс Ин", организираат кастинзи за нови лица кои понатаму ги подготвуваат за интернационална кариера. Токму тоа беше и поводот за неговата работна посета на Македонија деновиве, а ние го искоритстивме неговото присуство за да си помуабетиме на теми од неговата професионална сфера, со акцент на актуелните стандарди во моделингот.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Marko Nikolic (@markofoxmakeup)

Неодамна бевте работно во Македонија. Кој беше поводот?

-Веќе неколку години во соработка со модната агенција „Моделс Ин" заедно организираме кастинг за нови лица кои би можеле да работат на странскиот пазар, па и овој пат дојдовме со истиот повод во Македонија.

Какви се впечатоците од кастингот? Ги исполни ли очекувањата?

-Се појавуваат нови модели со потенцијал и секогаш бираме некој кој го поседува тој потенцијал за интернационална кариера.

Какви се актуелните стандарди во моделингот? Последнава деценија наметна силно присуство и желба за диверзитет? Дали нашата генерација е сведок на радикални трансформации кога манекенството е во прашање?

-Диверзитетот е присутен во сите сфери од нашето живеење, а секако дека и моделингот е дел од тоа. Сега на писта и во кампањите, подеднакво често се појавуваат модели со различни етнички корени. Класичните стандарди не важат повеќе и сега клиентите бараат нешто специјално, модели со карактер, со приказна, со спефицичност...

„Plus size" и „Plus age" моделите стануваат стандард? Моментален тренд или суштинска промена со која се елиминираат врамувањата?

-„Plus size" сега веќе е стандард и речиси секоја модна агенција има модели од таа категорија, бидејќи пазарот тоа го бара. Годините исто така не се прашање затоа што едноставно клиентите се обраќаат кон сите возрасни категории.

Може ли да ни направите паралела меѓу Србија и Македонија кога моделингот е во прашање? Постои ли разлика во стандардите?

-Сега во целиот свет побарувачката се однесува на истите типови модели, разликите од регион во регион се мали кога е во прашање класичниот моделинг. Моделот што успева да направи интернационална кариера е секаде ист.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Marko Nikolic (@markofoxmakeup)

Колку комерцијалната индустрија и клиентите се отворени за диверзитет? Се уште се игра на „сигурна карта" или различноста навистина добива на цена?

-Дури и најкласичните брендови во светот се обидуваат да се прилагодат на тенденциите и даваат предност на различноста. Кај нас, регионално, малку доцниме со трендот, но и тука почнува да се наметнува и да се бараат модели што се издвојуваат.

Какви се критериумите што ги поставува Вашата агенција? Кои квалитети имаат предност?

-Се трудиме да дадеме предност на карактерот, а не на строги „пропорции". Но, одредени стандарди мора да се одржуваат.

Се губи ли индивидуалноста под притисок на социјалните медиуми? Се добива чувство како сите да наликуваат едни на други? Кое е вашето видување?

-Социјалните мрежи даваат можност да се пласира нешто ново и несекојдневно. А луѓето и покрај тоа, постануваат нечија копија. Јас сум секогаш за индивидуалност, а тоа е нешто што повеќе се почитува.

Бидејќи сте човек од светот на убавината, што е безвременска убавина? Која е таа вредност која времето и тенденциите не можат да ја сменат?

-Културата и позитивната енергија, се нешто што останува засекогаш.

Што е следно на вашиот работен распоред?

-Продолжуваме со кастинзите во регионот и се подготвуваме за новата сезона од септември.

Објавено:
3 август 2022
Прочитано:
215 пати